Никола Вапцаров

Македонски поет
(Пренасочено од Н. Ј. Вапцаров)
„Вапцаров“ пренасочува тука.

Оваа страница е заштитена од понатамошни измени на анонимни корисници, поради сомнителни придонеси на анонимни корисници што треба да се разгледуваат на разговорната страница.
За да ги видите претходните верзии, стиснете на врската историја.

Никола Јонков Вапцаров (Банско, 7 декември 1909Софија, 23 јули 1942) — македонски писател со бугарско државјанство, комунист, роден во Банско, Пиринска Македонија (денес Бугарија).[1] Вапцаров бил член на Сојузот на бугарските писатели, а посмртно бил добитник на почесната Меѓународна награда за мир, во 1952 година.

Никола Вапцаров
Роден 7 декември 1909
Банско, Отоманско Царство, денес Бугарија
Починал 23 јули 1942(1942-07-23) (возр. 32)
Софија, Бугарија
Занимање писател и поет

Вапцаров бил најсилен поетски талент меѓу Македонците кои твореле на други јазици, освен на македонскиот. Неговата единствена стихозбирка со наслов „Моторни песни“ (Моторни пѣсни) содржи 20 песни, напишани на бугарски јазик.[2] Нему му припаѓа едно од видните места во бугарската книжевност, иако тој самиот и во животот и преку својата поезија недвосмислено изјавувал дека е Македонец, и покрај тоа што творел на бугарски јазик. Неговата поезија е изразито патриотска, социјална, револуционерна и хуманистичка.[3]

Животопис

 
Никола со татко му Јонко
 
Споменик на Никола Вапцаров на Мостот на уметноста

Вапцаров е роден во Банско во Пиринска Македонија, на 7 декември 1909 година, како прво дете на Иван (Јонко) Вапцаров и Елена Везјова, двајцата Македонци од протестантска (евангелистичка) вероисповед. Татко му, Иван (Јонко) Вапцаров, учествувал во револуционерното движење за ослободување на Македонија од турското ропство: најпрвин во Илинденското востание, потоа во изгонувањето на Турците во 1912 година, а потоа бил вклучен во братоубиствените борби меѓу одделните фракции на македонските револуционери. Мајката на Никола Вапцаров имала неколкугодишно образование во американскиот колеџ во Самоков, а потоа, извесно време работела како учителка во Македонија при што и таа се вклучила во борбата за ослободување на Македонија. Во раното детство, Никола Вапцаров бил воспитуван најпрвин во духот на библиските приказни, а потоа и во духот на љубовта кон книгата и кон татковината. За тоа сведочи и една случка која ја раскажува неговата мајка во нејзините спомени: еднаш, додека патувале во Добриниште, по патот сретнале Срби-заробеници, а малиот Никола ги гледал со сожалување. Кога баба му Милана му објаснила дека тие се заробени Срби, Никола ветил дека ќе стане силен, ќе ги ослободи заробениците.[3][4]

Вапцаров завршил основно училиште и шести клас гимназија во Разлог. Тогаш го прекинал образованието во гимназијата и се запишал во Морнарско-машинското училиште во Варна, каде се сретнал со марксистичко-ленинистички кружок и станал негов активист. Таму го објавил своето прво поетско дело — стихотворбата „Кон светли идеали“. По завршувањето на школувањето, во 1932 година, Вапцаров станал машински техничар, отпрвин на еден брод со кој патувал по северниот брег на Африка. Поради ограничената комуникација со луѓето, тој ја напуштил службата и се вработил во Бугарската горска индустрија, во селото Кочериново (во близината на Дупница), како машински техничар. Додека работел во фабриката, во слободното време, Вапцаров се занимавал и со културно-просветна работа: на сцената поставил неколку пиеси, држел предавања на различни теми и се дружел со работниците. Малку потоа, тој станал член на Бугарската комунистичка партија. Според сведоштвата на Васил Иванов Чорлев и Мордоше Маџар, работници во фабриката, Вапцаров напишал драма за експлоатацијата на работничката класа која се препишувала од страна на работниците, но скришум од сопствениците и од власта. Додека работел во Кочериново, Вапцаров ја запознал својата идна сопруга Бојка, која била дете на доселени Македонци од Егејска Македонија. Токму Бојка Вапцарова ги оставила најважните информации за животот на Никола Вапцаров во периодот од 1932 и 1942 година, изнесени во нејзината книга „Кога воскреснуваат милионите луѓе“ (Софија, 1961).[5]

Во 1935 година, фабриката во која работел Вапцаров била затворена и тој останал без работа. Меѓутоа, под негово водство, работниците од фабриката кренале бунт и ги присилиле сопствениците повторно да ја отворат фабриката. Сепак, власта дознала за дејноста на Вапцаров и тој бил отпуштен од работа. Тогаш започнале најтешките години во неговиот живот (1936-1937), кои во својата книга ги опишува Бојка Вапцарова: Никола Вапцаров се разболел, а нивното дете умрело, а тој и сопругата преживеале само благодарение на помошта што им ја давале неговите другари. Никола Вапцаров не можел да најде работа, но најпосле, по долго барање, се вработил како техничар во мелницата на браќата Бугарчеви во Софија, каде работел во тешки услови - работно време од 12 часа, и тоа само ноќна смена, постојано изложен на големи количества јаглерод-диоксид што ги испуштала машината. Сепак, дури и во тие околности, Вапцаров не престанал да пишува, а своите стихови ги објавувал во прогресивните весници и списанија. Во 1938 година ги напуштил браќата Бугарчеви и се вработил како ложач во Бугарските државни железници, но и таму условите за работа биле тешки, поради што неколкупати се разболел. Негвоите другари му помогнале да се вработи во фабриката за месо, а истовремено се вработила и сопругата Бојка.[6]

Вапцаров активно се ангажирал во организацијата на бугарските машински техничари, го издавал весникот „Технички глас“, бил член на нелегалното раководство на синдикатот на техничарите и бил дел од раководството на партиската организација на индустрискиот квартал во Софија. Исто така, тој се вклучил во протестите против фашистичката агресија на европски земји и бил учесник во т.н. „Соболева акција“ во околината на Разлог, поради што бил затворен, но подоцна бил ослободен благодарение на одличната одбрана за време на судењето. Сепак, тој бил протеран од разлог, како „опасен елемент“, а во 1941 година бил интерниран во Годеч, за период од три месеци. По враќањето од интернацијата, во септември 1941 година, Вапцаров се вклучил уште поактивно во револуционерната дејност и, како прв помошник на советскиот полковник Цветан Радојнов (кој тајно бил префрлен во Бугарија), учествувал во диверзантски акции. Истовремено, Вапцаров работел активно и како соработник на централниот комитет на Бугарската комунистичка партија.[7] Раководителот на пиринското партизанско движење, Никола Парапунов, го поканил да се приклучи во раководството на движењето, ценејќи ги неговите диверзантски и разузнавачки акции врз важни објекти со кои се служеле фашистите во Бугарија. Вапцаров ја прифатил поканата, но не добил дозвола од раководството на Централниот комитет на Бугарската работничка партија (комунисти). Вапцаров таа постапка не можел да ја разбере, па продолжил со диверзантските акции.

 
Никола Вапцаров со членови на Македонскиот литературен кружок: Михаил Сматракалев, Антон Попов (седнати), Тодор Јанев, Кирил Николов (исправени), Софија, 1940.

Поради членството во Бугарската комунистичка партија, Вапцаров паднал во немилост на профашистичите реакционерни сили во Бугарија. Најпрвин, во 1933 година, тој бил тепан од страна на функционери на ВМРО поради неговите политички дејствувања. Според сведоштвото на Георги Караславов искажано во „Средби и разговори со Никола Вапцаров“ (Софија, 1961), припадниците на ВМРО на Иван Михајлов извршиле неуспешен атентат врз Вапцаров на патот меѓу Горна Џумаја и Бараково, кога „непознати“ лица пукале во Вапцаров, но не успеале да го погодат. Најпрвин, Караславов сметал дека причината за атентатот била тоа што Јонко Вапцаров бил „протогеровист“ и противник на михаиловистите или пак можеби поради тоаш што Никола му помагал на својот татко. Меѓутоа, самиот Никола Вапцаров му кажал дека обидот за убиството бил поради неговата комунистичка активност во фабриката во која што работел.[8] По неуспешниот атентат врз него, Вапцаров напишал писмо до Ванчо Михајлов, прашувајќи го зашто сакаат да го убијат, а овој настан подоцна го инспирирала да ја напише стихотворбата „Песна“.

Стрелање

Како соработник на воената организација на Бугарската комунистичка партија, на 4 март 1942 година, Вапцаров бил уапсен, заедно со Атанас Романов и Антон Попов, по што бил подложен на измачување од полицијата во текот на четири месеци.[9] Заедно со поголема група антифашисти, во судскиот процес против ЦК БРП, Вапцаров бил осуден на смртна казна, без право на жалба. Под притисок на своите роднини, Никола напишал молба за помилување, која гласела:[10]

„До Негово величество царот — Софија

Осуден сум на смрт со стрелање, кривичен закон дело нр 585, Софиски военополски суд. Молам пресудата да биде заменета со доживотен затвор.

Никола Иванов Вапцаров. Централен затвор”.

И покрај тоа, на 23 јули 1942 година, во 11 часот, во присуство на најбилските, на Вапцаров и на другите осудени им била прочитана пресудата. Истата вечер, во 21 часот и 10 минути, Никола Вапцаров и Антон Попов, заедно со четворица други бугарски комунисти,[11] биле стрелани во дворот на една софиска касарна. Осврнувајќи се на судењето на нејзиниот син, мајка му на Никола Вапцаров во своите „Спомени за мојот син“, објавени во Софија, во 1960 година, запишала: „Нема бог, не може да има. Ако имаше, тој ќе ме слушнеше. Јас толку од срце се молев да ми го спаси синот, мојот син, кој се бореше за среќата на народот, но тој не ме слушна. Или пак, ако го има, тој е ѕвер... Го уништив во своето срце бога, но најдов во зборовите на Никола повеќе вистина: 'Ако треба, и ти ќе умреш за таа идеја' — така ми рече тој. И тие негови зборови за мене станаа смисла на животот.[12]

По промената на односот на БКП кон македонското прашање, комунистичката власт во Бугарија се обидела да го искористи талентираниот писател за зацврстување на сопствениот авторитет, при што во 1963 година бил изработен фалсификат на еден партиски протокол за божемното членство на Никола Вапцаров во партиската организација на БКП во селото Стоб.[13]

Семејството на Никола Вапцаров

Изјавите на семејството на Вапцаров за него биле во голема зависност од политичката состојба во Бугарија. Така, за време на судскиот процес, на 15 јули 1942 година, мајка му Елена напишала молба до царот Борис III со следниве зборови: „Ваше величество, младите години си ги дадов за Бугарија, залакот од устата и оној на децата го делев со сите апостоли за слободата на Бугарија .... Мојата молба е милост, милост, Ваше величество, дарувајте му го животот, преземам одговорност дека ќе се потрудам да му влијајам, дека тој ќе стане добар Бугарин“. Во две други молби до министерот за одбрана исто така се заложува дека „Тој ќе стане добар Бугарин и своите сили и способности ќе ги положи пред олтарот на својата Родина.“[14] Во очајните обиди да го спасат неговиот живот, сестра му Рајна отишла дури подалеку во својата молба до царот: „Мајка беше вистинска Бугарка и за неa родината беше најскапото нешто. Таа сакаше да ја види слободна од „Дунав до Егејот бел, и од Албанската пустина до Црноморските води“. И сега кога срцата на сите се радуваат, мојата мајка не може да се радува, оти нејзината мечта се остварила, бидејќи нејзините двајца синови се обвинети како комунисти.“[15] Неколку години подоцна, за време на културната автономија во Пиринска Македонија, при средба со македонски писатели, Елена Вапцарова изјавила: „Најпосле дочекав да се сретнам со македонски писатели, колеги на мојот Кољо. И тој со нив ќе дојдеше ако беше жив, но го убија крвниците... Некои после ослободувањето, ме прашаа - чиј поет е тој? Одговорив со неговите зборови: „Над мојата земја в небото се опира Пирин, и мурите в бури илинденски приказни пејат, над Охрид лазурот е просторен и син, а уште надолу е светлиот брег на Егејот”. Секако, поетот не може да поседува со тапија, но ако постои тоа, во тој случај тапија ќе бидат неговите стихови.“[16]

Братот на Никола, Борис, изградил успешна кариера како комунистички функционер и целосно ја следел политиката на БКП, вклучително и во однос на македонското прашање.[17] Неговите деца, Маја[18] и Никола, на ист начин го продолжиле искачувањето кон политичката елита. Нивната злоупотреба на името на Никола Вапцаров за корисни цели завршила со уништување на неговиот гроб, што предизвикало повеќемесечен скандал.[19]

Книжевна дејност

 
„Беседа за делото на Вапцаров“ од Блаже Ристовски (1990) (кликнете за да ја отворите и читате во целост)

Покрај основната работа за егзистенција, Вапцаров се занимавал со книжевна дејност. Тој бил еден од организаторите на „Македонскиот литратурен кружок“ во Софија. Од самите членови бил сметан за „срж“ на кружокот. Вапцаров се занимавал со поезија, пишувал критики и бил еден од организаторите на списанието „Литературен критик“. Своите најзначајни стихови ги создал во периодот од 1936 до 1942 година. Во 1940 година ја објавил својата прва и единствена поетска збирка, „Моторни песни“, а во 1946 година во Бугарија посмртно била објавена збирката „Антологија“, како и книгата за деца „Пролет“.

Вапцаров започнал да пишува уште додека работел во фабриката во Кочериново, каде напишал една драма за експлоатацијата на работниците. Неговата книжевна дејност продолжила и по преселбата во Софија, каде своите песни ги објавувал во напредните весници и списанија. Во тој период, неговата песна „Романтика“ ја добила наградата на анонимниот конкурс во списанието „Летец“, а исто така победил и на конкурсот за радиодрама, но откако било откриено кој е авторот, драмата не била поставена. Подоцна, кога малку се поправила неговата материјална положба, Вапцаров и собрал своите песни и ја објавил збирката „Моторни песни“. Притоа, тој ги обиколувал издавачите во Софија, но никој не сакал да ја објави книгата, така што тој и сопругата зеле пари на заем и ја објавиле книгата како сопствено издание. За да се скрие од власта, тој се потпишал само како Никола Јонков. Според сведоштвото на неговата сопруга, во тој период, името на Вапцаров било игнорирано не само од официјалната, туку и од прогресивната книжевна критика. И покрај тоа, Вапцаров бил многу ценет од неговите другари и уживал голема популарност кај прогресивните читатели, а неговите песни биле често рецитирани на многубројните забави и вечеринки. Самиот Вапцаров бил многу активен и бил иницијатор за формирањето на Македонскиот литературен кружок. Подоцна, во 1941 година, започнал да го издава весникот „Литературен критик“, кој често бил подложен на цензура, а наскоро бил и забранет.[20]

Вапцаров пишувал на бугарски јазик, а подоцна, неговите дела се преведени на 45 јазици, вклучувајќи го и македонскиот јазик. Според Гане Тодоровски, според јазичните, идејно-стилските и содржинско-тематските ознаки, поетскиот опус на Вапцаров ѝ припаѓа на бугарската поезија меѓу двете светски војни.[21] Сепак, според потеклото, чувството, акцијата и содржинската означеност на неговата поезија, тој бил Македонец, а македонството претставува содржинска компонента на голем дел од неговата поезија.[22]

Моторни песни

Збирката „Моторни песни“ се состои од три циклуси:

  • Првиот циклус е насловен „Песни за човекот“ и во него се обработуваат проблемите на работникот и на обичните луѓе. Тука се издвојуваат песните: „Спомен“, „Писмо“, „Песна за човекот“ и други.
  • Вториот циклус носи наслов „Песни за татковината“. Со песните во овој циклус, Вапцаров се претставува како патриот — Македонец, најмногу со песните „Земја“, „Татковина“, „Ајдутска“, „Илинденска“, „Крали Марко“, „Мајка“, „Песна“ и други.
  • Третиот циклус во збирката, насловен „Песни за една земја“, се однесува на Шпанската граѓанска војна.

Песната „Земја“

Една од најмаркантните песни на Вапцаров е песната „Земја“, покрај песната „Илинденска“. Оваа песна е дел од првиот циклус на патриотски - македонски песни и во неа, според македонските научници, Вапцаров најотворено ја изразува својата национална припадност и својата татковина, Македонија. Во песната, тојдава поетска слика за делови од својата татковина потенцирајќи ги Пирин, Охрид и Егеј. И покрај фактот што Вапцаров живеел во Бугарија, во песната го изразува чувството дека Бугарија не можел да ја чувствува за своја татковина.[23] Според бугарските научници, во оваа песна, Вапцаров не искажувал политички или етнички ставови.[24][25] Меѓутоа, во писмото до неговата мајка, Вапцаров јасно се искажува за неговата татковина Бугарија и Пирин како дел од неа.[26][27]

Песната „Илинденска“

Во песната „Илинденска“ Вапцаров се јавува како обвинувач против оние што предвреме го кренале Илинденското востание, иако биле свесни дека не е доволно организирано, нема да успее и дека потоа би имале „морално“ право да докажуваат дека без „братската“ помош, без воената интервенција од бугарска страна, македонскиот народ не би можел да се ослободи. Според Вапцаров, сторена е „сотонска вина“ кон тој народ, но историјата ќе го каже својот суд. И самиот Гоце Делчев бил против предвременото кревање на востанието. Но, него го ликвидирале со посредство на предавници и тука веќе ништо не можело да се стори. Гласачката машина на софискиот двор се наложила. Поентата на песната е јасна: дека Македонците ја сакаат слободата, издвојувана со сопствени сили, онака како што ја замислувал Гоце Делчев; сè за слободна Македонија[28].

Песната „Историја“

„Историја“ е можеби најкарактеристичната песна која ја објаснува поетиката на Вапцаров. Во неа се открива најилустративно идејно-содржинските релации во поезијата на Вапцаров — конкретноста, одреденоста и опредметеноста како најважни моменти во неговата поезија. тој настојува да раскаже за простата човечка драма, за тагата и надежите на неговите современици, за неговиот таканаречен молчалив хероизам, за стоицизмот на неуштивиот народ. Според Розалија Ликова, два неразделни моменти ја создаваат монументалноста на оваа песна: суровиот реализам и големиот разговор со епохата и со историјата. Во поезијата на Вапцаров, одделното „јас“ се крева од масовното „ние“, како што е случај со целата пролетерска поезија, но со еднаква сила се забележува и обратен процес — во неговите стихови, народот е индивидуализиран, конкретен образ кој живее во одделниот човек. „Историја“ носи грандиозен мотив: мажествен и чесен разговор со историјата, кој е провокативен, предизвикувачки, луциден и ироничен. Во песната, Вапцаров како да му пее химна на триумфалното „ние“ — малите, непознати луѓе. Гордост и дрскост има во желбата на поетот да го изрази титанизамот на епохата во делата на обичните луѓе, да ја симне историјата до обичниот човек, а него да го крене до височините на историјата. Според Ликова, во тоа очовечување на историјата прозвучува гордото вапцаровско „јас сум!“ и „историјата е со нас!“[29]

Реферат

Значајно место во оставнината на Вапцаров претставува и рефератот напишан за основачкото собрание на Македонскиот литературен кружок. Оригинален и самокритички, тој има за цел да ги покаже вистинските патишта на постоењето и патот на писателот, на литературата која толку многу му е потребна на македонскиот народ. Постојано споменуван и уважуван како посебно значаен труд не само за Вапцаров, туку и за македонската книжевност воопшто, неговата целина останува долго време непозната. Првпат мали делови и почетните реченици ги соопштува Блаже Ристовски во 1963 година, но поопширно во студија во следната 1964 година,[30] кој имал можност да ѕирне во тетратката број 33 во музејот „Никола Вапцаров“ во Софија, заведена како „Доклад от Никола Вапцаров върху Македония и задълженията на писателите-Македонци към нея, които трябва да следват революционните идеи на Гоце Делчев и Даме Груев“. За првпат рефератот бил интегрално објавен во книгата на Михаил Сматракалев „Македонскиот литературен кружок“. Поради политички причини, наскоро по неговото прво делумно објавување, рефератот бил повлечен од Архивата на Домот музеј и до ден-денес е недостапен за истражувачите, со исклучок на тесен круг бугарски научници. Во Бугарија рефератот за првпат бил објавен дури во 1995 година[31] при што тој дал повод Вапцаров да биде прогласен за негатор на бугарскиот јазик и застапник на македонизмот.[32]

Осврт врз творештвото на Вапцаров

Вапцаров започнал да пишува во духот на романтичарско-патетичната традиција на бугарската поезија, под влијание на Христо Ботев и Пејо Јаворов, пеејќи на национални и социјални мотиви и манифестирајќи јасна ангажираност, со повик на акција. Постепено, неговиот поетски израз станал самобитен и оригинален, во согласност со императивите на современата социјална поезија, со поголема непосредност, со употреба на разговорниот јазик и со послободна форма. Така, тој успеал да изгради вапцаровски стил, кој иако не означува посебна фаза во развојот на бугарската поезија, сепак означува автентична поетска личност. Според Гане Тодоровски, она по што позијата на Вапцаров најмногу се издвојува од општите текови на бугарската поезија од пред Втората светска војна, тоа е токму доминантното присуство на македонската тема. Во тој поглед, ниту еден бугарски поет од неговото време не се доближува до вапцаровскиот мотив на татковината, зашто неговото сфаќање на Македонија, македонска татковина и македонска историја остро се разликува од сите други бугарски поети.[33]

Во предговорот кон изборот од поезијата, македонскиот поет Гане Тодоровски го нарекува Вапцаров легенда, синоним на неразделното единство на зборот и на делото и раритетна појава без кого светската книжевност би била посиромашна, а неговото творештво претставува симбиоза на уметноста и моралот, на националното и социјалното одредување, на меѓународниот алтруизам и интимната човекова исповед. Исто така, Тодоровски го смета Вапцаров за една од најуверливите илустрации за творечките потенцијали на македонскиот народ.[34]

За поетиката на Вапцаров пишувале многу писатели и критичари, како: Пантелеј Зарев, Цветан Минков и Розалија Ликова во Бугарија; Димитар Митрев, Блаже Ристевски и Георги Старделов во Македонија.[33] Објавени се бројни избори од поезијата на Вапцаров, како и бројни есеистички дела, како: монографиите на Петар Пондев и на Пењо Русев, расправата „Јазикот и стилот на Вапцаровата поезија“ на Радослав Мутафчиев, есеите на Димитар Митрев со наслов „Вапцаров“, поглавјето за Вапцаров во книгата на Розалија Ликова, „За некои особености на бугарската поезија (1923 — 1944)“, итн. Притоа, критичарот Пантелеј Зарев го нарекува Вапцаров „поет — новатор“, ставајќи го рамо до рамо со Ботев, Вазов, Славјеков, Јаворов и Смирненски. Според Зарев, поетското дело на Вапцаров претставува нова етапа во развојот на бугарската поезија, носејќи необична сила и нешто автентично, оригинално и непознато.[35] Според Петар Пондев, поезијата на Вапцаров слегува до читателот „како просто и јасно откровение за животот“; Стојан Каролев ја опишува како „длабокот реалистична и револуционерна“, но и како „граѓанска поезија“ која „ја чувствува епохата, новото време и пулсот на револуцијата“; Пењо Русев вели дека поезијата на Вапцаров „ја одречува страсно војната - за неа пишува како за ужасен и најголем престап“; според Димитар Митрев, таа е „утврдувач на современата реалистичка постапка кон еден современ револуционерен колективизам и го постига тоа самостојно, без претходни урнеци“; а според Георги Старделов, таа „зачекори по улицата неискичоперена со традиционалната 'поетичност', туку едноствана, обична и сурова како животот“.[36]

Најважната одлика на поезијата на Вапцаров е нејзиниот реализам и револуционерниот романтизам: реализмот е изразен во разоткривањето на животот, а романтиката во инвентивните визии и мечтаењата за иднината, за новиот, поправеден живот. Меѓутоа, Вапцаров е најинтересен поради новото што го внесува во бугарската поезија, а тоа е одразот на епохата и длабокиот израз на неговата личност. Во неговата поезија се втиснати погледите на светот на еден напреден активист и болката на работникот, на потиснатиот и обесправен човек. Неговата поезија е непосредна, искрено произлегува од неговите доживувања и претставува интимна исповед на некој кој верува во среќата. Неговите доживувања се првиот и најсилниот извор на мотивите и темите во песните. Тој е поет кого пред сè го интересира вистината за луѓето и за животот. Тој му се приближува на животот повеќе од секој друг и го воведува во својата поезија и тоа го чини многу наметливо, дури и декларативно. Сепак, тој се труди стихот да не се претвори во фраза, гол вербален коментар и публицистика. Во таа смисла, самиот Вапцаров пишува: „Нашите творби можат да вријат од прекрасни идеи, од човечност која разбранува, но тие ќе бидат само полезна публицистика ако не ја надвладееме тешкотијата на мајсторското изразување.“ Во согласност со тоа, новото во неговата поезија не е само во мотивот и во идејниот став, туку во творечкото и оригинално решавање на прашањето за јазикот, изразот и стилот.[37]

Доминантен мотив во поезијата на Вапцаров е љубовта кон човекот која тој ја воздигнува на повисока емоционална вредност. Притоа, Вапцаров зацртал нова етапа во развојот на социјалната, пролетерската поезија. Односот, љубовта, верата, оптимизмот кон човекот, кон животот, кон иднината, тоа се идејно-содржинските двигатели на поезијата на Вапцаров. Притоа, тој задржува еден идејно-етички максимализам во смисла на целосно себеоддавање и барање на врвната вистина. Лирскиот херој на Вапцаров води потекло од фабриките и канцелариите, од полињата и ридјето. Исто така, и предметите имаат конкретен однос кон судбината на човекот, т.е. предметите и описите на средината во неговите песни не ја вршат функцијата само на декор, туку имаат улога и на форми на животот, препознавања на реалниот живот доловен во неговите перцепции. Сето тоа прави чудно единство до контрасти и противречности. Вапцаров ја враќа поезијата кон конкретното, кон живото човечко чувство, ослободено од вештачките рамки на идејните апстракции. Токму тоа е неговата, голема и значајна, добиена битка во литературата.[38]

За творештвото на Вапцаров, германскиот писател Штефан Хермлин рекол: „Помислиме ли на Вапцаров, мислата нè води кон Шели и Бајрон, кон Бихнер и Леопарди“, а италијанскиот поет Салваторе Квазимодо изјавил: „Народите кои имаат личности како Вапцаров, растат во очите на светот“. Поради изразениот хуманизам на неговата поезија, во 1952 година, жирито на Меѓународната награда за мир, предводено од Пјер Кот, од 72 кандидати, го избрало Вапцаров, одликувајќи го посмртно со Почесната награда на мирот. По тој повод, во својот говор, Жермен Ив Фарж изјавил: „Во борбата за слобода и мир, која денес е најнеодложната задача на сите народи во светот, Никола Вапцаров ќе остане една од најчистите и најблагородните фигури.“[39]

Значење и влијание

Песната на македонскиот поет Блаже Конески, со наслов „Смртна песна“, е посветена на Никола Вапцаров.[40]

По повод 100 годишнината од раѓањето на Никола Вапцаров, Друштвото на писателите на Македонија и Институт за македонска книжевност, одржало свечен собир.[41] Амбасадата на Република Бугарија во Македонија и Културно информацискиот центар на Република Бугарија во Република Македонија, исто така, организирале „Вапцарова вечер“.[42]

Мисли на Никола Вапцаров

„Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза.“

—Никола Вапцаров, „Реферат“, 1938

Галериjа

Наводи

  1. Елена Вапцарова в писмо от 1968 г.: Родината за Вапцаров е България, 20 ноември 2009, Агенция „Фокус“
  2. Никола Йонков. Моторни пѣсни, София, 1940.
  3. 3,0 3,1 Георги Сталев, Литература на македонскиот јазик, Просветно Дело, Скопје, 1995, стр. 153.
  4. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 7-10.
  5. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 12-14.
  6. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 14-15.
  7. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 16-17.
  8. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 11-12.
  9. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 17-18.
  10. ЦВА, ф.16, оп.ІІ, а.е.112, л.329
  11. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 18.
  12. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 9-10.
  13. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-05-25. Посетено на 2010-02-23.
  14. ЦВА, ф. 15, оп.ІІ, а.е.112, л.297.
  15. ЦВА, ф.16, оп.ІІ, а.е.112, л.491-492.
  16. Весник „Нова Македонија“, 7 мај 1948 година.
  17. „http://www.nbu.bg“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-10-13. Посетено на 2010-02-23. Надворешна врска во |title= (help)
  18. http://liternet.bg
  19. http://www.btv.bg
  20. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 13-17.
  21. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 20.
  22. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 7.
  23. Георги Сталев, Литература на македонскиот јазик, Просветно Дело, Скопје, 1995, стр. 157.
  24. Цвета Трифонова, „За урбанистичките фобии на Вапцаров“.
  25. „Борис Данков, „Никола Вапцаров, народност - българин". Архивирано од изворникот на 2009-06-03. Посетено на 2009-07-01.
  26. Елена Вапцарова, „Спомени за моя син“, София, 1960, Издателство „Народна младеж“, стр. 121, 122 - „Никаде нема поубава од нашата Бугарија, мамо. А нашиот Пирин со ништо не може да се сравни“
  27. Пенчо Дончев, „Преди и след разстрела“, София, 1979, Издателство „Български писател“, стр. 111.
  28. Георги Сталев, Литература на македонскиот јазик, Просветно Дело, Скопје, 1995, стр. 158.
  29. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 28-30.
  30. Блаже Ристовски, „Современост“, Скопје, 1964.
  31. Цвета Трифонова, Литературен форум, број 7 и 8, 1995 година
  32. Тодор Балкански, Никола Вапцаров, България и българите.Към проспографията на поета, Велико Търново, 1996. „Вапцаров е еден од иницијаторите за исполнување на коминтерновската порачка наречена 'македонски јазик', со што стои на почетокот на најголемата кампања, реализирана воопшто некогаш против бугарскиот јазик. Тој е меѓу најголемите негатори во историјата на бугарскиот македонизам во однос на бугарскиот јазик како својствен на македонските Бугари.“
  33. 33,0 33,1 Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 22.
  34. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 5-6.
  35. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 25-26.
  36. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 31-32.
  37. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 26-30.
  38. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 30-31.
  39. Гане Тодоровски, „Животот и делото на Никола Јонков Вапцаров“, во: Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 19.
  40. Блаже Конески, Поезија. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2011, стр. 71.
  41. „Утрински весник број 3163, петок, 18 декември 2009: Вапцаров е значајно поглавје во македонската книжевност“. Архивирано од изворникот на 2013-01-02. Посетено на 2009-12-18.
  42. Вапцарова вечер Агенција „Инпрес“, 16 декември 2009.

Надворешни врски