Долни Подлог

село во Општина Кочани

Долни Подлог — село во Општина Кочани, во областа Кочанско Поле, во околината на градот Кочани.

Долни Подлог

Поглед на Долни Подлог

Долни Подлог во рамките на Македонија
Долни Подлог
Местоположба на Долни Подлог во Македонија
Долни Подлог на карта

Карта

Координати 41°53′10″N 22°22′01″E / 41.88611° СГШ; 22.36694° ИГД / 41.88611; 22.36694
Регион  Источен
Општина  Кочани
Област Кочанско Поле
Население 327 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2307
Повик. бр. 033
Шифра на КО 13013
Надм. вис. 312 м
Слава Голема Богородица
Долни Подлог на општинската карта

Атарот на Долни Подлог во рамките на општината
Долни Подлог на Ризницата

Географија и местоположба

уреди

Селото се наоѓа во Кочанското Поле, во јужниот дел на Општина Кочани, недалеку од текот на реката Брегалница.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 312 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено 4,5 километри, а од патот Кочани-Штип 2,5 километри.[2]

До селото води асфалтен пат, кој се двои од експресниот пат Штип-Кочани (А3).

Долни Подлог е изразено полско село со многу плодна почва. Се наоѓа во непосредна близина на Горни Подлог и Мојанци. Мештаните во минатото водата за пиење ја добивале од дваесет бунари.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Оризни Ниви, Лаки, Чикмански Пат, Облешевски Пат, Средно Поле, Стари Оризи, Теранско Поле, Мојанско Поле, Желиница и Масалница.[3]

Селото има збиен тип, поделено на Горно, Долно и Виничко Маало. Виничка Маало е поново, создадено по 1912 година на патот за градот Виница.[3]

Историја

уреди

Горни и Долни Подлог некогаш биле едно село, но потоа Кочанска Река го издлабила коритото помеѓу нив и оттогаш тие се посебни села. Во поново време, реката повторно го променила своето корито и сега тече северно од овие села.[3]

По народната традиција, во Долни Подлог најпрвин живееле стари македонски родови. Меѓутоа, кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, во селото се населиле Турци. Поради тоа, Македонците морале да се иселат. Се говори за некој Македонец Ефрем, кој бил богат, а кого Турците го испекле со вршник. Синовите на Ефрем се иселиле во Кочани. Стар македонски род бил и Тодораќи, кои исто така поради зулумите се преселиле во Кочани.[3]

При ослободувањето од Турците, во селото имало 80 турски и 3 македонски домаќинства. Македонците биле од доселените чифлигари кон крајот на XIX век.[3]

Турците се повлекле со војската од селото во 1912 година. Подоцна, во него се вратиле само 8 турски домаќинства. Во 1915 година, тие заминале во Облешево и во Кочани. Побогати и попознати Турци биле Амед-бег, Риза-ефенди, Сафет-бег, Чолак Амет, Осман-афионци, Мелник-бег, Усеин-чауш и други. Мелник-бег и Усеин-чауш потекнувале од мухаџири доселени во 1878 година, кога во селото дошле 5 такви домаќинства.[3]

Во 1924 година, во селото биле население пет српски семејства (Трифун Максимовиќ, Миленко Николиќ, Марјан Молеровиќ, Десимир и Војо). Нив бугарските власти во 1941 година ги иселиле во Србија. По Втората светска војна, во селото се вратил само Марјан Молеровиќ со синовите.[3]

До 1960 година, во селото имало останато само една турска куќа, која се користела како штала. На земјата на иселените Турци се населиле македонски (околу 30 к.) и српски (5 к.) доселеници.[3]

До 1960-тите години, на влезот во селото од североисточна насока се наоѓала камена кула, која имала височина од 8 метри. Мештаните ја нарекувале Маркова Кула. Таа кула претходно имала три спрата (во 1960 година, два). Sидовите на кулата биле градени од камења залепени со малтер и на нив имало пушкарници. Ваков вид на кули има само во Кочани и во селото Уларци, како и во соседното село Горни Подлог. Кулата во Долни Подлог многу потсетува на познатите кратовски кули.[3]

Стопанство

уреди

Атарот на селото е мал и зафаќа простор од само 3,7 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 342,7 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделска функција.[2]

Во социјалистичкиот период, земјоделско-сточарската задруга „Моша Пијаде“ од селото Горни Подлог чувала крави во селото.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948310—    
1953394+27.1%
1961514+30.5%
1971513−0.2%
1981494−3.7%
ГодинаНас.±%
1991480−2.8%
1994477−0.6%
2002476−0.2%
2021327−31.3%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Долни Подлог живееле 182 жители, од кои 100 Турци, 70 Македонци и 12 Роми.[4]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Долни Подлог имало 80 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[6]

Селото е средно по големина и во 1961 година броело 514 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 477 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, селото имало 476 жители, од кои 475 Македонци и 1 останат.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 327 жители, од кои 315 Македонци, 2 останати и 10 лица без податоци.[8]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 182 80 310 394 514 513 494 480 477 476 327
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови

уреди

Долни Подлог е македонско православно село.[3]

Според истражувањата од 1960 година, родови во селото:

  • Македонски родови:
    • Родови од турско време: Јаќимови (3 к.), Костови (2 к.) и Мишкови (1 к.), ова се единствените три рода кои живеат во селото од турско време. Првите се доселени од Облешево, а подалечно потекло од Кратовско. Вторите се од селото Уларци. А третите од селото Нивичани.
    • Родови доселени по ослободувањето од Турците:
      • Доселеници од Кочанско Поле: Дедо-Савеви (5 к.), Дедо Данилови (3 к.), Данилови (3 к.) и Јаневи (2 к.), доселени се од селото Пантелеј, и таму се доселени однекаде; Митеви или Велкови (1 к.) и Доневи (1 к.), доселени се од селото Нивичани; Гуцови (2 к.), Ѓоргијови (2 к.) и Златкови (1 к.), доселени се од селото Бели; Димишковци (3 к.), доселени се од селото Облешево; Депови (3 к.), доселени се од селото Тркање Баба-Марини (1 к.), доселени се од селото Лешки.
      • Доселеници од други области: Шталкови (3 к.) и Јорданови (1 к.), доселени се од селото Шталковица кај Пробиштип; Арсови (4 к.), Димитриови (3 к.), Велкови (3 к.), Веселинови (2 к.), Цветкови (2 к.), Карафилоски (8 к.), Баба-Марини (3 к.) и Соколови (3 к.), доселени се од селото Небојани; Карови (2 к.) и Митреви (2 к.), доселени се од селото Полаки; Спасенини (1 к.) и Стојилкови (1 к.), доселени се од селото Цера кај Македонска Каменица; Серафимови (2 к.), доселени се од селото Чурилак на Осогово и Паланчани (2 к.), доселени се од селото Псача кај Крива Паланка.
      • Доселеници од Егејска Македонија: Азурови (2 к.), доселени се во 1948 година од селото Зрново кај Драма во Егејска Македонија.
  • Српски родови: Молеровиќи (3 к.), доселени се како колонисти од околината на Горни Милановац. Во 1941 година биле иселени во Србија, но се вратиле назад во 1946 година.
  • Ромски родови (Караци): Стојанкини (1 к.) и Саздови (1 к.), доселени се од селото Врбица во 1946 година. Брачни врски одржуваат со православните Роми од селото Мојанци.

Иселеништво

уреди

Имало иселување на македонското население во отоманскиот период (главно во Кочани), но и во Горни Подлог (Манчеви, 3 к.; Денкови, 2 к.) и во Прибачево (Василеви, 3 к.). Најголем дел на турското население го напуштило селото по завршувањето на отоманската власт, во периодот 1912-1915. Се иселиле 80 турски домаќинства, најмногу во Турција, а некои во Кочани и во Облешево.[3]

Во поново време е забележано намалување на бројот на жителите.

Општествени установи

уреди
  • Месна заедница

Самоуправа и политика

уреди

На крајот од XIX век, Долни Подлог било село во Кочанската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Кочани, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Кочани.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Кочани.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Облешево, во која покрај селото Долни Подлог се наоѓале селата Бања, Горни Подлог, Мојанци, Облешево, Спанчево, Тркање и Чифлик. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Долни Подлог, во која влегувале селата Горни Подлог, Долни Подлог, Мојанци и Тркање.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0865 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месна заедница.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 355 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 356 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква „Покров на Пресвета Богородица“
Цркви[16]
Џамии
  • Во минатото на сретсело постоела џамија. Била изградена во 1900 година.[3]

Редовни настани

уреди
Слави[3]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 103. Посетено на 20 октомври 2024.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина : сеоска насеља и становништво. Скопје: Универзитетска печатница. стр. 138-140. OCLC 16745284.
  4. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 226.
  5. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 132-133.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 20 октомври 2024.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 21 октомври 2024.
  16. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

уреди