Виргински манастир

Виргински манастир („Св. Ѓорѓи Скоропостижник“) — поранешен манастир во Скопје, кој постоел во средниот век. Постојат повеќе теории за точната местоположба на манастирот, но широко прифатено е мислењето дека се простирал на Виргинскиот Рид (Виргино Брдо), каде што денес се сместени Султан-муратовата џамија и Саат-кулата.

Виргински манастир
Свети Ѓорѓи Скоропостижник
Карта
42°0′6″N 21°26′29″E / 42.00167° СГШ; 21.44139° ИГД / 42.00167; 21.44139 (Виргински манастир)
МестоОпштина Чаир, Скопје
ЗемјаМакедонија Македонија
Историја
ОснованаXI век
Основач(и)Роман III Аргир
Посветена наСвети Ѓорѓи
Архитектура
Урната1436

Манастирот бил еден од најбогатите и најугледни на поголем дел од Балканскиот Полуостров во тоа време.[1] Во него биле произведувани различни видови на производи, а вишокот бил продаван на панаѓурите коишто биле организирани во неговата околина. Така, на ливадата пред самиот манастир секоја година се одржувал панаѓур којшто имал голема улога во создавањето и развојот на Старата скопска чаршија, како и за целокупниот стопански и трговски развој во овој дел од градот.

Потекло на поимот

уреди

Главната манастирска црква „Св. Ѓорѓи Скоропостижник“ кај народот била позната и како „Горгос“, што во превод од грчки значи „брз“ или „итар“. Целиот комплекс е наречен е „Виргински манастир“, по името на ридот на којшто се наоѓал.[2]

Историја

уреди

Во врска со манастирот „Св. Ѓорѓи Скоропостижник“ не е познато многу, а основни доказни мкатеријали за постојните сознанија се Виргинската грамота на бугарскиот цар Константин Асен од 1277 г. и грамотата на српскиот цар Стефан Урош II Милутин од 1300 г. За основач на манастирот се смета византискиот цар Роман III Аргир во XI век. Во 1040 година, Петар Делјан со своите востаници го освоил Скопје и притоа ги одобрил сите привилегии коишто манастирот претходно ги имал. Врз основа на она што го пишува на зачуваните грамоти, на манастирот му се посветувало големо внимание и му биле дарувани големи поседи, а тој особено заживеал во периодот од 11. до XIII век.[2]

Според Виргинска грамота од 1277 г., императорот му дал одобрение на манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“ да организира годишен панаѓур на празникот „Воведение на Богородица“ на 21 ноември секоја година, со право да наплаќа одредени давачки заради негово издржување, како и неделен пазар најнапред во секој петок, а подоцна и во вторник. Ваквите настани биле организирани во периодот од 1028 до 1034 година, на простоот на манастирската ливада, која се наоѓала на надворешноста на тогашното скопско подградие Доленград, крај десниот брег на реката Серава, односно на местото на кое денес се наоѓа Бит-пазар.[1]

Познат е и податокот дека во рамките на манастирот биле произведувани различни видови на производи, како млеко, сирење и вино, а вишокот од нив бил продаван на панаѓурите. Во текот на XII век, градот започнал забрзано да се развива на просторот околу Доленград, а во тој период се дооформиле и градските заштитни бедеми, коишто се граничеле со манастирската ливада и просторот на којшто се тргувало. Манастирот прераснал и во значаен духовен центар, а периодот бил проследен и со изградба на нови црковни објекти. Манастирската целина постоела сè до потпаѓањето на градот под отоманска власт, а можна година за нејзино уривање се смета 1436 г., кога на местото била изградена Султан-муратовата џамија.[2]

Местоположба

уреди

Прифатено е мислењето дека манастирот бил сместен на просторот на ридот наречен „Виргин“, на којшто денес се наоѓаат Султан-муратовата џамија и Саат-кулата, иако некои истражувачи сметаат дека манастирската целина била расположена на други места, а тоа го поткрепуваат и со одредени доказни материјали.

Според мислењето на еден истражувач, манастирот бил сместен во горниот тек на реката Серава, на рид којшто се наоѓа во Топанско Поле. Познато е дека ридот и денес постои, а месноста го носела името „Три куќи“. Ваквото тврдење за местоположбата е поткрепено и со податокот дека на месноста наводно биле откриени конкретни остатоци од градби коишто се споменуваат и во некои историски документи. Друг истражувач сметал дека точната местоположба на манастирот бил ридот Гази Баба, во близина на некогашното турбе Алти Ајак, или пак просторот под ридот, каде што денес е сместена Иса-беговата џамија. Понатаму, постои и мислење на еден научник, поткрепено со тврдењата на мештаните, според кое, манастирот се наоѓал во близина на селото Бутел, каде што постоеле остатоци за коишто се тврдело дека се од манастир посветен на Свети Ѓорѓи. Сепак, за најзагадочна теза за точната местоположба на манастирот се смета онаа дека, всушност, станува збор за манастирот и црквата посветени на св. Ѓорѓи во селото Нагоричане. Ваквата теза е поткрепена со податокот дека низ тој крај тече друга река со името Серава, којашто се влева во реката Пчиња.

Покрај сите овие мислења, денес е широко прифатено мислењето дека манастирот се наоѓал на Виргинскиот ред. Како доказни материјали во прилог на ваквото тврдење се приложуваат податоците од неколку споредбени анализи засновани на стари документи. Освен тоа, на просторот под Саат-кулата се пронајдени остатоци од ѕид, за коишто извршените археолошки анализи укажуваат дека се од градба којашто потекнува токму од тој период. Се смета и дека долниот ѕидан дел од Саат-кулата е остаток од една од четирите кули во составот на бедемите кои го заштитувале манастирот.[2][3]

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Настанување на чаршијата во XI и XII век[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Виргинскиот Манастир св. Ѓорѓи сè уште мистерија, Македонска нација, 12 јануари 2011.
  3. Саат кула[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.