Бранко Црвенковски

Бранко Црвенковски (12 октомври 1962 во Сараево, НР БиХ) — македонски политичар од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и поранешен претседател и премиер на државата. Во текот на својата политичка кариера бил премиер на Македонија во периодот од 1992 до 1998 и од 2002 до 2004 година, како и претседател на Македонија од 2004 до 2009 година.

Бранко Црвенковски
3. Претседател на Македонија
На должноста
12 мај 2004 – 12 мај 2009
Претходник Борис Трајковски
Наследник Ѓорге Иванов
Премиер на Македонија
На должноста
1 ноември 2002 – 12 мај 2004
Претседател Борис Трајковски
Претходник Љубчо Георгиевски
Наследник Хари Костов
На должноста
4 септември 1992 – 30 ноември 1998
Претседател Киро Глигоров
Претходник Никола Кљусев
Наследник Љубчо Георгиевски
Лични податоци
Роден(а) 12 октомври 1962(1962-10-12)(62 г.)
Сараево, Југославија
Националност Македонец
Партија СДСМ

Млади години

уреди

Роден е на 12 октомври 1962 во Сараево, НР Босна и Херцеговина. Во 1963 година неговото семејство се вратило да живее во Скопје. Основно и средно образование завршил во Скопје. Во 1980 година се запишал на Електротехничкиот факултет во Скопје, отсек за информатичка технологија и автоматика. Факултетот го завршил во 1985 година.[1]

Политичка кариера

уреди

Активната политичка кариера на Бранко Црвенковски започнала во 1990 година, кога станал член на Претседателството на Сојузот на комунистите на Македонија (СКМ).

Премиер на Македонија

уреди

Во 1990 година, на првите повеќепартиски избори во Македонија, која сè уште се наоѓала во рамките на СФР Југославија, избран бил за шеф на Изборниот штаб на СКМ, а по ова и за пратеник во првиот состав на Собранието. Како пратеник во првиот состав на македонскиот парламент Црвенковски бил потписник на иницијативата за распишување референдум за независна Македонија. Претходно, Црвенковски бил Директор на Семос.

Во април 1991 година Црвенковски бил избран за претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија. На 5 септември 1992, тој станал вториот премиер на Република Македонија по нејзиното осамостојување од Југославија. Со 29 години, тој бил најмладиот премиер во Европа во тој период. Како премиер и политичар, Бранко Црвенковски ја промовирал идејата за учество на партиите на Албанците во Владата на Република Македонија. Тој успеал да формира широка коалиција со Либералната партија, Социјалистичката партија и Партијата за демократски просперитет, во која членувале само Албанци.

Вториот премиерски мандат (за уште 4 години) го добил по изборите во декември во 1994 година. Во периодот 1994-1998 Македонија успеала да стане член на повеќе меѓународни организации, како што се: Организацијата на Обединетите нации (ООН), ОБСЕ и Советот на Европа. Црвенковски исто така е потписник на првиот договор со ММФ и Светска Банка.

 
Претседателот Бранко Црвенковски со папата Бенедикт XVI

Водач на опозиција

уреди

По поразот на парламентарните избори во 1998 година, од 1998 до 2002 година бил водач на опозицијата во македонското собрание. Поради започнувањето на воениот конфликт во 2001 година, Социјалдемократскиот сојуз се приклучил кон Владата на политичко единство, која била формирана со цел да запре кризата во земјата.

Црвенковски, заедно со тогашниот премиер и водач на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски и со водачите на Партијата за демократски просперитет, Имер Имери, и на Демократската партија на Албанците, Арбен Џафери, како и со претседателот Борис Трајковски, се потписници на Рамковниот договор од Охрид.

Премиер на Македонија

уреди

На парламентарните избори во 2002 година СДСМ повторно ја освоил власта заедно со партнерите од коалицијата „За Македонија заедно“, при што со политичките сојузници од коалицијата освоиле 60 од вкупно 120 пратенички места во парламентот. Така по крајот на изборите, во 2002 година повторно застанал на премиерската позиција.

Претседател на Македонија

уреди
 
Средба на претседателот Бранко Црвенковски со претседателот на Русија, Дмитриј Медведев во Санкт Петербург, 7 јуни 2008

На третите вонредни Претседателски избори во Република Македонија, во вториот круг одржан на 28 април 2004, Бранко Црвенковски бил избран за претседател на државата. Црвенковски, кандидат на СДСМ и тогашен премиер на Република Македонија освоил 553.520 гласови, или 62,70% од гласовите, додека неговиот противкандидат Сашко Кедев, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, освоил 329.271 гласови, или 37,30%.

На 12 мај 2004 ја презел функцијата претседател и се повлекол од премиерската положба и претседателската функција во партијата. За време на претседателскиот мандат на Црвенковски, Република Македонија станала земја-кандидат за прием во Европската унија. На функцијата Претседател на Македонија се задржал до 12 мај 2009 година.

Водач на опозицијата

уреди

На 24 мај 2009 г. Бранко Црвенковски повторно застанал на чело на Социјалдемократскиот Сојуз.[2] По јунскиот конгрес на СДСМ (2 јуни 2013), Бранко Црвенковски бил заменет со Зоран Заев како претседател на СДСМ.

Наводи

уреди
  1. „Бранко Црвенковски - Биографија“. expresident.gov.mk. Архивирано од изворникот на 2021-01-30. Посетено на 25 јануари 2021.
  2. „Учество на избори“. Архивирано од изворникот на 2010-01-28. Посетено на 2010-01-30.

Надворешни врски

уреди
Политички функции
Претходник
Никола Кљусев
Премиер на Република Македонија
1992–1998
Наследник
Љубчо Георгиевски
Претходник
Љубчо Георгиевски
Премиер на Република Македонија
2002–2004
Наследник
Хари Костов
Претходник
Борис Трајковски
Претседател на Република Македонија
2004–2009
Наследник
Ѓорге Иванов
Партиски функции
Претходник
Претседател на СДСМ
1991–2004
Наследник
Владо Бучковски
Претходник
Зоран Заев
Вршител на должност
Претседател на СДСМ
2009–2013
Наследник
Зоран Заев