Лекари без граници

(Пренасочено од Лекари Без Граници)

Лекари без граници (француски: Médecins sans frontières, англиски: Doctors Without Borders) — меѓународна, хуманитарна, невладина организација која им овозможува медицинска помош на жртвите на војни, епидемија или природни и вештачки катастрофи. Освен тоа, таа им нуди помош на сите оние на кои медицинската помош им е ускратена или тешко достапна поради географската оддалеченост, сиромаштијата или етничка, политичка и која било друга маргинализација. Познати се по своите проекти во земји, во кои се водат војни и во земји во развој, кои се соочуваат со ендемски заболувања.

Лекари без граници
Лого на Лекари без граници
Основана1971
СедиштеШвајцарија Женева, Швајцарија

Организацијата ја основале група француски лекари на 20 декември 1971 година. Ширум светот е позната под своето име на француски јазик, Médecins sans frontières или скратено — MSF. Седиштето на организацијата се наоѓа во Женева, а во 20 држави постојат нејзини претставништва.[1]

Секоја година околу 3000 лекари, медицински сестри, санитарни стручњаци и други медицински и немедицински лица одат на различни задачи ширум светот. Од друга страна пак 1000 луѓе со постојано работно место, работат на ангажирање на доброволци, обезбедување финансиски средства, итн. Приватните дарители обезбедуваат приближно 80 % од финансискиот фонд на организацијата, додека остатокот го донира власта и корпорацијата. На тој начин се формира буџет кој годишно изнесува околу 400 милиони американски долари.[2]

Организацијата „Лекари без граници“ делува во преку 70 земји, каде обезбедуваат примарна здравствена заштита, извршуваат оперативни зафати, го вакцинираат населението, го обучуваат персоналот во болниците и амбулантите, спроведуваат разни санитарни и прехранбени програми, го обучуваат месното население, и сл. Во 1999 година, добиле Нобелова награда за мир,[3][4], а три години порано и Награда за мир во Сеул.[5]

Формирање на организацијата

уреди

Бијафра

уреди
 
Неисхрането дете во Нигерија

За време на Граѓанската војна во Нигерија (1967 — 1970), војската направила блокада околу регионот во југоисточниот дел на земјата, попознат како Бијафра. Во тоа време, Франција била најголема држава која ја поддржувала Бијафра, додека Велика Британија, Сојузот на Советските Социјалистички Републики и САД застанале на страна на нигериската влада. Тогаш голем број на француски лекари доброволно се пријавиле во Црвениот крст, со желба да работат во болници и во центрите за исхрана на населението во околниот регион. Црвениот крст барал од нив да потпишат согласност, односно договор, кој требало да обезбеди неутралност на оваа организација без разлика на околностите на теренот.

Откако влегле во Бијафра, доброволците биле изложени на постојани напади од нигериската војска и биле сведоци на изгладнувањето и убивањето на цивилното население кое се наоѓало во блокираното подрачје. Затоа лекарите јавно ја критикувале нигериската влада во Црвениот крст. Исто така заклучиле дека е потребна нова организација за помош, која ќе ги игнорира политичките и религиските граници, и која ќе биде приоритет исклучиво за подобрување на животот на жртвите.[6] Сепак постојат тврдења дека големиот напор за да му се овозможи помош на населението на Бијафра, бил поради претпоставките дека таму се врши геноцид и дека продолжува војната, па притоа ќе имало и многу непотребни жртви.[7]

Формирање

уреди

Француските лекари кои работеле во Бијафра во 1970 година формирале Групa за итнa медицинскa и хируршкa интервенцијa (франц. Groupe d'Intervention Médicale et Chirurgicale en Urgence), која за цел имала да обезбеди помош, но и да истакне дека правата на жртвите со важни. Во исто време, Ремон Борел, уредник на француското списание „Тонус“, формирал група наречена Француска медицинска помош (франц. Secours Médical Français), поради циклонот кој таа година усмртил најмалку 500.000 луѓе во Источен Пакистан (денешен Бангладеш). Борел имал намера да ги регрутира лекарите кои ќе обезбедат помош на жртвите на природни катастрофи. На 20 декември 1971 година овие две групи се соединиле во една организација наречена Лекари без граници (ЛБГ).[6]

Основачи на организацијата биле:[8][9]

  • д-р Владан Радоман, хирург и книжевник
  • д-р Жан-Мишел Вил (фр. Jean-Michel Wild), хирург
  • д-р Паскал Грелети-Босвије (фр. Pascal Greletty-Bosviel), лекар на општа пракса
  • д-р Жак Бере (фр. Jacques Bérés), хирург ортопед
  • д-р Жерар Илиуз (фр. Gérard Illiouz), пластичен хирург
  • Филип Берније (фр. Philippe Bernier), списание „Тонус“
  • Ремон Борел ( Raymond Borel), списание „Тонус“.

Прва мисија

уреди
 
Држави во кои Лекарите без граници имаат мисии.

Првата мисија на оваа независна организација била во градот Манагва, во престолнината Никарагва, каде на 23 декември 1972 година земјотрес уништил поголем дел од градот и усмртил помеѓу 10 000 до 30 000 луѓе.[10] Организацијата која денеска е позната по брзата реакција во вакви и слични ситуации, стигнала три дена откако Црвениот крст ја воспоставил својата мисија. Две години подоцна, ураганот Фифи помеѓу 18 и 19 септември 1974 година предизвикал големи поплави во Хондурас и усмртил неколку илјади луѓе, а ЛБГ во таа прилика ја воспоставиле својата прва долготрајна мисија за обезбедување на медицинска помош.[11]

Помеѓу 1975 и 1979 година, откако Јужен Виетнам го нападнал Северен Виетнам, милиони луѓе од Камбоџа, избегале во Тајланд за да ги избегнат Црвените Кмери. Како одговор на тоа, ЛБГ организирале камп за бегалци во Тајланд.[6] Кога Виетнам во 1989 година се повлекол од Камбоџа, ЛБГ започнале долготрајна мисија со цел да им се даде помош на преживеаните од масовните убивања и да се реконструира државниот здравствен систем.[12] Иако ова ангажирање во Југоисточна Азија било нивната прва мисија за време на војните, првата мисија во вистинска воена смисла која подразбирала и излагање на непријателскиот оган, почнала во 1976 година во Либан за време на Либанската граѓанска војна. ЛБГ девет години (19761984) им помагало на хирурзите и болниците во разни либански градови и тогаш стекнале добра репутација поради својата неутралност и спремност да работат за време на борби. Тие им помагале и на христијаните и на муслиманите, во зависност од тоа на која група ѝ е потребно помош во тој момент. Сепак организацијата во 1984 година ги повлекла своите доброволци бидејќи ситуацијата во Либан многу се влошила, а безбедноста на ЛБГ-групата била сведена на минимум.[13]

Ново водство

уреди

Во 1977 година за претседател на Лекари без граници е избран Клод Малуре, и набрзо после тоа почнале дебати за иднината на организацијата. Конкретно, Малуре и неговите соработници се противеле и го оспорувале концептот „сведочење“ (франц. témoignage), кој се однесувал на слободно кажување за мачењата кои членовите на организацијата ги виделе на теренот, за кои ако не ги кажеле следувал концепт „молчење“.[14] Малуре сметал дека ЛБГ треба да избегнуваат критикување на владите на државите во кои работеле, додека Бернар Кушнер верувал дека документирањето и објавувањето на нивните мачења во конкретните држави за да се решат проблемите.

Во текот на 1979, четири години по бранот на бегалци од Јужен Виетнам и околните држави, француските интелектуалци во новините Ле Монд упатиле апел под името „Брод за Виетнам“ со намера да се покрене проект со кој би се обезбедила помош на бегалците. Иако проектот не добил поддршка од поголемиот дел на ЛБГ, некои членови изнајмиле брод под името „Остров на светлоста“ (франц. L’Île de Lumière) и заедно со новинарите и фотографите отпловиле до Кинеското Море и им дале медицинска помош на илегалните имигранти.

Развој на организацијата

уреди

Во текот на 1982 година Клод Малуре и Рони Брауман, кој истата година станал претседател на организацијата, обезбедиле поголема финансиска независност на Лекари без граница со претставување на концептот за собирање средства по пат на пошта.(англ. fundraising-by-mail). Тие години доаѓа до отворање на низа оперативни гранки во останатите држави: Белгија (1980), Швајцарија (1981), Холандија (1984) и Шпанија (1986). Во Луксембург во 1986 е основана прва неоперативна гранка, а во текот на 1990-те и во голем број на други земји: Грција, САД, Канада, Јапонија, Велика Британија, Италија, Австралија, Германија, Австрија, Данској, Шведска, Норвешка, Хонгконг а нешто подоцна во Соединетите Арапски Емирати.[6]

Во декември 1979 година, откако советската војска влегла во Авганистан, веднаш се поставени полски мисии за обезбедување на медицинска помош на муџахедини. Во текот на периодот на гладување во Етиопија (19841985) ЛБГ основале програми за хранење на населението, ама во 1985 биле истерани поради тужба за злоупотреба на меѓународната помош и насилно раселување на луѓето. Организацијата исто така поставила опрема за произведување на чиста вода за пиење во Сан Салвадор, откако на 10 октомври 1986 година земјотрес го разрушил овој град.[6][15]

Судан

уреди

Во текот на 1979 година Лекари без граници воспоставиле мисија за помош на цивилите кои биле погодени од гладот и граѓанската војна која се одвивала. Доброволците објавиле голем број на извештаи за страшните работи што ги посведочиле, а двајца доброволци и загинале во 1989 година кога бил соборен нивниот авион.[6][15] ЛБГ продолжиле со своите напори во Судан околу 25 години, покрај апсењето на нивните доброволци,[16], речиси постојаните борби и масакрирањето на цивилите,[17] сушата и избивањето на туберкулоза, ебола, хепатит, дечја парализа, колера и маларија. Организацијата непрестајно апелирала за помош преку медиумите, но за таа ситуација во Судан слабо се известувало воСАД и во Европа.[18]

Раните 1990-ти

уреди

Во раните деведесетти години ЛБГ отвориле неколку нови национални секции и пратиле неколку полски мисии во некои од најопасните жаришта со кои дотогаш се сретнале.

Во текот на 1990 година ЛБГ прво отишле во Либерија со намера да им помогнат на тамошните цивили и бегалци погодени од граѓанската војна.[19] Постојаните борби во текот на 1990-тите и новата граѓанска војна ги држеле активните доброволци на Лекари без граници во програмите за обезбедување намирници, обезбедување на примарна здравствена заштита, масовни вакцинации, како и говорот против нападот на болниците(посебно во Монровија).[20]

Полската мисија се воспоставила и со цел за обезбедување на помош на (Курди|курдските) бегалци кои ја преживеале операцијата Анфал, а за која веќе биле собрани докази за нејзините злочини.[21] Во текот на 1991 година почнала војна во Сомалија која била проследена со глад и болест, па затоа ЛБГ ја поставиле таму својата мисија во 1992 година. По неуспешната интервенција на Обединетите нации, насилството во тој регион се влошило и ЛБГ одлучиле да ја откажат операцијата во 1993 година, но доброволците сепак продолжиле да обезбедуваат медицинска нега и храна. По заминувањето на Обединетите нации насилството во Сомалија немало кој да го спречува, а ЛБГ биле една од ретките организации која му помагала на тамошното население со отворање на клиники и болници.[22]

Руанда

уреди
 
Воздушна снимка на бегалскиот камп во Руанда
 
Бегалски камп во Источен Заир

Кога во април 1994 година, почнал Геноцидот во Руанда, одделни членови на ЛБГ работеле во некои земји како дел на медицинскиот тим на Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Две хуманитарни групи успеале да ги одржат оперативни сите поголеми болници во руандската престолнина Кигали во текот на главниот дел на борбата. Лекари без граници, заедно со неколку други организации за обезбедување помош биле принудени да ја напуштат државата во 1995 година, иако доброволците на двете организации работеле заедно придружувајќи им се на начелата на работа на Црвен крст каде неутралноста била најважен принцип. Овие настани довеле до дебата во внатрешноста на организацијата околу концептот на неутралност на хуманитарните работници и нивната улога како сведоци. Тоа резултирало со приближување на ставот на ЛБГ за почитување на начелото за неутралност кој го пропагирал Црвениот крст, што претставувало значајна промена во однос на времето кога организацијата била формирана.[23]

Црвениот крст изгубил 56, а Лекари без граници изгубиле близу 100 членови во Руанда, а француската екипа на ЛБГ, која одлучила да се евакуира (локалните членови морале да останат), ги пријавиле убиствата и барале француската војска да престане со геноцидот. Француската екипа на ЛБГ во медиумите претставила слоган наречен „Геноцид не може да се прекине со доктори“ (англ. One cannot stop a genocide with doctors), после што набрзо следела контроверзната Операција Тиркоаз.[6] Оваа интервенција директно или индиректно довела до заминување на илјада руандски бегалци во Заир и Танзанија и подоцна предизвикала епидемија колера, глад и уште поголемо убивање на големи групи на цивилното население. ЛБГ се вратиле во регионот и им дале помош на бегалците во градот Гома и во Демократската Република Конго.[24]

За време на геноцидот постоело големо соперништво помеѓу мисиите на Црвен крст, Лекари без граници и другите групи за обезбедување на помош,[25] но ситуацијата во Руанда барала драстична промена во начинот на кој хуманитарните организации им пристапувале на мисиите. Затоа Црвен крст објавил „Правилник за однесување за движењето на Црвениот крст, Црвената полумесечина и невладините организации кои даваат помош за време на катастрофите“ за да се направи место за делување на хуманитарните мисии,[26], а организацијата ЛБГ била потписник на овој документ.[27] Правилникот препорачува само обезбедување на хуманитарна помош, додека групите се поттикнуваат да не се служат со каков било политички или религиозен интерес, или пак со интересите на владите на другите држави.[28] ЛБГ сè уште сметаат дека неопходно е да ја осудат владината акција, како што бил случајот со Чеченија во 1999 година[29], но никогаш повеќе не барале воена интервенција.[6]

Сиера Леоне

уреди

Кон крајот на 1990-тите, воспоставени се мисиите на ЛБГ кои имале за задача да го лечат населението на бреговите на Аралско Море од туберкулоза и анемија и да се грижат за цивилите кои страдале од глад и епидемија на колера и сида.[30] Вакцинирале три милиони Нигеријци против менингитис за време на епидемијата во тек на 1996 година [31] и ги тужеле талибаните за негрижа спрема здравствената нега на жената во 1997 година.[32] Најзначајното присуство на организацијата во годините пред крајот на XX век било во државата Сиера Леоне во која се одвивала граѓанска војна. Во текот на 1998 година доброволците почнале да им асистираат на хирурзите во Фритаун со намера да помогнат на што поголем број на ампутации и собирање податоци за граѓаните (мажи, жени и деца) кои биле нападнати од група на мажи кои се изјаснувале како претставници на Економската заедница на западноафриканските земји (англ. ECOMOG). Тие групи патувале од село до село и систематски ги напаѓале припадниците на двете војски, ги силувале жените, убивале цели семејства, рушле куќи и ги принудувале преживеаните да го напуштат тоа подрачје.[33]

Активностите во земјите од поранешна Југославија

уреди

Хрватска

уреди

Лекари без граници почнале со работа во поранешна Југославија на 19 октомври 1991 година, со евакуација на 112 ранети од болницата во Вуковар.[34] Почетните програми настанале како одговор на основните потреби на луѓето погодени од воените напади. Подоцна се развиле долгорочни проекти, насочени пред сè на менталното здравје, семејната медицина и обновување на медицинските објекти.[35]

Босна и Херцеговина

уреди

Организацијата работела и со ромското население во Сараево. Во 1996 година водела програм за унапредување на менталното здравје во Горажде, кој се огледал во образувањето на домашните стручњаци за помош на луѓето и организирање на психолошкиот рехабилитационен центар во овој крај. Во наредните години дошле голем број на бегалци од Косово, припадници на муслиманската етничка група. ЛБГ работеле во четири кампови, ги надгледувале транзитните центри и воделе мобилна клиника за бегалци.[35]

Србија

уреди

На подрачјето на Косово и Метохија ЛБГ биле активни во 1993 година. Организацијата им обезбедила засолниште, вода и здравствена нега за населението загрозено од Бомбардирањето на Југославија од страна на НАТО,[36] а организирани се и советувалишта за жртвите од посттрауматски стрес. Во внатрешноста на ЛБГ избила внатрешна сериозна криза во врска со нивното делување на Косово, бидејќи грчкиот огранок бил исклучен, затоа што членовите на организацијата им давале помош на албанските и српските цивили во Приштина за време на бомбардирањето, додека централата своите активности ги насочила првенствено на Албанците.[37] Постоеле и оптужби дека НАТО го оправдал бомбардирањето на Југославија на основа на извештајот на ЛБГ, во кој немало збор за неделата на Ослободителната војска на Косово.[38] Грчкиот огранок на ЛБГ повторно е примен во 2005.

Во октомври 2000 година Патрис Парже, координатор на мисиите на ЛБГ, најавил запирање на активностите во областа на Косово, бидејќи меѓународната војна и цивилната мисија не биле во состојба да гарантираат безбедност за припадниците на етничките малцинства. Исто така е истакнато дека нејзините екипи секојдневно биле сведоци на малтретирањето на српското малцинство во Србица, Вучитрн, Суво Грло и Гојбуља како и на албанското малцинство во северниот дел на Косовска Митровица.[39] Слични оптужби на сметка КФОР и УНМИК изнел тогашниот претседател на организацијата, Џејмс Орбински.[40]

Доброволците на ЛБГ учествувале во акциите поврзани за поплавите во Поморавјето во 2002 година и земјотресот во јужниот дел на Косово.[35]

Мисии во тек

уреди
 
Поплави на Хаити

Кампањата „Основни лекови на сите“ (англ. Campaign for Access to Essential Medicines) — покрената кон крајот на 1999 година, а имала за цел да го олесни пристапот на основните лекови во земјите во развој. Спрема дефиницијата на Светската здравствена организација, основни лекови се медикаменти потребни за спроведување на здравствена нега на поголемиот дел на населението на едно место, кои треба секогаш да бидат достапни и во доволни количини, кои одговараат на дозите и по цените кои населението може да ги плати. Во текот на 1999 година организацијата укажувала и на недостатоците на хуманитарната помош на Косово и Метохија и Чеченија.

Иако ЛБГ работеле на подрачјето на Косово од 1993 година, почетокот на војната довел до бегање на десетина илјади бегалци поради сè полошите услови за живот. Слична ситуација владеела и во Чеченија чие население било протерувано од куќите, принудувано да живее во нездрави услови и изложувано на насилство за време на Втората чеченска војна.[41]

Колумбија е уште една земја во која цивилите директно биле погодени од војничките настани, а ЛБГ први покренале програми за помош во таа држава во 1985 година. После речиси непрестајни борби помеѓу владините герилци и паравоени формации, милиони граѓани биле принудени да ги напуштат своите домови, а насилството и киднапирањата станале вообичаена работа. Лекари без граници во голема мера биле активни на обезбедување на помош на жртвите на насилство, воспоставувале мисии во здравствените установи за голема група на раселени лица и користење на мобилните клиники за помош на изолираните групи на луѓе.[42]

Организацијата работела и на Хаитите, ама откога претседателот Жан Бертран Аристид насилно бил исфрлен од власта, во државата дошло до голем пораст на насилството над цивилите и силувања од страна на наоружаните групи. Покрај обезбедувањето на хируршка и психолошка поддршка во постоечките болници, организацијата поставувала полски мисии кои биле ангажирани на обнова на системот на водовод и канализација и лечење на преживеаните во големите поплави кои ги предизвикал ураган. Освен тоа, на пациентите со сида и маларија и другите болести кои вирееле во тие области, им бил даван подобар третман и надгледување.[43]

За време на борбите во Кашмир во 1999 година, ЛБГ воспоставиле мисии кои им помагале на граѓаните од областите во Кашмир и Манипур во кои беснееле борби. Психолошката поддршка била основна цел на овие мисии, но тимовите организирале и програми за лечење на туберкулозата, сидата и маларијата.[44] Психолошката поддршка била важен аспект на делувањата на организацијата во Јужна Азија после земјотресот во Индискиот Океан во 2004 година.[45]

Африка

уреди
 
Бегалци во Конго
 
Камп на интерно раселените лица во Уганда

Лекари без граници со децении биле активни во многу африкански земји, каде понекогаш биле единствени кои на загрозеното население му обезбедувале медицинска нега, храна и вода. Иако тие упорно се обидувале да ја зголемат медиумската покриеност на настаните во Африка за да се зголеми и меѓународната помош, долгорочната полска мисија таму сè уште била неопходна. Главна задача на доброволците е лечењето и образувањето на јавноста за СИДА во потсахарското подрачје во Африка, каде се јавуваа најголем број на смртни случаи и заболувања во светот.[46] Само 4 % од Африканците со сида примаат антиретровирална терапија, а ЛБГ непрестајно апелира на владата и компаниите да го зголемат истражувањето и развојот на лечење на сидата во областа, да ги смалат цените и да овозможат полесен пристап на терапии на населението.[47]

Иако во регионот на Конго во Африка биле присутни уште од 1985 година, ЛБГ биле принудени да ги повлечат своите доброволци од посебните области, како што е Бунија, поради зголемен степен на насилство и нестабилност кои ги донеле првата и втората војна во Конго.[48] Организацијата продолжила да работи во другите области за да им обезбеди храна на десетина илјади иселени лица и им обезбедила помош на жртвите на масовни силувања и вооружени борби.[49] Исто така од голема важност биле терапијата и вакцините против болести како што се колера, мали сипаници, детска парализа, Марбургова грозница, болест на спиење, сида и куга, за да се спречат или забават нивните епидемии.[50]

ЛБГ биле присутни во Уганда од 1980 година и му обезбедувале помош на населението за време на тамошната герилска војна. Во текот на 1986 година почнала да делува бунтовничка војска наречена Господари на армијата на отпорот (англ. Lord's Resistance Army), чиј состав го сочинувале главно малолетници кои командантите ги киднапирале и потоа ги присилувале да се борат. Оваа група е пример за кршење на човековите права на месното население во северот на Уганда и југот на Судан вклучувајќи масовни стрелања, мачења, силувања, ограбувања, уништување на куќи и протерување на луѓето од нивните домови.[51] Соочени со повеќе од 1,5 милиони интерно раселени лица, ЛБГ воспоставиле програма во камповите за да обезбедат чиста вода, храна и подобрување на здравствените услови. Болестите како што се туберкулоза, мали сипаници, детска парализа, колера, ебола и сида се јавувале во вид на епидемија, па доброволците спроведувале вакцинација и лечење на населението. Менталното здравје било важен аспект на здравствената помош која ја обезбедувале тимовите на ЛБГ во Уганда, бидејќи многу луѓе одбивале да ги напуштат камповите за интерно раселување на лица поради стравот дека ќе бидат нападнати.[52][53]

ЛБГ ја воспоставиле првата полска мисија во Брегот на Слоновата Коска во 1990 година. Општото насилство и поделбата на земјата која во 2002 година ја извршила владата и бунтовниците, довела до уште поголем масакр, а тимовите ЛБГ почнале да се сомневаат дека се работи за етничко чистење.[54] Масовни вакцинации против малите сипаници,[55] лечење на туберкулозата и повторно отворање на болниците биле само дел од проектите покренати од страна на ЛБГ, кои биле единствената група за обезбедување на помош во поголемиот дел на земјата.[54]

Структура на полските мисии

уреди

Пред да постави полска мисија во некоја држава, тимот Лекари без граници посетува регион за да може да ја одреди природата на хуманитарната криза, нивото на сигурноста и видикот на помош која е потребна. Медицинска помош е основна задача на најголем број мисии, иако некои од нив помагаат и во областите каде што има потреба од пречистување на водата и на исхраната.[56]

Тимот на полските мисии

уреди

Тимот на полската мисија се состои од водач на мисијата и одреден број координатори кои се задолжени за одредени делови на мисиите. Водачот на мисијата обично има најголемо искуство во хуманитарната работа, а неговата (или нејзината) работа се односите со медиумите, националните влади и другите хуманитарни организации.

Медицинските доброволци ги сочинуваат лекари, хирурзи, медицински сестри и разни други специјалисти, кои имаат поминато обука за тропска медицина и епидемиологија. Покрај активностите во кругот на медицински и нутритивни компоненти полските мисии, доброволците се често вклучени и во работата со локалните медицински личности кои им помагаат и ги обучуваат.

Иако медицинските доброволци привлекуваат најголемо внимание од медиумите, постои и голем број на немедицински личности кои овозможуваат функционирање на мисијата. Логистичарите често се најважните членови на тимот, кои се одговорни за набавка на сè што им треба на медицинските работници. Тие можат да бидат инженери или да имаат некоја друга професија, но исто така се вклучени во поставување на центарот за лечење и надгледување на месното население. Останатите немедицински личности го сочинуваат инженерите за прочистување на водата и подобрување на здравствените услови, финансиски и административни стручњаци, итн.[57]

Медицинска компонента

уреди
 
Вакцинација на дете во Чад

Спроведување на вакцинацијата е главен дел од медицинската нега која се спроведува за време на мисиите на Лекари без граници. На овој начин се врши превенција на многу болести непознати во развиените земји, како што се: дифтерија, мала сипаница, менингитис, тетанус, голема кашлица, жолтица, детска парализа и колера. Некои од овие заболувања, како што се колерата и малата сипаница, се шират со голема брзина во големите, густо населени живеалишта како бегалските кампови. Затоа често е потребно да се вакцинираат стотици и илјадници луѓе за краток временски период.[58] Најдобар пример за тоа е градот Беира во Мозамбик, каде околу 50.000 луѓе двапати примиле вакцина против колера за речиси еден месец.[59]

Еднакво важен дел на медицинската нега претставува и лечењето на сида со антиретровирални лекови, тестирања на оваа болест и образувањето на луѓето. ЛБГ се често единствените кои обезбедуваат терапија во многу африкански земји, чие население го сочинува најголемиот дел на луѓе со сида и вирусот ХИВ.[46] Со оглед на тоа дека антиретровиралните лекови не се лесно достапни, ЛБГ главно обезбедува терапија за опортунистичка инфекција и ја образоваат јавноста за тоа како да го забават пренесувањето на оваа болест.[60]

Во повеќето земји, ЛБГ го подигаат степенот на способноста на локалните болници со тоа што ги унапредуваат здравствените услови, со набавката на опрема и лекови и со обука на локалниот болнички персонал.[61] Кога месното население е згрижено, ЛБГ често отвораат специјализирани клиники за лечење на ендемските заболувања и операција на војничките жртви. Овие клиники ги гради меѓународен персонал, но ЛБГ се трудат по пат на обука и надгледувања да го оспособат месното население само да отвора клиники.[62] Во некои држави, како Никарагва, ЛБГ обезбедуваат јавно образување за да се зголеми известувањето за репродуктивното здравје и венеричните болести.[63]

Во областите погодени од природни катастрофи, граѓанските војни и ендемските заболувања, на населението честопати му е потребна и психолошка поддршка. Иако присуството на медицинските тимови на Лекари без граници може донекаде да го намали стресот меѓу жртвите, често тимовите на психолози и психијатри работат со жртвите на депресија, насилство и злоупотреба со опојни супстанции. Лекари исто така можат да го обучат месното население во областа на менталното здравје.[64]

Исхрана

уреди

Во областите каде што се воспоставуваат мисиите често постои умерен или сериозен облик на неисхраненост како последица на војна, суша или лоша економска политика влада. Намерно изгладнување исто така се користи како средство за време на војната и ЛБГ, покрај обезбедувања со храна, известувањето на јавноста за настанатата ситуација бараат и интервенција од странските власт. Инфективните болести и дијареја, кои се последица на губење на тежината и исцрпеност на организмот (посебно кај децата) се лечат со медикаменти и соодветна храна, за да се избегнат инфекциите и губењето на тежината во наредниот период. Во комбинација на овие фактори, каде граѓанската војна се одвива за време на суша или избивање на инфективни заболувања, може да дојде до сериозно гладување.[65]

Во ситуациите во кои постои недостаток на храна, но не во облик на вистинско гладување, белковинско-енергетската неисхранетост е многу вообичаена меѓу помалите деца. Тешката енергетска неисхранетост (лат. marasmus malnutritionalis) предизвикана од калориски дефицит во исхраната е чест облик на неисхранетост во текот на детството и се одликува со сериозно опаѓање и слабеење на имунолошкиот систем. Тешката белковинско-енергетска неисхранетост (лат. kwashiorkor marasmaticus) настаната после белковинскиот и калорискиот дефицит е сериозен тип на неисхранетост кај помладите деца и може негативно да се одрази на физичкиот и менталниот развој. Двата типа на неисхранетости можат да доведат до фатален исход во случај на инфекција.[66] Во вакви ситуации, ЛБГ воспоставуваат Терапевтски центри за хранење (англ. Therapeutic Feeding Centres) во кои се врши надгледување на децата и другите неисхранети поединци.

Терапевтскиот центар за исхрана е отворен за лечење на сериозни случаи на неисхранетост преку постепено воведување на специјални диети наменети за зголемување на тежината, а потоа поединците се лечат и од другите здравствени проблеми. Целата програма е поделена во две фази:[67]

  • Фаза I трае 24 часа и ја опфаќа основната здравствена нега и неколку помали нискокалорични и нискобелковински оброци распоредени во текот на денот;
  • Фаза II опфаќа надгледување на пациентот и неколку помали висококалорични и вискобелковински оброци распоредени во текот на денот, а трае сè додека тежината на поединецот не се приближи на нормалните вредности.

Лекари без граници користат храна специјално направена за лечење на разни облици на неисхранетост. За време на првата фаза на пациентите им се дава еден вид на терапевтско млеко наречено F-75. Тоа е млеко во прав со мало количество на нутритивни материи, кое се меша со вода и се дава на пациентот за неговиот организам да се подготви за наредната фаза.[68] За време на втората фаза на пациентите им се дава млеко F-100, кое е богато со натриенси, и кое често се меша со путер од кикирики при што се добива мешавина наречена Plumpy'nut. Овие намирници имаат за цел да обезбедат голема количина на хранливи материи за пациентите ефикасно да се лечат.[69][70] Останатата специјализирана храна која му се дава на населението на кое му се заканува глад е збогатена со брашно, овесна каша и високобелковински бисквити наречени BP-5. Тие бисквити се многу популарен вид на храна за лечење на населението, бидејќи лесно може да се дистрибуира и по потреба да се истроши и да се измеша со терапевтското млеко.[71]

Дехидратацијата, која понекогаш е предизвикана од колера или дијареја, исто така може да биде присутна меѓу населението, па ЛБГ поставуваат центри за рехидратација. Специјалниот раствор кој содржи гликоза и електролити им се дава на пациентите за да се надомести изгубената течност. На поединците исто така им се даваат антибиотици доколку се утврди дека имаат колера или дизентерија.[72]

Вода и санитација

уреди
 
ЛБГ во бегалскиот камп во Чад

Чистата вода е неопходна за хигиена, консумирање и за програмата на исхрана, како и за превенцијата на заболување која се шири преку водата.[73] Поради тоа, инженерите и доброволците на ЛБГ мора да обезбедат извор на чиста вода. Тоа обично се постига со модификација на постоечките или со копање на нови бунари, или пак отпочнување на проекти за прочистување на водата. Прочистувањето се состои од таложење, филтрирање и евентуално хлорирање, во зависност од достапните ресурси.[74]

Санитацијата е неопходна компонента на полската мисија, а го опфаќа обучувањето на локалната медицинска екипа на техниките на правилна стерилизација, проектите за тргање на отпадните води, правилно фрлање на отпадот и образување на населението за лична хигиена. Правилен третман на отпадните води и санитацијата на водата се најдобар начин да се спречи ширењето на заболувања како што е колерата.[75] Фрлањето на ѓубрето може да подразбира јами за обичен отпад и палење на медицинскиот отпад.[76] Сепак, најважната работа кај санитациите е образувањето на месното население, дека правилниот третман на отпадот и водите може да продолжи и после заминувањето на ЛБГ од конкретното подрачје.

Статистики

уреди

Со цел прецизно да се известува остатокот на светот и владините тела за условите на хуманитарните кризи, за време на секоја полска мисија се собира голем број на податоци. Процената на неисхранетоста кај децата се користи за одредување на степенот на неисхранетост кај сето население, за се одредат потребните центри за хранење.[77] Различните типови на смртност се користат за извештаите за сериозноста хуманитарна криза, а една од вообичаените постапки за одредување на смртноста кај населението е постојаното следење на бројот на погреби.[78] Со собирањето на податоци за честота на заболувања во болниците, ЛБГ можат да ги откријат појавите на болести и локациите на епидемиите, и да ги спремат вакцините и останатите лекови. На пример, таканаречениот „појас на менингитис“ (потсахарска Африка во која се јавува најголем број случаи на менингитис светот) — „мапиран“ и утврдено е дека сезоната на менингитис се јавува помеѓу декември и јуни. Промените на подрачјето на „појасите“ и времето на сезоните на епидемијата можат да се предвидат со користењето кумулативни податоци собрани во текот на годината.[79]

Како додаток на епидемиолошките испитувања, ЛБГ вршат и испитувања на населението за да ги утврдат размерите на насилството во различните региони. Со процена на обемот на масакрите и одредување на бројот на киднапирања, силувања и убиства, можат да се имплементираат психолошките програми кои имаат за цел намалување на бројот на самоубиства и зголемување на чувството на сигурност кај населението.[80] Голем степен на насилни миграции, прекумерни цивилни загуби и масакри можат да бидат откриени со спроведување на истражувања, а ЛБГ можат да ги искористат нивните резултати за да извршат притисок на владата да обезбеди помош или барем да го обелодени геноцидот.[81]

Опасности по доброволците

уреди

Покрај повредите и смртните случаи направени од залутаните куршуми, мини и епидемиските болести, доброволците на Лекари без граници понекогаш се напаѓани и киднапирани од политички причини. Во некои земји погодени од граѓански војни, може да постои уверување дека хуманитарните организации им помагаат на непријателските страни и дека мисиите за помош се воспоставени поради жртвите на само една страна, па од таа причина тие можат да бидат предмет на напад. Војната против тероризмот произвела став меѓу поедините групи во државите кои су окупирани од страна на американската војска, дека невладините организации соработуваат или дури работат за Коалиционите сили. Кога Соединетите Американски Држави ја нарекле својата операција „хуманитарна акција“, многу независни организации за помош биле принудени да ги бранат своите ставови или дури да ги повлечат своите тимови.[82] После американската операција во Авганистан и Ирак нагло пораснала несигурноста во градовите на овие држави и ЛБГ изјавиле дека обезбедувањето на помош таму станало многу опасно.[83] Организацијата била принудена да ги евакуира своите тимови од Авганистан на 28 јули 2004 година[84] откако пет доброволци биле убиени на 2 јули од заседа од страна на неидентификувани војници близу селото Каир Кана во провинцијата Бадгис, 550 км западно од Кабул.[85]

Апсењата и киднапирањата од политички причини исто така можат да ги зафатат и доброволците, а во некои случаи полските мисии можат да бидат комплетно исфрлени од земјата. Арјан Еркел, шеф на мисиите во Дагестан бил киднапиран и држен на непозната локација од страна на непознати личности во периодот од 12 август 2002 до 11 април 2004 година. Пол Форман, шеф на холандскиот огранок на ЛБГ е уапсен во Судан во мај 2005 поради одбивање да ги открие документите користени за составување на извештаи за силувањата кои ги извршиле припадниците на провладините џанџавид полиции. Форман се залагал за право на приватност на жените кои биле вклучени во оваа афера, а ЛБГ тврделе дека суданската влада го уапсила поради лошиот публицитет кој го предизвикал објавувањето на извештајот.[86]

Слични имиња

уреди

Голем број на невладини организации го презеле делот „без граници“, инспирирани од името на оваа организација: Инженери без граници, Фармацевти без граници, Репортери без граници, итн.

Наводи

уреди
  1. Лекари без граници Архивирано на 16 април 2011 г., проверено на 21 февруари 2008.
  2. Forsythe, David P. (2005) The Humanitarians: The International Committee of the Red Cross, Cambridge University Press. ISBN 0-521-61281-0.
  3. „MSF-USA: Special Report: The 10 Most Underreported Humanitarian Crises of 2005“. Архивирано од изворникот на 2008-12-28. Посетено на 2011-03-02.
  4. Нобелова награда за мир, проверено 21 февруари 2008
  5. „The Seoul Peace Prize Cultural Foundation“. Архивирано од изворникот на 2013-08-29. Посетено на 2011-03-02.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 6,6 6,7 Bortolotti, Dan (2004). Hope in Hell: Inside the World of Doctors Without Borders, Firefly Books. ISBN 1-55297-865-6.
  7. Alex de Waal, Famine Crimes: Politics & the Disaster Relief Industry in Africa, African Rights and the International African Institute, 1997.
  8. La création de Médecins Sans Frontières, octobre 2004. Архивирано на 24 октомври 2007 г., пристап 26 октомври 2007
  9. Marie-Édith Alouf: Médecins sans frontières - une histoire d’aventures, проверено на 26 октомври 2007
  10. Camilo, V (1974). The Earthquake in Managua, The Lancet (Correspondence) 303 (7845): 25–26
  11. Chronologies: Années 70 Архивирано на 8 јуни 2007 г., проверено на 10 јануари 2006
  12. Cambodia's second chance Архивирано на 2 декември 2008 г., проверено 10 јануари 2006
  13. MSF in 1976: Lebanon Архивирано на 3 ноември 2006 г., проверено на 10 јануари 2006.
  14. MSF's principles and identity - The challenges ahead Архивирано на 2 декември 2008 г., проверено на 10 јануари 2006.
  15. 15,0 15,1 Chronologie: Années 80 Архивирано на 21 април 2006 г., проверено на 10 јануари 2006.
  16. High Commissioner for Human Rights concerned over arrest of MSF head in Sudan, проверено на 10 јануари 2006.
  17. Brown V, Caron P, Ford N, Cabrol JC, Tremblay JP, and Lepec R (2002) Violence in southern Sudan, The Lancet 359 (9301): 161
  18. MSF Top-Ten under-reported humanitarian stories for 2002, проверено на 10 јануари 2006.
  19. Chronologie: Années 90 Архивирано на 21 април 2006 г., проверено на 11 јануари 2006.
  20. Liberia: War ends, but the crisis continues Архивирано на 30 септември 2007 г., проверено на 11 јануари 2006.
  21. Choo V (1993) Forensic evidence of Iraqi atrocities against Kurds, The Lancet 341 (8840): 299–300.
  22. Somalia - Saving lives in an abandoned land Архивирано на 2 декември 2008 г., проверено на 11 јануари 2006.
  23. Forsythe DP (2005). International humanitarianism in the contemporary world: forms and issues, Human Rights and Human Welfare Working Papers
  24. One cannot stop a genocide with doctors Архивирано на 10 декември 2006 г., проверено на 7 јануари 2006.
  25. Forsythe DP (1996). The International Committee of the Red Cross and humanitarian assistance - A policy analysis, International Review of the Red Cross (314): 512–531.
  26. Buchanan-Smith, M (2002) Interrelationships between humanitarian organisations, ICRC Forum: War and Accountability 40–45.
  27. Code of Conduct for the ICRC Movement and NGOs in Disaster Relief: List of signatories, проверено на 7 јануари 2006.
  28. Principles of Conduct for The ICRC Movement and NGOs in Disaster Response Programmes, проверено на 7 јануари 2006
  29. Médecins Sans Frontières (James Orbinski) – Nobel Lecture Nobelprize.org.
  30. MSF 1998 Архивирано на 27 септември 2007 г., проверено на 16 јануари 2006
  31. Preventing meningitis Архивирано на 30 септември 2007 г., проверено на 16 јануари 2006
  32. MSF and other aid organisations evicted from Kabul Архивирано на 27 септември 2007 г., проверено на 16 јануари 2006.
  33. Attacks as told by victims Архивирано на 30 септември 2007 г., проверено на 16 јануари 2006.
  34. Годишњица конвоја Лекара без граница, проверено на 25 февруари 2008
  35. 35,0 35,1 35,2 Утисци из мисија по свету[мртва врска], проверено на 24 февруари 2008.
  36. Kosovo: The physical and psychological consequences of war Архивирано на 27 септември 2007 г., проверено на 12 јануари 2006.
  37. Искључење грчког огранка Архивирано на 7 јули 2012 г., проверено на 25 февруари 2008
  38. „Solidaire - NATO used military operations data and assessments in Kosovo obtained by Medecins sans frontieres (MSF)“. Архивирано од изворникот 2003-05-01. Посетено на 2003-05-01.
  39. Лекари без граница се повукли из енклава, проверено на 25 февруари 2008
  40. Лекари без граница критикују Кушнера, проверено на 25 февруари 2008
  41. No end in sight to the war in Chechnya Архивирано на 30 септември 2007 г., проверено на 12 јануари 2006.
  42. Colombia: Inescapable violence Архивирано на 19 август 2006 г., проверено на 15 јануари 2006.
  43. Haiti: Working amid intensifying violence Архивирано на 23 мај 2006 г., проверено на 15 јануари 2006.
  44. India: Bringing medical care Архивирано на 24 јуни 2007 г., проверено на 15 јануари 2006.
  45. Post-tsunami mental health: 'We're still weak at the knees' Архивирано на 22 февруари 2006 г., проверено на 15 јануари 2006.
  46. 46,0 46,1 Introduction Архивирано на 10 јануари 2006 г.. AIDS epidemic update: December 2004.
  47. For AIDS treatment to reach millions, it needs to be free Архивирано на 30 септември 2007 г., проверено на 15 јануари 2006.
  48. Nothing new in Ituri: The violence continues Архивирано на 16 февруари 2006 г., проверено на 15 јануари 2006.
  49. The tragedy of the other Congo - A forgotten war's victims Архивирано на 27 септември 2007 г., проверено на 12 јануари 2006.
  50. Democratic Republic of Congo (DRC): Complex emergency, human catastrophe Архивирано на 27 септември 2007 г., проверено на 12 јануари 2006
  51. Истрага у сталном Кривичном суду у Хагу, проверено на 23 февруари 2008.
  52. Uganda: A neglected emergency Архивирано на 8 февруари 2007 г., проверено на 15 јануари 2006.
  53. Uganda: Aiding civilians targeted by war Архивирано на 30 септември 2007 г., проверено на 12 јануари 2006.
  54. 54,0 54,1 Côte d'Ivoire: Renewed violence deepens crisis Архивирано на 8 февруари 2007 г.,проверено на 21 јануари 2006.
  55. MSF vaccinates thousands against measles in Ivory Coast Архивирано на 27 септември 2007 г., проверено на 15 јануари 2006
  56. Field Operations: What Do We Do? Архивирано на 16 март 2006 г., проверено на 28 декември 2005.
  57. Who is needed? Архивирано на 12 јануари 2006 г., проверено на 28 декември 2005.
  58. The Vaccine Gap: NY Times editorial Архивирано на 30 септември 2007 г., проверено на 28 декември 2005.
  59. MSF Press Release (2003) MSF launches the first large-scale test of an oral vaccine against cholera in the city of Beira, Mozambique Архивирано на 27 септември 2007 г., проверно на 28 декември 2005.
  60. World AIDS Day MSF country profiles Архивирано на 30 септември 2007 г., проверено на 28 декември 2005.
  61. Once ill equipped and poorly manned - transforming a hospital in North Darfur Архивирано на 30 септември 2007 г., проверено на 28 декември 2005
  62. Tajikistan: Aid to health system in shambles Архивирано на 30 септември 2007 г.,проверено на 28 декември 2005
  63. Nicaragua: Focusing care on women's health and Chagas disease Архивирано на 27 септември 2007 г., проверено на 28 декември 2005.
  64. MSF mental health activities: a brief overview Архивирано на 27 септември 2007 г., проверено на 28 декември 2005.
  65. Preventing malnutrition and famine Архивирано на 27 септември 2007 г.,проверено на 28 декември 2005.
  66. Malnutrition definition and MSF treatment Архивирано на 27 септември 2007 г., проверено на 28 декември 2005.
  67. MSF Therapeutic Feeding Programmes Архивирано на 30 септември 2007 г., проверено на 28 декември 2005.
  68. Drugs and Medical Supplies Catalogue Vol. 1 (2005) 'F-75 Description
  69. Drugs and Medical Supplies Catalogue Vol. 1 (2005) F-100 Description
  70. Drugs and Medical Supplies Catalogue Vol. 1 (2005) Plumpy'nut Description
  71. Drugs and Medical Supplies Catalogue Vol. 1 (2005) BP5 Description
  72. Diarrhoea definition and MSF treatment Архивирано на 30 септември 2007 г., проверено на 28 декември 2005.
  73. MSF: Water and Health Архивирано на 27 септември 2007 г., проверено на 28 декември 2005
  74. Simple water treatment, проверено на 28 декември 2005.
  75. Cholera definition and MSF treatment Архивирано на 29 јануари 2006 г., проверено на 28 декември 2005.
  76. Refuse pit, проверено на 28 декември 2005.
  77. Malnutrition: rates and measures Архивирано на 30 септември 2007 г., проверено на 28 декември 2005
  78. Mortality: rates and measures Архивирано на 27 септември 2007 г., проверено на 28 декември 2005.
  79. Meningococcal meningitis, проверено на 28 декември 2005
  80. Mental health care crucial in emergency situations Архивирано на 30 септември 2007 г., проверено на 28 декември 2005
  81. A scientific approach to "témoignage" Архивирано на 30 септември 2007 г., проверено на 28 декември 2005
  82. Military humanitarianism: A deadly confusion Архивирано на 14 мај 2006 г., проверено на 12 јануари 2006
  83. Independent aid in Iraq virtually impossible Архивирано на 2 декември 2008 г., проверено на 12 јануари 2006
  84. The real reasons MSF left Afghanistan Архивирано на 28 април 2007 г., проверено на 12 јануари 2006.
  85. Aid workers die in Afghan ambush, проверено на 23 февруари 2008.
  86. MSF shocked by arrest of Head of Mission in Sudan - charged with crimes against the state Архивирано на 2 декември 2008 г., проверено на 11 јануари 2006.

Корисна литература

уреди

Надворешни врски

уреди


  Статијата „Лекари без граници“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).