Обред

(Пренасочено од Ритуал)

Обред (или ритуал) — вид традиција која голем број фолклористи ја проучуваат како одделна фолклорна категорија. Обредите се повторливи дејства, но тие се поцелисходни отколку обичајот - тие се високо организирани и контролирани, и често укажуваат на членство во одредена група. Повеќето обреди спојуваат неколку видови фолклор: вербален, материјален и обичаен.

Свештеникот ја крева корпата за време на католичката миса, еден од најраспространетите ритуали во светот.

Општо, обредите се изведби кои се повторливи, шематизирани и често вклучуваат церемонијални дејства кои содржат симболи, дејства, повторувања: можеби најзначајно за препознавањето на обредите е дека тие се врамени во рамка кој укажува на тоа кога обредот започнува а кога завршува. Повеќето обреди се стилизирани, високо контекстуализирани, длабоко симболички активности кои и овозможуваат на групата да изрази традиционални идеи, вредности и верувања. Семејните прослави, прославите во рамки на пошироката заедница, световните и сакралните церемонии и другите структурирани изведби вклучуваат обреди. За нешто да биде обред, тоа значи мора да претставува збир на верувања и вредности кои членовите на групата ги прифаќаат и сакаат да ги засилат. Обредот има за цел и да ја подучи и да ја истакне важноста на овие вредности и верувања. Како и традицијата воопшто, повеќето обреди се истовремено статични и динамични, со основни одлики кои се повторуваат и се препознатливи, но и со простор за големи варијации, кои зависат од групата. Обредите често вклучуваат симболи и метафори за да претстават значајни концепти.

Значајно е да се разбере дека обредите се надворешен израз на внатрешно искусени вредности, верувања и ставови. Токму затоа обредите се толку значајни за групите и фолклористите; тие прават невидливите вредности, верувања и ставови, кои се често затскриени, да станат конкретни и видливи.

Токму заради тоа што обредите фунционираат на толку различни нивоа и на толку различни начини, концептот обред е истовремено лесен за дефинирање и прилично комплициран. Еден од обидите за дефиницирање е оној на Барбара Г. Мајерхоф - нејзиниот клучен аргумент е дека обредот е традиција во акција, дека тој дефинира парче од реалноста. Преку изведувањето (а понекогаш и создавањето) на некој обред одредена група означува момент во времето во текот на кој членовите на групата треба да обрнат внимание на некои од правилата и/или верувањата кои се промовирани од страна на групата. Но целта на обредот не е членовите само да “обрнат внимание“, тукушто е уште поважно, тие треба да бидат убедени дека вредностите на кои се однесува обредот се реални, вистински. Обредот често е акт на убедување. Оттаму Мајерхов вели дека “дејството е важно бидејќи обредите го убедуваат најпрвин телото; однесувањето е ставено пред емоциите на учесниците“. Фразата “fake it till you make it“ (глуми дури не поверуваш), популарна психолошка ’финта’, се однесува и на обредите. Изведувањето на обредот, учеството во еден ваков настан кој го истакнува значењето на културната трансформација, ги обучува учесниците да почувствуваат дека тој настан има некаква вредност.

  • Термините обред и ритуал се синоними, во македонската етнологија се користат и двата, иако се претпочита ’обред’ заради словенскиот корен на зборот (за разлика од ритуал кој има старогрчка односно латинска етимологија ritus = церемноја, употреба, обичај)