Пиндар (грчки: Πίνδαρος, Pindaros; латински: Pindarus, околу 522 — 443 год. п.н.е.) — старогорчки поет, кој се смета за најголем хорски лиричар во Стара Грција.

Пиндар, римска копија на грчка биста од V век п.н.е., се чува во Националнит музеј во Неапол)

Живот и дело

уреди

Пиндар ја изучувал поезијата дома, а потоа во Атина. Уште за време на животот, тој се здобил со голема слава во сите градови на Стара Грција кои му правеле чест како на полубог. Имено, Старите Грци верувале дека богот Пан го сакал Пиндар и неговите песни и дека поетот му ја возвратил љубовта така што ги напишал своите химни кои девојките од Теба ги пееле за време на празниците. Притоа, Плутарх тврди дека самиот Пиндар го слушнал богот Пан како ги пее неговите химни.[1] Така, сите грчки градови го прогласувале за свој гостин, а во најголемото грчко светилиште, Делфи, тој имал свој престол во храмот на Аполон, од каде самиот тој ги читал своите химни. Уште повеќе, неговата слава ги надминувала границите на Стара Грција: во еден храм на Амон Ра во Египет, патописецот Павзанија видел триаголна плоча на која била напишана химната која Пиндар ја испратил таму, а која била чувана како реликвија. Исто така, македонскиот крал Аминта и тиранот Хиерон од Сиракуза го канеле Пиндар за време на големите свечености.[2] Според преданието, во една прилика, Пиндар му рекол на Хиерон: „Кнезу, јас се разбирам само во метриката.“[3] Најпосле, кога Александар Македонски ја освоил Теба, тој ја поштедил единствено куќата на Пиндар.[4][5]

Пиндар живеел во време кога многу гранки од големото стебло на еленската лирика се исушиле, а хорската песна најраскошно расцветала. Од целокупните негови дела потполно се зачувани само четири книги, таканаречени епиникии, т.е. победнички песни испеани како благодарност на најголемиот момент во животот на човекот, славата на неговата победа. Од другата негова поезија зачувани се само делови.

Пиндар секогаш зборувал како пророк и свештеник, а тој самиот себеси не се нарекувал поет, туку мудрец. Своето сфаќање на светот и животот го засновал врз својот став кон религијата. Тој е првиот поет кој на боговите и хероите им го придава култниот епитет „свет“. Неговите богови со својата морална чистота се разликуваат многу од боговите кои ги претставува Хомер. Пиндар ги преправал преданијата и митовите од тоа време. Тој ги отфрлил човечките особини кои им се доделувале на боговите, а на прашањето „Што е бог?“, одговарал: „Бог е сè“. Во основа, сфаќањето на боговите на Пиндар не се разликува од она на Есхил, освен што идејата за божјата праведност кај Есхил добива трагична сила. Херојот на кого Пиндар му го подарил своето најголемо внимание е Херакле. Карактеристично за Пиндар е верувањето дека способноста е нешто вродено, нешто наследено преку крвта од „божествените“ предци, па затоа тој не ја цени научената, туку само вродената способност, или она што го нарекуваме „природна дарба“. Сепак, тој не ги отфрла сосема искуството и „учењето од старите“. Секое човечкот битие е ограничено, и според Пиндар, „безнадежно е да се бара среќата без бог или против бога“.

Пиндар е најголемиот и последниот гласник на еолско-дорскиот начин на живеење, како што се живеело во богатите кругови кон почетокот на 5 век п.н.е. Тој бил учител само на еден сталеж: на благородниците.

Стилот на Пиндар се одликува со тоа што мислите му се ројат и брзо летаат, не застанувајќи на детаљи, при што едната ја престигнува другата, а зборовите како да не можат да се стигнат. Јазичниот израз му е збогатен со нови и смели метафори, сјајни слики. Во богатството на сликите му нема рамен. Споредбите се ретки и не се разработени како кај Хомер, туку само се навестени. Величествените воведи во неговите епиникии, самиот Пиндар ги споредувал со „портата на палата која е украсена со златни столбови“. Наречјето му е дорско-беотско. Од неговите 45 епиникии, секоја има свој посебен метрички облик.

Влијанија

уреди

Влијанието на Пиндар се забележува во духот и дикцијата на хорската лирика на Софокле. Меѓу другите негови следбеници се: Џон Драјден и Александар Поп во Англија, како и Русите Лермонтов, Г.Р. Державин, Пушкин и други.

Наводи

уреди
  1. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 309-310.
  2. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 310-311.
  3. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 284.
  4. Plutarch, Life of Alexander 11.6; Arrian, Anabasis Alexandri 1.9.10
  5. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 311.

Надворешни врски

уреди
 
Викицитат има збирка цитати поврзани со:
 
Викиизвор на англиски јазик содржи текст на тема:

Historic editions