Култура (латински: colere, „одгледува“) — општо земено, се однесува на човековата активност; различните објаснувања на поимот „култура“ се одраз на различните теории и критериуми на разбирање и оценување на човековата активност. Културата се зема традиционално како најстар човечка одлика, она што го одделува човекот од животните, иако најновите откритија ни кажуваат дека оваа линија на поделба и не е така остра. Културата го обезбедува опстанокот на цивилизацијата. Таа настанала кога настанал и човекот.

Човечките симболични изразувања се развиени како дофат на модернизирано однесување на праисториските луѓе.
Рлигија и експресивна уметност се важни аспекти на човечката култура.
Прослави, ритуали, и фестивали се важни аспекти на фолк култура.

Културата ја сочинуваат две компоненти: традиционалните норми, верувања, вредности и однесувања, од една страна и поединецот, од друга, кој активно влијае врз измените на културните традиции и со својата интеракција станува основен двигател во промената на традиционалните елементи на културата. Со тоа може да се заклучи дека културата претставува збир од материјални и духовни вредности кои се под влијание на традиционалните рамки и на современите промени кои го формираат прифатливото однесување на членовите на едно општество. Карактеристичниот начин на однесување на поединецот не претставува културна вредност ако не е дел од обичаите и однесувањата на групата - општествените норми на однесување ги претставуваат правилата на однесување во една култура.

Историја на поимот култура

уреди

Зборот култура доаѓа од латинскиот збор „cultus“, што означува „нега, гаење на нешто“. Со понатамошниот развој на зборот се формира и поимот на културата. со текот на времето зборот култура добива метафоричка смисла и од одгледување на земја преминува во одгледување на духот т.е. од култура на земјата се пренесува на култура на духот.

Римскиот филозоф Кикерон (Цицерон) сметал дека како што земјата не може да даде плод без обработка така и духот не може без филозофијата. Според него, обработката на духот претставува всушност филозофијата.

Во Средниот век се сретнуваме со религиозното значење на културата во вид на религиски култ. Сепак, советскиот научник Арон Гуревичтврди дека црковно-христијанската култура се вкрстувала и испреплетувала со народната култура при што двете заеднички влијаеле врз формирањето на свеста на средновековните луѓе.[1] Во XV век, со појавата на ренесансата, поимот култура се фокусира исклучиво на човековите активности. Познатиот германски научник Хердер, кој верувал во природната состојба на духот, инсистирал на тоа поимот култура да добие исклучиво социјално-историско одредување. Во XVIII век се појавува нов поим, поимот цивилизација и оттогаш овие два израза воспоставуваат различни семантички значења, односно се во опозитен однос. Во поглед на цивилизацијата, Западот ја гледа својата супериорност во техничкиот и технолошкиот развој со тенденција да ги издигне другите народи на нивото на цивилизација. Она мото Запад е цивилизацијата го симболизира Просветителството и просветлувањето наспроти мракот кој се врзува за Југот и Ориентот.

Сфаќања на поимот култура

уреди

Сфаќањето за термините култура и цивилизација не е исто кај различни народи во Европа.

За Французите и Англичаните поимот цивилизација претставува највисок степен на развојот, гордост на тие нации со напредокот што се издигнале на тоа ниво. Додека за Германците тоа претставува корисно-утилитарно , нешто од втор ранг. Гермаците поголемо значење и даваат на културата бидејќи сметаат дека цивилизацијата ја опфаќа само надворешната страна човекот и човековата егзистенција. Германското KULTUR се однесува пред сè на духовните, религиските и уметничките факти со цел да се повлече јасна црта помеѓу фактите од овој вид на една страна и политичките и општествените факти на друга страна. токму затоа поимот култура не може да ги содржи елементите на универзалноста туку на една национална култура. Според нив секој култура е однапред определена како единствена и токму поради тоа има онтолошки статус, додека цивилизацијата има онтички(минлив). Со германското сфаќање на овој поим се отфрла Хегеловата идеја за постоењето на единствен светски дух на сите народи. Во секој народ постојат специфични системи на културата чии основи лежат во матрицата на тој народ.

Општи теории на културата и цивилизацијата

уреди

Во поглед на културата постојат две теории: 1.рационалистичка теорија 2.ирационалистичко-метафизичка теорија

1.Рационалистичка теорија Во рамките на рационалистичката теорија постојат две поттеории а)еволуционистичка б)функционалистичка Во рамките на еволуционистичката поттеорија најпознат претставник е англискиот антрополог Едвард Тејлор. Оваа поттеорија се потпира врз биолошката наука на тргнување од поедноставни кон посложени облици. Еволуционизмот во културата претставува дека животот на културата се развива преку растење и промена. Еволуционистите сметаат дека разликите помеѓу различни култури се само квантитативни, односно дека две култури се разликуваат само во степенот на развој. Тие имаат негативрн став кон митот и митското сознание бидејќи според нив митот е на понизок степен на развој во однос на научното сознание. Тие го потценуваат митот, а ја преценуваат науката. Познатиот американски антрополог Лесли Вајт ја унапредува еволуционистичката поттеорија и смета дека општествената група е таа која ја создава културата, а не поединецот. Најрепрезентативна личност на функционализмот, а воедно и негов основач е Бронислав Малиновски. Со текот на времето еволуционистичката поттеорија започнува да старее и уште во времето на Лесли Вајт се појавува нов поим поимот на функцијата. Овој поим пошироко е разработен од Малиновски. Имено, Малиновски го воведува поимот функција покрај битниот фенмен - човекот. Тој го поставува односот културна потреба <=> функција. На пример театарот е своевидна институција каде човекот може да задоволи една културна потреба. Од друга страна пак културната потреба за гледање филм останува иако институцијата кино гасне. Функционалистите го воведуваат и поимот традиција кој е важен за културата и човековото битие. 2. Метафизичко-ирационалистичка теорија а) теорија на животните циклуси б)психоаналитичка теорија на културата

Одлики на културата

уреди
  • вредности - претставуваат прифатени верувања за правилното однесување во рамките на една култура;
  • норми - пишани правила на однесување на членовите на општеството кои се во директна врска со наградите или санкциите;
  • обичаи и морал - непишани, но прифатени правила на однесување од мнозинството на припадници на една култура.

Исто така, едни од обележјата на културата се следниве:

1) културата е створена - тоа значи дека се ствара од меѓусебната врска на три независни системи: идеолошки, технолошки и организациски.

2) културата е адаптивен процес - таа се менува и процесот на промена се јавува како прилагодлив. Доколку тој процес не се одвива, општеството био било статична (неменлива) целост.

3) културата се пренесува - значи дека се пренесува од генерација на генерација по пат на социјализација (преку семејството, училиштето и верските институции).

4) културата е пријатна реакција - таа ги задоволува како биолошките, така и психолошките потреби на општеството, а кога ќе исчезнат тие потреби, тогаш истовремено исчезнуваат и елементите на културата.

5) културата е заедничка за сите припадници на одредено општество - таа е збирен феномен, ја делат припадниците на една заедница а ја одржуваат преку нормите и обичаите. Освен тоа, таа може да се пренесува и усвојува и во другите географски и културолошки оддалечени заедници.

6) културите се слични, но сепак различни - сличности: секоја култура има своја музика, образование, уметност, мода, ...; разликите се во начините и методите на донесување и користење на секој елемент кој ја чини културата. Токму тие разлики влијаат врз специфичното однесување на поединците припадници на различните култури.

7) културата е трајна и таа наградува - ги задоволува подеднакво и основните биолошки, како и научените потреби - ако тие се задоволуваат согласно нормите, однесувањето е наградено и тоа ги зајакнува веќе постоечките норми.

8) културата е прилагодлива категорија - значи дека се прилагодува на промените предизвикани од технологијата, иновациите, промените во средината итн. Културата го насочува однесувањето, но и промените во однесувањето ја менуваат културата.

9) културата е организирана и интегрирана - сите делови од културата преку меѓусебна интеракција се стремат кон усогласување со општите вредности, верувања и моралните основи на пошироката култура.

10) културата ги пропишува однесувањата - таа претпоставува идеални стандарди на однесување на своите припадници кои се наградуваат и со тоа се зајакнуваат. Од друга страна пак, казните им се закануваат на оние кои го нарушуваат пропишаното и посакувано однесување во една култура.

Промена на културните вредности

уреди

Три категории од културни вредности влијаат врз однесувањето и комуникацијата меѓу припадниците на едно општество:

1) вредности насочени кон другите - тие го одразуваат ставот на општеството за прифатливиот однос на поединецот кон групите во рамките на самото општество.

2) вредности насочени кон средината - тие го претставуваат односот кон технолошкото, природното и физичкото опкружување.

3) вредности насочени лично кон себе - тие ги претставуваат погледите на поединецот за тоа што е пожелно или непожелно однесување на него како поединец во рамките на одредена култура.

Промена на културните одлики

уреди

Постојат значителни разлики во следниве одлики на културата:

1) промена на вредностите - општествените вредности константно се менуваат. Постојат два феномени кои ја објаснуваат постојаноста и промената на вредностите: животниот циклус (вредностите кои денес ги имаат младите со текот на нивното стареење ќе станат слични на оние кои ги има постариот општествен сегмент, а вредностите на иднината ќе бидат слични на вредностите кои ги имаат денешните млади луѓе) и феноменот на смената на генерации (постепено ќе дојде до смена на актуелните вредности со вредностите на младите луѓе).

2) промена на односот работа - забава - се јавува сè поголема желба за слободно време.

3) намалено влијание на семејството - семејството како клучен медиум во генерацискиот пренос на темелните општествени вредности почнува да го губи своето традиционално значење. На пример, поради вработеноста на двата родители децата ги одгледуваат образовните институции, а освен тоа една од одликите на современото општество е високиот процент на разведени лица.

4) изменето влијание на религијата - намалувањето на влијанието на верските институции доведува до измена на општествените вредности.

5) промена на образовните институции - позитивни промени: постојат два тренда - сѐ повеќе млади ги посетуваат вискообразовните инстутуции (значи сѐ пообразувана работна сила), изменета методологија односно нов пристап кон образованието.

Културата како тема во уметноста и во популарната култура

уреди
  • „Култура“ - песна на македонската рок-група „Токму така“ од 1985 година.[2]
  • „Култура“ - песна на македонската група „ПМГ Колектив“ од 2015 година.[3]
  • „Супкултура“ (Sub-Culture) - песна на британската поп-рок група „Њу ордер“ (New Order) од 1985 година.[4]

Наводи

уреди
  1. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987.
  2. Пази се! Доаѓа Cinedays 13. Скопје: Младински културен центар, 2014, стр. 5.
  3. „www.pmgrecordings.com (пристапено на 3.12.2017)“. Архивирано од изворникот на 2020-09-19. Посетено на 2017-12-03.
  4. Discogs, New Order ‎– Low-life (пристапено на 9.3.2021)