Босилово

село во Општина Босилово

Босилово — село во Општина Босилово, во околината на градот Струмица. Селото е седиште на општината.

Босилово

Зградата на седиштето на Општина Босилово

Босилово во рамките на Македонија
Босилово
Местоположба на Босилово во Македонија
Босилово на карта

Карта

Координати 41°26′26″N 22°43′40″E / 41.44056° СГШ; 22.72778° ИГД / 41.44056; 22.72778
Општина Босилово
Население 1.273 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2431
Шифра на КО 27009, 27509
Надм. вис. 214 м
Мреж. место Босилово
Босилово на општинската карта

Атарот на Босилово во рамките на општината
Босилово на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Споменик во селото
 
Дом на културата
 
Улица во Босилово
 
Пошта
 
Училиште „Гоце Делчев“
 
Црквата „Св. Атанасиј“

Босилово се наоѓа во југоисточниот дел на Република Македонија, во средишниот дел на Струмичка Котлина. Низ селото поминува патот Струмица-Ново Село. Од најблискиот град Струмица е оддалечен 15 километри. Од десната страна на селото поминува реката Струмица додека над селото поминува реката Турија, која се влева во река Струмица кај селото Турново.

Надморската височина во селото е 214 метри.

Историја

уреди

Ран период

уреди

Денеска не е познато кога точно била основана населбата, но се претпоставува дека тоа се случило пред почетокот на турското владеење на овие простори. За настанокот на селото постојат повеќе легенди.

Според едно предание, селото порано имало друга местоположба. Се наоѓало на околу половина километар северно од денешната локација и се викало Нејчино, а негово соседно село било Драгомирово, во кое тогаш живееле дваесетина ромски семејства, но ова село било изгорено во почетокот на XX век, односно 1913 година.

Отоманско Царство

уреди

За време на османлиското владеење на овие простори, територијата каде денеска се наоѓа Босилово било чифлик на неколку турски бегови. Инаку, во атарот на селата Босилово и Драгомирово во тоа време чифлици имале: Мехмед–бег, Зејни–бег, Риза–бег, Ариф–бег и други. Некои од беговите им дозволувале на чифлигарите на местото каде што е денешно село да изградат примитивни куќи. Така еден чифлигар од Нејчино, според народното предание, по името Босилјан (Босилко, Босил), прв изградил куќа на ова место. Подоцна, кога селото Нејчино било запалено и разрушено, беговите им помогнале да изградат куќи и на другите најчани околу новоградбата на Босилко.

Така, на тоа место била основана нова маала селска населба, која според името на првонаселениот Босилко била наречена Босилово. Со текот на времето Босилово започнало да расте па во него и беговите изградиле свои домови[2].

Во 1842 година македонското население ја изградило црквата „Свети Атанасиј“. Во црквата отпрвин се служело на грчки јазик, но откако учителот А. Костенцев со група ученици, на Спасовден во 1869 година учествувал во службата на словенски јазик, мнозинството од селаните веќе не сакале да чујат за грчки јазик во црквата. По овој случај овде доаѓале селани и од околните села за да слушнат зборови што ги разбирале[3].

Во селото имало и џамија чии остатоци биле забележливи до 1895 година.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година селото имало 465 жители од кои 430 Македонци и 35 Турци[4][5]. Селото било под влијание на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живееле 320 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија. Освен тоа, во селото работело и едно егзархиско училиште[4][6].

На 25 март 1907 година селото Босилово и соседните села биле зафатени од голема поплава од реките Стара Река и Турија. Во еден запис стои дека целото село било поплавено и дека поплавите нанеле големи штети на месното население[3].

По започнувањето на Балканските војни, од селото едно лице бил доброволец во Македонско-одринските доброволни чети[7]. Според Карнегиевата балканска комисија, во текот на војната, муслиманското население во струмичкиот крај најпрвин било соберено во џамијата во градот по наредба на четите на ВМРО, а подоцна 18 од најбогатите од нив биле врзани и однесени во Босилово, каде што биле убиени[8]. По крајот на војната, кога се дознало за одлуката дека селото и Струмичкиот крај ќе и припаднат на Бугарија, грчките војски пред да се повлечат од овие простори извршиле голем број на ѕверства. Жителите на Босилово им се пожалиле на бугарската редовна војска за мачењата кои ги направиле грчките војници врз месното население[8].

Југославија

уреди

По крајот на Балканските војни, селото било вклучено во составот на Царство Бугарија. По крајот на Првата светска војна, според Нејскиот мировен договор, селото било вклучено во составот на Кралство СХС, заедно со Струмичкиот регион.

Пред започнувањето на Втората светска војна, во околните села во Струмичкиот регион сè уште намало ниту една здравствена установа. Така, една од првите кои биле отворени во регионот била во селото Босилово. Во периодот меѓу двете светски војни, селото било под постојани напади и рации од страна на српската полиција, која барала лица поврзани со ВМРО. Честопати жртва на овој терор било мирното месно население на селото.

По започнувањето на Втората светска војна, во 1942-1943 година месното население започнало да се организира против фашистичкиот окупатор. По воспоставените врски меѓу останатите населени места, во народното движење од селото се приклучил попот Ристо Гавровски, преку Боро Џони. По преминувањето на Бугарија на страната на антифашистичките сили, во селото се наоѓал 48-и бугарски полк и во селото бил одржан состанок помеѓу Струмичкиот партизански одред и бурагската страна за заеднички дејства против германските сили. Во текот на војната, од селото своите животи ги загубиле: Гинин Ванчо, Ѓоргиев Ванчо, Дедејски Асен, Дедејски Наке, Карамазов Стојан и Паралидов Борис, додека во списокот на жртви на фашистичкиот терор се вклучени: Гавров Атанас, Гавров Борис, Кацаров Илија и Костадинова Слава.

По крајот на Втората светска војна, Босилово било вклучено во НР Македонија, во составот на СФРЈ.

Македонија

уреди

По распаѓањето на СФРЈ, селото формално било вклучено во составот на Република Македонија. Според територијалната организација на Република Македонија, селото припаѓа на Општина Босилово, како административен центар на истоимената општина.

Стопанство

уреди

Селото зафаќа површина од 8,1 км2. Од нив, 708,6 хектари се обработливо земјиште, 39,5 хектари се пасишта и 1,4 се шуми[9]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.069—    
19531.167+9.2%
19611.433+22.8%
19711.575+9.9%
19811.737+10.3%
ГодинаНас.±%
19911.755+1.0%
19941.701−3.1%
20021.698−0.2%
20211.273−25.0%

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 800 Македонци.[10]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 1.698 жители, од кои 1.697 Македонци и 1 останат.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.273 жители, од кои 1.217 Македонци, 4 Срби и 52 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 465 320 1.069 1.167 1.433 1.575 1.737 1.755 1.701 1.698 1.273
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Општествени установи

уреди

Самоуправа и политика

уреди

Избирачко место

уреди

Во селото постојат избирачките места бр. 1811 и 1812 според Државната изборна комисија, сместени во основното училиште и Дом на културата.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.394 гласачи.[18]

На Македонски парламентарни избори во 2020 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.400 гласачи.[19]

Културни и природни знаменитости

уреди

Личности

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. КОЛЕТКТИВНАТА МЕМОРИЈА ЗАЧУВАНА ВО ТИПИЧНИТЕ ОБИЧАИ И ТРАДИЦИИ НА ОПШТИНА БОСИЛОВО
  3. 3,0 3,1 Манол Пандевски - Ѓорѓи Стоев - Трнката, Струмица и Струмичко низ историјата, Струмица, 1969, стр. 159.
  4. 4,0 4,1 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  5. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 160.
  6. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 106-107.
  7. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 831.
  8. 8,0 8,1 Струмица и Струмичко во времето на Балканските војни и Букурешкиот мировен договор, Завод за заштита на спомениците и културата и музеј на Струмица, 2013.
  9. Панов Митко, Енциклопедија на селата во Република Македонија, Патрија, Скопје, 1998. стр. 36.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 21 декември 2019.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-13. Посетено на 21 декември 2019.
  19. „Парламентарни избори 2020“. Архивирано од изворникот на 2021-03-05. Посетено на 3 ноември 2020. line feed character во |title= во положба 21 (help)
  20. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Надворешни врски

уреди