Радуша
Радуша — село во Општина Сарај, во околината на градот Скопје.
Радуша | |
Влезот во селото преку мостот на Вардар | |
Координати 42°05′06″N 21°12′38″E / 42.08500° СГШ; 21.21056° ИГД | |
Регион | Скопски |
Општина | Сарај |
Население | 1.533 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1062 |
Повик. бр. | 02 |
Шифра на КО | 25165, 25665 |
Надм. вис. | 380 м |
Радуша на општинската карта Атарот на Радуша во рамките на општината | |
Радуша на Ризницата |
Потекло и значење на името
уредиИмето на селото првпат се сретнува во историските документи како Радоуши во XIV век (1335 г.). Името доаѓа од личното име Радуш или Радух.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во крајниот северозападен дел на Скопската Котлина, во Жеденската Клисура, непосредно сместено на десната страна на реката Вардар. Се наоѓа во северниот дел на подрачјето на Општина Сарај.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 380 метри. Од градот Скопје е оддалечено 23 километри.[3]
Во непосредна близина на селото поминува регионалниот пат 2234, кој го поврзува Скопје со Полог.
Селото се наоѓа во средишниот дел на Жеденската Клисура, на десниот брег на Вардар. Над селото се издигнува варовничка падина, која делумно е под шума и пасишта. Нивите се наоѓаат на дното на клисурата околу Вардар. Во минатото, мештаните ја пиеле водата од Вардар, но од 1925 година се започнало со копање на бунари, чија длабочина е од 20 до 45 метри. Покрај бунарите, лево од Вардар извираат изворите Џибри, Каре и Крој Селмани (Селманов Извор).[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Крива Кобила, Тераса, Шкал, Лактишт, Умник, Прој Корбит (Гавранов Дол), Кеп Воденикит (Водени Камен), Прој Четас (Четнички Дол), Лак Куритаве (Криво Корито), Кодра Голоче (Голо Брдо), Река Саат (Сува Река), Осој, Равша, Хурза Кучковас, Црвеника, Џибра, Кодра Чеве (Воловско Брдо), Прој Трлаве, Прој Кишес (Црковен Поток), Киша (Црква), Лактиште, Крај Кобила, Чара, Те Бреге, Те Вори Гермази и Мајура.[4]
Селото има збиен тип и е поделено на четири маала: Љамалар, Тољ, Реч и Карач. Имињата на маалата се по главните родови. Куќите на поединечните родови се во групи.[4]
На пет километри пред селото, источно кон Скопје, се наоѓа изворот познат како Кисела Вода, за кој се верува дека лечи разни болести.
Историја
уредиИсторијата на селото е многу богата и многу стара од самите наоѓалишта во околината на селото можеме да констатираме дека во античкиот период близина имало римска населба со дарданско население.
Радуша е многу старо село и во пишаните извори се споменува во повелбата на српскиот крал Милутин во 1308 година. Во повелбата се истакнува дека еден посед на манастирот „Св. Никита“ имал граница до меѓите на селото Радуша.[4]
Селото најпрвин било православно македонско село, а дури подоцна започнале да се населува денешното муслиманско албанско население. Поради нивното доселување, староседелското православно население започнало постепено да се иселува. Родот Петревци (11 к.) се иселиле во селото Глоѓи во подножјето на Шар Планина,[4] додека како последен македонски христијански род во XIX век, кој се иселил биле Радичевци, кои најпрвин се иселиле во селото Побожје на Скопска Црна Гора, а потоа преминале во Радишани.[5]
Од старото население во Радуша е останато само името, кое го прифатило и доселеното албанско население.[4]
Кога во селото живеело македонско население, во Радуша постоела црква. Црквата се наоѓала на месноста Киша, како што се нарекува денес, што на албански означува „црква“. Месноста се наоѓа на југоисточниот раб од селото, каде не се познаваат траги од храмот, бидејќи земјиштето се обработува. Покрај црквиштето се наоѓа и месноста Прој Кишес (Црковен Дол). За црквата, авторот Андреј Стојанов во втората половина на XIX век запишал дека крај црквиштето постоеле гробови со крстови.[4]
Во 1888 година, селото било запалено, но веднаш потоа била обновено.[4]
За време на воениот конфликт во Македонија во 2001 година, особено во месецот август, во селото Радуша биле водени едни од најжестоките вооружени борби меѓу македонските безбедносни сили и терористите на ОНА.
Стопанство
уредиАтарот на селото зафаќа простор од 25,9 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 1.596 хектари, на пасиштата отпаѓаат 541 хектар, а на обработливото земјиште 288 хектари.[3]
Во основа, селото има мешовита земјоделска функција. На атарот на селото се откриени рудни наоѓалишта на хром.[3]
Од крајот на XIX век главно занимање на мештаните било одгледување тутун, но целосно било напуштено по Втората светска војна кога бил отворен рудникот за хром „Радуша“.[4]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Радуша живееле 330 жители, сите Албанци муслимани.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 700 Албанци и 100 Македонци.[7]
Радуша е големо село, коешто во 1961 година имало 1.212 жители, од кои 1.043 биле Албанци, а 162 жители Турци. Во 1994 година, во селото живеело само албанско население, а Радуша броела 1.824 жители.[3]
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Радуша, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[заб 1]
Според пописот од 2002 година, во селото Радуша живееле 1.892 жители, од кои 1.884 Албанци, 2 Македонци, 2 Бошњаци и 4 останати.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.533 жители, од кои 1.447 Албанци и 86 лица без податоци.[9]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Радуша:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | 929 |
1953 | 309 | 1.052 | 67 | 32 | 66 | — | 54 | — | 1.580[заб 2] |
1961 | 2 | 1.043 | 162 | — | 0 | — | 5 | — | 1.212 |
1971 | 1 | 1.541 | 7 | 1 | 0 | — | 15 | — | 1.565 |
1981 | 7 | 1.762 | 1 | 0 | 0 | — | 11 | — | 1.781 |
1991 | 0 | 5 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | — | 5 |
1994 | 0 | 1.823 | 0 | 0 | 0 | — | 1 | — | 1.824 |
2002 | 2 | 1.884 | 0 | 0 | 0 | 2 | 4 | — | 1.892 |
2021 | 0 | 1.447 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 86 | 1.533 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
уредиРадуша е албанско муслиманско село, иако во минатото во него живеело само македонско православно население. Денешните родови се чисто албански, додека некои се исламизирани и албанизирани Словени.[4]
Според истражувањата од 1948 година, родови во селото се:
- Доселеници:
- Албански родови: Карач (23 к.), тие се најстар род во селото. Потекнуваат од фисот Шаља во северна Албанија. Го знаат следното родословие: Јакуп (жив на 60 г. во 1948 година) Мемет-Јакуп-Берам-Демир-Сефа, кој се доселил во селото. Родови наречени Карач има и во скопските села Студеничани, Бојане и Буковиќ. Имаат иселеници во Турција (едно семејство); Љамалар (5 к.), потекнуваат од фисот Бериша во северна Албанија. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство) и во Турција (едно семејство); Зенелар (10 к.), исто потекло како и претходниот род. Имаат иселеници во Тетово (три семејства); Стафалар или Тољ (19 к.), по потекло се од фисот Бериша. Имаат иселеници во Прошовце и во Турција (едно семејство); Кикировци или Кикири (7 к.), потекнуваат од фисот Бериша. Имаат истоимени роднини во селото Првце на Шар Планина. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство) и во Турција (едно семејство); Реч (17 к.), сами кажуваат дека се од фисот Красниќи во северна Албанија. Имаат потемна боја на кожата, па возможно е основачот на родот да бил Ром; Прџоке (10 к.), потекнуваат од фисот Красниќи во северна Албанија. Овде се доселиле од некое село кај Качаник во Косово; Матњан (2 к.), доселени се од Матија во северна Албанија; Буљк (3 к.), потекнуваат од фисот Красниќи во северна Албанија; Љок (3 к.), доселени се од селото Котлина кај Качаник. Таму биле доселени од северна Албанија, и имале истоимени роднини. Припаѓале на фисот Красниќи; Буљица (1 к.), доселени се од селото Стража кај Качаник. Таму имале роднини, Ајрединовит. Право потекло им е од фисот Красниќи во северна Албанија; Бајрактари (2 к.), доселени се од селото Орашје. Имале роднини во селата Првце и Одри. Право потекло од северна Албанија; Калишт (1 к.), доселени се од селото Калиште на Шар Планина. Подалечно потекло од Албанија; Бресе (5 к.), доселени се однекаде; Велке (1 к.), доселени се од Мирдита во северна Албанија. Имаат иселеници во Тетово; и
- Исламизирани Словени: Туши (6 к.), старото име им е Куљаш (Куланч). Доселени се од селото Орашје. Таму биле староседелци, и имале роднини. Роднини имале и во селото Старо Село (Краговци); Торбеши (1 к.), доселени се од селото Урвич на Шар Планина. Подалечно потекло од Гора во Косово.
Општествени установи
уреди- Пошта (1062)
- ОУ „Фаик Коница“ - Радуша, централно деветгодишно основно училиште
- Амбуланта
- ЖС „Радуша“, железничка станица сместена во атарот на издвоеното село Рудник Радуша
-
Амбулантата
-
Спортската сала
-
Основното училиште
-
Поштата
-
Руинираната железничка станица
Самоуправа и политика
уредиВо XIX век, Радуша било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Сарај, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Кондово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Идадија. Селото припаѓало на некогашната општина Ѓорче Петров во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Рашче, во која покрај селото Радуша, се наоѓале и селата Горно Свилари, Долно Свилари, Дворце, Копаница, Рашче и Рудник Радуша. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Радуша, во која влегувале селата Дворце, Радуша и Рудник Радуша.
Избирачко место
уредиВо селото се наоѓаат избирачките места бр. 2457, 2458 и 2458/1 според Државната изборна комисија, сместени во простории на основното училиште.[10]
На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 2.064 гласачи.[11]
Културни и природни знаменитости
уреди- Џамии[12]
- Џамија — главна селска џамија
- Реки
- Радушка Река — лева притока на Вардар, се влива во самото село во Вардар
-
Селската џамија со гробиштата
-
Мост на Радушка Река
Личности
уреди- Родени во или по потекло од Радуша
- Рафиз Алити (р. 1965) — македонски политичар и висок функционер на ДУИ, поранешен командант на ОНА[13]
- Рамадан Назифи (р. 1962) — дипломат и амбасадор во Швајцарија
- Починати во Радуша
- Јанкула Јанкулоски (1918-1945) — македонски партизан
Галерија
уреди-
Радуша (погледното од воз)
-
Поглед на селото од далечина
-
Мост на Вардар во селото
-
Поштата
-
Спортско игралиште
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 132. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 251. Посетено на 28 јануари 2022.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 468–470.
- ↑ Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 8
- ↑ Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 211
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 јануари 2022.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 21 август 2021.
- ↑ „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 1 февруари 2022.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „РАФИЗ АЛИТИ на мрежното место на Собранието на Република Македонија“. Посетено на 2009-10-06.
- Забелешки
- ↑ Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да земат учество (го бојкотираа) во Пописот.
- ↑ Податоците од населеното место Рудник Радуша, согласно важечката територијална организација за време на Пописот од 1953 година, се вклучени во податоците за населеното место Радуша.