Кокошиње

село во Општина Куманово

Кокошиње — село во Општина Куманово, во областа Овче Поле, во околината на градот Куманово.

Кокошиње

Воздушен поглед на селото Кокошиње

Кокошиње во рамките на Македонија
Кокошиње
Местоположба на Кокошиње во Македонија
Кокошиње на карта

Карта

Координати 42°00′47″N 21°57′59″E / 42.01306° СГШ; 21.96639° ИГД / 42.01306; 21.96639
Регион  Североисточен
Општина  Куманово
Област Овче Поле
Население 12 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1309
Повик. бр. 031
Шифра на КО 17049
Надм. вис. 630 м
Кокошиње на општинската карта

Атарот на Кокошиње во рамките на општината
Кокошиње на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Воздушен поглед на селото

Селото се наоѓа во крајниот југоисточен дел на територијата на Општина Куманово, чиј атар се допира со подрачјето на општините Свети Николе и Кратово. Истото е сместено недалеку од патот Куманово-Свети Николе.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 630 метри. Од градот Куманово, селото е оддалечено 25 километри.[2]

Селото се наоѓа во западното подножје на планината Манговица, оддалечено 28 километри јужно од Куманово.

Низ селото поминува регионалниот пат 2247, кој се двои од регионалниот пат 1204 на раскрсницата кај селото Павлешенци. Сепак, регионалниот пат 2247 е недовршен и е неасфалтиран во овој дел.

Селото се наоѓа во северниот дел на Овче Поле, а околни села се Горно Ѓуѓанци, Строиманци, Павлешенци, Татомир и други. Во минатото, водата за пиење мештаните ја добивале од една чешма и од поголем број на бунари. Во суштина, селото отсекогаш имало оскудност со вода.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Асаница, Забел, Бабин Град, Милев Рид, Рамниште, Дренов Дол, Кампор, Краиште, Грујач, Локва, Врли, Голајево, Турска Кула, Грамади и други.[3]

Кокошиње се состои од два дела, кои се одвоени со долина. Деловите се наречени Тај Страна и Овај Страна, додека поединечните групи на куќи се наречени по родовите, како Младеновци, Даутовци, Галевци и други.[3]

Историја

уреди

Месноста Грамади се наоѓа околу 700 метри југозападно од селото, каде денес се наоѓаат ниви. На рабовите од нивите се забележуваат грамади од камења и кршени ќерамиди. Мештаните кажуваат дека таму некогаш имало стара населба. Од нивите биле ископувани и големи земјени ќупови.[3]

Кокошиње најпрвин било мешано турско-македонско село, но Турците некаде се иселиле. Последното турско семејство го напуштило селото во 1890 година. Како спомени на нивното присуство се топонимите Турски Гробишта, Турска Нива и Турска Кула, иако од гробиштата и од кулата нема никакви остатоци.[3]

Во селото, на почетокот имало само 6 македонски куќи, но подоцна нивниот број бил удвоен, додека не бил достигнат денешниот број на домови (100 домови во 1957 г.). Најстарите македонски родови се доселиле на крајот на XVIII век.[3]

Пред крајот на отоманскиот период, селото било поделено на „српска и бугарска партија“, поради што во селото имало две училишта и два свештеника. Некогаш доаѓало до меѓусебни судири, па дури и убиства меѓу двете страни.[3]

Во август 1904 година чети на ТМОРО извршуваат масакр врз селаните од Кокошиње при што се убиени 53 селани.[4] Кон средината на септември истата година во Кокошиње влегол и Мише Развигоров со својата чета во Кокошиње и убил осуммина селани.[5]

Стопанство

уреди
 
Езеро кај самото вртење кон селото

Атарот на селото зафаќа простор од 14,8 км2, при што преовладуваат обработливите површини со површина од 682 хектари, на пасиштата отпаѓаат 623 хектари, а на шумите 106 хектари.[2]

Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.[2]

За време на отоманскиот период, македонските семејства поседувале своја земја.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948741—    
1953779+5.1%
1961634−18.6%
1971417−34.2%
1981170−59.2%
ГодинаНас.±%
199184−50.6%
199469−17.9%
200245−34.8%
202112−73.3%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Кокошиње живееле 560 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во К’шање имало 880 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 650 Македонци.[8]

Од Кокошиње се иселил значителен број од неговото население, коешто во 1961 година броело 634 жители, а во 1994 година бројот се намалил дури на 69 жители, од кои 68 биле Македонци.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Кокошиње живееле 45 жители, од кои 44 Македонци и 1 Србин.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 12 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 560 880 741 779 634 417 170 84 69 45 12
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови

уреди

Кокошиње е македонско село.[3]

Според истражувањата од 1957 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Младеновци (23 к.), доселени се од селото Матка, Скопско. Го знаат следното родословие: Цане (жив на 48 г. во 1957 година) Стојче-Лазо-Зафир-Младен, се доселил неговиот татко кон крајот на XVIII век. Тие се делат и на други помали гранки како Поповци, Коневци, Кајмаковци и други; Галевци (12 к.), Даутовци (14 к.), Чајевци (13 к.) и Стамболџиовци (2 к.), доселени се од селото Петралица, Кривопаланечко; Бошковци (6 к.), Јанкуловци (3 к.), Јовановци (6 к.), Ѓорговци (6 к.), Стојанчевци (6 к.), Јовевци (7 к.), доселени се, но не знаат од каде.

Иселеништво

уреди

Иселеништвото од ова село во главно се одвивало кон Куманово и Свети Николе. До 1957 година, таму се иселиле преку 12 домаќинства.[3]

Општествени установи

уреди
  • Поранешно основно училиште
  • Поранешен задружен дом

Самоуправа и политика

уреди

Кон крајот на XIX век, Кокошиње било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Куманово, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Орашац.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово. Селото припаѓало на некогашната општина Орашац во периодот од 1955 до 1962 година.

 
Поглед на главната селска црква „Св. Атанасиј“

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Павлешенци, во која покрај селото Кокошиње, се наоѓале и селата Габреш, Горно Ѓуѓанци, Градиште, Долно Ѓуѓанци, К’шање, Кутлибег, Кучкарево, Павлешенци, Пезово, Стањевци и Строиманци. Селото припаѓало на некогашната Општина Долно Ѓуѓанци во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Горно Ѓуѓанци, Долно Ѓуѓанци, Кокошиње, Павлешенци, Строиманци и Стрњевец.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1134 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на приватен објект.[14]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 12 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

уреди
Цркви[16]

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 154.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 Трифуноски, Јован (1964). Овчепољска Котлина. Загреб: Југословенска академија на науките и уметностите. стр. 683–685.
  4. „Војводата Кочо Куршумот“. Македонска нација. Посетено на 2023-12-15.
  5. „Хр. Силянов, Освободителните борби в Македония, II - 25“. www.promacedonia.org (бугарски). Посетено на 2023-12-15.
  6. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 216
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 126-127.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 15 декември 2022.
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-12-15. Посетено на 15 декември 2023.
  16. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

уреди