Полошка Котлина

котлина и историско-географска област во Македонија
(Пренасочено од Долен Полог)
Полог води тука. За други значења видете на појасннителната страница

Полог или Полошка Котлинакотлина и историско-географски регион во северозападниот дел на Македонија, со површина од околу 400 км2. Поделен е на два дела: Горен (Горни) Полог (во Гостиварско) и Долен (Долни) Полог (во Тетовско) и се протега во меридијански правец север - југ. Во Полог живеат околу 304.125 жители (2002) од кои Македонците претставуваат околу 18,4%, мнозинството се Албанци (73,2%), а во помала мера се застапени Турци, Роми и други. Тетово и Гостивар се најголемите населени места во Полог.

Полог
Воздушен поглед на Полог
Надм. висина500 м
Географија
МестоположбаРепублика Македонија
Нас. местаТетово, Гостивар

Природно-географски и релјефни одлики на Полог

уреди
 
Сателитска снимка на Полог
 
Поглед на Полог од Сува Гора
 
Поглед на дел од Полог со Сува Гора

По својот настанок, Полог е тектонска котлина, спуштена по должината на раседи помеѓу планините Шар Планина, Сува Гора, Жеден и Буковиќ[1]. Од западната и делумно и на северната страна Полог е ограден со Шар Планина, од источната страна е ограден со планините Сува Гора и Жеден, а на југ е ограден со падините на Бистра (Влаиница), Буковиќ и Челоица. Се протега во правец североисток-југозапад[1]. Има доста издолжен облик кој се простира од југозапад кон североисток. Се простира по горното течение на Вардар при што тој ја претставува главната оска иако делот на област лево од течението е значително поголем од оној на десниот брег. Правецот на протегање на Полошката Котлина целосно се совпаѓа со насоката на течението на Вардар. Должината на Полошката Котлина изнесува околу 40 километри, а просечната широчина е 6,5 км[1]. Најмалата ширина е помеѓу селата Пирок и Радиовце од 5,2 км, а ова стеснување претставува и граница помеѓу Горни Полог - гостиварскиот дел и Долни Полог - тетовскиот дел[1]. Котлината зафаќа површина од 1475 км2, а се наоѓа на надморска височина помеѓу 300 и 2774 метри[1]. Просечната надморска височина на рамнината изнесува 500 метри и се движи од 360 до 430 метри во Долни Полог (тетовскиот дел) и од 430 до 580 метри во Горни Полог (гостиварскиот дел), зафаќајќи површина од 33.200 хектари. Рамнинскиот дел на котлинското дно зафаќа површина од 33.200 ха, а се протега помеѓу 400 и 600 метри надморска височина[1]. Рамничарскиот дел постепено се спушта од Гостивар (520 м) спрема Јегуновце - Раотинце (385 м), како и од подножјето на Шар Планина спрема Сува Гора и Жеден[1]. Од сите страни Полошката котлина е затворена со високи планини, со исклучок спрема источната рамка, каде што по долината на Вардар, низ Дервенската Клисура и преграбенската долина Тетовска Суводолица е поврзана со Скопската Котлина[1]. Морфолошки, Полошката котлина претставува доста изразена пределна целина како голем котлински басен ограден со планински венци од сите страни и отворен до извесна мера само на североисточната страна кон Скопската Котлина преку Групчинскиот преод меѓу Жеден и Сува Гора и Дервенската Клисура на Вардар. Во својот јужен крај полето е, исто така, аглесто, а во северниот е заоблено и постеснето[2]. Во сите делови полето е многу рамно[2]. Планините и височините кои го ограничуваат, стрмно завршуваат на него. Природно е да се претпостави дека тоа некогаш имало свои нерамнини, но наносите на шарските потоци го израмниле, како што ја уништиле и закосеноста на подножјата по околните планини[2]. Во југозападниот дел на Полог се наоѓа изворот на најголемата македонска река Вардар која протекува вдолж целата котлина во должина од 68 километри. Од изворот и по горното течение, Вардар во Полог прима 12 поголеми притоки од кои најголема е реката Пена[1].

Граници

уреди
 
Поглед на Горен Полог од црквата „Св. Петка“ на Сува Гора, Стенче

Границите на Полошката котлина одат по сртовите на самите планини кои го окружуваат. Северозападната граница по целата должина е доста изразена: започнува од врвот Љуботен (2499 м.) и оттука продолжува кон југозапад по највисоките делови на Шар Планина Ливадица (2491 м.), Езерска Чука (2604 м.), Бистра (2640 м.), Црн Врв (2584 м.), Кобилица (2526 м.), Царево Гумно (2502 м.) и Кара Николица (2106 м.) во изворишниот дел на Пена од каде што сртот и границата на Полог добива претежно меридијански правец од север кон југ преку шарските врвови Радеш (2411 м.), Чубричево (2410 м.), Црн Камен (2302 м.), Расенгул (2358 м.), Лера (2197 м.), Морава (2150 м.) и Кожа (1710 м.) со вкупна должина од 86 км[3]. Југозападната граница чија должина изнесува 33 км, започнува од врвот Кожа и минува преку гребенот Влаиница со врвот Кула (1310 м.), врвот Дијановец (1290 м.) од каде оди по врвовите на планината Буковиќ - Среткоска Краста (1674 м.), Колари (142 м.) и завршува на врвот Добра Вода (2062 м.) од каде пак започнува југоисточната граница во должина од 60 км со протегање по сртот на Сува Гора со врвовите Лимоња (1843 м.), Кодра Таурли (1852 м.), Крива Осојница (1682 м.), Буша (960 м.) од каде се спушта на дното на групчинскиот преслап од каде повторно се искачува на планината Жеден со врвовите Грамада (1111 м.), Кодрашајнца (1150 м.), Мал (1225 м.) и Голем Жеден (1260 м.) завршувајќи во Дервенската Клисура на Вардар[3]. Најкратка е североисточната граница која се протега во должина од 18 км од врвот Голем Камен (771 м.) во Дервенската Клисура преку Осој (1029 м.) и Бел Камен (1520 м.) завршувајќи на врвот Љуботен[3]. Македонскиот револуционер Ѓорче Петров го дава следниот опис на границите и полето: од запад првиот дел на Шар Планина по целото продоложение од с.Вратница на север до с.Здуње, од југ, го ограничуваат подгорјата на Влаиница и Буковиќ, од исток како карпа го заградуваат Сува Гора и Жеден со врвот Групчин меѓу нив, а во неговиот северен крај се издигнува врвот Љуботен[2]. Во тие граници тоа претставува еден издолжен четириаголник со должина во правец од север кон југ од 10 -10 ½ часа, а широчина од запад кон исток ½ - 2 часа[2]. Источната граница му претставува значително права линија, а западната или шарската карпа во средината е малку поиздадена, затоа што Враца и Лисец Планина се издаваат малку нанапред[2].

Поделба

уреди

Главна, најпозната и вообичаена поделба на просторот во Полошката Котлина, воспоставена од самото население е на Горни Полог (околу 718 км2 или 45%) и Долни Полог (околу 855 км2 или 55%)[3]. Ваквата народна поделба е воспоставена на основа на течението на Вардар[1], а покрај географските одлики таа претставува и поделба на етнолошките и етнографските одлики на населението во две засебни групи со свои говор, носии, обичаи и одлики. Границата помеѓу Горни и Долни Полог ја сочинува долината на Боговињска Река која е лева притока на Вардар или поточно линија во правец југоисток - северозапад која се протега по границите на атарите на соседните села Стенче и Теново на подножјето на Сува Гора, Радиовце и Пирок во котлинската рамнина и Ново Село и Ѓурѓевиште на Шар Планина[3]. Средиште на Горни Полог е Гостивар, а средиште на Долни Полог е Тетово. Оваа поделба на Полог на горен и долен дел е многу стара и во пишаните историски извори се споменува уште во XI век[3]. На основа на етнографските црти, истражувачот Јован Трифуноски предлага и посебна целина наречена Среден Полог со селата Челопек, Милетино, Блаце, Теново и Радиовце[3]. Покрај оваа главна поделба на Горни и Долни Полог, котлината се дели и на помали предели. Местото и селата крај Шар Планина се нарекуваат Подгорје или Полог, а местата и селата по Вардар – Вардарија, додека во другите делови на полето делумните имиња се даваат според имињата на селата во него[2]. Долни Полог се дели на: Подгор кој го зафаќа закосениот ридски предел поплавуан од шарските реки во подножјето на Шар Планина од Тетово на југозапад до Вратница на североисток со главно средиште во селото Теарце, потоа Вардарија или Поселје (како што се именува во Вратница) е најнискиот дел на областа кој се простира околу Вардар и подножнјето на Жеден почнувајќи на југозапад кај селото Палатица завршувајќи на североисток кај Јегуновце со средиште во селата Сиричино и Раотинце, додека некогаш средиште било Подбреѓе и конечно со името Дервен се нарекува клисурата од Јегуновце до Радуша[3].

 
Поглед на Полошката Котлина од Шара

Полошката котлина претставува изразита пределна целина, позната меѓу народот, особено во оддалечените краишта, под името Полог[3]. Полог е име од македонско односно словенско јазично потекло[3]. Најстарото споменување на Полог под денешното име во пишаните извори потекнува од првата половина на XI век и се наоѓа во повелба на византискиот цар Роман III Аргир (1028-1034) издадена на познатиот Виргински манастир Свети Ѓорѓи Горг Скоропостижник кој се наоѓал во Скопје[3]. Околу значењето и настанокот на самото име на областа постојат повеќе различни претпоставки и несогласувања во науката[3]. Во денешниот современ македонски јазик зборот односно именката полог означува - јајце оставено на седело, за да несе кокошката; седело или гнездо; дел од ракатки жито при жнеење што се собираат во сноп; а постои и глаголот положи со значење да се постави, спушти нешто во налегната положба, да се спушти, да се налегне и да се помине испит. Повикувајќи се на еден византиски патопис напишан од Г.Пахимериус во XIII век, рускиот славист и истражувач Афанасиј Селишчев во 1929 година, го прифатил толкувањето дека името Полог на месниот јазик и говор означува божја шума или божји лог/лаг[3], најверојатно од бог(жи) лог. Според толкувањето на Ст. Романски изнесено во 1932 година, областа го добила името Полог по спуштеното земјиште кое е опкружено со планини[3]. Ова толкување соодветствува на значењето на именката и глаголот полог/жи во македонскиот јазик и на изгледот на теренот. Трето мислење и претпоставка за името на Полог е изнесена во 1933 година од Р. Груиќ, според кого областа го добила името од двата зборови под и лог, спрема изговорот на тогашните жители, затоа што најголемиот дел од областа била под лог[3] (лаг), што означува мала шумичка или рамнина покрај река, што пак соодветствува на теренските прилики по течението на Вардар низ котлината. Четвртото мислење и претпоставка ја дал П. Скок во 1936 година, слично со толкувањето на Ст. Романски, наведувајќи дека името на областа Полог која се спушта од Шар Планина кон Вардар скоро во целото горно течение на оваа река, е стар словенски топоним кој сосема одговара на овој положит, полежит (налегнат) терен[3]. Толкувањата на Романски и Скок, засновани на изгледот на местоположбата и условите на теренот, највеќе успеваат да ја решат загатката околу името на Полог[3], со оглед на тоа дека и на други места во Македонија постојат вакви топоними. Имено, во Тиквешкиот говор под изрзот полог се подразбира гнездесто, овално проширување во долина или клисура, поради што во Тиквешијата постоело селото Полошко со познатиот Полошки Манастир, кое што се наоѓа во овално проширување на клисурата на Црна Река[3], кое што денес е потопено во водите на вештачкото Тиквешко Езеро. На источниот раб на Пелагонија на самиот крај на Битолското поле, северно од Скочивир исто така на Црна Река постои селото Полог[3]. Имињата на селата Горни и Долни Подлог во рамнината на Кочанското Поле крај Брегалница, па може да ја потврдуваат третата претпоставка дадена од Р.Груиќ заснована на зборовите под и лог за рамнина крај река или мала шумичка. Имиња на села Полог постојат и во ридско-планински предели со мали котлини и превои во Хрватска и во Херцеговина[3]. Врз основа на сите познати толкувања, името на областа Полог има географско-морфолошко значење и означува релативно стеснета и долга депресија која лежи длабоко под и помеѓу околните високи планински грбени[3]. Името Полог е прифатено и се користи и од денес мнозинското албанско население со албанизирана форма на изговор Pollogu и Pologut, што укажува на тоа дека тие како подоцнежни доселеници во овој крај го прифатиле неговото име од староседелците Македонци. Сепак името Полог во поддалечното минатото се однесувало на само еден дел од котлината во Тетовско, а не било насекаде раширено особено меѓу Албанците и Турците[3]. Покрај името Полог во употреба за именување областа се и имињата Тетовско и Гостиварско, според двата големи градови, а во пишаната литература се среќаваат и изразите Тетовска Котлина, Тетовско Поле или Тетовско-гостиварско Поле (Ѓ.Петров), Тетовска област и Полошка Котлина[3].

Население

уреди
 
Етнички заедници во Статистичкиот регион Полог по општини

Етничкиот состав на населението во статистичкиот регион Полог (2002) е следниот:

  • Македонци — 57.079 жители (18,5 %)
  • Албанци — 222.679 жители (73,2 %)
  • Турци — 16.386 жители (5,3 %)
  • Роми — 4.194 жители (1,3 %)
  • други — 3.187 жители (1,0 %)

Статистичкиот регион Полог е еден од 8-те Статистички региони во Република Македонија, и има површина од 2417 км2 и население 304.125 жители (2002). Вклучува 9 општини: Боговиње, Брвеница, Врапчиште, Гостивар чиј западен дел е надвор од границите на Полог, Желино, Јегуновце, Маврово и Ростуше која се наоѓа целосно надвор од природно-географските граници на Полог, Теарце и Тетово.

Историска демографија на Полог

уреди

Во турските пописни дефтери од 1467/68 година, целата денешна област Полог припаѓала на нахијата Калканделен (Nahiye-I Kalkandelen) со центар во градот Калканделен (денешно Тетово). Во рамките на таа нахија биле запишани вкупно 135 населени места.

Османлиското Царство во своите реализирани пописи ги запишувала само главите на семејствата, како и вдовици и неженети. Населението единствено било поделено само на христијани и муслимани.

Во продолжение следува преглед на бројот на население во нахија Калканделен од 1467/68 година:[4]

Населено место Христијански
семејства
Муслимански
семејства
Неженети Вдовици Вкупно
1. Калканделен (Тетово) 180 41 16 43 280
2. Лешок (Л’шке) 200 11 22 233
3. Варвара (Варде) 18 1 19
4. Собри 64 3 6 73
5. Подбреге (Подбриг) 600 5 6 71
6. Гостивар (Коствар) 44 3 7 54
7. Требош (Трабош) 33 2 3 38
8. Вешала (В’шловиќ) 70 4 74
9. Барбоше (Барпше) 37 2 2 41
10. Палатица (Полатица) 22 2 3 27
11. Србиново (Србиновци) 9 1 10
12. Жеровјане (Зирновјани) 30 2 3 85
13. Стенче (Штенче) 80 2 1 55
14. Седларево (С’длар) 14 4 18
15. Једоарце (Јадварчи) 25 2 2 29
16. Новаке (Новаковчи) 11 1 12
17. Бистрица (Бстрча) 3 3
18. Моровиште 60 2 3 65
19. Стримница (Истромшнчи) 35 2 4 41
20. Желино (Жилно) 60 3 2 65
21. Гајре (Каре) 17 1 3 21
22. Мало Турчане (Мали Турчани) 34 2 1 37
23. Здуње (Издуње) 20 1 1 22
24. Заград (Зградне) 19 1 1 21
25. Боговиње (Боговина) 42 2 1 45
26. Долна Бањица 34 2 2 38
27. Сараќино (Саракинчи) 13 1 14
28. Форино (Хорина) 38 2 4 44
29. Корито 37 2 39
30. Чајле (Чајли) 13 1 14
31. Рајчанци (Рајјнче) 1 1
32. Седларци 37 2 4 43
33. Мало Једварце (Мало Јаврднч) 10 1 11
34. Палчишта 22 2 3 60
35. Горна Лешница (Корна Лшнича) 75 5 80
36. Копанце (Копаница) 99 6 7 112
37. Раотинце (Раотнч) 25 2 27
38. Равен (Равене) 32 2 2 36
39. Орќуше (Орчуша) 14 2 16
40. Сушица 12 1 13
41. Сиричино (Ширичина) 19 1 20
42. Туденце (Тувиденци) 5 5
43. Мало Врбиче 10 1 1 12
44 Отушиште (Отушишта) 12 1 13
45. Горно Палчиште (Корна Палчште) 57 2 2 61
46. Јелошник (Јелашник) 30 1 2 33
47. Нераште 29 1 2 32
48. Беловиште 19 1 20
49. Старо Село 13 1 14
50. Чегране (Чеграни) 15 1 1 17
51. Ново Село (Нова Силе) 6 1 7
52. Балин Дол 26 2 28
53. Куново (Киова) 12 1 13
54. Ново Село 2 (Нова Силе) 10 1 11
55. Калиште (Калушта) 25 2 27
56. Дворце 23 1 1 25
57. Черковјани 13 1 14
58. Леуново (Лунва) 85 4 1 90
59. Никифорово (Никфорва) 19 1 20
60. Челопек 121 17 9 147
61. Мел (Мил) 50 2 52
62. Седларце 26 2 28
63. Речани 80 2 3 85
64. Печково (Пчква) 35 2 37
65. Крпање 25 2 27
66. Ѓурѓевиште 58 3 5 66
67. Селце (Слч) 25 25
68. Сенокос 13 2 15
69. Џепчиште (Жапчшта) 60 2 6 68
70. Вруток 42 2 4 48
71. Селце 2 33 1 34
72. Слатино (Ислатина) 64 4 4 72
73. Пискупија (Бскупија) 4 1 5
74. Блаце 23 1 3 27
75. Волковија (Влковија) 35 5 4 4 48
76. Смрдешница (Исмрдашнча) 34 2 2 38
77. Теново 146 5 9 12 172
78. Вратница 66 4 4 74
79. Тревјани (Тирвјани) 10 3 13
80. Радуша 1 1
81. Дрмник (Дрмнк) 12 3 1 3 19
82. Долно Лисиче (Лисец) 35 3 4 42
83. Јеловце (Јеловдол) 50 4 5 59
84. Лисиче 17 1 1 19
85. Горно Кошенци (Корна Кошнч) 20 1 1 22
86. Порој 110 5 7 122
87. Доброгоше 90 5 6 101
88. Милетино 145 7 6 158
89. Понориште (Бноршта) 105 7 7 119
90. Синичане 52 2 54
91. Горно Фалише (Корна Ихвалиште) 28 1 1 30
92. Брезно (Брзно) 9 1 10
93. Неготино 90 5 7 102
94. Доброште (Д’брште) 160 10 21 191
95. Речица 31 2 4 37
96. Маврово (Мавриани) 20 2 22
97. Фалише (Ихвалишта) 30 1 2 33
98. Јанчиште 39 2 41
99. Горно Турчане (Корна Турчан) 80 2 5 87
100. Добри Дол (Добро Дол) 68 3 2 73
101. Вејце (Вич) 70 2 5 77
102. Поточани 35 3 5 43
103. Отуње (Хотуле) 20 1 2 23
104. Горна Бањица 37 2 7 46
105. Озормиште (Зормиште) 20 2 3 25
106. Расохача (Расокач) 9 1 10
107. Пршовце 16 1 3 20
108. Рогачево 59 4 63
109. Загановци (Згновчи) 13 1 14
110. Јажинце (Јазнч) 26 2 28
111. Чипријани (Чприани) 20 1 1 22
112. Сетоле (С’толе) 19 1 20
113. Лавце (Лахце) 9 1 10
114. Топлица 28 1 6 35
115. Одри 71 5 8 84
116. Жилче 24 24
117. Речица 100 5 23 128
118. Прељубиште (Прелобуште) 60 2 6 68
119. Брвеница 100 3 3 106
120. Стајковци (Истајкофче) 11 11
121. Раковец (Раковци) 15 1 16
122. Лешница 18 1 19
123. Радиовце 20 3 23
124. Врбница 35 2 7 44
125. Горјане (Корнани) 20 2 22
126. Урвич 100 4 9 113
127. Шемшево 45 3 7 55
128. Камењане 55 3 5 63
129. Злокуќане (Излокуќни) 18 1 1 20
130. Селце 14 1 15
131. Врапчиште 240 17 2 259
132. Тумчевиште 141 6 4 151
133. Галате (Клатец) 55 3 58
134. Пожаране (Бозрани) 40 2 42
135. Пршовце (Брошфчи) 45 2 47
ВКУПНО 5.882 54 335 405 6.676

Земјоделство и стопанство

уреди
 
Плодородните полиња со обработени ниви во Полог

Покрај Пелагонија и Струмичкото Поле, Полог претставува еден од земјоделски најразвиените региони во Македонија. Котлината е најпозната по гравот односно прочуениот тетовски грав или тетоец кој најмногу се одгледува во Долни Полог. Од житните култури најзастапени се пченката и пченицата. Од градинарските култури застапени се и зелката, кромидот (особено во Горни Полог), пиперките, патлиџаните (доматите) итн. Голем дел од обработливите површини во Полог се под градинарски култури, овоштарници и жита[1]. Почвата на полето се состои од црница со слаби примеси од глина, којашто ѝ дава сиво-бела боја. Песочните наноси од притоките, помешани во неа, ја прават наносна. Со таков состав таа самата по себе не е толку многу плодна. При сето тоа Тетовското Поле се смета за едно од најблагодатните места, за што главните причини се изобилството од вода и доброто обработување. Тетовското Поле е наменето да дава храна на населението во сите полски и планински села и затоа е разделено на ситни парчиња, коишто трудољубивото тетовско население многу грижливо ги обработува. Благодарение на тие две околности Тетовското Поле дава доста добар род. Пченица дава најмногу десет товари од едно, пченка и ‘рж 15 од 1, а јачмен има места коишто во добри години дале и 60. Сразмерно со плодноста, густината на населението и големината на пространството коешто се обработува се движи и вредноста на земјата. Тоа е земјоделски закон којшто е во сила и во Тетовско: тука земјиштето (дјулјум) се продава 5-20 лири, доста скапо споредено со околните места. Чифлизите не можат да виреат при тавка густа населеност, каква што има Тетовското Поле. Полето дава доста убаво жито: пченица, ‘рж, јачмен, овес и др.

Историја

уреди

Камено време

уреди

Според најновите податоци добиени преку археолошките ископувања на неолиските наоѓалишта Тумба кај с.Долно Палчиште (1987/88) и Под село тумба кај с. Стенче (2000.), најстарите траги на живот во Полошката Котлина (тетовскиот и гостварскиот крај) датирааат од пред 8000 години или поточно од 6100-тата година ст.е. Од овие наоѓалишта потекнуваат голем број ископани фаргменти, но и целосно сочувани парчиња на грнчарија, но и жртвеници и статуетки посветени на женскиот култ. На подрачјето на Тетовско, пронајдени се и многу значајни претстави на карпестата уметност како уметнички композиции поврзани со обредните ритуали.[5].

Овој крај низ целиот неолит бил населен со носителите на културната група Анзабегово-Вршник, која била застапена и во скопскиот регион и Источна Македонија. Во раниот неолит, сепак, овој крај бил под силно влијание и на неолитскта култура Велушина-Породин од Пелагонија јужно оттука, што се гледа и преку формата на најстариот сочуван жртвеник типот ‘Големата-Мајка’ (lat. Magna Mater) пронајдена на овие простори, а откриен близу Стенче. Доцниот неолит се одликува со влијание на Винчанската култура од север.[5]

Метално време

уреди

Кон крајот на 4. милениум ст.е., започнуваат првите продори на новите доселеници, степски народи од Средна Азија- Индоевропејците, кои уништувајќи и асимилирајќи ја старата неолитска култура создаваат нов енеолитски културен комплекс на Балканот, наречен Салкуца-Бубањ-Криводол. Траги од ова ново население најдени се и во Полог (во Палчиште, Желино итн.). Оваа состојба се стабилизира во средното бронзено време кога се појавуваат првите зачетоци на балканските праетнички, а подоцна и етнички заедници. Во овој период започнува и силен продор на материјалните обележја од југ од развиената Микенска култура, што се гледа и преку еден параден луkсузен бронзен меч пронајден во Тетово, увезен токму од тие микенски центри. Иако и наредните епохи ќе бида во знак на масовни миграции, сепак Железното Време се одликува со стабилизација, што довело до развој на трговијата. Од овој период датираат и керамичките големи питоси за житарици, пронајдени близу с.Ларце.

Во овој период, според записите на Страбон кои се однесуваат на ковницата во Дамастион, а особено според зачуваните ономастички траги од подоцнежните времиња, се гледа дека Полог бил населен од Бригите (Briges, Brigoi). Бригите биле составен дел на подоцнежните етнички заедници на Пајонците, античките Македонци, Дасаретите, Едоните и Мигдонците. Дури и Пајонците, иако биле стара бронзеновременска популација, на овој дел од Балканот, имале неоспорни врски со Бригите. Пајонската и античко-македонската лингвистика и ономастика покажуваат голем број глоси и имиња со бригиски корен, што упатува на фактот дека Бригите биле substratum или база во пајонското и античко-македонското етничко формирање.[5]

Рана антика

уреди

Од досега откриените археолошки пронајдоци се дознава дека Полог бил населен уште во античко време[6]. Во 1932 год. блиску местото наречено Балезова Чешма, е пронајдена статуа од бронза од периодот на Агријаните, IV век п.н.е., и претставува вреден археолошки пронајдок, најден во Тетовската околија. Статуата е со димензии 9 cm, долга и 4 cm широка, и се наоѓа во Музејот на Македонија во Скопје. Влијанијата на грчките занаетчиски центри врз овој дел на Балканот, всушност ќе доведат до дополнителна промена на културата и начинот на живот на овдешните популации. Токму тие промени го најавуваат новиот, архајски период и преминот од епохата на праисторијата во епохата на историјата и антиката. На археолошки план овие трансформации се видливи преку новите материјални (нови типови керамика, накит и други занаетчиски производи), и духовни (нов начин на погребување: кремирање наместо инхумација, прифаќање на култовите на грчките божества) и други обележја, кои отпрвин биле прифаќани како престиж од најелитните општествени слоеви, а потоа и од останатото население, што најдобро се гледа од т.н. кнежевски гробници, од кои најпозната е онаа од Тетово, во која е пронајдена и познатата статуетка на Менада.

Во минатото постоеле различни теории за тоа кое античко племе го населувало овој крај. Сепак според најновите сознанија, целиот простор на Јужна Србија, Источно Косово и Северна Македонија, вклучително и Полог, во овој период, а сè до III век п.н.е. бил населен од најсеверното античко-македонско (пајонско) племе Агријани (Agrianes). Ова се гледа по континуитетот во археолошките хоризонти, развиениот керамички импорт од грчкиот југ, богатите кнежевски гробници и сл. Ова племе имало свои кралеви од кои најпознат е Лангар (Langaros) кои во 335 п.н.е. му помогнал на македонскиот крал Александар III, при неговиот поход против Трибалите на север. Агријаните него го следеле и при неговиот поход низ Азија кога се покажале како едни од најбезмилосните борци во многу клучни битки, по што станале особено познати во античкиот свет.

Поради економскaта и трговска развиеност и одредени градови ковале свои автономни монети. Таков бил случајот со градот Пелагија (Pelagia) кој низ целиот IV век п.н.е. кова свои сребрени монети во ковницата во Дамастион. Градот Пелагија се смета дека се наоѓал близу денешно Тетово, и е всушност, во урбанистичка смисла негов антички предок, од чиј назив подоцна е изведено и денешното словенско име на целата котлина Полог (Пелагија-Полог, како во случај и со Скупи-Скопје, Астибо-Штип, Тесалоника-Солун итн).

Кон крајот на IV век п.н.е. ослабента агријанска држава потпаднала под власт на кралот Авдолеон од Пајонија, а веќе до средината на III век п.н.е., сите нивни територии биле заземени од Дарданците од север (на југ сосе Северна Македонија и Полог), што се гледа и преку дисконтинуитет во археолошките хоризонти од тој период. Овие погранични краеви низ целиот нареден период ќе биде користен како логистичка позадина, од каде Дарданија организирала јаки пљачкосувачки походи на југ кон богатото кралство Македонија, дури и откако тие територии ќе потпаднат во склоп на Римското Царство во 168 п.н.е.[5]

Римски период

уреди

Дури во 29. ст.е. и Полог, задно со останатите делови на Дарданија, па на север сè до Дунав, ќе подапнат под римска управа, по што ќе започне ера на стабилизација, мирен живот, трговија и напредок. Според записите на Тит Ливиј во Полог во античко време имало 11 гратчиња[6] Од II-III век н.е. датираат неколку камени плочи- стели, на кои епитафот е напишан со грчко писмо што говори дека овој регион бил во склоп на грчката јазична сфера, за разлика од Косово и скопкскиот регион кои биле дел од латинската јазична сфера. Ова значи дека во Раноцарскиот период (I-III век н.е.) Полог бил дел од римската провинција Македонија, а во доцната атника (III-VI век н.е.), по реформите на Диоклевцијан дел од провинцијата Македонија Втора (Macedonia Secunda). Пронајдените стели содржат и богат ономастички материјал и лични имиња кои се доминатно автохтони и од кои се гледа дека романизацијата на овиепериферни краеви, надвор од главните патишта, не зела голем замав.

Поучена од големите варварски продори (Келти, Остроготи, Хуни) кои сè почесто се случувале од III век, а траеле и низ наредните векови, римските цареви почнале во доцниот IV век да градат укрепени градови и тврдини на доминантни ридови. Од тој период датираат и бројните каструми (castrum), кастели (castellum) и збегови (refugium) за населението во тетовскиот крај од кои најзначајни се оние близу денешните села Рогле, Орашје, Лешок, Стенче, Јегуновце, Градец и наоѓалиштето Исар-Бањиче крај Тетово.

Иако христијанството во Македонија доаѓа со Св.Апостол Павле во 50-тите години од I век н.е., сепак дури по легализацијата на Константин во 313. н.е. тоа можело помасовно да продре до обичните луѓе, и да се отпочне со градење на ранохристијански цркви- базилики. До денес во Полог се регистрирани траги од 16 ранохристијански базилики, од кои 12 во Тетовско и 4 во Гостиварско, при што најдобро проучени се базиликата од Стенче од V век н.е. која е единствена во Македонија со 3 крстилници (баптистериуми), и онаа во Туденце која датира од втората пол. VI век. и е најстарата триконхална (трикорабна) црква воопшто во Република Македонија, а е ретка и во цела Јужна Европа.

Сепак, по силните аварско-словенски продори во доцниот VI век н.е. сите тврдини се напуштени но не во целост и срушени. Поголемиот дел од нив, два-три века подоцна, кога повторно е воведена стабилна државна организација, повторно ќе бидат обновени со истата намена, но овојпат тие ќе бидат населени од доминантното словенско население поставувајќи ги темелите за новите средновековни гратчиња.[5]

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 Андоновски, Томе (2009). Блаже Ристовски (уред.). Македонска енциклопедија. 2. Скопје: МАНУ. стр. 1177. ISBN 978-608-203-023-4 (1) Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 309–310. ISBN 978-608-245-113-8.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 3,17 3,18 3,19 3,20 3,21 3,22 Трифуноски, Ф. Јован (1976). Полог (антропогеографска проучавања) (српски). Српска академија наука и уметности. стр. 3–28.
  4. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Дарко Гавровски, "Тетовски древности. Полог од Праисторијата до VII век н.е., со посебен осврт на тетовскиот крај", Тетово, 2009.
  6. 6,0 6,1 Петрушевски, Илија (2009). Исчезнати селски населби и села со променети имиња во Полог (PDF). Скопје: Здружение „Лешок“. стр. 9. ISBN 978-9989-2507-3-6.