Оверајсел
Оверајсел (холандски: Overijssel; долногермански: Oaveriessel; германски: Oberyssel) — покраина во источна Холандија. Името значи „преку Ајсел“, и води потекло од Епископското Кнежевство Утрехт кое управувало со областа до 1528 г. Главен град е Зволе (нас. 127.497[4]), а најголем е Енсхеде (нас. 158.986). Во ноември 2019 г. покраината броела 1.162.215 жители. Теренот се состои претежно од тревести површини и некои шумски предели (вкл. националнипт парк Саландсе Хеувелруг); во мал дел се граничи и со Ајселското Езеро на запад.
Оверајсел Overijssel | |||
---|---|---|---|
покраина | |||
Оверајсел во рамките на Холандија | |||
Земја | Холандија | ||
Главен град | Зволе | ||
Најг. град | Енсхеде | ||
Управа | |||
• Кралев комесар | Андрис Хејдема | ||
• Совет | Покраински совет на Оверајсел | ||
Површина (2017)[1] | |||
• Вкупна | 3.421 км2 (1,321 ми2) | ||
• Земјишна | 3.323 км2 (1,283 ми2) | ||
• Вода | 98 км2 (38 ми2) | ||
Население (2019)[2] | |||
• Вкупно | 1.162.215 | ||
• Густина | 350/км2 (900/ми2) | ||
ISO 3166 | NL-OV | ||
Religion (2006) | протестантство 29 % католицизам 26 % ислам 2 % останато 6 % без вера 37 % | ||
ИЧР (2018) | 0.921[3] многу висок | ||
Мреж. место | www.overijssel.nl |
Географија
уредиПокраината се граничи со Германија (Долна Саксонија и Северна Рајна-Вестфалија) на исток, регионот Ахтерхук во Гелдерланд на југ, регионот Фелуве во Гелдерланд и Флеволанд на запад и Фризија и поранешните голети во Дренте на север. Оверајсел опфаќа три региони: Коп ван Оверајсел на северозапад, Саланд во средиштето и Твенте на исток. Освен главниот град Зволе, други покрупни градови се Алмело, Девентер, Хенгело, Енсхеде и Кампен.
На југозапад теренот е претежно песоклив, пресечен со мали реки како Регел и Динкел и други потоци. На севрозапад преовладуваат талози од т.н. оверајселски фехт и глина. Северните делови некогаш биле покриени со тресетишта кои го двоеле посувиот и пообработлив југ од Дренте и кои во голема мера се експлоатирале за гориво. Денес преостануваат само мали делчиња (кај Гестерен, Хаксберген) и Енсхеде). На крајниот северозапад преовладува систем од езера образувани со вадење на тресет, денес заштитени како национален парк Де Верибен-Виден, кој претстаува значајно моклиште.
Највисока точка во Оверајсел е ридот Танкенберг во општината Лосер, висок 85 м. Најниска точка е полдерот Мастенбрук кај Кампен на 2 м под морското ниво.
Поважни реки : Ајсел, Зварте Ватер, Фехте, Динкел, Реге и Рест.
Поважни канали : Твентски Канал (Енсхеде и огранокот Зутфен за Алмело), Оверајселски Канал, каналот Алмело-Де Хандрик, Алмело-Нордхорн (надворешен) и Дедемсварт (претежно непроточен).
Клима
уредиОверајсел се одликува со океанска клима (класа Cfb). Меѓутоа, зимите се постудени отколку во остатокот од Холандија поради оддалеченоста од брегот.[5]
Историја
уредиОверстихт
уредиОверајсел порано се нарекувал Оверстихт и го опфаќал најголемиот дел од денешната покраина Дренте. Во 1336 г. станал дел од Грофовијата Гелдерн, но во 1347 г. ѝ е отстапен на Утрешката епископија. Епископијат му го предала Оверстихт на светиот римски цар Карло V во 1528 г. кој притоа го стекнал звањето Господар на Оверајсел. Населението се придружило во буната против шпанскиот крал Филип II. Со Оверајсел управувале најмоќните градоначалници и велможи, меѓу кои и намесниот управник Николас Шмелцинг (1561–1629).
По кратка окупација од војската на Минстерскиот епископ (1672–74), во Оверајсел стаил нов вид на ушравување кое им дало поголема власт на намесниците (стадхаудери). Широко распространетиот отпор кон оваа власт во нискоземските покраини дпвел до создавање на Батависката Република во 1795 г. Се појавил централистички облик на управување со кои територијата била поделена на разни департмани по пример на оние во револуционерна Франција.
Оверајсел
уредиОверајсел најпрвин бил свој департман, а во 1798 г. бил споен со Дренте образувајќи го Стар Ајсел (Ауден Ајсел), преименуван во Оверајсел во 1801 г.
Франција ја припоила Батависката Република во 1810 г. и територијата на покраината станала нов француски департман наречен Устие на Ајсел. По поразот на Наполеон во 1814 г. се создало Нискоземското Кралство, а со тоа била пресоздадена старата покраина Оверајсел.
Покраината била окупирана од Германија за време на Втората светска војна од мај 1940 до април 1945 г. Мелиорираната територија Нордостполдер била во состав на Оверајсел од 1962 до 1986 г. кога прешла во новосоздадената покраина Флеволанд.
Стопанство
уредиБруто домашниот производ (БДП) на регионот изнесува 43,2 милијарди евра (2018) или 5,6 % од производството на Холандија. БДП по глава на жител прилагоден на куповната моќ изнесува 32.700 €.[6]
Покраината е високоиндустријализирана. Во XIX век во регионот Твенте на југоисток се развиле памучната индустрија, ткаењето и белењето, со што станал еден од главните центри на холандската текстилна индустрија. Главни стопански центри се Енсхеде, Алмело, Хенгело и Олдензал. Други поважни индустриски центри се Девентер, Кампен и Зволе.[7]
Општини
уредиОверајсел е поделен на 25 општини:
- Алмело (1)
- Борне (2)
- Вирден (23)
- Далфсен (3)
- Девентер (5)
- Динкелланд (4)
- Енсхеде (6)
- Звартеватерланд (24)
- Зволе (25)
- Кампен (12)
- Лосер (13)
- Олдензал (14)
- Олст-Ваје (15)
- Омен (16)
- Рајсен-Холтен (18)
- Ралте (17)
- Стапхорст (19)
- Стенвајкерланд (20)
- Твентерланд (22)
- Туберген (21)
- Хаксберген (7)
- Харденберг (8)
- Хелендорн (9)
- Хенгело (10)
- Хоф ван Твенте (11)
Галерија
уредиПоврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Error“. Архивирано од изворникот на 2020-01-13. Посетено на 2023-09-13.
- ↑ „CBS Statline“.
- ↑ „Sub-national HDI – Area Database – Global Data Lab“. hdi.globaldatalab.org (англиски). Посетено на 13 септември 2018.
- ↑ „CBS Statline“.
- ↑ „Overijssel climate info | what's the weather like in Overijssel, the Netherlands“.
- ↑ „Regional GDP per capita ranged from 30% to 263% of the EU average in 2018“. Eurostat.
- ↑ „Overijssel | province, Netherlands“. Encyclopedia Britannica (англиски). Посетено на 5 август 2021.
Надворешни врски
уреди- Оверајсел на Ризницата ?
- Службен портал на Оверајсел Архивирано на 8 март 2022 г. (холандски)
- Оверајсел на Википатување (англиски)