Александар III Македонски

крал на Македонија и основоположник на Македонското Царство

Оваа страница е заштитена од понатамошни измени на анонимни корисници, поради сомнителни придонеси на анонимни корисници што треба да се разгледуваат на разговорната страница.
За да ги видите претходните верзии, стиснете на врската историја.

За други историски личности со името Александар III, видете Александар III.

Александар III Македонски или Александар Велики (Пела, 20/21 јули 356Вавилон, 10/11 јуни 323 г. п.н.е.) — античко-македонски крал од династијата Аргеади, син на Филип II Македонски и Олимпија, ќерка на молоскиот владетел Неоптолем. Римјаните му го дале прекарот Magnus — „Велик“.[1]

Александар Велики
Крал на Македонија
На престол336323 г. пр. н. е
ПретходникФилип II Македонски
НаследникАлександар IV
Филип III Аридеј
Жени
ДецаАлександар IV
Полно име
Александар III Македонски
ДинастијаАргеади
ТаткоФилип II Македонски
МајкаОлимпија Епирска

Бил воспитуван во духот на македонската аристократска традиција. На тринаесетгодишна возраст бил подучуван од филозофот Аристотел во неговото училиште во тогашниот град Миеза наречено Миески нимфеј, западно од денешното село Копаново, Негушко. Неговото образование ги опфаќало: поезијата, астрономијата, геометријата, реториката, натпреварите во гимнастички вежби, јавањето и ловот. На шеснаесетгодишна возраст, Филип му го доверил управувањето над Македонија, додека тој бил во поход против Византион. Првиот поход на Александар бил против Мајдите, племе во горниот тек на реката Стримон, кога ја извојувал првата воена победа и го основал град под името Александрополис, прв од многуте кои подоцна ги подигнал. На осумнаесетгодишна возраст учествувал во славната Битка кај Хајронеја, заедно со својот татко Филип, кога здружените сили на Хелените биле разбиени. По убиството на Филип, Македонското собрание го прогласило за владетел на Македонија. Како македонски крал, неговата прва воена акција била насочена против хеленските полиси кои се обиделе да ја отфрлат македонската власт. Александар ги принудил да го потврдат Коринскиот договор, според кој тој ја наследува титулата Хегемон на Хелените. Во 335 г. п.н.е., ги поразил Трибалите и нивните сојузници Гетите и преку илирската територија се спушил во Хелада, каде што започнало ново востание насочено против македонската власт, потикнато од Демостен, со центар во Теба. Александар ги поразил Тебанците и ја принудил Атина да го прифати понудениот мировен договор.

Во 334 год. п.н.е., со 40.000 војници го започнал својот поход против Персија и навлегол во Мала Азија преку Хелеспонт, кај Сест. Првиот судир со персиската војска се случил кај реката Граник на Пропонтида. По победата, Александар продолжил со својот пробив. Градот Сард се предал без борба, а во градовите во Ајолида и Јонија, меѓу кој бил и Ефес, го пречекале како ослободител. Единствено Милет и Халикарнас се спротивставиле. По овие освојувања ја поделил војската на два дела, едниот дел на чело со Парменион заминал во Сард каде што требало да презими, а другиот дел тргнал во поход преку Карија, Ликија и Памфилија, освојувајќи ги сите градови и тврдини. Во 333 г. п.н.е., во Гордион, престолнината на фригиските кралеви (Гордиј и Мида), се собрала целата војска. Тука, според една легенда, Александар го пресекол со меч неразврзливиот гордиев јазол, со што го исполнува пророштвото дека ќе загосподари со Азија. Во освоените територии најчесто го задржувал постојниот административен систем: сатрапиите — основни административни единици на чело со сатрапи, а најчесто Персијците, ја имале цивилната и воената власт, освен во Лидија, каде што бил поставен Македонец. Финансиската власт ја раководеле Македонци, а македонската војска ја контролира освоената територија.

Првата битка со големиот крал (крал на кралевите) Дариј III се случила кај Ис во 333 г. п.н.е., каде што Александар со својата војска победил, а Дариј избегал од бојното поле. Во Феникија ги освоил градовите Тир и Газа. Во Египет бил дочекан како ослободител и бил прогласен за фараон. Во градот Мемфис, египетските свештеници му ја предале двојната круна на египетските фарони. Во 331 г. п.н.е., на делтата на реката Нил го основал градот Александрија. Преку Сирија, навлегол во северна Месопотамија. Во 331 г. п.н.е. во Битката кај Гавгамела извојувал победа против бројна персиска војска. По победата, се прогласил за крал на Азија и влегол во градот Вавилон, еден од главните центри на Персиското Царство. Отаму, продолжил кон срцето на Персија и ја освоил Суза, втората престолнина на персиската држава, а набргу во негови раце се нашол и градот Екбатана. Неговата потера на персискиот крал Дариј завршила во Хекантопил, каде што било пронајдено телото на Дариј Кодоман (бил убиен од персисикиот сатрап Бес). По закопувањето на Дариј, со сите кралски почести, Александар како персиски крал се упатил на север кон Хирканија и Партија, области на југ од Каспиското Море. Во периодот помеѓу 330 — 327 г. п.н.е., Александар престојувал во Бактрија и Согдијана. Во Бактрија во 327 г. п.н.е., се оженил со иранката Роксана, која подоцна го родила неговиот син Александар. Во походот во Индија, кај реката Хидасп во 326 г. п.н.е., Александар ја водел својата последната битка против Пор, кралот на Пенџап. По големата победа над овој индиски владетел, ги присоединил земјите од оваа страна на Инд кон својата империја. На местото на Битката кај Хидасп, Александар го основал градот Никаи (Победа), а во близина подигнал уште еден град, наречен Букефала, во чест на неговиот коњ Букефал. На бреговите на реката Хифаст подигнал дванаесет жртвеници на боговите и столб на кој пишувало: „Овде застанал Александар“.

На врќање од Индија, на брегот на реката Инд, основал нова Александрија, еден од 17-те градови под ова име. На брегот на Индискиот Океан, неговата војска се поделила на два дела, едната под команда на Александар се движела по копно, а другата под команда на Неарх, пловела 80 дена. По враќањето од својот индиски поход, Александар планирал нови походи. Тој наредил да се извршат подготовки за поморско патување околу Арапскиот Полуостров до Картагина и до островите на Херакле (Мелкарт), најстариот теснец меѓу Европа и Африка (денес Гибралтар). Овие планови, пропаднале поради неговата смрт.

Александар останува запаметен како еден од најголемите освојувачи во историјата на човештвото и непобедив воин, творец на Новиот Свет, на новата епоха позната како хеленизам, на новиот поредок.

Детство

 
Споменикот на Александар на плоштадот во Скопје

Александар се родил од бракот на Филип со епирската принцеза Олимпија во 356 п.н.е. на почетокот на месецот хекатомбајон кој Македонците го нарекувале лоос и тоа во шестиот ден, кога во Ефес е запален и храмот на Артемида. Плутарх наведува дека неговото раѓање им било претскажано на Филип и Олимпија. Имено, Олимпија сонувала дека еден гром удрил во нејзиното тело и целата ја запалил. Разбирливо, нејзиниот мистичен ум веднаш го поврзал громот со Зевс (Зевс–Амон, Зевс–Најос) и истиот го сметала како израз на личниот интерес на овој бог заштитник за нејзиното семејство и нејзината идна плодност. Филип пак, сонувал сон во кој ја запечатил утробата на Олимпија со еден печат на кој имало отпечаток со лав. Кога му ги раскажале соништата на дворскиот пророк Аристандар од Телмес, тој веднаш заклучил дека Олимпија е бремена и носи дете кое ќе има лавовски карактер. Истиот ден кога му се родил првиот син, кај Филип стигнале гласници кои го известиле за победата над Илирите и за победата на неговиот коњ на Олимписките трки.

Посебните особини кои Александар ги покажувал од мал ја оправдале надежта на Филип дека во неговиот син се наоѓа посакуваниот наследник. Александар во него ги споил многуте карактерни црти од обата свои родители. Од неговата мајка, темпераментна жена подложна на мистицизмот, ја наследил страсната и помалку тврдоглава личност, ирационален копнеж за непознатото и верба во посебна херојска слава. Од татко си ја презел нескротливата волја и енергија, нескротилив карактер, храброст, слава, војнички дар и извонредно практичен дух. Неговата мајка му била поблиска по душа и влијанието на оваа жена оставила неизбришлива трага врз него. Татковиот пак, дипломатски, војнички и политички успех го поттикнало неговото честољубие и ги разгорил неговите соништа за водство и слава. Кај Плутарх се спомнува дека „Александар не сакал да го добие од својот татко златото, раскошот и уживањето, туку го сакал кралството кое ќе му пружи можност за борби, војни и дела полни со чест и слава”.

Александар ја имал и среќата да стане ученик на еден од најголемите филозофи во антиката. Кога Александар имал четиринаесет години, Филип го довел Аристотел во Македонија и му го доверил воспитувањето на својот син. Аристотел тогаш имал околу четириесет години и сѐ уште бил далеку од неговата понатамошна слава. Тој бил зет и пријател на малоазискиот владетел Хермиј, кој пак со Филип одржувал добри пријателски односи. По смртта на Платон, Аристотел се повлекол на дворот на Хермиј, каде се наоѓал и кога Филип го повикал во Македонија. Средбата на Аристотел со младиот Александар се прикажува како „еден од најголемите моменти во историјата на човештвото.” Иако Александар тогаш уште бил дете и потенцијален престолонаследник, а Аристотел уште не ја започнал неговата плодна научна дејност која ќе го прослави низ вековите, подоцна првиот ќе стане генијален, херојски настроен војсководец и обединител на Азија и Европа, а вториот – генијален филозоф, во кој се созреала и кулминирала двовековната филозофска и научна мисла на Хелените.

Во малото место Миеза, во внатрешноста на Македонија, во Миескиот нимфеј (денешна месност Извор кај Копаново, Негушко), идниот крал и неговите другари врсници биле воспитувани во хеленски дух. Аристотел не сметал дека на идниот владетел му е потребна посебна настава која практично би го подготвувала за должноста која го чекала. Часовите по гимнастички вежби, јавање, лов и игри се замениле со читање песни и разговори за поезијата, со учење геометрија, астрономија, реторика и еристика. Аристотел на својот млад воспитаник му влел огромна љубов кон песната. Тој за него ги рецитирал песните на Хомер и Александар никогаш не се одделувал од овие дела. Негови омилени јунаци биле Херакле и Ахил, кои ги сметал за свои предци. На влијанието на Аристотел врз учењето на Александар, може да се препише и неговото големо интересирање за природните науки, по што и неговите освојувачки војни често добивале карактер на истражувачки експедиции кои ги збогатиле географијата, етнологијата, биологијата, ботаниката, метеорологијата и многу други науки.

 
Македонското сонце со кралската дијадема во сончевата топка — симбол на Античко-македонското Царство

Меѓутоа, во политички поглед, вистинско разбирање меѓу Александар и неговиот учител немало никогаш. Во својот став кон Варварите, Александар повеќе бил следбеник на Антистеновата школа која била долга традиција на македонскиот двор, а не на Аристотеловата. Аристотел останал на македонскиот двор до стапувањето на Александар на престолот на Македонија, но неговата наставничка мисија траела најмногу уште три години.

Младиот владетел и покрај подучувањата од Аристотел останал варварин, се научил да ја почитува културата на Хелада и сонувал за распространување на таа култура на Исток. Меѓутоа, Александар ја потценувал тромоста и отпорната сила на источниот дух, а и големината и длабочината на источната култура. Квантитетот на Азија излегол премногу крупен спрема квалитетот на Хелада. Во моментот на најголемата слава, во Александар победил духот на Истокот. Тој покрај повеќето жени се оженил и со ќерката на Дариј III, ја зел персиската круна и се облекувал како персиските кралеви, го вовел во Европа источниот поим „крал по милост Божја“ и најпосле ја запрепастил Хелада кога во величествен стил изјавил дека тој е бог. Хелада на тоа се смеела, а Александар се опивал до бесвест, која подоцна го довела и до смрт.

Доаѓање на власт

Александар станал крал на Македонија во 336 п.н.е., на дваесетгодишна возраст, по убиството на неговиот татко Филип II. Грчките градови како Атина и Теба, кои морале да му се покоруваат на Филип, виделе можност да си ја повратат целосната независност во доаѓањето на младиот крал. Александар на тоа брзо се спротивставил и Теба, која била најактивна против него, веднаш се предала кога тој со својата војска се појавил пред нејзините порти. По ова, грчките градови, на собирот кај Коринтскиот Провлак, со исклучок на Спартанците, го избрале за командант против Персија, како што претходно бил и татко му Филип.

Следната година (335 г. п.н.е.) Александар ги нападнал Тракијците и Илирите за да ја обезбеди северната граница на Македонија до Дунав. Додека тој победнички војувал на север, Тебанците и Атињаните повторно се побуниле. Александар реагирал веднаш и сурово: Теба, која давала најсилен отпор, била освоена со големо крвопролевање, градот бил разурнат, а неговата територија разделена меѓу останатите беотијски градови. Тебанците биле продадени во ропство, а само свештениците, потомците на поетот Пиндар, и приврзаниците на Македонија биле поштедени.

Период на освојувањa

 
Карта на царството на Александар 334 — 323.г. п.н.е.

Падот на Персија

Армијата на Александар ги минала Дарданелите со околу 42.000 војници од Македонија, разни грчки градови-држави, како и платеници и пратеници од Тракија, Пајонија и Илирија. По почетната победа против персиските сили во Битката кај Граник, Александар го прифатил предавањето на провинциската престолнина и богатствата на градот Сардис, и продолжил по јонското крајбрежје. Кај Халикарнас (денес Бодрум во Турција) Александар успешно ја спровел првата од многуте опсади, принудувајќи ги своите противници — платеничкиот капетан Мемнон од Родос и Оронтобатес, персискиот сатрап од Карија, да се повлечат преку морето. Александар ја препуштил Карија на Ада, која била владетел на Карија пред да биде сменета од нејзиниот брат Пиксодарус. Од Халикарнас Александар продолжил во планинската Ликија и Памфилијската рамнина (близу денешна Анталија, Турција), преземајќи контрола над сите крајбрежни градови. Од Памфилија натаму, брегот немал позначајни пристаништа и затоа Александар продолжил кон копното. Кај Термес Александар го покорил, но не го нападнал Писидијскиот град. Во античкиот град Гордиум, Александар го одврзал дотогаш нерешливиот Гордиев јазол, загатка која според легендите била решлива само од идниот „крал на Азија“. Според една од приказните, тој едноставно го пресекол јазолот со сабјата. Според друга, го одврзал така што го извадил делот од двоколката околу кој бил врзан.

Армијата на Александар ги минала Цилицијските порти, ја сретнала и поразила главната персиска војска под команда на Дариј III во Битката кај Ис (денес во Турција, на границата со Сирија) во ноември 333 година п.н.е. Дариј бил принуден да побегне од битката откако неговата армија се распаднала, и бегајќи ги напуштил сопругата, двете ќерки, мајка му Сисигамбa и непроценлива количина на богатство. Подоцна, тој му понудил мир на Александар, предавање на сите земји кои овој веќе ги освоил и откуп од 10.000 таленти за своето семејство. Александар му одговорил дека бидејќи сега е тој крал на Азија, тој ќе решава за поделбата на земјата. Продолжувајќи по брегот на Средоземното Море ги освоил градовите Тир (во денешен Либан) и Газа по познатите опсади.

 
Мозаик со Александар кој ја прикажува Битката кај Ис, најден во Куќата на Фаун, Помпеја

Во 332 година п.н.е. Александар се обидел да ја освои Нубија, но наишол на силна воена формација предводена од кралицата Кандас, па решил да ги упати своите сили кон Египет. Во таа 332 и следнатa 331 година, Александар бил добредојден како ослободител на Египет, кој до тогаш бил окупиран од Персија. Бил прогласен за син на Амон (египетски бог на сонцето, грчки: Зевс) од египетските свештеници во пророчиштето во оазата Шива во Либијската пустина. Оттогаш, Александар често се повикувал на Амон—Зевс како на свој татко, а неговата слика на кованите пари била со биковски рогови како симбол на божественоста. Ја основал Александрија во Египет, која подоцна, по неговата смрт, станала напреден главен град на Птолoмејската династија.

Напуштајќи го Египет, Александар продолжил кон Асирија и на 1 октомври 331 година п.н.е. го победил Дариј уште еднаш во Битката кај Гавгамела (веројатно близу до Мосул, денешен Ирак). Повторно Дариј бил принуден да побегне од бојното поле, но овојпат Александар го следел до Арбела, откаде овој пребегнал во Екбатана (денешен Иран).

Потоа Александар тргнал кон Вавилон. Од Вавилон, Александар се упатил во Суса, еден од главните градови на Персија, и го освоил неговото легендарно богатство. Испраќајќи ја главнината од својата војска кон главниот град на Персија Персеполис, Александар ги нападнал и освоил Портите на Персија (денес планината Загрос), а потоа побрзал кон Персеполис пред неговата војска да го опљачка богатството на градот. За време на нивниот претстој во градот, избил пожар во палатата на Ксеркс и се проширил низ остатокот од градот.

По освојувањето на Персеполис, Александар ја продолжил потерата по Дариј. Дотогаш, персискиот крал веќе бил заробен од Бес, неговиот бактријски сатрап и сонародник. Додека Александар наближувал, Бес наредил да го убијат Дариј, а потоа, прогласувајќи се за негов наследник под името Артаксеркс V, се повлекол во Средна Азија од каде организирал герилски напади против Александар. Со смртта на Дариј, Александар ја прогласил одмаздничката војна за завршена, и ги ослободил своите грчки и други сојузници од својата војска, но им дозволил на доброволците да останат како платеници.

Неговиот понатамошен тригодишен воен поход, прво против Бес, а потоа и против Спитамен, сатрап од Согдијана, го одвел Александар низ повеќе делови на денешен Авганистан и Таџикистан. Притоа, формирал повеќе градови со името Александрија, од кои некои постојат и денес, на пример Кандахар во Авганистан и Хуџанат во Таџикистан. Во тие походи, неговите противници биле поразени: Бес во 329, а Спитамен во 328 г. п.н.е.

Походот на Индија

 
Воен поход и движење на Александар во неговиот поход на Индија.

После смрта на Спитамена и бракот со Роксана (Рошанак на бактриски), Александар ги зацврстува своите нови положби во Средна Азија. Во 326 година п.н.е. Александар конечно е подготвен да се посвети на освојувањето на Индија. Александар ги повикува сите водачи на племињата од Гандара, територија на север од денешен Пакистан, да му се покорат и да тргнат со него. Амби, владетелот на Таџила, чие кралство се простирало од Инд до Џелам, така и направил. Но водачите на некои кланови, како на пример Асапсиос и Асакеноис, познати во индиските текстови како Ашвајани и Ашвакајани (имињата асоцираат на природата на нивните заедници, на санскритски јазик Ашва значи коњ), одбиле да се покорат.

Александар лично ја преземал командата над штитоносците, пешадијата, стрелците, Агријанците и коњаниците, и со нив тргнал во напад на кланот Аспасиос во долините Алишанг и Гуреа, како и на кланот Асакеноис во долините Сват и Бунер. Според современите историчари, било доста тешко за Александар да ги покори овие племиња, меѓу кои племињата Масага и Аорну дале силен отпор. Посебно драматични биле борбите со кланот Аспасиос, во кои Александар бил ранет во рамото со копје, но сепак кланот ја загубил битката. 40.000 воини биле заробени.

Асакеноисите му се спротивставиле на Александар со армија од 30.000 борбени кочии, 38.000 пешадија и 30 слонови. Тие се бореле храбро и пружиле силен отпор во многу утврдени места како што биле градовите Ора, Базира и Масага. За да се скрши жестокиот отпор кај утврдувањето Масага биле потребни неколку дена жестока и крвава битка во која Александар бил сериозно ранет во потколеницата. Кога поглаварот на Масага загинал во битката, командата над неговата војска ја презела неговата мајка Клеофис, која исто така била цврсто решена да ја брани својата татковина до последниот здив. Примерот со Клеофис кажува дека во битката исто така била вклучена и женската популација на утврдувањето. Александар за да ја совлада Масага морал постојано да врши дотур на свежа војска со цел да го одржи моралот на својата војска. Според Куртис, Александар не само што ја уништил војската и останатите жители на Масага тој исто така го разрушил до темел, го пеплосал градот. На сличен начин својот бес подоцна Александар го искажал и на Ора, следното упориште на Асакеносите.

При крајот на битките кои ги водел Александар во Масага и Ора, голем број на Акакеносите се префрлиле во утврдувањето високо во планините наречено Аорнос. Александар постојано бил зад петици на овие трупи. Само после четири дневна крвава битка Александар го заземал и ова утврдување кое се сметало за неосвоиво. Пустошења како во Масага се повториле и во Аорнос.

Пишувајќи за битките на Александар против Асакеносите, Виктор Хансон вели: „Иако им ветил на опколените Асакеноси дека ќе им ги поштеди животите ако се предадат, тој ги погубил сите војници кои биле заробени. Нивните упоришта во Ора и Аорнус исто така биле разрушени.“

Сисикотос, кој му помогнал на Александар во овие битки, подоцна бил назначен за владетел на Аорнус.

Откако го совладал Аорнус, Александар ја преминал реката Инд и влетал во битка против Пор, владател на територијата Пенџаб во Битката кај Хидасп во 326 г. п.н.е.

 
Слика на Шарл Ле Брeн на која се претставени Александар и Пор за време на Битката кај Хидасп.

После победата, Александар бил импресиониран од храброста на Пор во битката, па затоа влегол во сојуз со него назначувајќи го за управител на неговото кралство, дури и придодавајќи му во владение и територии кои претходно Пор не ги владеел. Потоа Александар изградил два нови града, од кој едниот го именувал Букефал, во чест на неговиот коњ кој го донел него до Индија а загинал во Битката кај Хидасп. Александар продолжил со освојувања на сите утврдувања покрај реката Инд.

Источно од кралството на Пор, близу до реката Ганг, се наоѓало моќното царство на Магада под владение на династијата Нанда. Стравувајќи од судир со уште една моќна индиска војска, изморена од повеќегодишните воени походи, војската на Александар запира кај реката Биас одбивајќи да маршира понатаму кон исток. Така оваа река ја означува и границата до каде војската на Александар продрела на исток.

После битката со Пор, моралот на војската на Александар опаднал за понатамошни походи. А покрај тоа, тие требало да се соочат со далеку помоќен непријател. Војската на Александар имала на располагање околу 20-илјадна пешадија и околу две илјади коњаници. Војската отворено се спротивставила на инсистирањето на Александар да ја преминат и реката Ганг, која била широка, како што тие слушнале, 6.5 километри (32 фурлонга), со длабочина од 183 метри (100 фата). А пак од другата страна на реката ги чекала силна армија од добро вооружени и воинствени пешадијци, коњаници и слонови. Некои дури извори велат дека кралевите на Гандерит и Праеши ги чекале со армија од 8 илјади коњаници, двесте илјади пешадија, 8 илјади борбени кочии и 6 илјади борбени слонови.[2]

Александар, после состанокот со неговиот офицер Коенус, бил убеден да се откаже од понатамошни походи и да се вратат назад. Александар бил приморан да сврти на југ. На патот кон југ војската се судрила со кланот Мали, (во денешно време Мултан). Кланот Мали бил еден од највоинствените кланови во Индија во тој период. Но војската на Александар после жестоките битки го покорува кланот Мали. Во едне од налетите на утврдувањета Александар бил сериозно ранет од стрела.[3] Неговата војска, мислејќи дека нивниот крал е мртов, ја зазема тврдината и го искалува својот бес врз заробениците.[4]. После ова, Мали бил окупиран од војската на Александар, а главницата продолжила со движење.[5] Поголемиот дел од својата армија Александар ја насочува кон Карманија (во денешно време јужниот дел на Иран) на чело со генералот Кратер, а еден дел гради флота за да го истражи Персискиот Залив под водство на адмиралот Неарх, додека со останатиот дел од војската се враќа назад во Персија по јужната рута низ пустината Гедрозија (во денешно време дел од јужен Иран и Макран во јужен Пакистан). Патувањето низ пустината траело околу 60 дена и во текот на нејзиното поминување умира околу 3/4 од Александровата војска.

Александар дел од своите сили оставил во Индија. На територијата на Инд, тој го именува неговиот офицер Пејтон како сатрап, позиција која тој ја задржал следните десет години сè до 316 г. п.н.е., а во Пенџаб тој го оставил генералот Еудемус како командат на војската под владение на Пор и Таџили. Еудемус станува господар на Пенџаб после смртта на овие двајца. И двајцата владетели (Пејтон и Еудемус) се враќаат на запад во 316 г. п.н.е. со нивната војска, а на нивно место Чандрагупта Мауриа го формира царството Маурија во Индија.

По походот во Индија

Патувајќи кон Суса, Александар открил дека многу од неговите сатрапи и воени управници лошо се однесувале во негово отсyство и казнил со смрт извесен број од нив за пример. Во знак на благодарност, ги платил долговите кон војниците и објавил дека ќе ги испрати постарите и осакатените ветерани назад во Македонија под водство на Кратер. И покрај тоа, војската се побунила во градот Опис, одбивајќи да биде испратена назад и критикувајќи ги неговите новоусвоени персиски обичаи, како и воведувањето на персиски офицери и војници во војската. Александар ги погубил водачите на бунтот. Во обид да воспостави трајна слога помеѓу македонските и персиските граѓани, организирал и масовна венчавка помеѓу македонските офицери и персиските и други благороднички од Суса, но изгледа мал број од тие бракови траеле повеќе од една година.

Неговите обиди да ги обедини македонската и персиската култура вклучувале и македонска воена обука за персиските момчиња. Повеќето историчари веруваат дека Александар ја усвоил и титулата Шаханшаш (што значи „Крал на кралевите“).

Се мисли и дека Александар сакал да го освои и присоедини и Арапскиот Полуостров, но оваа теорија не е потврдена. Се претпоставувало и дека Александар може да се упати на запад и да ги нападне Картагина и Италија.

По патувањето во Екбатана за да го преземе најголемиот дел од персиското богатство, неговиот најдобар пријател, и веројатно љубовник, Хефестион умрел од болест, или можеби од труење. Александар тагувал по умрениот пријател 6 месеци.

Смрт и наследство

На 10 или 11 јуни 323 г. пр. н. е, Александар починал во Вавилон. Тоа било само еден месец пред да наполни 33 години. Постојат различни теориии за причините на смртта. Некои сметаат дека Александар бил отруен од синот на Антипатер или од некој друг. Друга теорија е дека починал после пијанствата претходните денови. Други сметаат дека починал од маларија од која се има заразено во 336 г. п.н.е.

Непосредно пред неговата смрт, неговите генерали го запрашале кој треба да го наследи неговото царство. Бидејќи Александар немал очигледен и легитимен наследник (неговиот син Александар IV ќе се роди после неговата смрт, а неговиот претходен син е роден од страна на негова конкубина, не жена), тоа било прашање од голема важност. Постојат повеќе дебати за тоа што им одговорил Александар на своите генерали. Некои веруваат дека Александар рекол, „Кратисто“ (што значи „на најсилниот“) или „Крат'ерои“ (на силниот).

Од сите историски извори, античкиот историчар Диодор Сицилиски дава најдетален опис на погребната кола и на целата погребна церемонија на Александар Македонски:

„Прво со чекан направиле златен ковчег, според големината на телото (на Александар); него до половина го исполниле со миризливи материи, за да шири пријатна миризба и да го сочува телото од распаѓање; Над ковчегот поставиле златен капак, така точно прилагоден, што ја опкружувал целата надворешна страна (на ковчегот). Над сето ова префрлиле порфирана прекривка, прекрасно извезена со злато; околу неа се наоѓало оружјето на починатиот, со што се давал увид во делата што тој ги извршил. Потоа довлекле кола, на којашто требало да се пренесува телото; на горниот дел од колата се наоѓала златна сводеста 'одаја', направена од скапоцени камења; таа била долга осум а широка десет лакти. Под врвот на сводот од одајата се наоѓал квадратен златен престол, на кој биле претставени глави од 'трагелафи' во величина од две дланки; на прстени, како украс биле прицврстени разнобојни венчиња, како цветови; На врвот имало мрежеста завеса, на која виселе огромни ѕвонци, за да може од далеку да се слушне дека колата се наближува; На аглите од сводот, на секоја страна стоела Победа, со трофеј во рацете; Сводот бил држен од златен перистил со јонски капители; внатре во перистолот, се наоѓала златна мрежа, со дебелина од еден прст, над којашто паралелно биле поставени по четири плочи, на коишто имало претставени фигури; овие плочи биле еднакви по величина со ѕидовите на 'гробната одаја'. На првата плоча се гледа колесница, богато изработена од метал; на неа седи Александар со убав жезол во раката; околу кралот под оружје врви Македонската гарда и Персијци, наречени 'мелифори'; пред нив оделе војници, што го носеле оружјето; На втората плоча била претставена колона слонови, украсени според воениот обичај; на нив, на чело јавале Инди, а одзади Македонци, со нивното вообичаено оружје; На третата плоча се гледаат коњичките чети, коишто прикажуваат како се развива една битка; На четвртата плоча се претствени кораби, подредени за битка; На влезот од оваа 'одаја' се наоѓале златни лавови, коишто како да гледале во оние, што влегуваат внатре; Од средината на секој столб нагоре, сè до капителите се издигал златен акант; Над 'сводестата одаја' над средината на сводот, на отворено бил прострен порфилен килим, на којшто била положена голема златна круна со маслинови гранчиња; кога сонцето со своите зраци ќе ја допрело, создавале молскава и треперлива светлина, така што одвреме, навреме, како да предизвикувала молњи; Од страните на колата, над којашто се наоѓала целата оваа градба, стрчеле по две оски, на коишто се вртеле четири персиски тркала, чиишто пречки биле позлатени; само оној дел од тркалата, што допирал до земјата, бил железен; Крајните делови на оските, што стрчеле биле од злато и на нив имало златни лавовски глави, чиишто усти држеле копје; Околу средината на должината на колата, во средишниот дел на 'одајата', се наоѓала механичка оска, којашто, на сета оваа градба и давала рамнотежа, за да може колата да се движи без нишање и на нерамни места; Имало четири процепа; на секој од нив бил прицврстен четворен ред јарем; на секој јарем јарем биле врзани по четири мазги, така што вкупниот број на мазгите бил шеесет и четири; тие биле највнимателно одбрани според големината и силата. Секоја мазга на главата имала позлатена круна, од двете страни на устата им виселе по две ѕвона; околу вратот имале ѓердани од скапоцени камења“.

Но можеби Александар рекол, „Кратер'ои“ (на Кратер). Ова е сосема возможно бидејќи изговорот на „на силниот“ и на „Кратер“ на грчки јазик се разликува само во позицијата на акцентираниот слог. Повеќе учени веруваат дека Александар имал намера да избере некој од неговите генерали, а очигледен избор бил Кратер, бидејќи тој бил командат на најголемиот дел од армијата и се докажал како брилијантен командат. После ваквиот одговор на Александар кој им го дал на своите генерали, најверојатно Кратер бил убиен пред воопшто да биде во можност да организира церемонија по повод неговото назначување.

 
Поделба на царството на Александар
  Кралство на Птоломеј I Сотир
  Кралство на Касандер
  Кралство на Лисимах
  Кралство на Селеукус
Други држави
  Рим
 
Статуа на Александар во Истанбулскиот археолошки музеј

По смртта на Александар Македонски, дошло до кавги за престолот на империјата по што избувнале низа војни на дијадосите, кои довеле до формирање на неколку стабилни империи:

Личен живот

Александар бил опишан од страна на Аријан како „силен, убав командант со едно око темно како ноќта и едно сино како небото“.[6][7] Полулегендарната Александарска романса, исто така, укажува на тоа дека Александар имал хетерохромија: дека едното око му било темно, а другото светло.[8] Британскиот историчар Питер Грин обезбедил опис на изгледот на Александар врз основа на својот осврт на статуите и некои древни документи: „Очите (едно сино, едно кафено) откриле росен, женски квалитет. Тој имаше светол тен и суров глас“.

Александар се оженил двапати: со Роксана, поради љубов; и со Статејра II, персиската принцеза и ќерката на Дариј III од Персија, од политички причини. Се верува дека тој имал два сина, Александар IV Македонски од Роксана и, можеби, Херакле Македонски од Барсина.

Александар, исто така, имал блиски односи со неговиот пријател, генерал, и телохранител Хефестион, син на македонски благородник. Смртта на Хефестион го уништила Александар. Овој настан можеби и придонел за неговото влошено здравје и ментална состојба за време на неговите последни месеци.

Сексуалноста на Александар е предмет на шпекулации и контроверзии. Аелиан напишал за посетата на Александар во Троја, каде што „Александар го украси гробот на Ахил, а Хефестион на Патрокле“, имплицирајќи дека Хефестион бил сакан на Александар, на ист начин како што Патрокле бил на Ахил. Иако зборот eromenos (старогрчки за сакан) не мора да има сексуално значење, најверојатно Александар бил бисексуалец, што во неговото време не било контроверзно.[9]

Освен жени, Александар имал многу повеќе женски придружници. Грин посочува дека, во контекст на периодот, Александар формирал доста силни пријателства со жени, вклучително и Ада од Карија, која го посвоила, па дури и мајката на Дариј, Сисигамба, која наводно починала од тага откако слушнала за смртта на Александар.

Значењето на Александар Македонски

Александар Македонски постои како митска личност во митовите на многу европски, азиски и африкански народи.

Мислењата за Александар Македонски се поделени. Од една страна, според Монтескје, Александар не е освојувач од римски тип, кој освојува за да уништи, туку напротив, тој е војсководец кој освојува за сè да сочува; и тој не одел во војните само за да покорува, туку за да ослободува.[10] Од друга страна, за него постојат и негативни коментари од некои значајни личности: така, поетот Лукан го нарекувал Александар Македонски „среќниот пљачкаш“ (felix praedo), додека Сенека го нарекувал „лудиот Александар“[10] и „разбојник и пустошник на народите“ (latro gentiumgue vastator).[11] Исто така, во својата поема „Áladerrida“, полскиот поет Тадеуш Ружевич пишува дека Александар Велики повеќе бил „parvus“ (мал) отколку „magnus“ (голем).[12]

Александар Македонски како тема во уметноста и во популарната култура

Александар Македонски е честа тема во уметноста и во популарната култура, како:

Предци

Наводи

  1. „Александар III Македонски“. Македонска нација. Архивирано од изворникот на 2022-02-19. Посетено на 2022-02-19.
  2. Plutarch, Vita Alexandri, 62
  3. Plutarch, Alexander 63.5.
  4. www.mainlesson.com, "The Story of Greece" by Mary Macgregor.
  5. Alexander the Great Alexander of Macedon Biography,History of Macedonia
  6. „Alexander the Great“. Mithec.
  7. Popovic, John J. „Alexander the Great“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-02-20. Посетено на 2014-11-09.
  8. Grafton 2010, стр. 27.
  9. Sacks 1995, стр. 16.
  10. 10,0 10,1 Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 326.
  11. Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 72.
  12. Tadeuš Ruževič, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg / Čigoja štampa, 2013, стр. 323.
  13. Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 52-54.
  14. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 43.
  15. HRT (пристапено на 16.2.2018)

Поврзано

Надворешни врски

  • Quintus Curtius Rufus, "Historiae Alexandri Magni Macedonis" (Квинт Курциј Руф, „Историја на Александар Велики Македонски“).