Методи Стамболиски
Методи Стамболиски — македонски воен генерал, шести началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија од 2001 до 2004 година.
Животопис
уредиМетоди Стамболиски е роден на 10 април 1947 година во малешевското село Мачево. Основно и гимназиско образование завршил во родниот крај. Во 1970 година ја завршил Воената академија на Копнената војска на ЈНА.
Воената кариера во Југословенската народна армија ја започнал во 1970 година како командир на вод во Рашка со офицерски чин артилериски потпоручник. Од 1971 до 1978 година бил командир на батерија. Во 1972 година бил одликуван со Орден за воени заслуги со сребрени мечеви. Во 1973 година бил унапреден во чин поручник, во 1975 година во чин капетан, а во 1978 година во чин капетан 1. класа. Во 1978 година бил назначен за заменик командант на мешовит артилериски полк. Во 1979 година бил одликуван со Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда. Во 1982 година завршил командно-штабна академија и бил унапреден во чин мајор. Од 1982 до 1990 година бил командант на мешовит артилериски полк. Во 1983 година бил одликуван со Орден за воени заслуги со златни мечеви. Во 1986 година бил унапреден во чин потполковник. Во 1987 година бил одликуван со Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда. Во 1988 година завршил командно-штабна школа за оперетика. Во 1990 година бил преместен во Урошевац. Од 1990 до 1992 година бил командант на гарнизонот во Урошевац, како и командант на мешовит артилериски полк. Во 1991 година бил унапреден во чин полковник.
На 23 март 1992 година ја напуштил Југословенската народна армија и пристапил во новоформираната Армија на Република Македонија.
Од 1992 до 1994 година бил началник на оперативно одделение во управата за борбена готовност при Генералштабот на Армијата на Република Македонија. Од 1994 до 1995 година бил командант на 3. Армиски корпус, а од 1995 до 1999 година командант на 2. Армиски корпус. Во 1997 година бил унапреден во чин бригаден генерал. Во 2000 година бил унапреден во чин генерал-мајор. Истата година бил командант на граничната бригада. Во 2000 година повторно бил ангажиран во Генералштабот на Армијата, како началник на Г-3. Во 2001 година бил назначен за заменик на началникот на Генералштабот на Армијата.
Во 2001 година бил унапреден во чин генерал-потполковник. На 19 септември 2001 година бил именуван за началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, наследувајќи го генерал-полковник Панде Петровски. Стамболиски бил шести началник на Генералштабот. На 12 март 2004 година бил наследен од генерал-мајор Ѓорѓи Бојаџиев.
Од 2004 до 2005 година бил советник на претседателот на Република Македонија за воени прашања. Во 2005 година се пензионирал.
Одликувања и признанија
уреди- Орден за воени заслуги со сребрени мечеви (1972)
- Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда (1979)
- Орден за воени заслуги со златни мечеви (1983)
- Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда (1987)
Наводи
уреди- Стојановски, Мирослав; Стојаноски, Борис (2017). Стојановски, Мирослав (уред.). Воени генерали од Mакедонија (1943–2017) (второ. изд.). Скопје: Клуб на генерали на Република Македонија. стр. 312–315.
- Ристовски, Блаже, уред. (2009). Македонска енциклопедија. М–Ш. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. стр. 1414.
Надворешни врски
уреди- Генерал-полковник Методи Стамболиски на мрежното место на Армијата на Република Северна Македонија. Архивирано на 16 јануари 2022.