Јоаким Крчовски

(Пренасочено од Јоаким Крцовски)

Свети Праведен Јоаким Крчовски Учител и Просветител (17501820) — македонски светец и првиот македонски просветител, кој со своето дело и свештеничката професија бил народен учител и просветител на Македонците во првата половина на XIX век, време во кое ширењето на христијанскиот морал било единствениот начин да се избегне исламизацијата.[1]

Јоаким Крчовски
Роден околу 1750
Осломеј, Кичевско
Починал 1820
Крива Паланка
Корица на „Чудеса пресвјатија Богородици“, Буда, 1817 г.
Насловната страница на „Различна поучителна наставленија“, Будим, 1819 г.

Тој по предлог на Кумановско-осоговска Епархија за негова Канонизација ја одобрува САС на МПЦ-ОА на својата вондредна седница одржана на 10 мај 2022 год. Тој е канонизиран и вброен во диптихот на светиите на 22 Мај 2022 од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски Стефан заедно со архиереите на МПЦ-ОА, како датум за негово прославување е избран 10/23 мај по нов стил.

Потекло

уреди

Некои спомени за Јоакима во народното предание, особено од Кратовско и Кривопаланечко побудуваат несомнен интерес, но нивната веродостојност не може, се разбира, во сè да се потврди. Според соопштението на кратовчанецот Е. Кранов, татко му на Јоаким бил од Кичево. Фамилијата се преселила прво во Самоков, отаде во Крива Паланка и после во Кратово. Јоаким се учел во Цариград. Како даскал во Кратово тој ги учел заедно машките и девојчињата. „Тој и неговите синови - вели Каранов - биле скитници проповедници по различни цркви и параклисчиња од Штип до Ќустендил. Во едно од таквите скитања и умрел Хаџи Јаким“.

Според вестите што ги собрал Ј. Иванов од Крива Паланка би излегувало дека Јоаким бил родум од кратовските села, дошол во Паланка и таму живеел до својата смрт. Кај неговите внуци се чувала сингелија за располагањето на Јоаким за свештеник, пишувана на црковнословенски јазик, издадена во 1787 година од скопскиот митрополит Захариј (Ј. Иванов, меѓутоа, немал можност и лично да го види тој документ).

Јоаким имал три сина, од кои двајцата исто станале попови: Давид јереј останал во Паланка, Геогри јереј се преселил во Кратово, а третиот син во Самоков. Ј. Иванов соопштува и за една белешка во зборник што му припаѓал некогаш на кратовчанецот Коџе Хаџи Трајчев, а која гласи: „Занимавалсја Х. Јоаким исповедник в град Кратово, 1781 година“. Тој смета дека оваа белешка потекнува од самиот писател, меѓутоа А.М. Селишчев ја отфрла таа претпоставка излегувајќи од јазичните и правописните особености одразени во неа. Тој укажува и на несоодветноста на датумот: Јоаким, којшто, според сингелијата, станал свештеник во 1787 година, не можел да биде веќе неколку години пред тоа исповедник.

Извесна поткрепа на веста дека Јоаким потекнувал од Кичево, односно Кичевско (с. Осломеј), наоѓаме во неговото презиме Крчовски, кое може да се изведува од турската варијанта на името на Кичево (Крчова: таа варијанта е употребена во запис од 1846 година во псалтир што му припаѓал на Шишевскиот манастир кај Скопје: „писал Аврам от Крчово, село Доленце Аголско“; дека била обична и во македонската средина се гледа особено од тоа што и Миладиновци ја употребиле во белешка при песната бр. 339: От Крчово, кун Дебарските места). И јазикот на Јоаким содржи особености што можат да го потврдат преданието дека неговата фамилија потекнува од Кичевско. А.М. Селишчев во својата студија за хаџи Јоакима и за јазикот на неговите книги забележа дека во тој јазик се среќаваат и елементи на централномакедонските говори. Тие се среќаваат спорадично насекаде и во делови за кои е јасно дека се препишувани од оригинали што немаат врска со Западна Македонија. Останува како најприродно објаснението дека тие елементи се влезени во текстовите на Крчовски од неговиот роден западномакедонски говор.

Како што се гледа од тие тесктови, Крчовски во нивната основа ги поставува североисточните говори. Според тоа треба да се претположи дека во североисточна Македонија тој живеел уште од рана возраст. Но тоа не значи дека од неговиот говор биле истиснати сите западномакедонски особености. Тие можеле да се одржуваат во неговиот домашен круг. И така, споменот за потеклото на Крчовски од Кичевско ни се чини веродостоен.

Творештво

уреди

Крчовски отпечатил пет книги:

  • „Слово исказаное заради умирание“, печатена 1814 г. во Будим и е анонимна, но според стилот и јазикот, му припаѓа нему. Тоа е првата книшка на народен македонски јазик, составена од проповеди наменети за воспитување во христијански дух. Станува збор за малечка книшка од 30 страници мала осмина. Нејзината содржина ја сочинуваат две проповеди „Слово исказаное заради умирание“ и „Слово заради свјатое исповедание на сички христиани, на мужи и на жени“. Всушност првата проповед не е ништо друго ами скратена верзија на текстот на „Митарства“, објавен подоцна од Крчовски во целост на посебна книшка. Овде е даден расказот за Теодора и св. Василија, но не се опишуваат по ред сите дваесет митарства. Текстот е близок до оној во „Митарства“, иако немаме полно совпаѓање. Во ова дело исто така спаѓа и „Словото заради завист“.[2]
  • „Повест ради страшнаго и втораго пришествија Христова“, отпечатена исто 1814 г. во Будим. На насловната страна е даден податокот: списана от хаџи Јоаким даскала - од каде дознаваме дека бил учител во едно од манастирските училишта каде наставата се одвивала на македонски народен јазик.
  • „Чудеса пресвјатија Богородици“, 1817 г. во Будим.
  • „Сија книга глаголаемаја митарства“, 1818 г. во Будим. Тука дава уште податоци за себе - дека е монах и дека неговото презиме е Крчовски. Митарства е поголемо дело од 62 страници каде има апокрифни текстови за патувањето на човечката душа по смртта за да стигне во рајот. Оваа книга има верско-морализаторски карактер
  • „Различна поучителна наставленија“, 1819 г. во Будим. Оваа книга е најголема, со 310 страници и претставува зборник од различни слова со религиозно-поучен карактер.

Крчовски користел текстови од Евангелието и Стариот завет за да ги поучи луѓето да го поправат својот карактер и да живеат според христијанскиот морал. Според него, пијанчењето е најголем грев, но и другите пороци: лакомството, суеверието, лажењето, крадењето, итн. Тој е револтиран од социјалната нееднаквост на луѓето и ја велича наобразбата и учителите.

Неговите дела одиграле важна улога во верската и моралната просвета. Зацврстувањето на верата значело и зацврстување на националната свест. Неговите текстови не се со оригинална содржина, тоа се преводи или преработки на христијански текстови, но важно е тоа што се напишани на народен македонски јазик - на кратовско-кривопаланечки говор, со примеси од западните говори, и црковнословенски елементи. Затоа тие претставуваат почеток на новата македонска книжевност.

Слово заради завист (од „Различна поучителна наставленија“)

Темата на текстот е зависта како негативна човекова особина, а идејата - да се искорени тоа човечко зло. Композициски текстот има: воведен дел, изложување и заклучок. Во воведниот дел авторот го изнесува своето размислување за зависта, кое според него е лошо, одбивно и погубно чувство. Зависта ја нарекува - проклетија, мрска и погана, затоа што е извор на секое зло, не само на земјата туку и на небото. Изложување - во овој дел ќе образложи каде, кога и како се појавила зависта земајќи примери од „Библијата“. Според библиската легенда, таа прво се појавила меѓу ангелите. Еден ангел што светел како сонце му завидел на Бога, сакајќи и тој да поседува чудотворна моќ, но бидејќи не можел, од завист потемнел и станал црн ѓавол. За казна Бог го исфрлил од рајот и го фрлил во пеколот вечно да се мачи. Така се родила зависта, односно ѓаволот кој е нејзин симбол. Но, зависта не мирувала. Ѓаволот им завидел на Адам и Ева зашто уживале во рајот и за да им напакости се престорил во змија. Така, ја наговорил Ева да не го слуша Господ и да касне од плодот на сознанието. Тие биле казнети од Бога, протерани од рајот и станале смртни. Зависта била причина и за првото братоубиство на земјата - Каин го убил својот брат Авел заради завист. Оттогаш почнала да се лее крв на земјата. Во завршниот дел, Крчовски ги коментира овие примери и дава заклучоци, велејќи: „...Она учи да се не слуша заповед божја, братоубиствена мајка, смерти ходатаица, корен на сичко зло. Завист не е друго што, салт на срце печал, жалба...“

Поддршката за печатењето на книгите

уреди

Во насловите на неговите книги се забележани одредени имиња на „настојатели“, на луѓе што се грижеле за нивното печатење или го смогнале: Димитрија Филипович, жител кратовски, родум од Крива Паланка, Димитрија Јованович - Зузура од Сечишта, Кир Хаџи Пецо од Штип, Кир Хаџи Станко од Кратово и Нешо Маркович од Кратово. Тие се „господари“ и „купци“, луѓе од трговскиот сталеж, ангажирани, во пропагирањето на книги на народен јазик во почетокот на минатиот век. Македонските трговски и занаетчии ја претставуваат во споменатото време онаа средина што можела да го организира и материјално да го помогне издавањето на тие книги во далечниот град Будим.

Списокот на „Чудеса“ покажува дека најголема поддршка Јоаким нашол во Кратово, Крива Паланка, Кочани и Скопје (во тие места се собрани суми од 120-160 гроша). Прилози дошле уште од Струмица, с. Кокошиње и од следните места од Западна Бугарија: Самоков, Дупница и с. Рила. Јоаким ја имал поддршката и на Ќустендилскиот владика Авксентиј, до кого секако требало како монах да се обрати во врска со печатењето на својата книга.

Списокот во „Наставленија“ е значително подолг. Јоаким успеал да собере како претплата над 2 200 гроша. Скоро половината од таа сума ја сочинува прилогот на познатиот тогаш, како помагаш на манастири и училишта, пловдивскиот чорбаџија Господар Влко (600 гроша) и на Ново Село, Штипско (500 гроша). Значителен е прилогот од Самоков и Самоковско (над 400 гроша). Во списокот се среќаваат претплатници од уште овие места: Штип и Штипско, Дупница, Радовиш, Кратово, Довезенци, Велес, Битола, Скопје, Гари, Тресонче, Лазарополе, Галичник, Гостивар, Џумаја, Ниш и Лесковац. Кругот е поширок одошто оној на кој имал можност да се обрати подоцна, во почетокот на 30-те години на минатиот век, Кирил Пејчиновиќ, барајќи претплатници за својата книга „Утешение грешним“.

Во списокот на „Различни поучителни наставленија“ се среќаваат имињата на Петре Теледур и Марко Теледур од с. Гари. Тоа се две најславни имиња во тој список, двајцата теледури што ги изработиле чудесните иконостаси во Св. Јован Бигорски, Св. Спас во Скопје и во Лесновскиот манастир. Значаен е овој податок за врската на нашите писатели и ликовни уметници во почетокот на XX век.

Работен век и дела на Јоаким Крчовски

уреди
 
Првата страна на „Повест ради страшнаго и Втораго пришествија Христова“, Буда, 1814

Крчовски во својот работен век ја ширел верската просвета на народен јазик во кој употребувал црковнословенски елементи. Во неговото творештво се забележува продолжување на средновековната книжевна традиција, иако тој бил и под влијание на европското (пред сè француското) просветителство, кои дошле преку влијанијата на Доситеј Обрадовиќ од Србија. Неговите дела се отпечатени во печатницата во Будим, а поради опасноста од елинизација тие биле силно помогнати и поддржани од македонскиот еснаф.

Прво дело на Јоаким Крчовски е „Слово заради свјато исповедание на сички христијани, на мужи и на жени“ (1814) кое е мало по обем и содржи две беседи со практична намена - свештениците да ги придобијат верниците за христијанската вера. Второто дело на Крчовски е „Повест ради страшнаго и втораго пришествија Христова“ (1814) кое било напишано на народен јазик (кратовско-кривопаланечки дијалект) и наменето за народот и во кое се зборува за второто Христово пришествие. Третата книга на Крчовски „Сија книга глаголемаја Митарства“ (1817) ги опишува „митниците“ (царинските премини) низ кои поминува душата на праведникот за да дојде во рајот. Четвртото дело се нарекува „Чудеса пресвјатија Богородици“. МАНУ оваа книга ја смета за прв превод на македонски јазик, бидејќи е грчки текст преведен на чист народен македонски јазик, кој и денес се зборува во Република Македонија. БАН, пак, книгата ја смета за превод на бугарски јазик, бидејќи на корицата пишува дека е преведена на болгарскиј јазик и „иждивением же православних христиан штипских и прочих градов болгарских”. Петтото и последно дело на Крчовски е „Различна поучителна наставленија“ (1819), кое е негово најобемно и најоригинално дело во кое се зборува за важноста на образованието и практикувањето на христијанската вера.

Крчовски е автор на пет книги кои се пред сè со религиозна содржина:

  • 1814 - „Слово исказаное заради умирание"
  • 1814 - „Повест ради страшнаго и Втораго пришествија Христова"
  • 1817 - „Митарства"
  • 1817 - „Чудеса пресвјатија Богородици"
  • 1819 - „Различна поучителна наставленија"

Галерија со научни трудови посветени на Јоаким Крчовски

уреди
  • - за да ги видите научните трудови во целост со сите страници, кликнете на сликата

Наводи

уреди
  1. Историја на македонскиот народ, книга втора, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969 година
  2. Јоаким Крчовски, Собрани текстови, приредил Блаже Конески, македонска книга, Скопје, 1974