Сенокос (Гостиварско)

село во Општина Врапчиште

Сенокос — село во Општина Врапчиште, во околината на градот Гостивар.

Сенокос

Поглед кон селото Сенокос

Сенокос во рамките на Македонија
Сенокос
Местоположба на Сенокос во Македонија
Сенокос на карта

Карта

Координати 41°52′43″N 20°53′03″E / 41.87861° СГШ; 20.88417° ИГД / 41.87861; 20.88417Координати: 41°52′43″N 20°53′03″E / 41.87861° СГШ; 20.88417° ИГД / 41.87861; 20.88417
Регион Горен Полог
Општина Општина Врапчиште
Население 1.351 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 07071
Надм. вис. 570 м
Сенокос на општинската карта

Атарот на Сенокос во рамките на општината
Сенокос на Ризницата

Географија и местоположба уреди

Селото Сенокос се наоѓа во северниот дел на Горен Полог во состав на Општина Врапчиште, до 2004 година во општина Неготино, недалеку од левата страна на автопатот Тетово - Гостивар[2]. Сенокос е потпланинско село кое се наоѓа лево од реката Маздрача, на нејзиното слегување од Шар Планина[3]. Всушност Сенокос е сместено во подножјето и допирот на источната падина на Шар Планина со котлинската рамнина на Полог. Околни села се Градец на североисток и Неготино на југозапад, со кое е речиси целосно урбанистички споено. Селото се наоѓа на 10 км оддалеченост од градот Гостивар. Сенокос е рамничарско на надморска височина од 570 метри[2]. Водата за пиење се добива од бунари и еден јаз спроведен од Маздрача. На планинската падина избива извор наречен Лигата. Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од 2,3 км2, на кои е застапено само обработливото земјиште кое зазема површина од 152 хектари[2]. Топографските називи за месностите во атарот се: Поточан, Котари, Прекаче, Сандарица, Грамаде, Забел, Вели Врв, Рупа, Беленица (кој жителите Албанци го нарекуваат Беленец). Селото нема потези и атар на Шар Планина. За едно место на атарот жителите на Сенокос воделе спор со седното село Горјане[3]. Според видот Сенокос е збиено село кое се дели на четири маала: Идризолар, Панцолар, Калиште и Цаколар[3]. Низ селото води афалтниот пат кон шарпланинските села Ѓурѓевиште, Горјане, а кој пак се разгранува на повеќе земјени шумски, колски и коњски патишта и патеки кон билото и пасиштата на Шар Планина.

Историја уреди

Сенокос е старо село кое првобитно било населено со православни Македонци[3]. Од крајот на XVIII век и овде започнале да се доселуваат муслимани со потекло од Албанија, поради што староседелците постепено се иселиле.

Вкупно 38 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]

Последните осум македонски семејства од Сенокос биле присилно иселени во Тетово на првиот ден од Велигден во 1942 година[3]. Тогаш над нив се извршувани убиства, насилства и терор од некои Албанци од Сенокос и соседните села, како и од балистичките окупатори. Иселените македонски семејства во 1942 година се викале: Миркови, Павлеви, Глигурови, Мојсови, Алексови, Матеви, Радеви[3]. Во нивните куќи кои се наоѓале во маалото Цаколар се населиле муслимански Албанци од околните села, кои ги присвоиле и нивните имоти[3]. Семејството Мојсови биле сопственици на селската воденица, а нивниот истакнат домаќин бил прв заклан од албанските напаѓачи во 1942 година поради што семејството морало да се исели во Тетово, а од неговата сопственост биле присвоени воденицата и целиот нивен имот. По завршувањето на Втората светска војна иселените македонски семејства во Тетово, не се вратиле назад во Сенокос од страв од повторни напади од локалните Албанци кои не ги отстапувале насилно приграбените имоти[3]. Во 1948 година во Сенокос сѐ уште постоеле црквата и гробиштата на иселените македонски родови, кои се наоѓале на едно возвишени лево над патот кој води кон соседното село Градец[3]. Поради негрижа тие брзо биле запуштени и целосно уништени. Во 1949 година, Албанците во Сенокос убиле еден македонски иселеник кој живеел во Тетово, а кој во тој момент дошол во своето старо село да ги обере сливите во својот непродаден овоштарник[3]. По ова убиство и чин на насилство Македонците воопшто не се вратиле и селото било етнички исчистено, населено со Албанци какво што е денес. Според носијата, говорот и обичаите Македонците од Сенокос припаѓале на горно-полошката суб-етничка група. Според пишаните податоци во 1900 година Сенокос имало 5 православни христијански и 70 муслимански куќи со вкупно 422 жители од кои 42 православни Македонци и 380 муслимани Албанци[3]. Недаелку од Сенокос во минатото постоело исчезнато село Поточани, кое било раселено уште во турско време, после што еден дел од атарот го присвоиле Албанците од Сенокос[3], за што сведочи називот Поточан во сегашниот сенокоски атар. Во 1999 година за време на големата бегалската криза која ја снајде Македонија, а која беше предизвикана поради Косовската војна, во непосредната близина на Сенокос бил подигнат голем бегалски камп во кој биле сместени бројни албански бегалци од Косово.

Потекло и значење на името уреди

Името на селото Сенокос е со македонско потекло и значење на место од кое се коси сено. Во Македонија постои уште едно село со исто име, Сенокос (Прилепско), а села со исти имиња се среќаваат и во повеќе други словенски земји како Бугарија, Србија итн. Меѓу албанските жители на Сенокос нема никакви приказни за името на селото. Во средновековните записи, документи и пописи, името сенокос официјално се употребувало за посебен вид и тип на земјиште-имот од кое се косело сено. Ова село најверојатно го добило името Сенокос поради бујните ливади кои се наоѓаат во непосредната близина на селото. Самата местоположба на селото чие земјиште во подножјето на Шар Планина е доста влажно од слевањето на многуте потоци и реката Маздрача, поради што околку него има ливади од кои се косело многу сено ја потврдува претпоставката за значењето и настанокот на името Сенокос како место на кое се коси сено.

Стопанство уреди

Според составот на атарот на кој е исклучиво застапено обработливото земјиште, Сенокос има полјоделска функција.[2]. Во него работат и неколку продавници, угостителски објекти како чајџилници, ресторани, разни услужни објекти[2] како приватна здравствена амбуланта, авто-сервиси и основно училиште до IX одделение.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948491—    
1953524+6.7%
1961613+17.0%
1971838+36.7%
19811.129+34.7%
ГодинаНас.±%
199142[5]−96.3%
19941.340+3090.5%
20021.634+21.9%
20211.351−17.3%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Сенокос живееле 422 жители, од кои 380 Албанци и 42 Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Сенокос имало 48 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

Според Афанасиј Селишчев, во 1929 година Сенокос е центар на општина од 7 села во Долнополошкиот срез и има 62 куќи со 315 жители, Македонци и Албанци.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 350 Албанци и 50 Македонци.[9]

Според пописот од 2002 година селото има 1.634 жители, од кои 2 Македонци, 1.602 Албанци, 2 Бошњаци и 28 останати.[10]. Селото Сенокос бележи постојан пораст на бројот на жителите кој во 1961 година изнесувал 613, а во 1994 двојно се зголемил на 1340 жители[2].

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.351 жител, од кои 1 Македонец, 1.288 Албанци и 62 лица без податоци.[11]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 422 48 491 524 613 838 1.129 42 1.340 1.634 1.351
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]

Родови уреди

Со иселувањето на последните македонски родови: Миркови, Павлеви, Глигурови, Мојсови, Алексови, Матеви, Радеви во 1942 година, денес во Сенокос живеат само албански родови со исламска вероиспвед. Идризолар дошле на крајот на XVIII век како помуслиманети Македонци од селото Рестелица во областа Гора во денешно Косово и постепено се поалбанчиле примајќи го јазикот[3]. Панцолар се доселиле од областа Чаја во северна Албанија. Калишт се доселиле од соседното село Калиште, каде пак дошле од областа Матија во северниот дел на Албанија[3]. Цаколар се по потекло од селото Ујмиште во областа Љума во северна Албанија, а тука се доселиле од соседното повисоко село Ѓурѓевиште[3]. Шаќири или Доче дошле по Првата светска војна од селото Добри Дол каде што се доселиле од селото Дочај во областа Мат во Албанија. Улолар дошле од соседното село Градец. Фератолар или Хасњан, од областа Мат во Албанија. Во 1942 година во куќите на иселените Македонци се населиле албанските родови: Ајрули и Лице двата рода дошле од Жеровјане, Имерица од Горјане, Куртали и Сулејмани двата рода од Добри Дол каде првите припаѓале на родот Али Синан, а вторите на Алили и двата со потекло од северна Албанија, Арифи од Калиште, Наке од Ѓурѓевиште со поддалечно потекло од северна Албанија и Алиу од Горјане каде пак се доселиле од северна Албанија во првата половина на XIX век[3].

Општествени установи уреди

Во селото Сенокос работи основно училиште[2] до VIII, односно IX одделениe.

Самоуправа и политика уреди

Културни и природни знаменитости уреди

Редовни настани уреди

Личности уреди

Иселеништво уреди

Споменато е дека во 1942 година од Сенокос присилно биле иселени последните македонски родови: Миркови, Павлеви, Глигурови, Мојсови, Алексови, Матеви, Радеви, кои заминале во Тетово. Од Албанците кои живеат во Сенокос има иселеници во Тетово, Гостивар и голем број во странство, претежно во западна Европа: Швајцарија, Австрија, Германија, но и во САД.

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Патрија. стр. 270.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 Ф. Трифуноски, Јован (1976). Полог (антропогеографска проучавања) (српски). Српска академија наука и уметности. стр. 278–280.
  4. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  5. Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да замат учество (го бојкотираа) во Пописот.
  6. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 212.
  7. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Paris, 1905, pp. 124-125.
  8. Селищев, Афанасий. Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии, София, 1929, стр. 24.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Министерство за локална самоуправа. База на општински урбанистички планови“. Архивирано од изворникот на 2008-09-15. Посетено на 2009-11-10.
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.

Надворешни врски уреди