Егејска Македонија

регион на Грција
(Пренасочено од Македонија (Грција))

Егејска Македонија (Μακεδονία του Αιγαίου), (уште и Беломорска или Приморска Македонија) — дел од окупираната територија на Македонија по Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година, денес во состав на Република Грција.[1] Претставува најголем регион во денешна Република Грција според површина и втор регион според број на население. Официјално се нарекува како Македонија (грчки: Μακεδονία), бидејќи сметаат дека тоа е единствениот ентитет кој има право да го носи името Македонија. Ова е една од причините за Грчко-македонскиот спор околу името на Република Македонија.

Егејска Македонија
Знаме
ХимнаСлавна Македонија

Карта на Егејска Мкедонија
Карта на Егејска Мкедонија
Карта на Егејска Мкедонија
Главен градСолун
Најголем град Главниот град
Службен јазик грчки
Признаени регионални јазици македонски
Уредување Регион во Грција
 •  Управник на Западна Македонија Теодорос Карипидис
 •  Управник на Централна Македонија Апостолос Ѕиѕикостас
 •  Управник на Источна Македонија и Тракија
Површина
 •  Вкупна 34,356 км2 
Валута Евро
Се вози на десно

Егејска Македонија зафаќа околу 34.356 км2 или околу 51% од територијата на регионот Македонија. На запад се граничи со Албанија преку планините Грамошта (Грамос) и Корбец (Трикларио), на југ и југозапад оградена од планините Пинд и Олимп се граничи со грчката област Тесалија, на југоисток излегува на Егејското Море, на исток преку реката Места се граничи со областа Тракија, а на север се граничи со Република Македонија (Вардарска Македонија) и Бугарија (Пиринска Македонија).

Административна поделба

 
Административна поделба на Егејска Македонија во рамките на Грција

Според актуелната административна поделба на Република Грција, Егејска Македонија не претставува една административна единица, туку е поделена на три покраини, кои се нарекуваат: Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија. Најголем град во Егејска Македонија е Солун. Тој е седиште на покраината Централна Македонија.

Западна Македонија

Види Западна Македонија (Грција)

Покраината е позната по планините: Неред со врвот Вич (2.128 м), Сува Гора, Корбец, Пинд, Грамошта, северните падини на Олимп јужните падини на Ниџе, Дурла и Каракамен. Во овој дел се наоѓа и најјужниот дел на Пелагонија односно Леринското Поле. Карактеристични за овој регион се многуте езера како Островското, Петерското, Костурското, Рудничкото и Малото Преспанско Езеро.

Административна поделба на окрузи:

  1. Костур
  2. Лерин
  3. Кожани
  4. Гребен

Централна Македонија

Поврзано Централна Македонија (Грција)

Територијата на Централна Македонија се состои во 84% од огромното плодно Солунско Поле или Кампанија. Во овој дел се вбројуваат и Пајак Планина, Мегленската Котлина и Циганската Клисура. Низ овој дел Вардар го завршува својот тек и се влева во Егејското Море кај Солун.

Административна поделба на окрузи:

  1. Иматија
  2. Кукуш
  3. Постол
  4. Пиерија
  5. Сер
  6. Солун
  7. Халкидик

Источна Македонија и Тракија

Погл. Источна Македонија и Тракија

Источниот дел на Егејска Македонија може да се одликува со две големи реки: Струма и Места, како и релативно ниски планини и ридести предели како Круша, Карадаг и други. Од околиите на оваа покраина, само две се во Егејска Македонија:

Административна поделба на окрузи:

  1. Драма
  2. Кавала
  3. Тасос (општина-округ)

Овие се под надлежност на државното владино Министерство на Македонија и Тракија.

Областа се граничи со соседните области Тесалија и Епир.

Градови и број на нивното население во Егејска Македонија

Список на градови во Егејска Македонија според бројот на нивното население
1. Солун 773.180
2. Кавала 58.663
3. Сер 54.266
4. Катерина 50.510
5. Бер 42.794
6. Драма 42.501
7. Кожани 38.591
8. Кајлар 30.017
9. Ениџе Вардар (Пазар) 26.296
10. Негуш 19.870
11. Воден 18.253
12. Кукуш 17.430
13. Костур 14.813
14. Лерин 14.279

Историја на Егејска Македонија

На територијата на Егејска Македонија, како и на целата територија на регионот Македонија, население имало уште од старото камено време. Доказ за тоа се пронајдоците во пештерата Камено Гумно (Петралона) на Халкидичкиот Полуостров. Уште од раните времиња на антиката, Егејска Македонија била дел на античка Македонија позната како Долна Македонија. На територијата на Егејска Македонија се наоѓале и македонските кралски престолнини Пела и Ајга.

Во периодот на христијанството токму на брегот на Егејското Море во Егејска Македонија била покрстена првата Македонка Лидија, а низ Егејска Македонија пропатувал и Апостол Павле каде што ги образувал првите христијански црковни општини во Македонија и Европа воопшто. Во периодот на доаѓањето на Словените, солунските браќа Кирил и Методиј ќе ја создадат словенската азбука глаголица врз основа на македонските словенски говори од Солунско. Во средновековниот период територијата на Егејска Македонија, покрај под византиска власт, ќе влезе и во составот на државите на неколку балкански феудалци сè до потпаѓањето под турската власт.

Во турскиот период на владеење на територијата на Егејска Македонија ќе се случи најпрвин Негушкото востание во 1828 година, а свој силен одглас ќе има Илинденското востание особено во западните краишта.

 
Одлука на КПГ за признавање на правата на Македонците.

По Балканските војни, според Букурешкиот мировен договор од 1913 година, територијата на Егејска Македонија ѝ се доделува на Грција и од тогаш започнува најтешкиот период во историјата за македонското население на овие простори. Со бескрупулозни и насилни методи во периодот 1913 - 1928 година грчките власти ќе спроведат колонизаторска политика врз Македонците со што ќе го сменат етничкиот карактер на целата област. За време на Граѓанската војна во Грција (1945-1949) дури 14.000 Македонци ќе застанат да се борат во редовите на ДАГ, но тоа ќе се одрази уште покатастрофално врз Македонците со нов бран на насилни протерувања, ѕверски убиства и мачења од страна на грчките монархофашистички власти.

Етнички состав на населението

Година Население Македонци православни Македонци муслимани Турци Грци Евреи Власи Роми Албанци Други
1900[2] 307.240 39.532 270.600 221.772 59.560 33.284 29.588 8.875 19.310
1904[3] 896.494
1912[4] 326.426 41.000 295.000 234.000 60.000 50.000 30.000 9.000
1913[5] 370.371 274.052 236.755 68.206 44.414 25.302 15.108 8.019
1920[6];[7];[8] 500.000
1949[9];[10] 195.395

Македонците во Егејска Македонија

 
Знамето на Република Македонија (1991-95). Националното знаме на Македонците, со ѕвездата од Кутлеш

Егејска Македонија денес има околу 2.200.000 жители. Точниот број на лицата што се декларираат себеси како етнички Македонци не е познат, бидејќи при спроведувањето на пописите, не постои графа за националност со наслов Македонци. Според повеќе изјави на раководителите на македонската партија Виножито на чело со Павле Филипов (Воскопулос), бројката на Македонците во Грција се движи до 400.000 луѓе. Сепак поради големите рестриктивни и агресивни асимилациони и денационализаторски мерки кои биле преземани врз Македонците од страна на грчките власти во минатото, голем дел од Македонците во Егејска Македонија се со ниска национална свест, а македонскиот јазик е минимизиран пред сè кај младите Македонци. Најголем број на Македонци живеат во западните и северозападните делови на Егејска Македонија во градовите Лерин, Воден, Костур и нивните околни села. Генерално кажано, грчката влада не признава постоење на македонско малцинство во Грција и поради ова честопати е цел на критики од страна на повеќе странски организации меѓу кои и Хелсиншкиот комитет[1] Архивирано на 9 декември 2006 г.

Бидејќи нема официјален попис за тоа колку Македонци живеат во Егејска Македонија, кога ќе споредиме некои историски податоци и денешни статистики, се доаѓа до одредена проценка. Така, во Егејска Македонија, Македонците живеат во околу 420 населени места и сочинуваат околу 12% од вкупното население, па според последниот попис тоа се приближно 280.000 Македонци.

Во Егејска Македонија не постои образование на македонски јазик, а обидите да се создаде Македонски културен центар во Воден, биле спречени од страна на грчката администрација. Во 2006 година во Атина и Солун беше промовирано повторното издание на Абецедарот на современата македонска азбука и јазик, кој за првпат бил испечатен во 1925 година од страна на грчката влада, што е чекор напред во подобрувањето на малцинските права на Македонците во Егејска Македонија и Грција воопшто. Во најново време во јули 2007 македонскиот национален фолклорен ансамбл „Танец“ одржа турнеја низ повеќе места во Егејска Македонија како што се Кајљарско, Мегленско и Леринско, на големо воодушевување и задоволство на тамошните жители Македонци. Оваа турнеја своевидно претставува и прв културен контакт на Македонците од Република Македонија со своите сонародници Македонци кои сè уште живеат во Егејска Македонија, по подолго време од над 50 години.

Општиот став кој владее во Грција е дека тврдењето за постоење на македонско малцинство претставува територијална претензија на Република Македонија.

Проценка на бројот на Македонците според пописот од 2011 година.
Општина Македонци Вкупно % на Македонци
Преспа 676 1.560 43%
Лерин 25.172 32.881 76%
Суровичево 9.505 16.973 54%
Костур 15.378 35.874 43%
Рупишта 5.904 11.802 50%
Нестрам 1.281 2.646 48%
Кајлар 12.240 45.592 27%
Воден 19.774 28.814 69%
Меглен 10.524 27.556 38%
Вртикоп 5.189 20.188 26%
Постол 15.938 63.122 25%
Негуш 11.585 32.494 35%
Бер 5.933 66.547 9%
Гида 3.431 41.570 8%
Гуменџе 8.007 28.493 28%
Кукуш 2.886 51.926 5%
Град Солун 37.016 673.004 5%
Илиџиево 2.992 33.673 9%
Делта 10.739 45.839 23%
Даутбал 19.052 38.317 36%
Капуџилар-Хортач 13.392 70.110 19%
Лагадина 13.570 41.103 33%
Валовишта 6.800 22.195 31%
Долна Џумаја 12.031 21.145 57%
Сер 14.398 76.817 19%
Довишта 1.808 14.664 12%
Нигрита 1.817 20.030 9%
Зелјахово 2.599 12.397 21%
Ениќој 168 9.182 2%
Неврокоп 3.682 7.860 47%
Пресечен 4.783 13.066 36%
Драма 7.410 58.944 12%
Доксат 149 14.516 1%
Бук 162 3.901 4%
Кушница 349 32.085 1%
Кавала 2.161 70.501 3%
Места 711 22.331 3%
Егејска Македонија 313.002 2.386.951 13%

Партии и организации на Македонците во Егејска Македонија

Македонците во Егејска Македонија се организирани во партијата Виножито со седиште во Лерин, и покрај острите репресии од страна на грчките власти. Партијата на Македонците во Егејска Македонија активно се бори за малцинските права на Македонците во Грција преку разни протести во Европскиот парламент и до европските институции и во внатрешниот политички живот на Грција.

Познати Македонци од Егејска Македонија

Поврзано: Категорија:Родени во Егејска Македонија

Наводи

  1. Стојановски, Страшко; Љоровски-Вамваковски, Димитар (2017). Грчката „Македонска борба“ и грчката политика во Балканските војни и Букурешкиот договор (PDF). Скопје: МАНУ. стр. 196.
  2. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. Софија, 1900. Бројките се сумирани врз основа на податоците за етничката структура во следните кази: Солунска, Берска, Ениџевардарска, Воденска, Кукушка, Лагадинска, Касандра, Света гора, Серска, З'хна, Демир-Хисарска, Драмска, Правишка, Кавалска, Сари-Шабанска, Леринска, Костурска, Калјарска, Анаселичка, Гревенска и Кожанска.
  3. DM Brancoff, La Macedoine et Population chretienne, Paris, 1905.
  4. Тодор Христов Симовски, „Населените места во Егејска Македонија“, Скопје.
  5. Стојан Киселиновски, „Егејскиот дел на Македонија (1913-1989)“, Скопје 1990.
  6. Μιχαήλ Χουλιαράκη, Γεωγραφική, διοικητική και πληθυσμιακή εξέλιξις της Ελλάδος 1821-1971, τόμος Γ΄, Αθήναι 1976.
  7. National censuses and vital statistics in Europe, 1918-1939
  8. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-11-19. Посетено на 2012-12-09.
  9. „Sur la question de la minorité nationale macédonienne en Grèce“, Lazo Moïsov
  10. http://macedonian.atspace.com/knigi/lm_mnmg.htm
  1. D. M. Brancoff, La Macédoine et sa population chrétienne, Paris, 1905.
  2. http://www.greekhelsinki.gr/english/pressrelease/RP-Press%20Releases-Greece.html Архивирано на 14 март 2008 г.
  3. http://www.greekhelsinki.gr/pdf/rainbow-english.pdf Архивирано на 9 декември 2006 г.

Поврзано

Надворешни врски