Црна Река

река во Македонија

Црна Река — најголема десна притока на Вардар. Нејзината должина изнесува 207 км.

Црна Река
Карта
Местоположба
ЗемјаМакедонија
Физички особености
Извор 
 • местоЖелезнец
 • надм. вис.760 м
УстиеВардар
 • место
кај Стоби
 • координати
41°33′17″N 21°58′48″E / 41.55472° СГШ; 21.98000° ИГД / 41.55472; 21.98000
 • надм. вис.
129 м
Должина207 км
Особености на сливот
ТечениеВардарЕгејско Море
Притоки 
 • левиЖаба, Журешница, Блато, Крушевичка Река, Дуњска Река, Раечка Река
 • десниБоишка Река, Шемница, Драгор, Крадешка Река, Вир, Јелашка Река, Блаштица
Водни телаТиквешко Езеро

Течение

уреди
 
Поглед на изворот „Црна Дупка“ во близина на селото Железнец
 
Скица за земјиштето на Црна река и предлог за брана од 1927.

Извира од изворот Црна Дупка во близина на селото Железнец на надморска височина од 760 метри. Од изворот до селото Бучин, Црна Река тече низ Демирхисарско, а оттука до селото Скочивир низ најголемата котлина во земјата — Пелагонија. Низ Пелагонија таа има правец на течење север-југ, а од атарот на селото Брод прави лак и свртува кон исток и североисток. Од селото Скочивир таа влегува во Скочивирската Клисура, најдолга клисура во Македонија, долга 104 км, како и во највисоката област Мариово. Низ Мариово Црна Река има карактер на планинска река, бидејќи е брза, со тесно корито, со високи страни со изглед на кањон. Навлегувајќи во атарот на селото Галиште, Црна Река започнува да се заезерува во должина од 30 км, бидејќи пред излезот од клисурата е подигната брана висока 105 м. Така Црна Река го полни Тиквешкото Езеро. Водите од Црна Река се користат (главно) за наводнување на посевите и лозовите насади во општина Кавадарци и општина Неготино, а потоа и за добивање на електрична енергија. Од браната во близина на селото Возарци, па до утоката во Вардар кај античкото наоѓалиште Стоби, Црна Река има особини на рамничарска река.

Според деталните описи на македонскиот револуционер Ѓорче Петров во книгата Материјали по изучувањето на Македонија, Црна Река започнува да тече од планината Срт, при што таа настанува од 3 планински потоци: едниот од нив слегува од билото на Срт каде што тој се нарекува Лиска каде што изворот се наоѓа во една букова корија во месноста Господски Бачила и иако е на многу високо место во него има рипки – пастрмки, за кои селаните од околните села мислат дека се од Охридското Езеро со кое изворот имал подземно поврзување.[1]

Од селото Илино таа под името Илинска Река се спушта надолу по еден длабок дол.[1] Другиот поток ги собира водите од железничката клисура и се нарекува Железничка Река затоа што минува низ селото Железнец.[1] Третиот поток ги собира водите на долот меѓу Бигла и нејзиното подгорје и се нарекува Слоештичка Река, затоа што минува низ селото Слоештица.[1] Тие три потоци имаат малку вода затоа што изворите им се слаби и кај селото Железнец тие се соединуваат во една река која се нарекува Железничка. Кај селото Железнец до самата река има извор со темна, зацрнета вода.[1] Од тој извор надолу реката го добива називот Црна.[1]

Под селото Железнец реката излегува од планинското грло во Демир Хисар. При самата утока на грлото, од левата страна ја прима Делечката Река, којашто ги собира водите на Суво Поле и југозападните падини на Стрмол и Слива. Од нејзината утока надолу Црна тече во една тесна долина. Недалеку од селото Белче, Црна Река излегува во североисточниот крај на малото Слепчанско Поле. Тука Црна од десно го прима Смилевскиот Поток кој започнува од Црн Врв над селото Смилево и ги собира водите на Слепчанското Поле и на оној дел од источната падина на Бигла, која го заградува тоа поленце. Тука Црна е веќе голем планински поток, но сѐ уште не е полноводна река. Тој дел го сочинува нејзиното горно течение. Течението тука ѝ е силно, но не е бујно, затоа што чисто планинскиот дел на нејзината долина е мал, а од Железнец надолу долината ѝ е доста хоризонтална.

Малку подолу од утоката на таа рекичка, Црна влегува во клисурата којашто ја пресекува Крушевската Планина и води од Демир Хисар во Прилепското Поле. Таа е не многу кривулеста клисура со широко дно и средно стрмни земјени падини. Во Прилепското Поле таа завршува кај с.Бучин, според кое е позната и под името Бучинска Клисура. Во Прилепското Поле, Црна Река тече при самото оголено подножје на продолжението на Крушевската Планина преку клисурата. Самото нејзино корито е плитко. Кај селото Чепигово од нејзината лева страна се влева Блато Река. Кај селото Тополчани, Црна Река влегува во Битолското Поле и продолжува да тече во подножјето на јужниот крај на Селечка Планина. Штом се сретне со полите на таа планина, реката свртува кон југ и прави голем агол.

 
Поглед на Скочивирската Клисура, најдолгата клисура во Македонија

Црна Река го има карактерот на суводолиците, само што е во многу поголем размер. Зимно време таа е голема река, а лете таа речиси пресушува. Коритото е високо околу 1-2 човечки висини, а бреговите и се земјени и лесно се разронуваат. Преку целата зима таа е полна со вода, а во пролетно и есено време, кога се топат снеговите на околните планини или кога врне многу дожд, водата се прелева преку бреговите поплавувајќи го полето со вода на ½ час растојание од реката. Бидејќи бреговите во долните делови на полето се ниски и местата наоколу се рамни, крај Црна кон крајот на XIX век имало многу блата. Најголемото блато се наоѓало меѓу селата: Логоварди, Новаци, Рибарци и Оптичари. Тоа се простира од двете страни на реката и има 4 часа должина и ¾ - 1 ¼ час широчина. Зимно време при надоаѓањата на реката тоа се раширува до 2 часа.

Во Пелагонија ги прима своите три најголеми притоки: Шемница, Драгор и Сакулева Река. Кај с.Скочивир, Црна Река го напушта полето и влегува во Мариово. Пресекувајќи ја таа област во должина по една дива, кривулеста и длабока долина со каменесто дно и со стрмни шумовити падини, и низ една тесна клисура излегува во Тиквешкото Поле. Тука нејзините води слободно си течат по една широка долина, којашто е покриена со оризишта. Летно време, овде Црна едвај ги покрива нозете до колената на бродителот, а преку зимата таа е непрегазлива. Бидејќи нема мост, во тоа време ја минуваат со кораб. Црна Река се влева во Вардар под железничката станица Криволак. Зимно време Црна му придодава вода на Вардар исто онолку колку што тој донесува одгоре. Црна Река е најголемата притока на Вардар и четврта река по големина и значење во Македонија, после Вардар, Црн Дрим и Бистрица (Алијакмон).

Притоки

уреди

Црна Река има дваесет притоки подолги од 10 км и тоа: Боишка Река, Стара Река, Шемница, Драгор, Краешка Река, Вир, Лажечка Река, Јелашка Река, Коњарска Река, Трновчица, Градешка Река, Бутурица, Блаштица, Каменица, Жаба, Журешница, Блато, Крушеичка Река, Дуњска Река и Раец.

Водостопански одлики и можности

уреди

Црна Река располага со мошне значајна хидроенергетска моќ, особено во Скочивирската Клисура. Меѓутоа целокупната нејзина моќност не е потполно искористлива па затоа се прават планови за што поефикасно искористување. Во сливот на Црна Река се изградени 35 вештачки акумулација, меѓу кои поголеми се: Тиквешко Езеро, Стрежевско Езеро и Суводол, а другите се мали акумулации[2]. Водите на Црна Река се користат за наводнување, за производство на електрична енергија (ХЕЦ „Тиквеш“), за риболов и рибогојство, за спорт и рекреација и за други потреби[2].

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 214–217. ISBN 978-608-245-113-8.
  2. 2,0 2,1 Василески, Драган (2009). „Црна Река“. Во Блаже Ристовски (уред.). Македонска Енциклопедија. Скопје: МАНУ. стр. 1609.CS1-одржување: користи параметар editors (link)

Надворешни врски

уреди