Коските се бели, цврсти органи кои го образуваат скелетот. Секоја коска во скелетот има определена форма и е специјализирана за вршење на определена функција. За коските преку тетиви се поврзуваат скелетните мускули, со кои се обезбедува определен начин на нивно движење.

Коски на човечкиот скелет.

Типови на коски

уреди

‘Рбетниците поседуваат два типа на коски. Дермалната коска се состои од коскени структури (плочки и лушпи) кои се развиваат во кожата. Коскениот штит на најраните безвилични риби бил дермална коска; такви се и крлушките на ајкулите, раменските сечила и покривот на човечкиот череп. Дермалната коска не се образува најпрво од ‘рскавица па потоа калцифицирање, што не е случај со ендоскелетната коска. Всушност, кај ‘рскавичните риби никогаш не се образува вистинска коска. Прешлените, ребрата, додатоците и вилиците се ендоскелетни коски. Черепот на ‘рбетниците е всушност сложена структура изградена од ендоскелетни и дермални коски.

Сите ‘рбетници имаат ‘рскавица покрај коските или наместо нив. ‘Рскавицата може да е флексибилна (како ‘рскавицата во човечките нос и уши) или цврста (како ‘рскавицата во човечкиот грклан - гласната кутија). ‘Рскавицата исто така ги препокрива соседните површини на коските кај подвижните зглобови; оштетувањето или кршењето на оваа ‘рскавица доведува до појава на болки при движењето. Калцифицираната ‘рскавица од која се изградени забите и прешлените на ајкулата не претставува вистинска коска, туку таа е мртва кога функционира, додека коската главно е живо ткиво.

Општа градба и функции

уреди

Иако коската изгледа како нежива материја, сепак таа е динамична структура составена од живи ткива, како коскени клетки, масни клетки и крвни садови, како и од неживи материи, вклучително вода и минерали.

Коските се повеќенаменски структури кои имаат различни и витални улоги кај ‘рбетниците. Тие образуваат рамка на телото, давајќи му потпора и форма. Тие исто така образуваат површина за прикачување на мускулите и дејствуваат како лостови, овозможувајќи многу сложени движења. Повеќето коски ги штитат помеките внатрешни органи; на пример, коските на черепот го заштитуваат мозокот, а ребрените коски формираат кафез околу срцето и белите дробови. Освен овие структурни и механички функции, коските исто така учествуваат во физиологијата на телото. Тие складираат калциум, минерал кој е есенцијален за активноста на нервните и мускулните клетки. Меката срцевина на коската (коскена срж) е место каде се формираат еритроцитите, одредени леукоцити и тромбоцитите.

Возрасен човек има 206 коски, кои чинат 14% од вкупната телесна тежина. Најдолгата и најјаката коска е бутната коска која во период на зрелоста е долга околу 50 cm и широка 2,5 cm. Најмалата коска е чеканчето (stapes), која е една од трите ситни ковчиња во средното уво. Таа е долга само 0,18 cm.

Коските (со исклучок на забите) се најцврстите органи во телото на човекот. Нивната структура овозможува да се отпорни на свиткување, влечење и притисок. Коските се изградени од коскено ткиво.

На секоја коска разликуваме проширени краеви - епифизи, поврзани меѓусебе со издолжен, цевчест дел - дијафиза. Во дијафизата се содржи коскената срж во која до 25 годишна возраст (кај човекот) се врши хемопоеза.

Врз основа на формата, коските се поделени во три основни групи:

Развиток и одржување

уреди

За време на раниот развиток на бебето во телото на мајката, скелетната структура се состои од ‘рскавица. На околу осмата недела од феталниот развиток, солите на калциум и фосфор започнуваат да се натрупуваат околу ‘рскавицата. На 40 недели од развитокот, меѓутоа, феталните коски сè уште се состојат главно од мека ‘рскавица. Черепот се состои од неколку ‘рскавични плочки кои не се целосно зглобени. Просторите меѓу ‘рскавичните плочки се нарекуваат меки точки или фонтанели. Меката ‘рскавица и фонтанелите овозможуваат натиснување на черепот при неговото минување низ родниот канал. За време на детството, ‘рскавицата постепено се заменува со коска преку активноста на остеобластите. Кај новороденчето се присутни повеќе од 300 коски од кои неколку се соединуваат со текот на созревањето.

Во текот на животот, коскеното ткиво подлежи на непрекинато разградување и обновување како одговор на потребите на телото. На пример, калциумот мора секогаш да биде присутен во крвта во одредени концентрации. Доколку концентрациите на калциум опаднат, клетките наречени остеокласти ја разградуваат коската за да се ослободи калциумот во крвотокот. Доколку со вежбање се зголеми мускулната маса, коските мораат да се задебелат така што движењата на посилниот мускул да не ја скрши коската. Во овој случај остеобластите создаваат ново коскено ткиво.

За време на детството и адолесценцијата, многу повеќе коскено ткиво се натрупува одошто се разградува, така што скелетот расте во големина и силина. Во првите периоди на возрасен човек, разградувањето полека започнува да го надминува натрупувањето. Со стареењето на човекот, коскеното ткиво се намалува, а коските слабеат и се силно подложни на кршење. Вежбањето и правилната исхрана се клучни за одржување на здрав раст на коските во сите фази на животот. Здравата исхрана, особено таа со која се внесува доволно калциум, фосфор, витамин D и хормоните (хормон за раст, паратироиден хормон, калцитонин и полови хормони) влијаат заедно на растот на коските.

Скршеници

уреди

Скршениците се многу чести повреди на коските. Процесот на закрепнување вклучува заемодејство на неколку процеси. Околу недела по скршувањето на коската, клетките од периостеумот ја инвазираат оштетената област и произведуваат фиброзна мрежа. Потоа, други клетки произведуваат ‘рскавица на мрежата. Конечно, остеобластите влегуваат во мрежата и ја претвораат ‘рскавицата во коска. Целосното заздравување може да се случи по недели, па дури и месеци, во зависност од староста, здравствената состојба, и други особености на единката. Некои скршеници се третираат со сплинт, цврст објект кој дава потпора на областа околу скршената коска и го ограничува движењето. Други скршеници мораат целосно да се имобилизираат, бидејќи движењето може да предизвика нова скршеница во областа.

Коските како тема во уметноста и во популарната култура

уреди
  • „Коската на коските“ (српски: Кост кости) — циклус песни на српскиот поет Васко Попа од 1956 година.[1][2]
  • „Коските на сипата“ - поетска збирка на италијанскиот писател Еуџенио Монтале од 1926 година.[3]
  • „Вилична коска“ (англиски: Jawbone) - песна на американската рок-група Бенд (The Band) од 1969 година.[4]
  • „Без коски“ (англиски: No Bones) - песна на американската рок група Dinosaur Jr. од 1988 година.[5]
  • „Суво како коска“ (англиски: Dry As A Bone) — музички албум на американската гранџ-група Грин Ривер (Green River) од 1987 година.[6]
  • „Коските на Били“ (англиски: Billy's Bones) - песна на ирската рок-група Поугс (The Pogues) од 1985 година.[7]
  • „Пршлен“ (англиски: T Bone) — песна на англиската рок-група Рејкс (The Rakes) од 2005 година.[8]
  • „Коска“ (англиски: Bone) - песна на американската рок-група Соник Јут (Sonic Youth) од 1994 година.[9]
  • „(Смешна) коска“ (англиски: (Funny) Bone) - песна на американската поп-група Шик (Chic) од 1978 година.[10]

Наводи

уреди
  1. Aleksandar Petrov, „Vasko Popa“, во: Vasko Popa, Pesme. Beograd: Bigz, 1978, стр. 195-199.
  2. Васко Попа, Непочин-поље. Београд: Просвета, 1963, стр. 53-62.
  3. Serđo Tukoni, „Euđenio Montale“, во: Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 162.
  4. YouTube, Jawbone (Remastered 2000) (пристапено на 23.3.2020)
  5. Discogs, Dinosaur Jr. ‎– Bug (пристапено на 3.6.2020)
  6. DISCOGS, Green River ‎– Dry As A Bone (пристапено на 27.6.2019)
  7. YouTube, 11 Billy's Bones by The Pogues (пристапено на 22.8.2017)
  8. The Rakes – Capture / Release (пристапено на 31.3.2024)
  9. DISCOGS, Sonic Youth ‎– Experimental Jet Set, Trash And No Star (пристапено на 20.7.2019)
  10. C'est Chic, Atlantic Recording Corporation, CD 81552-2, 1978.