Отвори го главното мени

Походи на Александар Македонски

Походите на Александар Македонски се воени походи на тогашната македонска фаланга кон Азија и Африка, прво против Персија, а потоа против разни индиски владетели.

Дваесетгодишниот Александар наследил моќна држава и добро подготвена војска од својот татко, Филип II Македонски. Тој исто така бил мошне образован за своето време, а младоста ја поминал по војничките логори. Од својот татко бил мошне добро упатен во државните работи и водел вешта надворешна политика.

Некои грчки држави - полиси направиле обид да ја отфрлат македонската власт, но Александар успеал да ги принуди на покорност или да ги придобие. Кога ја зацврстил својата власт и ги извршил неопходните подготовки, две години по неговото доаѓање на власт, во 334 п.н.е. ги започнал своите прочуени походи.

Поход на ПерсијаУреди

  Главна статија: „Поход на Персија.

Армијата на Александар ги минала Дарданелите со околу 42.000 војници од Македонија, разни грчки градови-држави, како и платеници и пратеници од Тракија, Пајонија и Илирија. Во Александровите походи на исток учествувала и пајонската лесна коњаница предводена од Аристон. По почетната победа против персиските сили во битката кај Граник, Александар го прифатил предавањето на провинциската престолнина и богатствата на градот Сардис и продолжил по Јонското крајбрежје. Кај Халикарнас (денес Бодрум во Турција) Александар успешно ја спровел првата од многуте опсади, приморувајќи ги своите противници - платеничкиот капетан Мемнон од Родос и Оронтобатес - персискиот сатрап од Карија, да се повлечат преку морето. Александар ја препуштил Карија на Ада, која била владетел на Карија пред да биде сменета од нејзиниот брат Пиксодарус. Од Халикарнас Александар продолжил во планинската Ликија и Памфилиската рамнина (близу денешна Анталија во Турција), преземајќи контрола над сите крајбрежни градови. Од Памфилија натаму, брегот немал позначајни пристаништа, и затоа Александар продолжил кон копното. Кај Термес Александар го покорил, но не го нападнал Писидискиот град. Во античкиот град Гордиум, Александар го разрешил дотогаш нерешливиот Гордиев јазол, загатка која според легендите била решлива само од идниот „крал на Азија“. Според една од приказните, тој едноставно го пресекол јазолот со сабјата. Според друга, го одврзал така што го извадил делот од двоколката околу кој бил врзан.

Армијата на Александар ги минала Цилицијските порти, ја сретнала и поразила главната персиска војска под команда на Дариј III во битката кај Ис (денес во Турција, на границата со Сирија) во ноември 333 п.н.е. Дариј бил принуден да побегне од битката откако неговата армија се распаднала, и бегајќи ги напуштил сопругата, две ќерки, мајка му Сисигамбa и непроценлива количина на богатство. Подоцна, тој му понудил мир на Александар, предавање на сите земји кои овој веќе ги освоил и откуп од 10.000 таленти за своето семејство. Александар му одговорил дека бидејќи сега е тој крал на Азија, тој ќе решава за поделбата на земјата. Продолжувајќи по брегот на Средоземното Море ги освоил градовите Тир (денешен Либан) и Газа по познатите опсади.

 
Мозаик со Александар кој ја прикажува битката кај Ис, најден во Куќата на Фаун, Помпеја

Во 332 п.н.е. Александар се обидел да ја освои Нубија, но наишол на силна воена формација предводена од кралицата Кандас, па решил да ги упати своите сили кон Египет. Во таа 332 и следната 331 година, Александар бил добредојден како ослободител на Египет, кој до тогаш бил окупиран од Персија. Бил прогласен за син на Амон (египетски бог на сонцето, грчки: Зевс) од египетските свештеници во пророчиштето во оазата Шива во Либиската пустина. Оттогаш, Александар често се повикувал на Амон-Зевс како на свој татко, а неговата слика на кованите пари била со биковски рогови како симбол на божественоста. Ја основал Александрија во Египет, која подоцна, по неговата смрт, станала напреден главен град на Птолoмејската династија.

Напуштајќи го Египет, Александар продолжил кон Асирија и на 1 октомври 331 п.н.е. го победил Дариј уште еднаш во [[битката кај Гавгамела] (веројатно близу до Мосул, денешен Ирак). Александар ја разбил петпати побројната персиска војска, а Дариј повторно бил принуден да побегне од бојното поле. Александар го следел до Арбела, откаде овој пребегнал во Екбатана (денешен Иран).

Потоа Александар тргнал кон Вавилон. Од Вавилон, Александар се упатил во Суса, еден од главните градови на Персија, и го освоил неговото легендарно богатство. Испраќајќи ја главнината од својата војска кон главниот град на Персија Персеполис, Александар ги нападнал и освоил Портите на Персија (денес планината Загрос), а потоа побрзал кон Персеполис пред неговата војска да го опљачка богатството на градот. За време на нивниот престој во градот, избил пожар во палатата на Ксеркс и се проширил низ остатокот од градот.

По освојувањето на Персеполис, Александар ја продолжил потерата по Дариј. До тогаш, персискиот крал веќе бил заробен од Бес, неговиот бактриски сатрап и сонародник. Додека Александар наближувал, Бес наредил да го убијат Дариј, а потоа се прогласил за негов наследник под името Артаксеркс 5 и се повлекол во централна Азија од каде организирал герилски напади против Александар. Со смртта на Дариј, Александар ја прогласил одмазничката војна за завршена и ги ослободил своите грчки и други сојузници од својата војска, но им дозволил на доброволците да останат како платеници.

Неговата понатамошна тригодишна воена кампања, прво против Бес, а потоа и против Спитамен, сатрап од Согдијана, го одвела Александар низ повеќе делови на денешен Авганистан и Таџикистан. Притоа, формирал повеќе градови со името Александрија, од кои некои постојат и денес, на пример Кандахар во Авганистан и Хуџанат во Таџикистан. Во тие походи, неговите противници биле поразени: Бес во 329, а Спитамен во 328 п.н.е.

Поход на ЕгипетУреди

  Главна статија: „Поход на Египет.

По заземањето на градот Тир (или Сидон) во 332 п.н.е. и Газа, бил отворен патот кон Египет. Притоа, градовите во Феникија, Палестина и Египет без борба ги отварале своите врати и го прогласувале Александар за свој владетел. Како вешт политичар, во Египет тој го посетил храмот на богот на Сонцето Амон Ра, ги придобил свештениците угнетувани од персиската власт, па тие го прогласиле за син на нивниот врховен бог и фараон.

Неговиот војсководач Парменион му предлагал на Александар да ги прекрати натамошните воени походи, но тој бил цврсто решен конечно да ја уништи големата персиска држава.

Поход на ИндијаУреди

  Главна статија: „Поход на Индија.
 
Воена кампања и движење на Александар во неговиот поход на Индија.

После смртта на Спитамена и бракот со Роксана, Александар ги зацврстува своите нови позиции во Централна Азија. Во 326 п.н.е. Александар конечно е подготвен да се посвети на освојувањето на Индија. Александар ги повикува сите водачи на племињата од Гандара, територија на север од денешен Пакистан, да му се покорат и да тргнат со него. Амби, владетелот на Таџила, чие кралство се простирало од Инд до Хидасп (Џелам), така и направил. Но водачите на некои кланови, како Асапсиос и Асакеноис, познати во индиските текстови како Ашвајани и Ашвакајани (имињата асоцираат на природата на нивните заедници, во санскритскиот јазик Ашва значи коњ), одбиле да се покорат.

Александар лично ја преземал командата над штитоносците, пешадијата, стрелците, Агријанците и коњаниците, и со нив тргнал во напад на кланот Аспасиос во долините Алишанг и Гуреа, како и на кланот Асакеноис во долините Сват и Бунер. Според современите историчари, било доста тешко за Александар да ги покори овие племиња, меѓу кои племињата Масага и Аорну пружиле силен отпор. Посебно драматични биле борбите со Аспасиос кланот, во кои Александар бил ранет во рамото со копје, но сепак кланот ја загубил битката. 40.000 воини биле заробени.

Асакеноисите му се спротивставиле на Александар со армија од 30.000 борбени кочии, 38.000 пешадија и 30 слонови. Тие се бореле храбро и пружиле силен отпор во многу утврдени места како што биле градовите Ора, Базира и Масага. За да се скрши жестокиот отпор кај утврдувањето Масага биле потребни неколку дена жестока и крвава битка во која Александар бил сериозно ранет во потколеницата. Кога поглаварот на Масага загинал во битката, команда над неговата војска ја преземала неговата мајка Клеофис, која исто така била цврсто решена да ја брани својата татковина до последниот здив. Примерот со Клеофис кажува дека во битката исто така била вклучена и женската популација на утврдувањето. Александар за да ја совлада Масага морал постојано да врши дотур на свежа војска со цел да го одржи моралот на својата војска. Според Куртис, Александар не само што Александар ја уништил војската и останатите жители на Масага тој исто така го разрушил до темел, го пеплосал градот. На сличен начин својот бес подоцна Александар го искажал и на Ора, следното упориште на Асакеносите.

При крајот на битките кои ги водел Александар во Масага и Ора, голем број на Акакеносите се префрлиле во утврдувањето високо во планините наречено Аорнос. Александар постојано бил зад петици на овие трупи. Само после четири дневна крвава битка Александар го завземал и ова утврдување кое се сметало за неосвоиво. Пустошења како во Масага се повториле и во Аорнос.

Пишувајќи за битките на Александар против Асакеносите, Виктор Хансон вели: Иако им ветил на опколените Асакеноси дека ќе им ги поштеди животите ако се предадат, тој ги погубил сите војници кои биле заробени. Нивните упоришта во Ора и Аорнус исто така биле разрушени.

Сисикотос, кој му помогнал на Александар во овие битки, подоцна бил назначен за владетел на Аорнус.

Откако го совладал Аорнус, Александар ја преминал реката Инд и влетал во епската битка против Пор, владетел на територијата Пенџаб, во битката кај Хидасп во 326 п.н.е.

 
Слика на Шарл Ле Брен на која се претставени Александар и Пор за време на битката кај Хидасп.

После победата, Александар бил импресиониран од храброста на Пор во битката, па затоа влегол во сојуз со него назначувајќи го за управител на неговото кралство, дури и придодавајќи му во владение и територии кои претходно Пор не ги владеел. Потоа Александар изградил два нови града, од кој едниот го именувал Букефал, во чест на неговиот коњ кој го донел него до Индија а загинал во битката кај Хидасп. Александар продолжил со освојувања на сите утврдувања покрај реката Инд.

Источно од кралството на Пор, близу до реката Ганг, се наоѓало моќното царство на Магада под владение на династијата Нанда. Стравувајќи од судир со уште една моќна индиска војска, изморена од повеќегодишните воени походи, војската на Александар запира кај реката Биас одбивајќи да маршира понатаму кон исток. Така оваа река ја означува и границата до каде војската на Александар продрела на исток.

После битката со Пор, моралот на војската на Александар опаднал за понатамошни походи. А покрај се, тие требало да се соочат со далеку помоќен непријател. Војската на Александар имала на располагање околу 20-илјадна пешадија и околу две илјади коњаници. Војската отворено се спротивставила на инсистирањето на Александар да ја преминат и реката Ганг, која била широка, како што тие слушнале, 6.5 километри (32 фурлонга), со длабочина од 183 метри (100 фата). А пак од другата страна на реката ги чекала силна армија од добро вооружени и воинствени пешадијци, коњаници и слонови. Некои извори дури велат дека кралевите на Гандерит и Праеши ги чекале со армија од 8 илјади коњаници, 200 илјади пешадија, 8 илјади борбени кочии и 6 илјади борбени слонови.[1]

Александар, после состанокот со неговиот офицер Коенус, бил убеден дека е подобро да се откажат од понатамошни походи и да се вратат назад. Александар бил приморан да сврти на југ. На патот кон југ војската се судрила со кланот Мали, (во денешно време Мултан). Кланот Мали бил еден од највоинствените кланови во Индија во тој период. Но војската на Александар после жестоките битки го покорува кланот Мали. Во едне од налетите на утврдувањето Александар бил сериозно ранет од стрела.[2] Неговата војска, мислејќи дека нивниот крал е мртов, ја заземаат тврдината и го искалуваат нивниот бес на заробениците.[3] После ова, Мали бил окупиран од војската на Александар, а главницата продолжила со движење.[4] Поголемиот дел од својата армија Александар ја насочува кон Карманија (во денешно време јужниот дел на Иран) на чело со генералот Кратер, а еден дел гради флота за да го истражи Персискиот Залив под водство на адмиралот Неарх, додека со останатиот дел од војската се враќа назад во Персија преку пустината Гедрозија (во денешно време дел од јужен Иран и Макран во јужен Пакистан).

Александар дел од своите сили оставил во Индија. На територијата на Индус, тој го поставил неговиот офицер Пејтон за сатрап, позиција која тој ја задржал следните десет години се до 316 п.н.е., а во Пенџаб тој го оставил генералот Еудемус како командат на војската под владение на Пор и Таџили. Еудемус станува господар на Пенџаб после смртта на овие двајца. И двајцата валдетели (Пејтон и Еудемус) се враќаат на запад во 316 п.н.е. со нивната војска, а на нивно место Чандрагупта Маурија го формира Царството Маурија во Индија.

НаводиУреди