Антипатар (~ 397 - 319 п.н.е.) — македонски војсководец и приврзаник на кралевите Филип и Александар Македонски. Кога Филип II бил убиен, Антипатар веднаш застанал во поддршка на Александар и му помогнал да се зацврсти на престолот. Кога во 335 п.н.е. Александар војувал на Дунав со Трибалите, Антипатар го заменувал како намесник во Македонија. Во 320 п.н.е. станал намесник на целото Александрова империја.[1][2]

Кариера во времето на Филип и Александар уреди

Сè до 342 п.н.е. не постои документација за Антипатровата кариера. Но таа година тој бил назначен од Филип за регент на Македон додека тој бил во тригодишните походи против Тракијците и скитските племиња, кои ја прошириле македонската власт до Хелеспонт. Во меѓувреме во 342 п.н.е. тој издејствувал да се заштити од атињаните: кога тие пробале да преземат контрола врз евбејските градови и да ги истераат промакедонските владетели, тој пратил македонска војска за да го спречи овој обид. Есента истата година Антипатар го посетил Делфи, како претставник на Филип во Амфиктионската лига, религиозна организација во која Македонија била примена во 346 п.н.е.

По македонската победа кај Херонеја во 338 п.н.е., Антипатар бил пратен како амбасадор во Атина (337336 п.н.е.) со тоа што на крај успеал да договори мир меѓу двете држави и ги донел коските на паднатите атињани во нивниот град.

Најпрвин тој бил голем пријател на младиот Александар и неговата мајка, Олимпија; дури се зборувало дека тој бил неговиот вистински татко. По смртта на Филип тој му помогнал на Александар во неговата борба за престолот, во 336 п.н.е.[1]

Антипатар му се придружил на Парменион во советот кој му го дал на Александар да се ожени и да добие син пред да оди во неговите азиски експедиции, совет кој Александар не го послушал.[1] При заминувањето на Александар во 334 п.н.е., тој станал регент на Македонија и „Генерал (стратег) на Европа“, на која функција служел до 323 п.н.е.

Персиската флота под водство на Мемнон и Фарнабаз претставувала голема опасност за Антипатар, со тоа што тие би го завојувале Егејот а потоа можеби и во Европа. За негова среќа, Мемнон умрел при една опсада и потоа целата флота се растурила во 333 п.н.е., по победата на Александар кај Ис.

Поопасните непријатели биле поблизу до дома. Племињата од Тракија почнале да дигаат востанија во 332 п.н.е., под водство на Мемнон од Тракија, македонскиот гувернер на тој регион, а потоа следел и бунтот на кралот на Спарта Агис III.

Спартанците, кои не биле членови на Коринтската лига и кои не учествувале во походот на Александар, виделе долгоочекувана шанса да ја наметнат својата власт врз Пелопонез по ужасниот пораз кај Левктра и Мантинеја. Персијците велукодушно ги финансирале амбициите на Спарта и овозможиле формирање на војска од 20.000 борци. По практичното преземање на контрола врз Крит Агис се обидел да создаде антимакедонски фронт. Додека атињаните останале неутрални, ахајците, аркадијците и елисјаните се сојузиле со него, со исклучок на важниот град Мегалополис, со особено антиспартанската престолнина Аркадија. Агис тргнал во 331 п.н.е. во опсада на градот со целата негова војска, предизвикувајќи општа тревога во Македонија.

За да нема непријатели во моментот, Антипатар го помилувал Мемнон, па дури и го оставил на својата поранешна функција во Тракија, додека нему му стигнувале огромни финансии пратени од Александар. Ова било возможно со помош на тесалиска помош и многу платеници кои заедно сочинувале сила двојно поголема од таа на Агис, која лично Антипатар ја довел јужно во 330 п.н.е. за да се судрат со Спартанците. Пролетта таа година двете војски се судриле кај Мегалополис, при што самиот Агис загинал заедно со најдобрите негови војници, но не без загуби и на македонска страна.

Сосема поразени, спартанците отишле кај Антипатар да бараат примирје; неговиот одговор ги поставил условите за мир преку Коринтската лига, но спартанските дипломати сакале да се видат директно со Александар, кој ги казнил сојузниците на Спарта со 120 таленти и влез на Спарта во лигата.

Борба за наследството уреди

Новиот регент Пердика му ја доделил Грција на Антипатар. Антипатар се справил со востанија во Атина, Етолија и Тесалија кои ја отпочнале Ламиската војна, во која Грците пробале да си ја повратат независноста. Антипатар ги победил во Битката кај Кранон во 322 п.н.е., со помошта на Кратер, и го задушил востанието. Како дел од наметнатата олигархија врз Атина тој барал од Демостен да се предаде, но овој извршил самоубиство за да не му падне в раце. Подоцна истата година Антипатар и Кратер завојувале со етолците, кога добиле вест од Антигон I Едноокиот во Мала Азија дека Пердика намеравал да се прогласи за владетел на целата империја. Така Антипатар и Кратер склучиле мир со етолците и пошле во поход против Пердика, сојузувајќи се со Птоломеј I Сотер, сатрапот на Египет. Антипатар преминал во Азија во 321 п.н.е. Додека сѐ уште бил во Сирија, добил вест дека Пердика е убиен од сопствените војници. Кратер загинал во битка против Евмен (Диодор xviii. 25-39).

Регент на империјата уреди

Според Трипарадиската поделба (321 п.н.е.) Антипатар учествувал во новата поделба на Александровата огромна империја. Така, се назначил за врховен регент на империјата и му била доделена Грција како старател на Александровиот син Александар IV и неговиот брат Филип III. Тогаш војниците се кренале на бунт, но Антипатар го задушил и му наредил на Антигон да продолжи да војува против Евмен и другите приврзаници на Пердика. Потоа Антипатар се вратил во Македонија, пристигнувајќи во 320 п.н.е. (Јустин xiii. 6). Накратко потоа, бил погоден од болест која го спречила да продолжи со кариерата, и умрел, оставајќи му го регенството на стариот Полиперхон, прескокнувајќи го неговиот син Касандар, потег кој бил дочекан со немир и незадоволства.

Атентатор на Александар? уреди

Иако расправата за причините на Александровата смрт никогаш се нема разрешено, сите антички извори — дури и оние кои сметале дека не се работи за убиство — велат дека насекаде се слушале гласини дека Антипатар го отрул големиот крал. Накратко по Александровата смрт, Антипатар се нашол во немилост, бидејќи Олимпија му пишала на Александар дека Антипатар правел немири во Македонија, искажувајќи ја својата нелојалност кон власта. Александар го повикал во Вавилон за да одговори на овие тужби, но, искажувајќи го неговиот страв од немири во Грција, го пратил сина си Касандар наместо него. Касандар — според гласините — го наговорил неговиот помлад брат Јол, кој бил пехарник (батлер) на Александар, да го отруе. Плутарх, кој не верува дека Александар бил убиен, вели дека овие гласини доаѓаат од сигурен извор, Хагнотем, кој го начул Антигон заговарајќи.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 35. ISBN 9989-624-46-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. Личности од Македонија. Скопје: МИ-АН. 2002. стр. 25. ISBN 9989-613-28-1. На |first= му недостасува |last= (help)

Литература уреди

Надворешни врски уреди