Балин Дол
Балин Дол — село во Општина Гостивар, западна Македонија.
Балин Дол | |
Поглед на селото Балин Дол со Гостивар и Полог во позадината, рано наутро | |
Координати 41°47′26″N 20°56′17″E / 41.79056° СГШ; 20.93806° ИГДКоординати: 41°47′26″N 20°56′17″E / 41.79056° СГШ; 20.93806° ИГД | |
Општина | Гостивар |
Население | 2.059 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 07002 |
Надм. вис. | 560 м |
![]() |
Географија и местоположбаУреди
Населбата Балин Дол се наоѓа во источниот дел на Општина Гостивар, во непосредна близина на градот Гостивар, односно во неговата рурбална зона[2]. Поточно, селото Балин Дол се наоѓа на 2,5 километри источно од Гостивар во подножјето на планината Сува Гора[3]. Над него се издигнува стрмна планинска падина[3]. Од централното градско подрачје на градот Гостивар е оддалечено 2,7 километри[2], а преку градењето на голем број нови куќи преку реката Вардар кон ЖС „Гостивар“ на улицата Балиндолска, селото е веќе речиси поврзано односно споено со градот. Балин Дол е рамнинско село, расположено на надморска височина од 560 метри[2]. Атарот е мал и зафаќа простро од 4 км2, на кои обработливото земјиште зазема површина од 173,4 ха, на пасиштата отпаѓаат 12,3 ха, а на шумите 188,7 ха[2].
ИсторијаУреди
Според предание меѓу жителите, Балин Дол е старо село, кое еднаш било потполно разорено, а потоа на селиштето се собрале доселеници кои основале ново село[3] Најстарите записи за селото Балин Дол потекнуваат од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 508 од 1467 година за тогашниот Тетовски Вилает, кога во него живееле 11 македонски христијански семејства кои произведувале пченица, јачмен, 'рж, просо, бостан, лен, лозја и чувале свињи за што остварувале приход од 1637 акчиња[4]. Подоцна во XVI век, во 1545 година и во 1568 година во селото Балин Дол поединечно се запишани 9 христијански македонски семејства [4]. Обновеното село Балин Дол се наоѓало над денешната местоположба на местото сега наречено Старо Село, а населбата на тоа место, кон крајот на XVIII век ја основале православни македонски родови[3]. Први се доселиле предците на денешните родови Чулчевци и Баклевци, а со подоцнежните доселувања селото пораснало на околу 40 домови[3]. Во средината на XIX век, тука се доселиле и албански муслимански родови[3]. Кон крајот на XIX век, Балин Дол го посетил македонскиот револуционер Ѓорче Петров кој во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, дава детален опис на местоположбата и на една занимлива случка во селото. Според записите на Ѓорче Петров, селото Балин Дол е сместено на ½ час од Чајле и Гостивар во еден дол на Сува Гора, недалеку од Вардар[5]. Селото било чисто македонско, а и тука имало „градиште“[5], за што Јован Трифуноски смета дека е погрешен податок[3]. Самиот Ѓорче Петров запишал дека не знае дали е вистина, но ако тие „градишта“ се остатоци од поранешни градови, такви би требало да има навистина многу, но сепак, тоа е невозможно, притоа додавајќи дека најверојатно, со тој назив се нарекувале не местата каде што имало градови, туку остатоците од некогашните згради[5].
Занимлива глетка од нашиот бит ми се претстави во Балин Дол. Во селото отидовме со еден поп. Кога влеговме во крајот на селото здогледавме една група од 5-6 деца кои весело си играа. Штом нѐ здогледаа веднаш престанаа со веселата игра, ги намуртија веселите лица, писнаа да плачат и се разбегаа наваму-натаму. Смирувачките зборови на свештеникот наместо да ги успокојат уште повеќе ги исплашија. Се виде дека појавата на попот беше причината за таа вознемиреност. Се пренесов во детските години и од сопственото искуство си го објаснив тоа. За да немаат главоболки, мајките постојано ги заплашуваат децата со попот и Турчинот. Стравот, дека попот сече уши на децата, правел да трепериме и да се криеме во глувчешки дупки кога поп ни доаѓал дома. Тој страв го зголемуваат и самите свештеници кои ги потврдуваат зборовите на нашите мајки за да им угодат. Ете под влијанието на тој страв и децата во Балин Дол бегаат и се кријат од попот.[5] .
—Ѓорче Петров, Материјали по изучвањето на Македонија, Софија 1896
Потекло и значење на иметоУреди
Името на селото потекнува од именски форми од македонскиот јазик, односно од топонимската синтагама: Балинјь Дол кое е придавно образување од личното име Балин, Бало,-а кое доаѓа од имињата Балдовин, Братислав, Братољуб, Благомир, Благољуб и кое под овој облик -Балин е забележано во Македонија во записи од XIV, XV и XVI век, со додавка на апелативот дол (мала река)[6]. Под името Балин Дол селото е забележувано и во пишаните историски документи во XV и XIV век, а самото население нема некое посебно толкување или легенда за настанокот на името. Селото Балин Дол навистина се наоѓа во дол низ кој протекува мал поток од подножјето на Сува Гора.
СтопанствоУреди
Главна дејност на населението на с. Балин Дол била земјоделството, но исто така пред втората светска војна и по неа дел од населението главно Македонци се занимавале и со правење на црепнњи и од таа работа живееле. Со осамостојувањето на Македонија жителите на с. Балин Дол дел се занимаваат со трговија,а дел со занаетчиски работи. Врз основа на составот на атарот селото Балин Дол има поледелска функција[2], но поради неговата непосредна близина и поврзаност со градот Гостивар, најголемиот дел на населението своите приходи и издршка ги обезбедува од второстепени и третостепени стопански дејности како трговија, занаетчиство, услужни дејности - градежништво, превоз итн. Поради плодната почва од алувијалната рамнина наводнета од реката Вардар од земјоделството, најразвиено е градинарството и жителите најмногу одгледуваат кромид, патлиџани (домати), пиперки, лук, марула, сето во бавчи на отворено. Од житата на помали површини се одгледуваат пченица и пченка, додека од сточарството се одгледуваат кокошки за што има и живинарска фарма на самиот влез на селото и мал број на кози. Во селото работат и неколку продавници, угостителски обејкти како ресторани и чајџилници, автосервиси и перални и салони за мебел.
НаселениеУреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 2.501 жител и претставува голема населба,[2] со значителен пораст на населението, што се должи на поволната местоположба во непосредната близина на градот Гостивар, добрите услови за живот и добрата сообраќајна поврзаност.[2] Намалувањето на бројот на жители помеѓу двата последни пописи се должи на тоа што куќите населени со ромски семејства на самиот почеток на улицата Балиндолска кои се најблиску до градското подрачје, се префрлени и службено се водат како дел од градот Гостивар.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2.059 жители, од кои 319 Македонци, 1.651 Албанец, 13 Турци, 1 Влав, 2 Срби, 1 останат и 72 лица без податоци.[7]
На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[8]
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 916 |
1953 | 382 | 633 | 1 | — | — | 1 | — | 3 | — | 1.020 |
1961 | 417 | 738 | 4 | — | — | 1 | — | 10 | — | 1.170 |
1971 | 458 | 1.261 | 1 | — | — | 2 | — | 14 | — | 1.736 |
1981 | 658 | 2.276 | 42 | 120 | — | 5 | — | 63 | — | 3.164 |
1991 | 688 | 6 | 4 | 135 | — | 6 | — | 56 | — | 895 |
1994 | 361 | 2.213 | 2 | 275 | — | 8 | — | 3 | — | 2.862 |
2002 | 337 | 2.156 | — | — | — | 3 | 1 | 4 | — | 2.501 |
2021 | 319 | 1.651 | 13 | — | 1 | 2 | — | 1 | 72 | 2.059 |
РодовиУреди
Балин Дол е мешано село.
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото:
Македонски православни родови се:
- Доселеници: Чуљчевци (19 к.) по потекло се од селото Сретково на планината Буковиќ. Доселени се пред 160 години. Во Сретково, Чуљчевци биле староседелци. Од Сретково се иселиле пет браќа. Двајца во Гостивар, а останатите во Балин Дол (Јове, Крсте, на третиот не му го знаат името). Го знаат следното родословие: Јове (жив на 65 г. во 1947 година) Дуко-Јован-Јове, еден од браќата кои се доселиле. гранка на Чуљчевци постои во Гостивар, но тие таму преминале на ислам и се потурчиле; Бакљевци (14 к.) доселени се од селото Долно Јеловце на Шар Планина. Таму биле староседелци. Во Балин Дол се доселиле после претходниот род. Еден дел од овој род во Балин Дол преминал на ислам. Имаат иселеници во Романија (две семејства); Кљанковци (21 к.) доселени се од селото Стенче. Таму биле староседелци. Од Стенче се иселил Никола со своите пет синови (Петре, Богоја, Сандре, Арсе и Марко). Го знаат следното родословие: Серге (жив на 63 г. во 1947 година) Павле-Петре-Никола, кој се доселил. Имаат иселеници во Печково; Дабевци или Љумевци (4 к.) доселени се како католици од Љума во северна Албанија. Кога се доселиле овде преминале во православие. Кога се доселиле тука сè уште не биле доселени албанците. Го знаат следното родословие: Груне (жив на 55 г. во 1947 година) Стојан-Никола-Дабе, Дабе се доселил поради крвна одмазда; Јанкулоски (1 к.) гранка се од истоимениот род во селото Беловиште; Џаноски (1 к.) доселени се исто така од селото Беловиште, таму припаѓале на истоимениот род.
Родови на помуслиманети па поалбанчени Македонци се:
- Доселеници: Потуровци или Баклевци (2 к.) се делат на Ајдиновци и Емировци, а во исламска вера преминал нивниот предок Столе кој го добил муслиманското име Бејто[3]. Сѐ до втората половина на XX век, припадниците на овој род помагале во работите и одржувале блиски односи со своите православни роднини - Баклевци, а не се знае причината зошто преминале во ислам. Се знае следното родословие: Назиф (жив на 40 години во 1975)-Шефкија-Ајдин-Столе, односно Бејто[3].
Албански муслимански родови се:
- Доселеници: Цековци (8 к.) најстари доселеници кои по потекло се од областа Љума во северна Албанија од каде се доселиле пред околу 140 години. Го знаат следното родословие: Елмаз (жив на 45 г. во 1947 година) Даут-Тафо-Елмаз, еден од нивните доселеници. Имаат иселеници во Гостивар (две семејства); Оџалари (8 к.) по потекло се од некое место во северна Албанија, а пред доселувањето некое време живееле во Гостивар; Асковци (24 к.) по потекло до Хас во северна Албанија. П. Јовановиќ забележал дека се доселени од Дебарско; Гудовци (22 к.) се доселиле од с. Гуда во областа Љума во Албанија во средината на XIХ век, а останатите жители за припадниците на овој род велеле дека се „бектеши“ зашто пиеле алкохолни пијалаци, јаделе свинско месо, ретко ја посетувале џамијата и „не ја држеле цврсто“ муслиманската вера. П. Јовановиќ и за овој род забележал дека е доселен од Дебарско; Рамовци (2 к.) млади доселеници од северна Албанија, чии припдници важат како насилници и убијци, а како такви се истакнале и во Втората светска војна; Рекани (2 к.) неодамна доселени од пределот Горна Река; Адем (1 к.) се од Трново преку Беловиште[3].
Општествени установиУреди
Самоуправа и политикаУреди
Избирачко местоУреди
Во селото постојат избирачките места бр. 433, 434, 435 и 435/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште и приватен локал на лулзим азизи.[9]
На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 3.160 гласачи.[10]
Културни и природни знаменитостиУреди
Редовни настаниУреди
-->
ЛичностиУреди
- Родени во Балин Дол
- Паисиј Змејков — учесник во Балканските војни, носител на орден „За храброст“ IV степен[11]
- Серги Павлов Петро (1888-1913) — учесник во Балканските војни[12]
- Шазим Мехмети (р. 1958) — македонски поет, сликар и публицист
ИселеништвоУреди
Од селото Балин Дол во минатото имало иселеници во Гостивар, Печково и Романија[3], а во поново време иселеници има во Швајцарија, Германија, Шведска и други држави во Западна Европа.
НаводиУреди
- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Панов, Митко. Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 17. ISBN 9989-862-00-1.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 Ф. Трифуноски, Јован (1976). Полог (антропогеографска проучавања) (српски). Српска академија наука и уметности. стр. 177–179.
- ↑ 4,0 4,1 Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 98.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 309–310. ISBN 978-608-245-113-8.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 33. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 271.
- ↑ „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 564.