Лирика

книжевен род

Лирика (од старогрчкото λυρικος) (лирикос) - „пеење на лирата“) — една од трите литературни рода во уметничката литература, кој обработува дела исклучиво во стих, во кои се изразуваат чувства, мисли и расположенија на поетот. Лириката е најстариот литературен род, земајќи предвид дека најпрвин се појавила како усно народно творештво, а подоцна се развила како писмено. Во неа преку зборот се пренесуваат и предизвикуваат чувства, мисли и расположенија. Во антиката под лирика се подразбирале некои видови кои денес не постојат, како: епиталамиите (свадбени песни), трените (тажачки песни), албите (средновековни утрински песни), канцоните, пасторалите итн. Во современата лирика, спаѓаат нови лирски видови како: епиграмите, епитафите, одите, сатирите и сл.

Книжевност
Основни облици

Роман · Поема · Драма
Расказ · Новела

Родови

Епика · Лирика · Драма
Романса · Сатира
Трагедија · Комедија
Трагикомедија

Извори

Изведба (претстава· Книга

Форми

Проза · Стих

Историја и списоци

Општ преглед на книжевноста
Индекс на поими
Историја · Современа историја
Книги · Писатели
Книжевни награди · Награди за поезија

Дискусија

Критика · Теорија · Списанија

Дело на Хенри Оливер Вокер направено во 1896 под името Поезија на Лирика во Конгресна библиотека во Зграда на Том Џеферсон

Лирски субјект уреди

Лирскиот субјект во лириката е исто што и раскажувачот во епиката. Лирскиот субјект е „гласот“ во лирската песна. Ако поетот ја напишал песната во прво лице еднина, не значи дека тој пишува за себе. А и да пишува за себе, напишаното е творба, значи е измислено, дообликувано, дооформувано.

На пример: „Градот на принцезата Пастрмка“

Изградив прекрасен град со возови, со трамваи, со пруги. Го населив со цвеќиња, со рингишпили, со многу чуда други.

Од цвет до цвет водат мостови напнати како лак, а долу, далеку долу, одвај е видлив на реката синиот крај.

По таа река се скита принцеза Пастрмка сета облечена во црвени дамки. Принцеза Пастрмка има прекрасен дом од бели каменчиња и жолти сламки.

(Србо Ивановски)

Оваа песна започнува со форма на глаголот во прво лице еднина и тоа е лирскиот субјект. Не е поетот тој што го изградил градот, го населил со цвеќиња итн. Значи, поетот е Србо Ивановски кој ја напишал песната, а преку лирскиот субјект ги искажува мислите и чувствата.

Лирски видови уреди

Лириката се дели на:

1. Субјективна лирика: интимна; љубовна; пејзажна; патриотска; социјална; рефлексивна.

2. Возвишена лирика: ода химна; дитирамб.

3. Елегиска лирика: тажачка песна; елегија; епитаф.

4. Сатирична лирика: хумористична песна; сатирична песна; епиграм.

Субјективна лирика

  • Интимната лирика ги опфаќа песните каде се изразуваат личните (внатрешните, интимните) доживувања на поетот. Најчести мотиви во овие песни се: љубовта, осаменоста, разочараноста од минливоста на животот (младоста) итн.
  • Љубовната лирика ги опфаќа песните во кои се искажуваат љубовни чувства кон спротивниот пол. Мотиви се: неостварената, недостижната љубов, платонската, овоземната, еротската љубов итн.
  • Пејзажната лирика опфаќа песни во кои се опишува природата. Поетот преку описот (своето видување) на природата всушност ги искажува сопствените чувства и расположенија.
  • Патриотската лирика ги опфаќа песните за татковината. Мотиви се: љубовта кон татковината, кон својот народ, кон минатото итн.
  • Социјалната лирика ги опфаќа песните во кои се изразува незадоволството од социјалната неправда (односот меѓу богатите и сиромашните). Мотиви се: маките и страдањата на сиромашните, нивниот ропски живот итн. Ваквите песни кои повикуваат на борба против угнетувачите се револуционерни.
  • Рефлексивната лирика ги опфаќа песните во кои се искажани размислувањата на поетот. Мотиви се: смртта, болката, смислата на животот, судбината, вербата итн.

Возвишена лирика Овде спаѓаат сите видови лирски песни ако се напишани со возвишен и свечен тон:

  • Одата е пофална песна со возвишен тон. Во неа се возвишуваат некои славни личности, јунаци, но и: младоста, радоста итн.
  • Химните се свечени пофални песни. Тие можат да бидат: државни, национални, воени, религиозни итн.
  • Дитирамб е лирска песна во која се воспева страста, животната радост, среќата, занесот и восхитот. Во античко време, дитирамбот бил обредна песна во чест на богот Дион.

Елегиска лирика

  • Тажачките песни се кажувале над покојникот и во нив се искажувала длабоката тага и болка заради смртта на блискиот.
  • Елегијата е песна во која се искажуваат тажни чувства. Мотиви се: смртта, љубовта, социјалната неправда итн.
  • Епитаф е песна наменета за надгробен споменик. Во неа обично се дадени податоци за животот на починатиот.

Сатирична лирика

  • Хумористичната песна го исмејува човекот, општеството или нешто друго користејќи благ хумор.
  • Сатиричната песна е многу поостра во исмевањето користејќи иронија и сарказам за да се поправат исмеаните недостатоци.
  • Епиграмот е кратка (од два до осум стиха) хумористично - сатирична песна.

Теорија на лириката уреди

Во својот романПортрет на уметникот во младоста“, ирскиот писател Џејмс Џојс ја дели уметноста на три облици што произлегуваат еден од друг: лирски облик во кој уметникот ја дава својата слика во непосреден однос кон себеси; епски облик во кој ја дава својата слика во посреден однос кон себеси и кон другите; и драмски облик во кој ја дава својата слика во непосреден однос кон другите. Притоа, лирскиот облик е наједноставен вербален израз на еден момент на емоцијата при што во тој момент уметникот е посвесен за емоцијата отколку за себе.[1] Според италијанскиот писател Џакомо Леопарди, лириката може да се нарече врв, највисок степен и најголемо достигнување во поезијата.[2]

Според српскиот поет Јован Дучиќ, во целокупната книжевност нема ниту еден род за кој треба толку големо книжевно образование и толкава природна префинетост колку што треба да се разбере лирската песна. Тоа доаѓа оттаму што само лиричарот го опишува она што е есенцијално и основно во човечката природа; тој е затворен во себе и не излегува од својата природа, од своите лични идеи и емоции. Сепак, тој смета дека од сите книжевни родови, лириката најпрва застарува со текот на времето.[3] Исто така, за разлика од драмата и од епиката, во лирската поезија не постои големо име, туку големиот лирски поет вечно ќе се чека, но тој можеби никогаш нема да дојде. Според него, има многу лирски поети кои се близу до големиот лирски поет, но никој не го достигнал тој идеал. Исто така, ниту еден лирски поет не може да се спореди со генијалноста на Хомер, Шекспир, Данте, Софокле, Толстој, Балзак и Достоевски. Дучиќ смета дека лиричарот ќе стане голем поет само тогаш кога ќе каже големи вистини за трите најголеми мотиви во животот и во уметноста: Бог, љубовта и смртта. Но, до денес, ниту еден лирски поет не го постигнал тоа во целост, т.е. не само што никој не дал одговор на горните три прашања, туку никој не рекол доволно ниту за едно од нив.[4]

Наводи уреди

  1. Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 223-224.
  2. Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, стр. 111.
  3. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 291.
  4. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 296-299.

мк:Лирика