Исламизацијата во Македонија
Исламизацијата односно Ширењето на исламот сред христијанското население во Македонија започнало во XV век, иако во почетокот течело бавно и се ограничило речиси исклучиво на градовите.[1] Според пописите на населението од 1445, 1452/53, 1465, 1467/68 година, во повеќето од македонските градови не биле регистрирани исламизирани христијани, исклучок биле неколку поединечни случаи во Драма, Сер, Тетово, Скопје и Битола.[2] Исламизацијата продолжувала со сè посилно темпо, а најсилниот бран се случил во втората половина на XVI век. Според пописите од 1569/70 годнина, во градовите Скопје, Тетово, Кичево, Прилеп, Битола, Лерин, Костур, Бер, Ениџе Вардар, Серфиџе, Солун, Демир Хисар, Неврокоп, Сер, Драма, Кавала, Штип, Струмица, Дојран и Кратово биле регистрирани вкупно 3.019 исламизирани лица, што во однос на регистрираните муслимани изнесувало нешто повеќе од една третина. Во Дебарската Каза од Охридскиот санџак, според пописот од 1583 година, тој процент бил уште повисок. Се смета дека процентот на исламизираните христијани по градовите кон крајот на XVI век изнесувал една четвртина од градската популација.[3] За разлика од градовите, во истиот период процентот на исламизираното христијанско население во селата на ниво на Македонија изнесувал само 3% од вкупното селско население. Исламизацијата во Македонија не се одвивала рамномерно, ниту територијално, ниту временски. Како карактеристични примери, каде што исламизацијата имала масовен карактер, може да се издвојат Родопскиот крај во југоисточна Македонија и Дебарскиот крај во Западниот дел на Македонија.[4] Исламизацијата продолжила и во натамошните векови од османлиското владеење, со побавно темпо, но засилувајќи се посебно во кризните години и во времето на воените судири.
Наводи
уреди- ↑ М. Соколоски, Исламизацијата во Македонија во XV и XVI век, „Прилози“ МАНУ, VII/1, Скопје, 1976
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ. Опширни пописни дефтери од XV и XVI век. Том: III, IV, V. VI, VII, VIII, IX, X, под редакција и превод на М. Соколоски и А. Стојановски
- ↑ Градовите во Македонија од крај на XIV до XVII век. Демографски проучувања, Скопје, 1981
- ↑ А. Стојановски, Демографските промени во Дебарската Каза (15-16 век), ГИНИ 45/1, Скопје, 2001