Афанасиј Селишчев
Афанасиј Матвеевич Селишчев (руски: Афанасий Матвеевич Селищев; 23 јануари 1886 - 6 декември 1942) — истакнат руски јазичар, и славист, изучувач на дијалектологијата на словенските јазици, посетувајќи му значително внимание и на македонскиот јазик со неговите дијалекти. Бил дописен член на Бугарската и Руската академија на науките.[1]
Афанасиј Селишчев | |
---|---|
Афанасий Матвеевич Селищев | |
Фотопортрет на Селишчев | |
Роден(а) | 23 јануари 1886 Волово, Орловска губернија, Руска Империја |
Починал(а) | 6 декември 1942 Москва, РСФСР | (возр. 56)
Националност | Русин |
Алма матер | Казањски универзитет |
Занимање | јазичар, професор |
Работодавач | Иркутски универзитет (1918 – 1920) Казањски универзитет (1920 – 1921) Московски универзитет (1921 – 1931) Московски институт за филозофија, книжевност и историја Московски педагошки државен универзитет |
Животопис
уредиРоден е на 23 јануари 1886 г. во селото Волово, Орловска губернија. Во 1911 г. Дипломирал на Историско-филолошкиот факултет при Казањскиот универзитет.[1]
Предавал на Иркутскиот (1918 – 1920), Казањскиот (1920 – 1921) и Московскиот универзитет од 1921 г.[1] Од 1931 до 1933 г. работел во кратковечниот Научен јазичарски институт на Министерството за просвета во Москва, основан од противниците на маризмот. На почетокот на 1934 г. бил уапсен во хајката против славистите и испратен на робија. Во 1937 г. се вратил во Москва и станал професор на Московскиот институт за филозофија, книжевност и историја, како и на Московскиот педагошки државен универзитет.
Бил дописен член на Угрофинското друштво во Хелсинки (1926), на Академијата на науките на СССР (1929) и на Бугарската академија на науките (1930).[1]
Научен придонес
уредиСелишчев бил меѓу најголемите руски слависти на XX век и автор на трудови за историјата на рускиот јазик, споредбената граматика на словенските јазици, словенските говори во Албанија и говорите во Македонија. Пишувал и на темите балканистика, словенска палеографија и топонимика.
Автор е на големиот труд „Диалектологический очерк Сибири“ (1 изд., 1921), на социолингвистички трудови за промените во рускиот јазик по Октомвриската револуција како „Язык революционной эпохи“ (1928; трудот набргу станал полузабранет поради цитатите од Троцки, Каменев и други; преиздаден во 2003 г.) и „О языке современной деревни“ (1939). Посмртно му е издадена и книгата „Старославянский язык“ во два дела (1951–1952), која добила статус на учебник како едно од делата со најдобар опис на најстарите писмени споменици и е преиздадена во 2001 и 2006 г.[1]
Став кон посебноста на Македонците
уредиСелишчев првично сметал дека македонските говори се дел од бугарскиот јазик и остро ја критикувал србизациската концепција на Александар Белиќ. Меѓутоа, според Самуил Бернштејн, во предавањата почнувајќи од 1938 г. почнал да ги осудува оние во Бугарија кои неговите теории ги употребиле како аргумент дека Македонија треба да влезе во состав на Бугарија. Со оваа промена на ставот, Селишчев сметал дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се посебни и негодувал против извитоперувањето на неговиот труд од страна на бугарските уредници на неговите дела[2] кое продолжило и во многу подоцнежните изданија (на пр. она од 1968 г).[3] Бернштејн пренесува дека од Селишчев добил одобрение за внесување на статијата за македонскиот јазик во Големата советска енциклопедија. Членувал во Македонскиот научен институт во Содија.
Поважни трудови
уреди- Введение в сравнительную грамматику славянских языков. – Казань, 1914. – Вып. 1. – 123 с.
- Очерки по македонской диалектологии. – Казань, 1918. – Т.1. – 284 с.
- Диалектологический очерк Сибири. – Иркутск, 1920. – Вып. 1. – 297 с.
- Язык революционной эпохи. Из наблюдений над русским языком последних лет (1917 – 1926). – М., 1928. – 248 с.
- Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии. – София, 1929. – 439 с.
- Славянское население в Албании. – София, 1931. – 352 с.
- Македонская диалектология и сербские лингвисты. – София, 1935. – 101 с.
- Славянское языкознание. Т.1. Западнославянские языки: Учеб. пособие. – М., 1941. – 468 с.
- Старославянский язык. В 2-х ч.: Учеб пособие. – М.: Учпедгиз, 1951 – 1952.
- Ч.1: Введение. Фонетика. – 1951. – 336 с.
- Ч.2: Тексты. Словарь. Очерки морфологии. – 1951. – 206 с
- Избранные труды. М., 1968.
Литература
уреди- Бернштейн, Самуил. А. М. Селищев – славист-балканист. Москва, Наука, 1987.
- Ашнин Ф. Д., Алпатов В. М.. „Дело славистов“: 30-е годы. Москва, Наследие, 1994.