Свети Кирил и Методиј
Свети Кирил и Методиј (старословенски: ) — македонски браќа од Солун во IX век, кои станале мисионери на христијанството помеѓу Словените од Велика Моравија и Панонија.[3][4][5][6] Преку нивната работа тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени, поради што ја добиле титулата Апостоли на Словените. Тие се заслужни за изумување на глаголицата, првата азбука искористена да се препише старословенскиот јазик.[7] По нивната смрт, нивните ученици ја продолжуваат нивната работа и дејност помеѓу Словените.
Свети Кирил и Методиј | |
---|---|
Свети Кирил и Методиј (Раѕивилски летопис, 15 в.) | |
Епископи и свештеници; Еднакви на Апостолите; Заштитници на Европа; Апостоли на Словените | |
Роден(а) | 826 или 827 и 815, Солун, Византија |
Починал(а) | 14 февруари 869 | и 6 април 885
Почитуван(а) во | Римокатоличка црква Источна православна црква Англиканска заедница Лутеранска црква |
Слава | 14 февруари (денешен римокатолички календар); 5 јули (римокатолички календар 1880-1886); 7 јули (римокатолички календар 1887-1969) 11 мај[1] (Источна православна црква) 5 јули (Чешка и Словачка) |
Обележја | браќа прикажувани заедно; источни епископи држејќи црква; источни епископи држејќи ја иконата на Страшниот суд[2] Често, Кирил е прикажуван како носи монашки хабит и Методиј облечен со елек и омофор. |
Заштитништво | Македонија, Бугарија, Чешка (вклучувајќи ги и Бохемија и Моравија), Екуменизам, заедницата на Источната и Западната црква, Европа, Словачка[2] |
Двајцата браќа се почитувани во Источната православна црква како светци со титулата Еднакви со Апостолите. Во 1880 г., Папата Лав XIII ја вовел нивната слава во календарот на Римокатоличката црква. Во 1980 г., Јован Павле II ги прогласил за созаштитници на Европа, заедно со Бенедикт Нурсијски.[6]
Животопис
уредиСв. Кирил и Св. Методиј Солунски се родени браќа од Солун, од угледно и богато византиско семејство, татко Лав и мајка Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил на гората Олимп и се предаде на монашки подвиг. Овде подоцна му се придружил и Кирил (Константин Филозоф). Кирил и Методиј, познати како солунските браќа просветители, имаат голема улога во словенската историја. Нивното дело ги описменило словенските народи.
Во почетокот на IX век била веќе подготвена солидна основа за поширока и поорганизирана мисионерска активност во Западна Бугарија. Во тоа време Византиското Царство доживува нов расцут на културен план, па овој бран ги заплиснува и градовите што биле оддалечени од Цариград, посебно Солун. Во првите децении на IX век во Солун живее и семејството на висок службеник на царската власт, помошник на византискиот стратег на Солун и солунската област. Тоа бил Лав со својата сопруга Марија. Нивната народност е нејасна. Семејството имало повеќе деца, но се спомнуваат само имињата на најстариот — Методиј и најмалиот Константин. Дури не се спомнува и световното име на Методиј, кој ова го добил при замонашувањето.
Побожните родители ги упатиле своите рожби уште од најраното детство во христијанството, трудејќи се да им помогнат да ги применуваат возвишените христијански вистини во својот живот. Костантин уште од својата младост се занимавал со списите на свети Григориј Назијанзин и на Дионисиј Ареопагит. Татко му го испратил во Цариград да го продолжи своето образование во императорското Магнаурско училиште, каде, освен богословските науки, се изучувале и граматика, аритметика, географија, астрономија, музика, поезија, реторика. Покрај овие науки, Константин учел и јазици — латински, еврејски и сириски. Откако го завршил своето високо образование, Константин бил назначен за библиотекар при црквата Света Софија, а потоа бил поставен за професор по филозофија во училиштето што го завршил. Тогаш го добил и името Константин Филозоф.
Мисионерска дејност
уредиКако високо образовени и талентирани личности на Кирил и Методиј ќе им бидат доделувани многу тешки и одговорни задачи од страна на византискиот двор. Најпрво биле испратени во мисија кај Сарацените (Арапите) во Багдад, која како и Хазарската и Моравската мисија претставувале дел од политичката програма на Византија, чија основна цел е да ги христијанизираат Сарацените, Хазарите, Моравските Словени, Бугарите, Русите и другите народи на исток и север од Византија и да им ја наметнат византиската црковна власт. Кога хазарскиот цар Каган побара од царот Михаил проповедници на верата во Исус Христос, тогаш на заповед на царот беа пронајдени овие двајца браќа и беа испратени меѓу Хазарите. Откако го уверија Каган во верата Христова, тие го крстија овој цар и голем број негови доглавници и уште помногуброен народ. По извесно време се вратија во Цариград, каде што ја составија словенската азбука од триесет и осум букви и почнаа да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски.
На повик од царот Ростислав отидоа во Моравија и таму ја распространија и ја утврдија православната вера, па ги умножија книгите и им ги дадоа на свештениците за да ја подучуваат младината. А подоцна на повик од папата заминаа за Рим, каде што Кирил се разболе и умре, на 14 февруари 869 година. Тогаш Методиј се врати во Моравија и до смртта се потруди на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. По неговата смрт — а тој се упокои во Господа на 6 април 885 година — неговите ученици Петочисленици, на чело со Свети Климент Охридски како епископ, го преминаа Дунав на сплав "од три липови дрвја" и пристигнаа во Белград, тогаш во Бугарија. Началникот на Белград, ги испрати при царот Борис I. Свети Наум остана во главниот град на Бугарија и ги постави основите на Преславската книжевна школа, а Климент е испратен во областа Кутмичевица, на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжи да работи меѓу Словените на истото дело што го започнаа Методиј и Кирил на север.
Што се однесува до Методиј, постојат мошне оскудни извори, според кои тој се здобил со световно образование и се посветил на државната и воена служба. Бил надарен со христијански добродетелен живот и државнички и воени способности. Подолго време управувал со брегалничката област и придонел христијанството длабоко да се всади во македонската душа во тој дел на Македонија. За овој успех бил особено заслужен и неговиот брат Константин.
Мисионерската дејност на светите браќа меѓу Македонците, посебно возобновувањето и применувањето на македонската азбука е забележано во житието на Свети Наум. Ова му претходело на преведувањето на светите книги на јазикот на Македонците од солунско и на мисионерското дело меѓу западните Словени во Моравија.
Извесно време пред својата мисионерска дејност, светите браќа се повлекле во манастирот Полихрон на планината Олимп, каде всушност конечно се подготвиле за своето епохално мисионерско дело. Манастирското осамување го прекинале двапати кога биле испраќани од византиската власт од цариградскиот патријарх во мисии меѓу Сарацените и Хазарите. Овие мисии ги извршиле со голем успех. Во Краткото житие на Константин-Кирил, напишано од неговиот ученик Климент Охридски, се кажува дека Кирил открил пред Хазарскиот каган дека не потекнувал од византиски род, ами дедо му бил од хранените људе на туѓ „цар„, но побегнал во Византија.
Моравска мисија
уредиРостислав, кнезот на Велика Моравија, испратил молба до византискиот цар Михаил III овој да испрати, епископ и учител, кој ќе им објаснува на нивни јазик вистинската христијанска вера. Изборот паднал на светите браќа. Тие биле речиси подготвени и за оваа мисија, зашто голем број од светите книги веќе ги превеле на словенски јазик. Тие избрале достојни ученици и помошници и тргнале во Моравија. Таму биле пречекани со голема радост и со големи почести. Набргу потоа отвориле училиште, во кое ги подготвувале идните свештенослужители и учители за западните словенски народи. Тука наишле на голем отпор од германски свештеници: обвинувани за ерес. Биле принудени да појдат во Рим и да го докажат своето правоверие.
Заминувањето во Рим
уредиВо Рим биле примени со големи почасти од папата Адријан II. Тој ги одобрил словенските богослужбени книги и наредил да бидат поставени во олтарот на базиликата Голема Богородица и богослужби да се вршат на словенски јазик во три римски цркви. Кирил во Рим тешко се разболел и починал на 14 февруари 869 година. Методиј епохалното мисионерско дело меѓу западните Словени го продолжува сам со помош на своите ученици, кои во Рим биле ракоположени во свештенички чин. Непријателството од германските свештеници не престанувало. Истоштен од напори и измачувања, Свети Методиј почина во Нитра, 885 година. Неговите ученици биле подложени на измачувања и прогони. Некои од нив распродадени како робови.
Комеморација
уредиДелото на светите браќа по смртта на Свети Методиј паднало во голема криза, но благодарение на нивните најдаровити ученици — Свети Климент и Свети Наум, охридските светители и чудотворци, учители и просветители, ползувајќи се со својот мисионерски метод, што имал за цел да им ја објави божјата вистина на новите народи, почнувајќи ја нивната културна самобитност, останал жив образец за Светата Црква и за мисионерите на сите времиња.
Светите браќа Кирил и Методиј успеале да станат апостоли на Словените. Тие сакале да му служат на доброто на сите словенски народи и на единството на Универзалната црква. За овие и вакви свои заслуги, во своето апостолско послание egrigae virtulis папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година ги прогласил за сопокровители на Европа, чиј покровител е Свети Бенедикт, прогласен од папата Павле IV на 26 октомври 1964 година.
Св. Кирил и Методиј како тема во уметноста и во популарната култура
уреди- „Браќата солунски“ — песна на македонскиот писател Славко Јаневски од 1966 година.[8]
- „Солунските браќа“ (српски: Solunska braća) — песна на српскиот поет Миодраг Павловиќ.[9]
- „Песна за солунските браќа“ — песна на македонскиот писател Видое Подгорец.[10]
- „Величанија Кирилу и Методију“ — вокална композиција на македонскиот композитор Тодор Скаловски.
Галерија
уреди- Споменици
-
Споменикот на Свети Кирил и Методиј во Мурманск, Русија
-
Споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид, Македонија
-
Споменикот на Свети Кирил и Методиј во Држевохостице, Чешка
-
Споменикот на Свети Кирил и Методиј во Одеса, Украина
-
Споменикот на Свети Кирил и Методиј во Скопје, Македонија
-
Споменикот на Свети Кирил и Методиј во Микулчице, Чешка
- Храмови именувани Св. Кирил и Методиј
Извори
уреди- ↑ Во XXI век оваа датa во јулијанскиот календар соодветствува со 24 мај во грегоријанскиот
- ↑ 2,0 2,1 Jones, Terry. „Methodius“. Patron Saints Index. Архивирано од изворникот на 2007-02-19. Посетено на 2007-02-18.
- ↑ Columbia Encyclopedia, Sixth Edition. 2001-05, s.v. "Cyril and Methodius, Saints"; Encyclopedia Britannica, Encyclopedia Britannica Incorporated, Warren E. Preece - 1972, p.846, s.v., "Cyril and Methodius, Saints" and "Eastern Orthodoxy, Missions ancient and modern"; Encyclopedia of World Cultures, David H. Levinson, 1991, p.239, s.v., "Social Science"; Eric M. Meyers, The Oxford Encyclopedia of Archaeology in the Near East, p.151, 1997; Lunt, Slavic Review, June, 1964, p. 216; Roman Jakobson, Crucial problems of Cyrillo-Methodian Studies; Leonid Ivan Strakhovsky, A Handbook of Slavic Studies, p.98; V.Bogdanovich , History of the ancient Serbian literature, Belgrade, 1980, p.119
- ↑ The Columbia Encyclopaedia, Sixth Edition. 2001-05, O.Ed. Saints Cyril and Methodius "Cyril and Methodius, Saints) 869 and 884, respectively, “Greek missionaries, brothers, called Apostles to the Slavs and fathers of Slavonic literature."
- ↑ Encyclopedia Britannica, Најраспространетите азбуки на светот, кирилицата и глаголицата, 2008, O.Ed. "Раните словенски азбуки, кирилицата и глаголицата, биле измислени од Св. Кирил, или Константин (околу 827–869), и Свети Методиј (околу 825–884). Овие луѓе биле Грци од Солун кои станале апостоли на јужните Словени, кои ги преобразиле во христијани."
- ↑ 6,0 6,1 „Egregiae Virtutis“. Посетено на 2009-04-26. Апостолско писмо од папата Јован Павле II, 31 декември 1980 (латински)
- ↑ Liturgy of the Hours, Volume III, 14 февруари.
- ↑ Славко Јаневски, Евангелие по Итар Пејо. Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 15.
- ↑ Miodrag Pavlović, Izabrane pesme. Beograd: Rad, 1979, стр. 75-76.
- ↑ Поетска читанка: Избор од македонската и светската поезија за деца, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2005, стр. 73-74.
Поврзано
уреди