Вестфалија

регион во Германија

Вестфалија (германски: Westfalen; долногермански: Westfalen) — регион во северозападна Германија и еден од трите историски дела на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија. Зафаќа површина од 20.210 км2 и има 7,9 милиони жители.

Вестфалија
Westfalen
историска област во Северна Рајна-Вестфалија
Разни места во Вестфалија
Знаме на ВестфалијаГрб на Вестфалија
Химна: Песна за Вестфалија
Местоположба во Германија
Местоположба во Германија
Вестфалија во Северна Рајна-Вестфалија се граничи со северниот дел на Рајнската Област на запад и округот Липе на североисток.
Вестфалија во Северна Рајна-Вестфалија се граничи со северниот дел на Рајнската Област на запад и округот Липе на североисток.
ЗемјаГерманија
Сој. покраинаСеверна Рајна-Вестфалија
Управни окрузи
Окрузи и независни градови
Понатамошни градови, паланки и општини206
Основана30 април 1815 (Покраина Вестфалија; други претходници постоеле уште од раниот среден век.)[1][2]
23 август 1946 (како дел од Северна Рајна-Вестфалија)[3]
Површина
 • Вкупна20,210 км2 (7.803 ми2)
Население (2018)[4]
 • Вкупно7.913.035
 • Густина390/км2 (1,000/ми2)
Час. појассредноевропско време (CET) (UTC+01:00)
 • Лето (ЛСВ)средноевропско летно време (CEST) (UTC+02:00)

Територијата на регионот е речиси истоветна на историската покраина Вестфалија во состав на Кралството Прусија од 1815 до 1918 г.[6] и Слободната Држава Прусија од 1918 до 1946 г. Во 1946 г. Вестфалија е споена со Северна Рајна (уште еден дел од поранешна Прусија) образувајќи ја новосоздадената сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија. Во 1947 г. кон нив е приклучено и Липе, поранешно кнежевство и слободна држава.[7]

Седумнаесетте окрузи и деветте независни градови на Вестфалија и округот Липе се членови на Регионалниот сојуз Вестфалија-Липе (Landschaftsverband Westfalen-Lippe).[8]

Пред настанокот на Вестфалија како пруска покраина, поимот се применувал за разни територии со различна големина како западниот дел од старото Војводство Саксонија, Војводството Вестфалија или Кралството Вестфалија.[6][7] Вестфалскиот дијалект на долногерманскиот јазик се говори вон територијата на денешна Вестфалија, во соседните подрачја на југозападна Долна Саксонија и северозападен Хесен.[9]

Географија

уреди
 
Планинскиот предел на Зауерланд.
 
Типични вестфалски куќи

Предели

уреди

Бидејќи се наоѓа во Северногерманската Низина, северот на Вестфалија е претежно рамен. На југ се издига Германското Средногорје. Вестфалија се дели на следниве предели.[8]

Рамен до ридест (498 м} и пониско): Источна Вестфалија, Минстерланд, Источнорурската метрополитенска област, Текленбуршкиот крај, Вестфалскиот хелвег

Ридест до планински (до 843 м): Вестфалскиот дел на Зауерланд, Зигерланд, Витгенштајн

Најголеми градови

уреди

Источнорурска метрополитнска област

Источна Вестфалија

Минстерланд

Зигерланд

Реки

уреди

Под Вестфалија може прилбижно да го подразбереме подрачјето меѓу реките Рајна и Везер, на север и југ од реката Рур. Други поважни реки се Емс и Липе.[10]

Планини

уреди

Највисоки планини во Вестфалија и целата денешна сојузна покраина се Лангенберг (843 м) и Калер Астен (842 м) во зауерландскиот дел од венецот Ротар.

Вестфалија и Остфалија

уреди

Поимот „Вестфалија“ (како западен крај) се сопоставува со многу поретко употребуваниот поим „Остфалија“ (како источен), кој приближно ги опфаќа југоисточниот дел на денешна Долна Саксонија, западна Саксонија-Анхалт и северна Тирингија.[2][11]

Административна поделба

уреди

Вестфалија се дели на три управни окрузи. Тие понатаму се делат на окрузи и независни градови.

Сите окрузи и независни градови на управните окрузи Арнсберг и Минстер се сметаат за дел од Вестфаија како историски регион. Округот Липе е наследник на Слободната Држава Липе во управниот округ Детмолд и претставува одделна историска област.

  Управен округ Арнсберг
3.582.497 жители (2018)[4]
8.010 км2
(сите окрузи и независни градови)

  Управен округ Детмолд
1.706.919 жители (2018)[4]
5.280 км2
(сите окрузи и независни градови освен округот Липе)

  Управен округ Минстер
2.623.619 жители (2018)[4]
6.920 км2
(сите окрузи и независни градови)

Идентитет

уреди
 
Дијалекти на Северна Рајна-Вестфалија: франконските дијалекти се со црвено, а западнодолногерманските со сино.
 
Вестфалска женска носија во 1906 г.

Иако Севернорајнската Област, Вестфалија и Липе се различни историски територии на денешната сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, старата граница на некогашната Рајнска Покраина и покраината Вестфалија воедно важи и за јазична граница. Во Вестфалија и Липе населението говори западнодолногермански дијалекти (особено вестфалското наречје на долногерманскиот), во Северна Рајна се говорат средногерманските и долнофранконските дијалекти.[9][12]

Регионите понатаму се разликуваат и според мнозинската вериосповед, делејќи се на католици и лутерански протестанти. Оваа поделеност води потекло од територијалната расцепканост на Светото Римско Царство кое постоело сè до 1806 г. На пример, Минстерланд и подрачјето околу Падерборн до денес се претежно католички, што се должи на постоењето на епископските кнежевства Минстер и Падерборн. Претежно протестантското население на Липе успеало да ја задржи својата независност како државичка Германија како кнежевство сè до 1918 г. и како слободна држава до 1946 г. Ова и денес влијае врз идентитетот на населението кое изразува поинаква припадност од соседните региони како Источна Вестфалија.[7]

Покрај овие историски, јазични и верски согледувања, постојат и регионални разлики во културата и менталитетот. Поради ова не постои покраински идентиетет на Северна Рајна-Вестфалија, туку жителите се сметаат за „севернорајнци“ „вестфалци“ или „липјани“.

Историја

уреди

Вестфалија е позната по Вестфалскиот мир од 1648 г. со кој ѝ е ставен крај на Триесетгодишната војна по потпишувањето на два мировни договора во Минстер и Оснабрик. Одредбите во нив се сметаат за основоположни за современата национална држава.

Ова е еден од регионите кои учествувале во сите пројави на германската држава уште од раниот среден век: Светото Римско Царство, Рајнскиот Сојуз, Германскиот Сојуз, Северногерманскиот Сојуз, Германското Царство, Вајмарската Република и Третиот Рајх. По Втората светска војна Вестфалија потпаднала под Британската окупациска управа која во 1947 г. се споила со американската под името „Бизонија“, а следната година и со француската како „Тризонија“. Овие територии прераснале во државата Западна Германија, која од 1990 г. е обединета со ГДР (Источна Германија).

Римски упади

уреди

Околу 1 г. низ Вестфалија Римјаните извршиле неколку упади во подлабоката внатрешност на Германија, оставајќи и неколку трајни рмски или романизирани населби. Кај Оснабрик се одиграла важната Битка во Тевтобуршката Шума, каде во тоа време живееле вестфалците — составен дел од племето Саси.[13][14]

Карло Велики

уреди

Се смета дека Карло Велики провел доста време во Падерборн и околните краишта. Неговите Саксонски војни деулмно се одвивале на територијата на денешна Вестфалија. Народните преданија го врзуваат неговиот противник Видукинд за местата околу Детмолд, Билефелд, Лемго, Оснабрик и други места во Вестфалија. Видукинд бил погребан во Енгер, кој исто така е обработен во предание.[2]

Среден век

уреди
 
Вестфалија во рамките на Саксонија околу 1000 г.
  Вестфалија
  Други делови на Саксонија
  Остатокот од Германското Кралство

Заедно со Остфалија, Ангрија и Нордалбингија, Вестфалија (Westfalahi) првично била округ на Војводството Саксонија. Во тоа време големи делови од нејзината територија на север биле во денешна Долна Саксонија. Со симнувањето на саксонскиот војвода Хајнрих Лавот во 1180 г. и подоцнежното смалување на војводството, самата Вестфалија добила статус на свое војводство по налог на светиот римски цар Фридрих Барбароса. Војводството Вестфалија зафаќало само мала површина јужно од реката Липе.[2]

Денешна Вестфалија била дел од Долнорајнско-вестфалскиот округ на Светото Римско Царство, кој ги опфаќал териториите на Долна Лотарингија, Фризија и делови од поранешното Војводство Саксонија.

Ран нов век

уреди
 
Ратификација на Вестфалскиот мир во Минстер, 1648 г. од Герард Терборх.

Како последица од протестантската реформација, Вестфалија немала главна вероисповед. Католицизмот и лутеранството биле релативно рамноправни. Лутеранството било силно во источните и северните делови, со бројни слободни цркви. Минстер и Падерборн останале католички. Оснабрик бил речиси напола.[15]

Делови од Вестфалија потпаднале под власта на Бранденбург-Прусија во текот на XVII и XVIII век, но најголемиот дел од неа останал поделен на војводства и други феудални владенија. Вестфалскиот мир од 1648 г. потпишан во Минстер и Оснабрик го означил крајот на Триесетгодишната војна. Од него произлезениот концепт за националната држава се нарекува „Вестфалска сувереност“.[15]

Прусија

уреди
 
Пруска Вестфалија обрабена со црвено, Кралството Вестфалија е со зелено, со територијалниопт преклоп со поранешен Минден-Равенсберг, сето врз денешните граници на Северна Рајна-Вестфалија во темносиво.

По поразот на Пруската армија од страна на Французите во Битката кај Јена-Ауерштет и Тилзитскиот мировен договор во 1807 г. најисточниот ден на денешна Вестфалија станал дел од француското клиентско Кралство Вестфалија и ова траело сè до 1813 г. кога истото е распуштено од Русите. Иако оваа држава го носала името на историската област, таа опфаќала само релативно мал дел од неа, додека најголемиот дел бил во Хесен и Остфалија.[16]

По Виенскиот конгрес, Прусија добила голем дел од вестфалските територии и во 1815 г. е создадена покраината Вестфалија. Во 1816 г. поранешното Војводство Вестфалија и грофовиите Витгенштајн се приклучени кон покраината, а во 1851 г. следел и кондоминиумот Липштат. Со ова Вестфалија го добила нејзиниот денешен облик.[1][16]

Во 1816 г. се создадени административните подрачја Арнсберг, Минден и Минстер.[1][16]

Денешна Вестфалија

уреди

По Втората светска војна во 1946 г. е создадена денешната сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија од Британската окупациска управа, земајќи ја територијата на поранешната покраина Вестфалија и северната половина од Рајнската Покраина, кои дотогаш биле пруски. Старите управни окрузи од 1816 г. останале да важат. Кога во 1947 г. кон сојузната покраина е додадена и поранешната Слободна Држава Липе со седиштето Детмолд, Управниот округ Минден бил проширен со оваа територија и преименуван во „Управен округ Детмолд“. Северна Рајна-Вестфалија е поделена на вкупно пет управни подрачја или окрузи (Regierungsbezirke). Денес таа се состои од управните окрузи Арнсберг и Минстер како и од Детмолд, освен округот Липе; овој округ е посебна историска област вон Вестфалија која денес е во Северна Рајна-Вестфалија. Жителите на областа се нарекуваат вестфалци и нивната област Вестфалија, иако денес нема таква административна единица.[3]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 LWL: Territorien > Preußische Provinz Westfalen
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 LWL: Die Westfalen als Teil der Sachsen
  3. 3,0 3,1 LWL: Westfalen in der unmittelbaren Nachkriegszeit
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 IT.NRW: Bevölkerungszahlen auf Basis des Zensus vom 9. Mai 2011 Архивирано на 14 јули 2016 г. (Bevölkerung der Regierungsbezirke Arnsberg, Detmold ohne den Kreis Lippe und Münster)
  5. LWL: Zum Mittelpunkt Westfalens
  6. 6,0 6,1 Deutsches Kaiserreich: Provinz Westfalen
  7. 7,0 7,1 7,2 LWL: Die westfälischen Territorien 1789
  8. 8,0 8,1 „LWL: Die Region Westfalen-Lippe“. Архивирано од изворникот на 2017-07-03. Посетено на 2021-08-15.
  9. 9,0 9,1 LWL: Niederdeutsche Sprache – westfälische Mundarten
  10. LWL: Gewässerbildung und Systeme der natürlichen Fließgewässer in Westfalen
  11. RP online: Jeder kennt Westfalen — gibt es auch Ostfalen?
  12. LWL: Mundartenregionen Westfalens
  13. LWL: Westfalen zur Zeit der Germanen und Römer
  14. LWL: Die Zeit der römischen Feldzüge in Germanien (12 v.-16 n. Chr.)
  15. 15,0 15,1 LWL: Westfalen im konfessionellen Zeitalter
  16. 16,0 16,1 16,2 LWL: Vom feudalen zum modernen Westfalen 1770-1815

Надворешни врски

уреди