Котлина — вдлабнатина во Земјината кора во облик на рамнина опкружена со планини, често со отворени делови низ кои минува река.[1]

Поглед на Струмичкото Поле, дел од поголемата Струмичко-радовишка Котлина.

Поделба на котлините

уреди

По настанокот, котлините можат да бидат тектонски (спуштање на Земјината кора), леднички (спустови меѓу моренски ридови), вулкански (калдери, кратери), ероизвни, карстни, вечнозамрзнати (термокарстни), ветрообразувани, налегнати (суфозиони) и од мешано потекло.

Котлините во дното на океанот се нарекуваат океански котлини и можат да бидат рабни или длабокоморски.

Тектонските котлини настануваат со спуштање на земјиштето во релјефот на Земјината површина. Спуштањето може да биде предизвикано од радијални тектонски движења, при што котлините тогаш претставуваат ровови, или со тангенцијални движења, при кои настанатите котлини се синклинали. Сите тие често имаат зарамнето дно, како производ на таложење на материјал.

Ерозивните котлини настануваат со речна ерозија, на местата каде речните долини прават странично разјадување на теренот. Ова поточно се тековноразјадувачки (флувијално-денудациони) проширувања на долината. Најпознат пример за ваква котлина е Мариовската.

Котлини во Македонија

уреди
 
Поглед на Полошката Котлина од планината Сува Гора.

Македонија има 24 котлински целини со поголем број полиња, предели и краеви[2] кои често се сметаат за одделни котлини (на пр. Охридската или Делчевската). Со оглед на староста и начинот на образување, во земјата постојат типични котлини (простори ограничени со водоразделни линии, кои ги сечат речните текови на најпогодни места на клисурите и сатеските); речни ерозивни проширувања, тектонски ровови и полиња. Обично се наоѓаат крај речните долини. За најголема котлина во Македонија се смета Пелагонија (3682 км2), иако обично се смета за сложенка од повеќе делови.[3]

Ова се котлинските целини во Македонија, дадени со површините што ги зафаќаат:


Бр. Котлина Површина

(км2)

1 Гевгелиско-валандовска Котлина 1000,1
2 Тиквешка Котлина 2518,4
3 Дојрански Ров 75,4
4 Велешка Котлина 1166,1
5 Скопска Котлина 1924,2
6 Струмичко-радовишка Котлина 1482,8
7 Овчеполска Котлина 2162,0
8 Кумановска Котлина 1315,9
9 Кочанска Котлина 1020,1
10 Кривопаланечка Котлина 768,0
11 Полошка Котлина 1475,2
12 Поречка Котлина 944,6
13 Мариовска Котлина 897,3
14 Беровско-делчевска Котлина 1102,6
15 Дебарско-реканска Котлина 973,3
16 Охридско-струшка Котлина 1318,3
17 Кичевска Котлина 874,2
18 Битолско Поле (Пелагонија) 1492,7
19 Прилепско Поле (Пелагонија) 943,8
20 Демирхисарска Котлина 645,3
21 Преспанска Котлина 558,8
22 Кривопаланечка Котлина 91,9
23 Гниланска Котлина 36,6
24 извор на Дворска Река 129,7

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „котлина“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. Група автори (2016). „Котлини“. Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (PDF). Скопје: Министерство за животна средина и просторно планирање. стр. 21. ISBN 978-9989-110-90-0.
  3. Пелагонија (Пелагониска Котлина), Студија за геодиверзитетот, стр. 127