Раотинце

село во Општина Јегуновце

Раотинце (познато и како Ротинце) — село во Општина Јегуновце, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.

Раотинце
Ротинце

Поглед на селото од црквата „Св. Илија“

Раотинце во рамките на Македонија
Раотинце
Местоположба на Раотинце во Македонија
Раотинце на карта

Карта

Координати 42°3′40″N 21°8′36″E / 42.06111° СГШ; 21.14333° ИГД / 42.06111; 21.14333
Регион  Полошки
Општина  Јегуновце
Област Долен Полог
Население 482 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1215
Повик. бр. 044
Шифра на КО 28065
Надм. вис. 390 м
Слава Илинден
Раотинце на општинската карта

Атарот на Раотинце во рамките на општината
Раотинце на Ризницата

Потекло и значење на името

уреди
 
Куќи во селото

Името на селото првпат се сретнува во историските документи како Раотинци во XVI век (1568-69 г.). Името доаѓа од исчезнатото лично име Рахота, што е изведено од Рах(о) + ота и се поврзува со имињата Рахослав, Радослав и Радомир.[2]

Географија и местоположба

уреди

Раотинце се наоѓа во областа Долен Полог, сместено непосредно на десната страна на реката Вардар на територијата на Општина Јегуновце.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 390 метри. Од градот Тетово е оддалечено 25 километри.[3]

Низ селото поминува локален асфалтен пат, кој ги поврзува селата Јегуновце и Сиричино.

Раотинце е прво потпланинско село под Жеден, сместено на неговата северна страна. Западно покрај селото тече Вардар. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари.[4]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Прајца, Рудина, Раденица, Опулица, Воденица, Три Реки, Тресибаба, Заловче, Лука, Голема Ливада, Јурија, Арбино, Шија, Бараковце, Дубрава, Ребари, Широки Рид, Колчести Габер, Расој, Свињски Рид, Кастрена Фоја, Рид Бунар, Дол Бунар, Крешанско Ритче, Бачилиште, Коловозиште, Кашкалиште, Креша, Пеа Нива, Илин Гроб, Крешански Дол, Чаушица, Крвомоч, Блатиште, Крешанско Трло, Дубје, Јасење, Прекаче, Бајков Дол, Рамниште, Околу Присој, Рикаец, Свињак, Опаљ, Фојник и Златица.[4]

Селото има многу збиен тип, а куќите се поделени во две маала: Долно и Горно Маало, кое се нарекува и Чифлик-Маало.[4]

Поплави

уреди

Поради својата местоположба и нерегулираното корито на реката Вардар низ селото, Раотинце се соочува со чести поплави.[5]

Историја

уреди
 
Групна слика на раотинчани сред село во 1935 година

Раотинце е старо село. Во историските записи за првпат се споменува во 1461 или 1462 година од страна на Мехмед-бег, кој пријавил во Тетово дека поседува ливада, која се наоѓала во „Рахотинце“, која од едната страна граничела со реката Вардар, а од другата страна со патот кој води до селото Подбреѓе. Ливадата била голема 70 плугови.[4]

Втор пишан акт за Раотинце потекнува од 1470 година, кога извесен Кјебира Мухамед купува нива од Иван од Радотинце споменувајќи пат кој води од Раотинце до Удварце (денешно Дворце).[4]

Некогаш постоел и чифлиг во Раотинце, но нема записи кој бил сопственик и кога се распаднал.[4]

Во текот на Втората светска војна, селото се нашло на границата помеѓу бугарската и италијанската окупациска зона. Италијанските власти сакале да целиот Полог да припадне кон Албанија, но жителите на Раотинце спровеле низа акции и писмени протести до германската воена управа со желба да бидат дел од бугарската окупациска зона. Поради ова, селото станало дел од најсеверниот дел на Полог, кој влегувал во границата на Бугарија, каде што останал до 1944 година. Ова му го донело на селото именувањето „Мала Софија“.

Стопанство

уреди

Атарот на селото зафаќа простор од 15,8 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 1.181 хектар, на обработливото земјиште отпаѓаат 231 хектар, а на пасиштата само 10 хектари.[3]

Во основа, селото има полјоделско-шумарска функција. Во селото има услужни објекти.[3]

Во селото постојат неколку фирми меѓу кои најпозната е фирмата за производство на минерална вода „Ротико-Менада“.

Жителите на Раотинце се занимаваа претежно со одгледување на добиток и производство на млеко, додека најодгледувани земјоделски култури се: грав, пченка, пченица, компир, пипер, домати и други.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948887—    
1953984+10.9%
19611.008+2.4%
1971934−7.3%
1981866−7.3%
ГодинаНас.±%
1991740−14.5%
1994648−12.4%
2002565−12.8%
2021482−14.7%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Раотинце живееле 360 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Раотинце имало 464 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

Според Афанасиј Селишчев, во 1929 година Раотинце е центар на општина од четири села и има 82 куќи со 625 жители.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 650 Македонци.[9]

Од селото се иселил голем дел од населението и тоа преминало од големо во мало село. Така, во 1961 година селото имало 1.008 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 648 жители, од кои 635 биле Македонци и 9 Албанци.[3]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Раотинце живееле 565 жители, од кои 559 Македонци, 4 Албанци, 1 Србин и 1 останат.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 482 жители, од кои 443 Македонци, 11 Албанци и 28 лица без податоци.[11]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 360 464 887 984 1.008 934 866 740 648 565 482
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]

Родови

уреди

Раотинце е македонско село.[4]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Матичеи (8 к.), наречени така бидејќи биле матица на селото (најстари), имаат иселеници во Белград (едно семејство); Стари Попои (3 к.), од овој род потекнувале селските свештеници; Радичои или Брзакои (20 к.), имаат иселеници во Теарце, Скопје (две семејства) и во Белград (едно семејство); Коачои (5 к.), порано биле еден род со Радичои; Зорбои или Куцарои (7 к.), имаат иселеници во Романија (едно семејство), Русија (едно семејство) и во Америка (едно семејство); Дарговци (6 к.), имаат иселеници во Романија (едно семејство); Терзини (10 к.) имаат иселеници во Тетово (едно семејство).
  • Доселеници: Станчески (16 к.), доселени се од сега албанското село Чифлик. Имаат иселеници во Тетово (пет семејство), Белград (едно семејство) и во Романија; Лишчани или Младенои (24 к.), доселени се од сега албанското село Лисец на Шар Планина, го знаат следното родословие: Јоше (жив на 53 г. во 1947 година) Василко-Ристо-Петре-Младен, основачот на родот. Имаат иселеници во Подбреѓе, Тетово (шест семејства. Богоја, Здраве, Цветан, и др.) и во Скопје (три семејство); Дошлакои или Чакои (14 к.), доселени се од селото Ларце, сега албанско село, го знаат следното родословие: Магдин (жив на 60 г. во 1947 година) Џемо-Стојче-Милош-Нако, основачот на родот кој се доселил. Имаат иселеници во Тетово (две семејства) и во Скопје (едно семејство); Паункои (3 к.), доселени се од некое сега албанско село на Шар Планина, го знаат следното родословие: Стево (жив на 60 г. во 1947 година) Крсто-Јован-Паунко, кој се доселил; Мандрилои (3 к.), потекнуваат од домазет кој се доселил од селото Копаница, во Копаница биле староседелци. Имаат иселеници во Софија (едно семејство), Силистрa (едно семејство) и во Вршац (едно семејство).

Иселеништво

уреди

Покрај споменатите иселувања по родовите се знае и за следниве иселени родови: Серафимовци (1 к.), живеат во Јегуновце и Волчеи (7 к.), живеат во Џепчиште.[4]

Општествени установи

уреди

Самоуправа и политика

уреди

Во XIX век, Раотинце било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото претставува дел од Општина Јегуновце, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година со додавање на поранешната Општина Вратница. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така дел од Општина Јегуновце.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Теарце во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Шемшево, во која покрај селото Раотинце, се наоѓале и селата Жилче, Јанчиште, Јегуновце, Копанце, Озормиште, Подбреѓе, Прељубиште, Сиричино, Туденце и Шемшево. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната Општина Јанчиште, во која влегувале селата Јанчиште, Јегуновце, Копанце, Подбреѓе и Раотинце.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 2120 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната зедница.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 510 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 505 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[19]
  • Арбино — населба од доцноантичкото време.
Цркви[20][21]
Споменици
  • Споменик во чест на НОБ
Реки[22]
  • Бистрица — извира на Шар Планина, десна притока на Вардар

Редовни настани

уреди
Слави и настани
  • Илинден (2 август) — селска и црковна слава, на која се одржува и Гитаријада. Исто така, на Илинден се одигрува финалето на фудбалскиот турнир, кој се одржува од 2003 година.
  • Водици — фрлање на крстот, традиција која се верува дека е од турско време. Во минатото се фрлал железен крст, но откако еднаш бил изгубен, сега истиот се чува во црквата „Св. Илија“, а се фрла дрвен крст.
  • Светење на Масло — според кажувања на постарите лица, во Раотинце некогаш имало чума, која однела многу млади животи. Барајќи спас од болеста мештаните се обврзале пред Бог, еднаш годишно да организираат светење на масло, како и голема трпеза, на која ќе биде нагостен секој што ќе дојде.

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 139. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 255. Посетено на 13 февруари 2022.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 458–460.
  5. „ВАРДАР СЕ ИЗЛЕА ВО ПОЛОГ, ПОПЛАВЕНИ КУЌИ, ДВОРОВИ И НИВИ“. Сакам Да Кажам. 2018-03-05. Посетено на 2022-02-14.
  6. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 211.
  7. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp.122.
  8. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. – София, 1929, стр.23
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 13 февруари 2022.
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 13 февруари 2022.
  19. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 424. ISBN 9989-649-28-6.
  20. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  21. „црквите и манастирите во Тетовското Архиерејско Наместништво“. Архиерејско намесништво Тетово. Посетено на 2010-04-28.
  22. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 13. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Надворешни врски

уреди