Хартија
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Хартија е тенка, рамна материја произведена со компресија на влакна. Влакната што се користат се обично природни и засновани на целулоза. Најчестиот материјал е дрвена каша од смрека и слични дрва, но можат да се користат и влакна од други растенија како памук.
Најстариот познат и сочуван примерок на печатен материјал (сл.1) со помош на калап од дрвен блок потекнува од 868 година кој денеска се наоѓа во Британската библиотека во Лондон. Пронајден е во рушевините на Кинескиот ѕид. Затоа се смета дека хартијата е измислена во стара Кина од страна на евнухот Цај Лун.
Секако хартијата денеска повеќе не се изработува од тоа растение, туку се користат други суровини. Како се развивало човештвото така растела и потребата од поквалитетна хартија која ќе ги задоволи потребите на тоа време. Така хартијата почнала да се прави од ситно мелена дрвна маса која во казани се варела и рачно се мешала сè додека не добие кашест облик. Потоа од казаните рачно, еден вид сита се ваделе лист по лист и се сушеле поединечно. Таквиот процес бил макотрпен и така добиената хартија чинела многу а била со низок квалитет. Имено денешната современа хартија се произведува од различни суровини, како што рековме, најчесто се користи дрвото, отпаден текстил, памукот и во поново време стара рециклирана хартија.
Производство
уредиХартијата денеска најчесто се изработува од ситно мелена дрвна маса која се меша со големи количини на вода. Целата таа смеса се вари и се добива пулпа или каша која подоцна со помош на полирани цилиндри се извлекува во тенок слој. Подоцна во текот на производството се провлекува низ цел еден склоп од цилиндрични ваљаци, се суши и додатно се измазнува во зависност од потребите на побарувачот. Целата линија за извлекување на хартија од смесата е составена од ланец со повеќе групи на валјаци кои хартијата ја доведуваат на саканата дебелина. Во една од почетните фази на извлекување на хартијата се вметнува и една од главните заштитни мерки т.е. водениот жиг, за кој подоцна повеќе ќе зборуваме.
Целата технологија при производство на хартијата, општо кажано, се изведува со помош на два главни процеси и тоа: механички и хемиски. Под механички процес се подразбира самото мелење на дрвната маса и нејзината механичка обработка (отстранување на нечистотиите, варењето на смесата и сл.). Но за да ги добие своите конечни својства (белина, трајност, отпорност и сл.), хартијата мора да претрпи и одредени хемиски процеси како што се додавање на разни хемиски средства (хлор, озон, водород итн.) кои хартијата ја прават мазна и бела. Хартијата добиена од дрвна маса е доволно добра за широка употреба но постојат одредени ограничувања, односно истата има релативно краток рок на употреба, со текот на времето пожолтува и старее, лесно се кине и уништува. Таквата хартија се користи за секојдневна употреба почнувајќи од обична тоалетна хартија па сè до хартија за цртање и пишување, издаваштво и сл.
За добивање на висококвалитетна хартија која има многу долг век на траење и употреба, се користи памукот како основна суровина. Главна одлика на хартијата добиена од памукот е што таквата хартија не жолтее со текот на времето и ги задржува своите својства дури и по многу години на употреба. Начинот на производство е идентичен како и во преходниот случај за хартијата добиена од дрвната маса. Памучната хартија е прикладна за сите видови печатење поради нејзиното својство за апсорбирање на мастилото. На сликата бр.2 можеме подобро да го видиме целиот процес на добивање на хартија кој во основа е ист без разлика дали се работи за хартија добиена од памук, дрвна маса или од отпадна хартија.
Видови хартија
уредиПостојат два вида на хартија и тоа:
- обична хартија
- заштитна хартија
Под поимот обична хартија подразбираме хартија која секојдневно ја сретнуваме и употребуваме како што се: весниците, билбордите, постерите тоалетната хартија, книгите и сл. Таа најчесто се изработува од рециклирана хартија или од дрвна маса.
Под поимот заштитна хартија подразбираме хартија во која се вградени одредени заштитни мерки кои овозможуваат нејзина заштита од умножување, репродуцирање, вршење измени во содржината и сл. Заштитната хартија исто така ја среќаваме под поимот „Документска„ хартија, од причина што на таквата хартија најчесто се изработуваат документи од поголемо значење. Документската хартија се добива исклучиво од памукот и има многу добри одлики како што се долготрајност, отпорност на абење, не жолтее со време и има добра апсорбирачка моќ на мастилата. Понатаму повеќе внимание ќе се обрне на документската или заштитната хартија.
Заштитна хартија
уредиПојавата или потребата за фалсификување или промена на содржината на еден документ постои уште многу одамна, уште од времето кога е откриена хартијата како медиум за изработка на документи и други вредносни материјали. Таа појава општо се дефинира како потреба на човекот за стекнување со противзаконска корист.
Науката секојдневно води борба за заштита на документската хартија од фалсификување и преправање на содржината со вметнување на одредени додатоци во самата хартија заради оневозможување на нејзино копирање, преправање на содржината и сл. Така третираната хартија ја нарекуваме заштитна или документска хартија.
Заштитна хартија е хартија во која се инкорпорирани заштитни мерки кои имаат улога да го идентификуваат или авторизираат производот како оригинал или заштитни мерки кои ќе прикажат намера или обид за нејзино фалсификување на пример промена или бишење на податоци кои се отпечатени или испишани на друг начин.
Од самите почетоци на користење на хартијата, човекот, увидел потреба за користење на хартија која ќе биде одбележана (во прво време, а подоцна и заштитена) на некој начин, и која ќе го претставува реномето на сопственикот или носителот на самиот документ лично, во исто време да не може да биде изменет од друго лице, намерно или случајно. Водениот печат, на кој подоцна ќе обрнеме повеќе внимание, како заштитна мерка први почнале да го користат големопоседниците и веледостојниците за да дадат личен потпис на сите документи кои ги пишувале како и да се заштитат од препишување и изменување на содржината на нивните документи. Таквата хартија се изработувала во посебни фабрики и во точно контролиран тираж. На сликите 2 и 3 гледаме пример на заштита на хартијата со воден жиг кој се употребувал порано.
Примери како и потреби за користење на заштитната хартија има безброј, почнувајќи од обични билети за концерт или градски превоз па сè до изработка на хартиени банкноти, патни исправи, визи и сл. Денеска заштитната хартија е во сè поголема употреба. Не може да се замисли каков било документ кој има и најмало значење а да не содржи барем еден заштитен знак.
Полицискиот службеник е потребно добро да ги познава и разликува сите заштитни мерки кои се вметнати во производството на хартијата. За таа цел ќе ги проучиме сите поединечно и ќе се запознаеме со нивните одлики.
Заштитни мерки во хартијата
уредиФлуоросцентност
уредиФлуоресцентност е својство на обичната хартијата да реагира под УВ светлина. Заштитната хартија е хемиски третирана уште во текот на најраните фази на производство и истата не реагира под УВ светлина, таквата хартија популарно е наречена „Оптички мртва„ хартија. Како една од основните заштитни мерки кои се употребуваат за заштита на документската хартија е оптичкото мртвило односно недостаток на реакција под УВ светлина. Заштитната хартија изложена на УВ светлина нема реакција односно не рефлектира со светлина додека ако ставиме обична хартија на истата светлина таа ќе рефлектира со светлина. Оптички „мртва„ хартија се добива со помош на додавање на одредени хемиски супстанции уште во текот на варењето на самата смеса од памук.
Начини на фалсификување
уредиВо денешно време оптичкото мртвило на хартијата, фалсификаторите се обидуваат да го постигнат со помош на „замаглување„ на хартијата со разни хемиски премази кои се нанесуваат на самата површина и би требало да ја намалат УВ рефлексијата на обичната хартија. Така премачканата хартија лесно може да открие ако со УВ лампа ги провериме превиткувањата на листовите или местата каде што хартијата е зацепена или шиена (ако се работи за патна исправа). На тие места хартијата ќе светли под УВ лампа затоа што премачкувањето се врши површински на листот и не навлегува во длабочината на хартијата.
Воден жиг
уредиВоден жиг е вметнат лик, цртеж или текст во хартијата кој се гледа само осветлен со трансмитно (позадинско) осветлување. Истиот можеме да го видиме и на природна светлина само ако објектот што го набљудуваме го подигнеме во правец кон изворот на светлина и гледаме низ него. Самиот лик се создава по пат на пропуштање и задржување на светлината. Значи постојат здебелени места на хартијата кои пропуштаат помалку светлина и потенки места кои пропуштаат повеќе светлина. Комбинации од светли и темни места на хартијата формираат слика или лик. Водениот жиг е најважната и главна заштитна мерка која е инкорпорирана во самата хартија. Воден жиг е слика, цртеж или текст кој е вметнат во самата хартија. Сликата се формира како што рековме, по пат на здебелени и истенчени места на хартијата кои гледани спрема светлина ја формираат саканата слика. Значи истиот не се печати или црта на хартијата туку едноставно се втиснува во неа додека таа е сѐ уште влажна.
Вметнувањето или втиснувањето на водениот жиг се врши во текот на извлекувањето на хартијата од смесата. Веднаш по провлекувањето низ првиот ваљак пред да ја добие својата конечна дебелина, хартијата се провлекува низ два специјални ваљаци на кои се налепени бакарни калапи на кои се изгравирани одредени цртежи односно ликови, во зависност од барањето на клиентот. Истиот се втиснува во влажната хартија.
Разликуваме два вида на водени жигови и тоа: -линиски -повеќетонски (сенчест) воден жиг
Линиски воден жиг е воден жиг формиран со јасни и едноставни линии кои формираат одреден текст или лик. Линискиот воден жиг може да биде поделен на два вида и тоа светол и темен. Светлиот е оној каде што главните линии на ликот или текстот се светли односно хартијата на тие места поистенчена додека темниот воден жиг е составен од темни линии односно главните линии на текстот или ликот се направени од здебелени места на хартијата.
Повеќетонскиот или сенчест воден жиг се формира од линии меѓу кои нема јасна граница туку тие се претопуваат една во друга при што се добива впечаток на нијанси и таквиот воден жиг овозможува изработка на многу побогат лик и посложени форми.
Начини на фалсификување и нивно откривање
уредиПостојат повеќе начини да се фалсификува водениот жиг. Но треба да се има предвид дека сите начини се доста лесни за откривање. Како што рековме, бидејќи водениот жиг е втиснат во хартијата додека истата е суште во влажна состојба, не постои начин тој подоцна да се преправи избрише или вметне поинаку освен со неколку начини кои сега ќе ги опишеме.
Првиот начин и најчесто користен од страна на фалсификаторите е со печатење со ликот врз површината на хартијата, со многу нежна сива боја која одвај се гледа со голо око, но сепак доловува одреден впечаток на воден жиг кога ќе се погледне на трансмитно светло. Ваквиот обид за имитација на водениот жиг лесно се открива ако документот го изложиме под УВ светлина. Водениот жиг ќе стане видлив (ке свети). Кај оригиналот тоа не смее да се случи затоа што тој е дел од самата хартија, а како што знаеме документската хартија не светли под УВ светлина.
Вториот начин е со вршење на притисок врз хартијата со калап на кој е исцртан истиот лик кој треба да стои во документот. Таквиот обид за фалсификување многу лесно се открива со лесно преоѓање со прстите преку хартијата. Ке почувствуваме релјефност на површината што кај оригиналниот воден жиг не е случај.
Постојат и примери на вметнување на воден жиг во хартијата со помош на цепење на листот на два дела по широчина, што бара многу внимателност и вештина од страна на фалсификаторот. Во внатрешноста на така исцепениот лист се напечатува ликот од водениот жиг и двете страници повторно се спојуваат со притисок. Ваквиот метод е многу ретко користен затоа што многу е лесно да се искине страницата и да се уништи документот.
Влакна и планшети
уредиВо текот на изработката на заштитната хартија уште додека таа е во кашест облик во неа се додаваат еден вид на влакна или плочки (планшети) добиени од пластична маса. Истите, со текот на мешањето на смесата се распоредуваат хаотично и неправилно и се наоѓаат насекаде низ површината на подоцна извлечениот лист хартија. Нивната густина варира според потребите на нарачателот со оглед на нивната голема цена. Можат да бидат во повеќе бои а најчесто ги среќаваме во сина, жолта и зелена. Влакната и плашетите се УВ реактивни, што значи дека изложени под УВ светлина тие рефлектираат. Нив генерално, можеме да ги поделиме во две групи и тоа: видливи и невидливи. Видливи флуоресцентни се оние коишто можеме да ги видиме под дневна светлина а исто така и регираат на УВ светлина. Невидливите не се гледаат со голо око на дневна светлина тие се гледаат само под УВ светлина. Невидливите флуоресцентни влакна и планшети, повеќе се користат во патните исправи.
Поради тоа што истите се хаотично расфрлани во смесата за добивање на хартијата, нивниот конечен распоред на хартијата е неправилен и не може да се предвиди. Токму тука лежи „тајната„ на оваа заштитна мерка. Значи ниеден фалсификатор не може да ги нареди влакната и планшетите во длабочината на хартијата.Тие се наоѓаат насекаде низ површината на хартијата како по длабочина така и по широчина. Може да се случи дел од нив и да не се гледаат доволно добро бидејќи се подлабоко навлезени, а дел од нив и да се на самата површина.
Начини на фалсификување и нивно откривање
уредиНајчесто, при обид за фалсификување на влакната и планшетите, од страна на фалсификаторите се користи техниката на рачно цртање на истите врз површината на хартијата со УВ мастило или фломастер или истите се принтаат. Принтаните влакна и планшети лесно ќе ги препознаеме по тоа што тие се правилно распоредени на хартијата. Кога ќе споредиме две странички од патната исправа ќе забележиме дека распоредот на влакната е идентичен, што нормално не може да се случи. Може да се сретне и истите да бидат налепени врз површината, што лесно може да се провери со лесно загребување на влакното, ако е налепено тоа лесно ќе се оддели од хартијата бидејќи е на самата површина.
Заштитен конец
уредиЗаштитните ленти, се компоненти кои целосно или делумно (прозорец) се вметнати во хартијата во текот на процесот на производство на истата. Оваа заштитна мерка е видлива под трансмитно светло но и под дневна светлина со голо око, и нуди извонредна заштита, пред се, против копирање. Заштитната лента е изработена од многу тенка алуминиумска фолија со широчина од не повеќе од 5 милиметри. Таа се „налепува„ врз хартијата или во длабочина на истата во процесот на производството после вметнување на водениот жиг. Заштитната лента која е вметната во хартијата може да биде испечатена со разни мотиви монохроми или колоритни, или текст, во зависност од барањето на нарачателот. Исто така може да биде со метална или оптички променлива површина.
Постојат и ленти кои се топлински чувствителни и го менуваат својот изглед при температура над 25 °C што значи дека топлината на прстите од раката може да се искористи како алатка за проверка на веродостојноста на документот.
Заштитните ленти, можеме да ги поделиме во три категории: -заштитна лента проткаена низ средината на хартијата (се гледа само на трансмитно светло, сл.11) -заштитна лента проткаена низ хартијата (прозорец, се гледа делумно под трансмитно делумно со голо око) -заштитна лента налепена на самата површина на хартијата (од едната страна се гледа со голо око, а од задната страна се гледа со трансмитно светло)
Начини на фалсификување и нивно откривање
уредиЗаштитниот конец може да се фалсификува на повеќе начини. Најчесто користен начин е со едноставно налепување, на тенка алуминиумска лента на површината на хартијата или парчиња од тенка алуминиумска фолија за да се имитира прозорец заштитен конец. Кога се работи за вметнат заштитен конец во средината на хартијата, тогаш фалсификаторите се користат со негово исцртување на хартијата со многу бледи бои кои кога се гледа низ трансмитно светло доловуваат впечаток дека постои конецот внатре во хартијата. Таквиот обид за фалсификување се открива со УВ лампа, односно истиот ќе свети под УВ светлина што не е случај со оригиналниот заштитен конец вметнат во докуменската хартија.
Хемиска заштита
уредиЗа остварување на дополнителна заштита на хартијата, се додаваат т.н „колоранти„ во самото производство на хартијата. Тоа се хемиски чувствителни супстанции кои регираат со промена на бојата или со растечување при обид да се дејствува врз нив. Со користење на одредени хемиски супстанци, од страна на фалсификаторите, како што е алкалија (база), агенси за побелување и органски растворувачи, за да се отстранат или изменат одредени податоци, се активираат колорантите додадени во хартијата и се појавуват видливи.
Хартијата како мотив во уметноста и во популарната култура
уреди- „Хартии“ (српски: Хартије) — песна на српскиот поет Васко Попа.[1]
Наводи
уреди- ↑ Васко Попа, Поезија (избор). Скопје: Култура; Београд: Нолит, 1968, стр. 22-23.