Теодор В. Адорно (герм. Theodor W. Adorno, 11 септември 1903 - 6 август 1969) - познат социолог, филозоф и музиколог од германско потекло.

Теодор В. Адорно
Адорно во 1964
Роден(а)11 септември 1903(1903-09-11)
Франкфурт, Прусија, Германија
Починал(а)6 август 1969(1969-08-06) (возр. 65)
Висп, Вале, Швајцарија
Други имињаТеодор Лудвиг Адорно Визенгрунд
ПериодФилозофија на XX век
ПодрачјеЗападна филозофија
Школакритичка теорија · марксизам
Претежна дејност
општествена теорија  · социологија  · психоанализа  · епистемологија  · естетика  · музикологија  · масовни медиуми

Теодор Адорно бил еден од најпрестижните континентални филозофи на дваесеттиот век. Тој бил под влијание на Хегел, Маркс и Ниче и бил поврзан со Институтот за социјални истражувања во Франкфуртската школа[1] за социјална теорија заедно со Макс Хоркхајмер, Валтер Бенјамин, Херберт Маркузе, Јирген Хабермас и други.

Иако пишувал за голем број теми, неговата основна загриженост била човечкото страдање - особено современите општествени ефекти врз човековата состојба. Адорно дал придонес за критичката теорија и меѓу другото бил познат и по неговата критика на "културната индустрија."

Животопис

уреди

Раните години поминати во Франкфурт

уреди

Теодор Лудвиг Адорно Визенгрунд е роден во Франкфурт како единствено дете на богатиот трговец со вино, Оскар Александар Визенгрунд (1870–1941) со еврејско потекло, преобратен во протестантство и на Марија Барбара, по потекло католичка Французинка, родена како Калвели Адорно. Презимето Адорно кое Теодор го прифатил како свое откако станал натурализиран Американец во 1943 потекнува од дедо му по мајчина страна Жан-Франсоа Калвели (1820-1879) со потекло од Корзика, блиску до Бокоњано, чие семејство било блиско со семејството Бонапарта и кој како офицер останал да живее во Франкфурт под презимето Кавели Адорно дела Пјана.[2] Тој своето презиме Визенгрунд, го скратил на В. меѓутоа ова француско потекло не му овозможило на Адорно, како што се надевал, во 1936 година да добие француско државјанство кога нацистите во Германија го попишале како неаријански [2]. Семејството Визенгрунд воопшто не ја практикувало еврејстата традиција а Адорно се држел настрана од религиите и нивните претставниците меѓутоа се дружел со еврејски интелектуалци и отсекогаш од другите бил сметан за Евреин. Така, жената на Албан Берг него го опишува како „млад Евреин.

Неговото детство го одбележала музиката поради афинитетите на неговата мајка и тетка. Мајка му Марија Кавали Адорно била пејачка која настапувала во Виена на Кралскиот двор, а нејзината сестра, Агата, која живеела со нив, се сметала себеси за пејачка и пијанистка. Уште млад Адорно страсно се зафатил со изучување на пијаното а на 12 годишна возраст умеел да го свири Бетовен[3]. На училиште тргнал на 6 годишна возраст а во 1913 се запишал во Гимназијата „Кајзер Вилхелм“ каде завршил прв во класот во 1921 година.

Во слободното време посетувал приватни часови задно со Бернард Секлес а во саботите попладне саботите ја читал КантоватаКритика на здравиот разум“ заедно со неговиот пријател Зигрид Кројцер, кој бил 14 години постар од него. Подоцна изјавил дека на овие часови поминати во читање им должи повеќе отколку на било кој од академските учители. На Универзитетот во Франкфурт (кој денеска го носи името на Јохан Волфганг Гете) студирал филозофија, музикологија, психологија и социологија, каде дипломирал во 1924 година со дисертација на тема посветена на Едмунд Хусерл. Во периодот пред дипломирањето, Адорно се запознал со неговите идни и најважни интелектуални соработници Макс Хоркхајмер и Валтер Бенјамин.

Студиите во Виена

уреди
 
Макс Хоркхајмер (напред-лево), Теодор Адорно (напред-десно) и Јирген Хабермас (одзади-десно) во 1964 во Хајделберг.

За време на студентските години во Франкфурт Адорно напишал бројни музички критики, но пред сѐ, сакал да биде композитор. Во текот на летото 1924 година, виенскиот композитор Албан Берг премиерно настапил во Франкфурт, а кога Адорно се запознал со него и двајцата се согласиле дека младиот филозоф и композитор би требал да студира заедно со Берг во Виена[4]. По преселувањето во Виена во февруари 1925 година, Адорно се втурнал во музичката култура која пораснала околу Шенберг: освен часовите двапати неделно со Берг, Адорно продолжил со студиите по пијано со Едвард Штејерман и се дружел со виолинистот Рудолф Колиш. Во Виена тој воспоставил контакти со членовите на Виенската школа - Антон Веберн и Арнолд Шенберг. Револуционарниот атоналитет на Шенберг го инспирирал 22- годишниот Адорно да ги запише филозофските опсервации на новата музика, иако таа не била добро примена од неговите приврзаници. Разочарувањето поради ова го принудило да се врати кон музичката критика за да ја засили својата академска кариера на предавач и социјален истражувач. Тој останал да работи како главен уредник на авангардното списание „Анбрух“ иако музиколошките пишувања веќе ги изместиле неговите филозофски амбиции. Други трајни влијанија од времето поминато во Виена го вклучуваат Карл Краус, чии предавања ги следел заедно со Албан Берг и Ѓерѓ Лукач, а чија пак „Теорија на романот “ веќе го воодушевила во гимназиските денови. Само една година пред запознавањето со Лукач тој ја изучувал неговата „Историја на класната свест“.

Средните години во Франкфурт

уреди

По враќањето од Виена, Адорно доживеал втор неуспех. При одбрана на дисертацијата кај менторот Ханс Корнелиус и неговиот асистент Макс Хоркхајмер, тие изразиле загриженост за тезите на Адорно, за сеопфатната психолошко филозофска расправа, која тој ја повлече во почетокот на 1928 година. Имено, по пишување на "Делови за пијано во строга техника од дванаесет тона", како и песни подоцна интегрирани во Шест багатели за глас и пијано, оп. 6, Адорно го претставил својот ракопис, Концептот на несвесното во трансценденталната теорија на психата на Корнелиус во ноември 1927 година. Корнелиус го советувал Адорно да ја повлече апликацијата бидејќи ракописот бил премногу блиску до неговиот сопствен начин на размислување. Во овој ракопис, Адорно се обидел да го нагласи епистемолошкиот статус на несвесното, како во раните дела на Фројд. Против функцијата на несвесното кај Ниче и Шпенглер, Адорно тврдел дека Фројдовото поимање за несвесното служи како "остро оружје ... против секој обид да се создаде метафизика на инстинктите и да се обожува целосна, органска природа".[3] На Адорно му требале уште три години за да го добие звањето вениа легенди (докторска хабилитација), откако го приложил ракописот на тема „Изградба на естетиката“ кај новиот ментор, Паул Тилих. На денот кога неговата студија била објавена, на 23 март 1933 година, Хитлер дошол на власт.[3]

Помеѓу 1928 и 1930 година, Адорно добил поголема улога во редакцијата на весникот Анбрух. Во предлогот за трансформација на списанието, Адорно се обидел да го користи Анбрух за борбата на радикалната модерна музика против она што тој го нарекува "стабилизирана музика" на Пфицнер, подоцнежниот Штраус, како и неокласицизмот на Стравински и Хиндемит. Во текот на овој период тој ги објавил есеите "Ноќна музика", "За додекафонијата" и "Реакција и напредок". Во тоа време, Адорно се допишувал со композиторот Ернст Кренек, со кого разговарал за проблемите на атоналитетот и додекафонијата. Во писмото од 1934, Адорно тој звучел критично кон Шенберг:

Додекафонијата сама по себе не е ништо освен принцип на мотивирана елаборација и варијација, како што е развиена во сонатата, освен сега подигнат сеопфатен принцип на конструкција, имено трансформиран во една форма а приори и, како таква, одвоена од површината на композицијата[3].


Неколку месеци откако се квалификувал како предавач по филозофија, Адорно одржал инаугуративно предавање на Институтот за социјални истражувања, независна организација која неодамна го назначила Хоркхајмер за директор и со доаѓањето на книжевниот научник Лео Ловентал, социјалниот психолог Ерих Фром и филозофот Херберт Маркузе, се обидувала да ги искористи неодамнешните теоретски и методолошки достигнувања во општествените науки. Адорно започнал со предавања на тема којашто цел живот ја сметал за прагматична - „Актуелноста на филозофијата“.[5][6] Со ова тој за првпат го поставил прашањето за целината, земајќи ја предвид позната формула (насочена против Фридрих Хегел) дека целото не е вистина (од Минима Моралија). Есејот на Адорно „За општествената ситуација на музиката“ во 1932 година бил неговиот придонес на првото издание на „Журналот за социјалното истражување“ на Хорхајмер.

Кога нацистичката партија станала најголемата партија на Рајхстагот, забелешката на Хоркхајмер од 1932 година се покажала типична за неговото опкружување: "Само едно е сигурно", напишал-тој, "ирационалноста на општеството стигна до таа точка каде само најгласните предвидувања имаат некаква веродостојност"[3]. Во септември 1932 му се одземало правото на Адорно да држи предавања. Во март, кога на свастиката била ставена како знаме на градското собрание, канцелариите на Институтот биле претресувани од полицијата во Франкфурт. Куќата на Адорно исто така била претресната во јули а неговата апликација за членство во Националната комора за книжевност била одбиена врз основа на тоа дека членството е ограничено на "лица кои ѝ припаѓаат на германската нација со длабоки корени во карактерот и крвта“. Како неариевец бил информиран дека тој „не умее да ја почувствува и да ја цени таквата обврска"[3]. Набргу потоа, Адорно бил принуден да издржи петнаесет години на егзил.

Помеѓу Берлин и Оксфорд (1934–1937)

уреди

За време на престојот во Берлин во 1920 година Адорно воспоставил блиски односи со Валтер Бенјамин и со Ернст Блох. Така се запознал со првото големо дело на Блох „Духот на утопијата“ во 1921 година. Освен тоа Берлин бил дом на позната хемичарка Маргарета Калпус со која Адорно се оженил во Лондон во 1937.

Бегајќи од нацистичкиот режим во 1934 тој емигрирал во Лондон со надежи дека ќе добие професорски ангажман во Оксфорд. Во 1936 година весникот „Цајтшрифт“ објавил еден од најконтроверзните текстови на Адорно „За џезот“. Во времето на Адорно, називот џез се користел за сета популарна музика од тоа време. Текстот не се занимава толку со стилот на музиката туку повеќе е глас против забавниот бум и културната индустрија. Адорно верувал дека културната индустрија е систем под контрола од горе кон долу преку творби во општеството, на стандардизирана култура која ја засилува ширината на уметничкото изразување. За ова прашањето тој расправа и во есејот „За фетишот и знаците во музиката“ (Цајтшрифт 1938) во кој Адорно го формулира познатиот цитат “секое задоволство кое произлегува од размената добива субверзивни одлики“. Обемната коресподенција со Хоркхајмер кој живеел во егзил во САД довело до нова понуда да работи во Америка.

Импресиониран од книгата на афоризми на Хоркхајмер, Зора и зајдисонце, Адорно почнал да работи на својата книга афоризми, што подоцна ќе стане Минима Моралија. Додека престојувал во Оксфорд, Адорно доживеал две големи загуби: неговата тетка Агата починала во јуни 1935 година, додека Албан Берг почина во декември истата година. До крајот на својот живот, Адорно никогаш не ја напуштил надежта да го комплетира незавршеното дело Лулу на Берг.

Емигрирање во САД (1938–1949)

уреди
 
Зградата во којашто живеел Адорно додека престојувал во Њујорк

По првата посета на Њујорк во 1937 тој одлучил да се пресели таму. Во Брисел ги оставил своите родители кои починале по две години. Му кажа збогум на Бенјамин во Санремо кој се решил да остане во Европа со што нивната идна комуникација се ограничила на писма. Преселувањето на Адорно му овозможил ангажман со кој дел од времето го посветил на Институтот за социјални истражувања кој тогаш се наоѓал на Универзитетот Колумбија. Остатокот на времето го посвети на Радио проектот во кој бил музички директор. Проектот бил познат како Лазарфелд/ Стандтон програма за анализа, а го уредувал австрискиот социолог Пол Лазарсфелд од Универзитерот Принстон. Договорот траел до 1941.

Вниманието на Адорно било насочено кон соработката со Хоркхајмер. Тие заедно се преселиле во Лос Анџелес[7] каде тој во наредните седум години предавал и ја имал функција на заменик директор во секторот за истражување на Универзитетот во Калифонија. Колективната работа излегла на виделина со трудот „Дијалектика на просветувањето“, напишана за време на Втората светска војна чие прво печатено издание било објавено дури во 1947 година, во Амстердам[8]. Соочени со непредвидливите настани на Холокаустот, авторите го започнале делото со следниот текст:

Во најширока смисла на прогресивната мисла, целта на просветителството секогаш е ослободувањето на луѓето од стравот и воспоставувањето на сопствениот суверенитет[8].


Во книгата која не оставила голем впечаток во јавноста сѐ до нејзиното второ издание во 1969 година, Адорно и Хоркхајмер поставиле динамична рамка на цивилизацијата која тежнее кон самоуништувањето. Во предговорот на делото, двајцата автори го навеле мотивот на делото пишуваји го следново:

 
Тихоокеански Палисади (Лос Анџелес) каде живееле голем дел од германската емиграција за време на Втората светска војна, меѓу кои Теодор В. Адорно, Томас Ман, Бертолт Брехт, Артур Шенберг и др.

"Тоа што го направивме не беше ништо друго освен објаснување зошто човештвото, наместо да влезе во вистинска човечка состојба, тоне во нов вид варварство"[8].


Тие тврдат дека концептот на разумот со просветителството е трансформиран во ирационална сила. Како последица на тоа логиката владее не само во природата туку и во човештвото. Тоа е рационализација на човештвото и е идентификувана како примарна причина за појавата на фашизмот и на другите тоталитарни режими. Различните анализи се однесуваат на феномени како оддалечување на науката од практичниот живот, формализиран морал, манипулативна природа на забавната култура и параноична структура на однесување, изразена во агресивен антисемитизам. Заеднички елемент во овие феномени, според нив, е тенденцијата кон самоуништување на водечките критериуми инхерентни во просветителството од почетокот. Користејќи историски анализи за да ја разјаснат сегашноста, тие покажуваат зошто националистичкиот тероризам не бил аберација на модерната историја, туку бил длабоко вкоренет во основните одлики на западната цивилизација[8].

Откако САД влегле во војната во 1941 година, ситуацијата на емигрантите, сега класифицирани како "непријателски туѓинци", станала прилично ограничена. Забрането им било да ги напуштат своите домови меѓу 20 часот и 6 часот и да се движат подалеку од пет милји од дома. Таквата забрана важела за сите емигрантите како Адорно, кој добил американско државјанство во ноември 1943 година[3].

Во Калифорнија, Адорно го запознал Чарли Чаплин и се дружел со Фриц Ланг и Ханс Ајслер, со кого работел на студија за филмска музика во 1944 година. Во оваа студија, авторите се труделе да наметнат поголемо користење на авангардна музика во филмот барајќи музиката да се користи за дополнување, а не само како придружува на визуелниот аспект на филмовите. Дополнително, Адорно му помогнал на Томас Ман во неговиот роман Докторот Фауст, откако тој ја побарал неговата помош. "Дали ќе бидеш спремен", му напишал Ман, "да мислиш преку мене како би можела да изгледа работата - мислам на работата на Леверкун. Што би сторил ти кога би бил во договор со ѓаволот?[9]

По 1945 година, Адорно престанал да работи како композитор и работел на филозофијата на новата музика од 1940-тите години но и на книгата „Компонирање за филм“ на Ханс Ајслер. Адорно дал свој придонес во „Квалитативната анализа на истражувањата околу предрасудите“ спроведена од повеќе истражувачки институти во САД, а од кои се разоткрива авторитарниот карактер на истражувањето преку индиректни прашања кои им биле поставувани на испитаниците. На крајот на 1949, тој си заминал од Соединетите Американски Држави.

Доцни франкфуртски години (1949–1969)

уреди
 
Плакета за Теодор Адорно во неговата куќа во Кетенхофвег во Франкфурт. Објавенa на 17 ноември 1994 година. Бронзена плоча со портрет, 50x103 см, дизајнирана од Гинтер Маниевски.

По војната Адорно тагувал за дома па не чекал долго да се врати во Германија. Благодарение на влијанието на Хоркхајмер добил професорско место во Франкфурт во 1949 -1950 година што му овозможило да ја продолжи академската кариера. Неговиот развој кулминирал со позицијата на двоен ординариус по филозофија и социологија. Во Институтот поврзан со Универзитетот водачката позиција на Адорно станувала сѐ поочигледна а Хоркхајмер кој бил осум години постар, постепено се повлекувал оставајќи му го директорувањето на Адорно во 1958 -1959.

Тој се издигнал на позицијата редовен професор по два предмета (филозофија и психологија). Неговата колекција на афоризмиМинима моралија“ отпечатена од новоформираната издавачка куќа на Питер Шуркамп го направила познат во повоена Германија. Таа предлага наука за меланхолијата наспроти темната страна на фашизмот, сталинизмот и културната индустрија која очигледно не нуди политички и економски алтернативи.

Работата го издигнала Адорно на ниво на основачка интелектуална сила во Западна Германија, откако пропаднал и последниот обид за негово вовлекување во истражувањата во Америка во 1953 година. Следи делумна список на неговите научни достигнувања:

  • Во 1952 година учествувал во групен експеримент откривајќи остатоци на национал-социјалистички ставови меѓу неодамна демокритизираните Германци[9].
  • Од 1954 година па натаму, предавал музикологија на летната академија во Дармштад.
  • Бројни радио дебати, меѓу другите и со Ернст Блох, Елијас Канети и Арнолд Гелен
  • Бројни предавања во Берлин и низ Европа, во „Документа“ во Касел (1959) и во Чехословачка (1968);
  • Објавување на писмата и белешките на Валтер Бенјамин
  • Во 1961 година иницирал позитивистичка дебата на средбата на германско-социолошката асоцијација во Тибинген
  • 1963–1967 бил претседавач на Асоцијацијата на германските социолози. Во тоа својство тој претседавал со 15-тата конференција на социолозите во 1964 година на тема „Макс Вебер и социологијата денес“, а во 1968 година, на 16-тата конференција на тема „Доцниот капитализам или индустриско општество“.

Последните години (1967–1969)

уреди

Во 1966 година, вонпарламентарната опозиција (АПО) била формирана против големата коалиција на двете најголеми германски партии ЦДУ и СПД и насочена првенствено против планираниот закон за имиграција. Адорно бил отворен критичар на оваа насока и тоа го покажал со учеството на настанот организиран од извршниот комитетот на „Демократијата во земјата на емигранти“.

Откако еден студент (Бено Онесорг) бил застрелан од полицаец на демонстрациите[10] организирани против посетата на иранскиот шах, лево ориентираната АПО станала екстремно радикална и универзитетите се претвориле во места на немири. За да се сфати важноста на настанов треба да се каже дека станувало збор за студент на Адорно кој со учеството на протестите ја толкувал теоријата на револтот.

 
Гробот на Адорно на гробиштата во Франкфурт

Плашејќи се од вандализмот, Адорно на 31 јануари 1969 година побарал помош од полицијата за да ги тргне студентите кои го окупирале Институтот во Франкфурт. Тоа довело до апсење на 76 членови на младината на СДС. Од тие причини Адорно се нашол едно време на удар на студентските активности. Тој остро го осудувал анти-интелектуалниот тренд на левите сили во 60-тите, кој го нарекувал „псевдоактивност“ обидувајќи се да ја надмине поделбата на теорија и пракса, но зафатен со сопствениот публицитет, тој се расправал наместо „отворено да размислува“.

Во 1969 година доживеал метежи во амфитеатарот од кои најпознатиот е кога студентките го окупирале подиумот околу говорницата со голи гради и тоа ескалирало до таа мерка што Адорно ја прекинал серијата на своите предавања ѕа целиот тој семестар[3]. Во писмото до Семјуел Бекет тој напишал: Чувството да бидеш ненадејно нападнат како реакционер сепак има доза на изненадување.

Еден од биографите на Адорно, Стефан Милер Дом, тврди дека е убеден оти нападите на студентите биле насочени еднакво против теоријата на Адорно, како и против неговата личност и дека постоел страв дека актуелната политичка ситуација може да доведе до тоталитаризам. Адорно заминал со сопругата на одмор во Швајцарија. И покрај предупредувањето на лекарите тој се обиде да се качи на планина висока 3000 метри што му предизвикало проблеми со срцето. Поради тоа заминале со сопругата во еден од соседните градови, Висп, каде што Адорно добил уште еден напад на тахикардија по што го сместиле во болница. Следниот ден, на 6 август, Адорно починал од срцев удар во 65-тата година од животот[3].

Филозофски влијанија и мотивација

уреди
 
Поштенска марка во чест на Теодор В. Адорно

Адорно е општо признат во континенталната традиција на филозофијата како еден од најважните филозофи на XX век. Неговите собрани дела содржат околу дваесет и три тома.[1] Тој пишувал за теми од музикологија до метафизика па така, во неговото дело има филозофските анализи на Хегеловата метафизика но и критички студии за написи во Лос Анџелес Тајмс за џезот. Во однос на стилот и содржината, текстовите на Адорно се противат на конвенционалноста. Самата филозофијата на Адорно во основа е поврзана со човечкото страдање. Таа се заснова врз моралното убедување дека развојот на човечката цивилизација е постигнат преку систематско потиснување на природата и консолидацијата на подмолните угнетувачки социјални и политички системи, на кои секој е изложен. Човечкото страдање како сенка е присутно практично во сите дела на Адорно. Адорно сметал дека негова главна задача е да сведочи за упорноста на таквите услови и со тоа, во најдобар случај, да ја задржи можноста таквите услови да се менуваат на подобро. Акцентот во дијагнозата на Адорно за она што тој го нарекол "оштетен живот" се состои во критичкиот карактер на неговата проценка на ефектите на современите општества врз нивните жители, заедно со пробната, но апсолутно суштинска, заложба за верување во можноста да се елиминира непотребното страдање. Како и во секоја форма на критичка филозофија, многу мрачната дијагноза на модерноста на Адорно неопходно е втемелена во пробна надеж за еден подобар свет[1].

Филозофијата на Адорно најчесто се смета дека најмногу е под влијание на делата на Хегел, Маркс и Ниче. Покрај тоа, неговата поврзаност со Институтот за социјални истражувања длабоко влијаела врз развојот на мислата на Адорно.

Институтот за социјални истражувања бил основан на Универзитетот во Франкфурт во 1923 година. Институтот или "Франкфуртската школа", како што подоцна станал познат, беше интердисциплинарно тело составено од специјалисти во области како што се филозофијата, економијата, политичките науки, правната теорија, психоанализата и изучувањето на културните феномени како што се музиката, филмот и масовната забава. Формирањето на Франкфуртската школа беше финансирано од син на богат трговец со жито кој сакал да создаде западноевропски еквивалент на Институтот Маркс-Енгелс во Москва. Интелектуалниот труд на Институтот во Франкфурт експлицитно имал за цел да придонесе во соборувањето на капитализмот и воспоставувањето социјализам[11].

Адорно бил водечки член на Франкфуртската школа а неговите дела се сметаат за многу значаен придонес во развојот на критичката теорија[1].

Теорија

уреди

Шаблон:Франкфуртска школа

Работата на Адорно се темели на видувањето што тој го дели со сета авангардна уметност од почетокот на 20 век: признавање на она што е примитивно во самите нас и во светот. Ни фасцинацијата на Пикасо со африканската скулптура, ниту редукцијата на сликањето на Мондријан до нејзината најосновна компонента - линијата - е разбирлива надвор од оваа загриженост за примитивизмот кај Адорно заедно со најрадикалната уметност на векот. Во тоа време, западниот свет, опкружен со светските војни и колонијалистичката консолидација и самиот потонал во варварство кое цивилизацијата се гордеела оти го надминала. Според Адорно, самоодржувањето на општеството станало неразликувачко од општествено санкционираната самопожртвуваност: на "примитивни" народи, примитивни аспекти на егото и оние примитивни, мимички желби на имитација и сочувство. Теоријата на Адорно произлегува од разбирањето на оваа примитивен особина на реалноста, кој има за цел да се спротивстави или да го потисне овој примитивен аспект или да ги унапреди оние системи на доминација поставени од ова враќање кон варварството. Од оваа перспектива, делата на Адорно за политиката, филозофијата, музиката и литературата се доживотна критика на начините на кои секој се обидува да го оправда самоосакатувањето како неопходна цена на самоодржувањето. Според преведувачот на Адорно, Роберт Хулот-Кентор, централниот мотив на делото на Адорно се состои во одредување на тоа "како животот би можел да биде повеќе од борба за самоодржување".[11]

Адорно бил главно под влијание на критиката на разочараноста на Макс Вебер, на сфаќањето на Ѓерѓ Лукач за хегеловото толкување на марксизмот, како и под влијание на филозофија на историјата на Валтер Бенјамин. Заедно со останатите припадници на франкфуртската школа Маркс Хоркхајмер и Херберт Маркус тврдел дека напредниот капитализам успеал да ги опфати или да ги ликвидира силите кои ќе доведат до негов колапс и дека поминал револуционарниот момент, кога ќе биде возможно истиот да се трансформира во социјализам. Филозофијата е сѐ уште неопходна, бидејќи е пропуштено времето за негова реализација. Ова тој го наведува во воведниот дел на неговата „Негатива дијалектика“ од 1966 година[12].

Културна индустрија

уреди

Адорно тврдел дека капитализмот сѐ повеќе се вкоренува преку напад врз објективноста на револуционерната свест и дека го ликвидира индивидуализмот како основа на критичката мисла

Додека работата на Адорно се фокусира на уметноста, литературата и музиката како клучни области на чувствителната, индиректната критика на воспоставената култура и модели на размислување, постои страв од јасен политички утопизам евидентен во неговите гледања, посебно на историјата. Аргументот за таквото гледање на работите доминирал во „Естетска теорија[13], потоа во „Филозофијата на новата музика[14] и во други дела.

Адорно гледал на културната индустрија како на арена во која критичките намери или можности се елиминирани. Тој тврдел дека културната индустрија која продуцира и циркулира производи преку масовните медиуми манипулира со јавноста. Популарната култура ја идентификува како причина за пасивноста на луѓето. Лесните задоволства кои се возможни преку конзумирање на популарната култура ги прават луѓето послушни и задоволни без оглед на тоа колку е тешка нивната економска состојба.

Разликите меѓу културните производи прават да личат различно, но тие се всушност варијации на иста тема. Тој пишуваше дека „истата работа им се нуди секому според стандардизирано производство за користење на производите“, но ова е прикриено под „манипулација на вкусот и на официјалните претензии на поединечната култура“. Адорно го опишува овој феномен со концептот „псевдоиндивидуализам“ или „секогаш едно исто“.

Масовна култура

уреди

Анализата на Адорно овозможила критика на масовната култура од страна на левицата, што беше избалансирано со критиката на популарната култура од страна на десницата. Од двете перспективи – и левата и десната- природата на културните производи се сметала за корен на социјалните и моралните проблеми како последица на конзумирањето на културата. Додека критиката од десната ориентација ја нагласувала моралната деградација, припишувана на сексуалната и расната влијание во рамките на културата, Адорно ги лоцирал проблемите не во однос на содржината, туку со објективната реалност на производството на масовната култура и нејзините ефекти, на пример во форма на „психологијата на обратното“. Мислителите кои биле под влијание на Адорно верувале дека денешното општество се развило во насока којашто тој ја предвидел, посебно во однос на настаните на моралот (Аушвиц) и културната индустрија.

Многу гледања на Адорно во однос на естетиката и музиката неодамна почнале да се дискутираат и истите биле собрани и објавени како „Есеи за музиката“, збирка на есеи на одредена тема додека многу од нив сè уште не се преведени на англиски.

Работата на Адорно во годините пред смртта биле под влијание на идејата за „негативна дијалектика“ наведена во неговата книга под истиот наслов[12]. Клучен поим во работата на Франкфуртската школа според „Дијалектика на просветителството“ била идејата за мислата која станува инструмент за доминација, а кој ги опфаќа сите објекти под контрола на (доминантната) тема, особено преку поимот на идентитет, односно со идентификација на реалното во природата и општеството. Имено, само тоа што е хармонизирано или усогласено со доминантниот концепт се смета за реално додека сѐ останато се смета за нереално или непостоечко. Негативната дијалектика на Адорно била обид да се артикулира недоминантната мисла која би ги препознала своите ограничувања.

Марксистички критики

уреди

Според делото на Хорст МилерКритика на кричката теорија[15], Адорно тоталитетот го поставил како автоматски систем. Ова било во согласност со идејата на Адорно за општество како самоуправувачки систем, од кое човек мора да побегне (но од кое никој не може да избега).

За него тоа било постоечко но нехумано. Милер се противи на ваквиот систем и тврди дека критичката теорија не обезбдедува практични решенија за општествени промени.Тој заклучува дека и Франкфуртската школа генерално и Јирген Хабермас посебно сосема погрешно го протолкувале Маркс.

Адорно одговара на критиките

уреди

Како пионер на саморефлексивната социологија која ја навестила способноста на Пјер Будрие да дејствува како рефлексија на општествена појава, Адорно сфатил дека на некои критики (вклучително и намерното попречување на неговите предавања во 1960-тите години) никогаш не може да се одговори во дијалог помеѓу еднакви доколку, како што се чини верувал, со тек на времето секогаш се менува човечката суштина како што мисли наивниот етнограф или социолог.[16]

Социолошките методи на Адорно

уреди

Бидејќи Адорно верувал дека социологијата треба да биде саморефлексивна и самокритична сметал дека јазикот што го користи социологот, како јазик на обичниот човек, во голема мерка е политички конструиран, често несоодветен,.што се концепти инсталирани од страна на доминантните класи и социјалните структури.

Така нашата претстава за „девијантното“ која вклучува еднакво целосно девијантниот поединец и „измамник“ кој работи надвор од општествените норми бидејќи немале капитал да работат над нив (Анализата на овој феномен Пјер Бурдие ја напишал во книгата „Тежината на светот[17]). Тој сметал дека оние кои се наоѓаат на врвот на Институтот треба да бидат извор на теории за евалуација и емпириско тестирање, како и да бидат луѓето кои ќе ги обработуваат "откриените факти" вклучувајќи го и ревидирањето на теориите за кои е утврдено дека се лажни. На пример, во есејот објавен во Германија по враќањето на Адорно од САД и препечатен во колекцијата есеи за критичките модели[18] Адорно го слави егалитаризмот и отвореноста на американското општество засновано на неговите патувања во Њујорк и Лос Анџелес во периодот од 1943 до 1955 година: "Карактеристично за животот во Америка [...] е моментот на спокој, љубезност и великодушност" ("Dem amerikanischen Leben eignet [...] ein Moment von Friedlichkeit, Gutartigkeit und Großzügigkeit")[19].

Еден пример за судир на интелектуалната култура и методите на Адорно можат да се најдат кај Пол Лазарсфелд, американскиот социолог за кого Адорно работел во средината на 1930-тата, по бегството од Хитлер. Како што прераскажува Ролф Вигерсхаус во „Франкфуртската школа “Теориите и политичките последици“ (1995), Лазарсфел бил директор на проектот, финансиран и поддржуван од Дејвид Сарноф (претседател на Американската радио корпорација РЦА) за откривање која од двата вида музика слушателите на радиото ја сакаат и начините да се подобри нивниот вкус. Лазарсфелд имал мака со прозниот стил на пишување на Адорно и го опишал како некој со „недостиг на дисциплина ....во презентирањето“[20].

 
Споменик на Теодор В. Адорно во Франкфурт на Мајна на кампусот Вестенд

Превод на делото на Адорно

уреди

Иако дури и германските читатели тешко можат да го разберат делото на Адорно, дополнителен проблем за читателите на други јазици е дека неговиот германски идиом е особено тежок за преведување на англиски и на други светски јазици. Слична тежина на преводот важи и за Хегел, Хајдегер и за голем број други германски филозофи и поети. Како резултат на тоа, некои првични преведувачи се стремеле кон буквалноста. Во последниве години, Едмунд Џефкот и Универзити Стенфорд Прес објавиле нови преводи од некои од предавањата и книгите на Адорно, вклучувајќи ги делата Вовед во социологијата[21], Проблемите на моралната филозофија[22] и неговите транскрипции од предавања за Кантовата Критика на чистиот ум и "Метафизиката“ на Аристотел, како и новиот превод на Дијалектиката на просветлувањето. Професорот Хенри Пикфорд, од Универзитетот во Колорадо во Боулдер, превел многу од делата на Адорно, како што се "Значењето на трудот низ минатото". Мал дел од големиот пишан опус на Адорно бил објавен на македонски јазик во 2003 и 2004 (Во спомен на Анхејдорф и Актуелноста на филозофијата[23]) објавен во списание, во превод на Кица Б. Колбе.

Дела

уреди
  • "Кјеркегор: Изградба на естетиката" (1933)
  • Дијалектика на просветителството (со Макс Хоркхајмер, 1944)
  • "Компонирање за филмови" (1947)
  • "Филозофија на новата музика" (1949)
  • "Авторитарната личност" (1950)
  • "Минима Моралија: Рефлексии од оштетениот живот" (1951)
  • "Во потрага по Вагнер" (1952)
  • Призми (1955)
  • "Против епистемологијата: Метакритика; Студиите во Хусерл и Феноменологиските антиномии "(1956)
  • Dissonanzen. Musik in der verwalteten Welt"(1956)
  • Белешки за книжевност I (1958)
  • Звучни бројки (1959)
  • "Малер: музичка физиогномија" (1960)
  • "Белешки за литература II" (1961)
  • "Хегел: Три студии" (1963)
  • Критички модели: интервенции и клучни зборови (1963)
  • "Quasi una Fantasia" (1963)
  • "Жаргон за автентичностa" (1964)
  • Ноќна музика: есеи за музика 1928-1962 (1964)
  • Негативна дијалектика (1966)
  • Албан Берг: мајстор на најмалата врска (1968)
  • Критички модели: интервенции и клучни зборови (1969)
  • "Естетичка теорија" (1970)
  • Бетовен: Филозофија на музиката; Фрагменти и текстови "(1993)
  • Психолошката техника на радио адресите на Мартин Лутер Томас (2000)
  • Кантовата критика на чистиот ум (2002)
  • "Тек на музиката" (2006)

Музички дела

уреди
  • Музика за пијано (во детството)
  • Музика за пијано (1921)
  • 2 дела за гудачки квартет, оп. 2
  • 3 кратки дела за пијано (1934)
  • 7 кратки дела за оркестар, оп.4
  • 2 песни за глас и оркестар според "Индијанецот Џо" на Марк Твен
  • 2 песни со оркестар
  • 3 приказни од T Даублер за женски хор
  • 1921 - гудачки квартет
  • 1920 - 6 студии за гудачки квартет
  • 1919: За Себастијан Ведер

Библиографија

  • Adorno, Theodor (1990). "On Popular Music", translated by George Simpson. In On Record: Rock, Pop, and the Written Word, edited by Simon Frith and Andrew Goodwin, 301–14. London: Routledge. ISBN 0-415-05306-4; ISBN 0-415-05305-6; ISBN 0-679-72288-2; New York: Pantheon. ISBN 0-415-05305-6; ISBN 978-0-394-56475-3; ISBN 0-415-05306-4; ISBN 0-679-72288-2.
  • Adorno, Theodor (1992). Notes to Literature: Volume two. New York: Columbia University Press.
  • Adorno, Theodor (2000). Brian O'Connor (уред.). The Adorno Reader. Malden, MA: Blackwell Publishing.
  • Adorno, Theodor (2002). Essays on Music. Berkeley: University of California Press.
  • Adorno, Theodor (2003). Negative Dialectics. New York: Continuum.
  • Arato, Andrew; Gephart, Eike, уред. (1982). The Essential Frankfurt School Reader. New York: Continuum.
  • Claussen, Detlev (2008). Theodor W. Adorno: One Last Genius. Cambridge, MA: Harvard University Press.
  • Durão, Fabio Akcelrud (July–August 2008). „Robert Hullot-Kentor in Conversation with Fabio Akcelrud Durão“. The Brooklyn Rail: Critical Perspectives on Art, Politics and Culture. Посетено на 28 November 2011.
  • Laughey, Dan (2007). Key Themes in Media Theory. England: Open University Press.
  • Müller-Doohm, Stefan (2005). Adorno: A Biography. Malden, MA: Polity Press.
  • Wiggershaus, Rolf (1995). The Frankfurt School, Its History, Theories and Political Significance. Cambridge, MA: MIT Press.

Дополнителна литература

  • Gerhardt, Christina Архивирано на 17 април 2022 г. (ed.). "Adorno and Ethics". New German Critique 97 (2006): 1–3.
  • Brunger, Jeremy. 2015. "The Administered World of Theodor Adorno". Numero Cinq magazine (5 May).
  • Hohendahl, Peter Uwe. Prismatic Thought: Theodor W. Adorno. Lincoln, Nebr.: University of Nebraska Press, 1995.
  • Jarvis, Simon. Adorno: A Critical Introduction. Cambridge: Polity, 1998.
  • Jay, Martin. The Dialectical Imagination: A History of the Frankfurt School and the Institute for Social Research 1923–1950. Berkeley and Los Angeles: University of California Press, 1996.
  • Jay, Martin. Adorno. Cambridge, Mass: Harvard University Press, 1984.
  • Paddison, Max. Adorno, Modernism and Mass Culture: Essays on Critical Theory. London: Kahn & Averill, 2004. ISBN 1-871-08281-1.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 „Adorno, Theodor | Internet Encyclopedia of Philosophy“. www.iep.utm.edu (англиски). Посетено на 2018-01-09.
  2. 2,0 2,1 Lettre de Theodor Wiesengrund-Adorno à Walter Benjamin, Oxford, 15/10/1936, dans Correspondance Adorno/Benjamin, Gallimard, 2006,  173. Et Voir également la mention de Theodor W. Adorno parmi les personnages corses sur le site Cronica di a Corsica Архивирано на 10 октомври 2008 г.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Stefan., Müller-Doohm (2005). Adorno : a biography. Cambridge, UK: Polity Press. ISBN 9780745631097. OCLC 61327864.
  4. „Adorno, Theodor | Internet Encyclopedia of Philosophy“. www.iep.utm.edu (англиски). Посетено на 2018-01-07.
  5. 1903-1969., Adorno, Theodor W. (2000). The Adorno reader. Oxford, UK: Blackwell. ISBN 9780631210771. OCLC 42397513.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  6. The Actuality of Philosophy.Theodor W. Adorno - 2000 - In O, Connor & B (eds.), Telos: Critical Theory of the Contemporary. Blackwell. pp. 120-133.
  7. Detlev., Claussen (2008). Theodor W. Adorno : one last genius. Cambridge, Mass.: Belknap Press of Harvard University Press. ISBN 9780674026186. OCLC 503447688.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 Press, Stanford University. „Dialectic of Enlightenment | Max Horkheimer and Theodor W. Adorno Edited by Gunzelin Schmid Noerr Translated by Edmund Jephcott“. www.sup.org (англиски). Посетено на 2018-01-07.
  9. Stefan Müller-Doohm, Adorno, une biographie, Paris, Gallimard, 2003. Le lieudit Della Piana se trouve au-dessus de Bocognano (Corse)
  10. „A bullet that changed Germany: the shooting of Benno Ohnesorg“. The Irish Times (англиски). Посетено на 2018-01-08.
  11. Durão, Fabio Akcelrud (July–August 2008). „Robert Hullot-Kentor in Conversation with Fabio Akcelrud Durão“. The Brooklyn Rail: Critical Perspectives on Art, Politics and Culture.
  12. 12,0 12,1 1903-1969., Adorno, Theodor W. (1983, ©1973). Negative dialectics. New York: Continuum. ISBN 0826401325. OCLC 741691296. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  13. 1903-1969., Adorno, Theodor W.; Rolf., Tiedeman. Aesthetic theory. Minneapolis, MN. ISBN 0816618003. OCLC 34475713.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  14. 1903-1969., Adorno, Theodor W. (2006). Philosophy of new music. Minneapolis: University of Minnesota Press. ISBN 0816636664. OCLC 63187473.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  15. Horst, Müller. „Kritik der kritischen Theorie“ (англиски). Наводот journal бара |journal= (help)
  16. За споредба на концептите на Адорно и Бурдо, види: Karakayali, Nedim. 2004. "Reading Bourdieu with Adorno: The Limits of Critical Theory and Reflexive Sociology," Sociology(Journal of the British Sociological Association), v.38, n.2, pp. 351–368.
  17. 1930-2002., Bourdieu, Pierre; Alain., Accardo; Parkhurst., Ferguson, Priscilla (1999). The weight of the world : social suffering in contemporary society. Stanford, Calif.: Stanford University Press. ISBN 0804738459. OCLC 45506280.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  18. 1903-1969., Adorno, Theodor W. (1998). Critical models : interventions and catchwords. New York: Columbia University Press. ISBN 0231076355. OCLC 37509983.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  19. Theodor W. Adorno, Stichworte. Kritische Modelle 2, 2nd edition. Frankfurt: Suhrkamp Verlag, 1969, p.145
  20. Wiggershaus, Rolf (1995). The Frankfurt School, Its History, Theories and Political Significance. Cambridge, MA: MIT Press
  21. 1903-1969., Adorno, Theodor W.; N., Jephcott, E. F. (2000). Introduction to sociology. Stanford, Calif.: Stanford University Press. ISBN 0804746834. OCLC 43398527.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  22. 1903-1969., Adorno, Theodor W. (2000). Problems of moral philosophy. Stanford, Calif.: Stanford University Press. ISBN 0804744726. OCLC 43404894.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  23. Адорно, Теодор Визенгрунд (2003-12-29). „Актуелноста на филозофијата“. Филозофија/Filozofija - A Journal of Philosophical Inquiry (англиски). 2 (8). ISSN 1857-9701.[мртва врска]