Египет

(Пренасочено од Кемет)

Египет арапски: مِصر, Миср; египетски арапски: مَصر, Маср) — држава во Североисточна Африка и Југозападна Азија.

Арапска Република Египет
جمهوريّة مصرالعربيّة
Знаме Грб
ХимнаБилади, билади, билади
Земјо, земјо, земјо

Местоположба на Египет
Главен град
(и најголем)
Каиро
30°2′N 31°13′E / 30.033° СГШ; 31.217° ИГД / 30.033; 31.217
Службен јазик арапски1
Демоним Египќани

(Египќанец/Египќанка)

Уредување Унитарна полупретседателска република под авторитарна диктатура
 •  Претседател Абдел Фатах ел-Сиси
 •  Премиер Мустафа Мадбули
Утврдување
 •  Прва династија Околу 3150 п.н.е. 
 •  Независност од Обединетото Кралство 28 февруари 1922 
 •  Прогласена за република 18 јуни 1953 
Површина
 •  Вкупна 1,002,450 км2 (30)
 •  Вода (%) 0,632
Население
 •  проценка за 2024 г. 124,031,000 
 •  Густина 84 жит/км2 (125та)
БДП (ПКМ) проценка за 2024 г.
 •  Вкупен $1.852 Трилиони 
 •  По жител $18,223 
БДП (номинален) проценка за 2024 г.
 •  Вкупно $395.5 Милијарди 
 •  По жител $3,768 
Џиниев коеф. (2017)positive decrease 31.5[1]
среден
ИЧР (2024) 0.749[2]
висок · 110та
Валута Египетска фунта (EGP)
Часовен појас ИЕВ (UTC+2)
 •  (ЛСВ) ИЕЛВ (UTC+3)
Се вози на десно
НДД .eg
Повик. бр. 20
1. Зборувана варијанта е Египетски арапски јазик.

Покривајќи површина од околу 1.020.000 км2 Египет го вклучува Синајскиот Полуостров (кој обично се смета за дел на Југозападна Азија), додека поголемиот дел од земјата се наоѓа во Северна Африка. Египет се граничи со Либија на запад, Судан на југ, Израел на североисток. На север излегува на Средоземно Море, а на исток на Црвено Море. Мнозинството во Египет ги населува бреговите на реката Нил (околу 40.000 км2). Големи делови од земјата се дел од пустината Сахара и се многу ретко населени. Главен град на Египет е Каиро.

Историја

уреди

Праисторија

уреди

Древниот Египет претставува многувековна држава, која се наоѓала во североисточна Африка, по долниот тек на реката Нил. Се смета дека во Египет имало населување на човекот дури пред 250.000 години. Во текот на 4000 година п.н.е. од многу мали територијални единици – номи, биле создадени две големи империи - Горен и Долен Египет со главни градови Ераконопол и Буто. Успехот за создавањето и обединувањето на државата се припишува на управникот на Горен Египет - Менес. Во времето на неговото владеење (3100 п.н.е.), главен град станал Мемфис, кој се наоѓал во јужниот дел на реката Нил. Првите споменици, кои се напишани со египетски хиероглифи се однесуваат кон крајот на четвртото и почетокот на третото илјадалетие п.н.е.

Стар Египет

уреди

Во периодот помеѓу XXVIII - XXIII век п.н.е. се формирала т.н. древно-египетската цивилизација. Единството на древниот Египет се однесувало во господарството на фараонот кој имал неограничена власт низ целата држава. Фараонот бил глава на митот кон сите богови во древниот Египет при што и самиот тој бил сметан за бог. Тоа тврдење најмногу доаѓа до израз при градењето на пирамидите за кои се смета дека всушност биле гробници на фараоните како Џосер, Снофер, Кеопс (Хуфу), Кефрен (Хафра) и Микерин (Менкаур). Исто така многу нараснал и култот кон богот на сонцето Амон Ра, а фараоните се нарекувале дека се негови синови.

Во текот на XXIII-XXI век древниот Египет се распаднал на множество номови (деловни единици). Новото државно обединување на древниот Египет започнало со нараснувањето на силите на номарсите на Хераклеопол (во Среден Египет). Тиванскиот фараон Ментухотеп I станал владетел на обединетиот Египет. Во текот на XXI-XVIII век за покровител на фараоните бил објавен богот Амон. Аменемхет I ја преместил престолнината од Тива во Итауи и по само неколку години повторно се распаднал обединетиот Египет. Во текот на XVIII-XVI век Древниот Египет бил заземен од страна на азиските Хикси, кои со презимањето на власта на Долен Египет си создале свој град со име Аварис и кој всушност станал и главен град во источниот дел на делтата на реката Нил. Ослободувањето на земјата му успева на Јахмос I. Во време на владеењето на Аменхотеп III, древниот Египет го достигнал своето величество. Од провинциите во Азија, древниот Египет добивал како даноци мед, олово, сребро, животни, вино, слонова коска и слично. Од државата Пунт пак, каде царевицата Хатшепсут испраќала експедиција, во древниот Египет пристига исто така голема „помош“. Овде бил воздигнат и новиот сончев бог Атон, каде поради негова чест била основана нова престолнина - Ахетатон. По смртта на Ехнатон, престолнината била вратена во Тива во 1335 година п.н.е.

Кон 1290 г. п.н.е., фараонот Рамзес II повторно ја зајакнал моќта на Египет. Водел големи борби со Хетите и нивните сириски сојузници. Главен град во времето на владеење на овој фараон станува Пер-Рамзес. Во 945 година п.н.е либискиот военоначалник Шешонк I се прогласил за фараон, а за своја престолнина го избрал градот Бубастис во делтата на Нил. Тој го презел Ерусалим и го ограбил. Во 671 г. п.н.е. асирската војска на Асархаддон го презема и го ограбува Мемфис.

Во 667 г. и 663 г. п.н.е. Асирците ја преземаат Тива. Псаметих I успева повторно да го обедини Египет. Во времето на Нехо II, син на Псаметих I, бил направен канал, кој го поврзувал Нил со Црвеното Море.

Македонско владеење

уреди

Во текот на 332 г. п.н.е. во Египет навлегла војската на Александар Македонски и државата станала дел од неговата империја. По распадот на неговата империја, Египет потпаднал под власт на Птоломеј I Сотир — основачот на македонската династија на Птолемаидите (305-30 г. п.н.е.). Главен град станал Александрија. За време на управувањето на царевицата Клеопатра, последна од династијата на Птоломеите, Египет се вовлекол во политички борби со Рим.

Римско владеење

уреди
 
Кралицата Клеопатра VII и нејзиниот син Птоломеј XV Цезарион во храмот кај Дендера

Римското владеење на Египет започнало во 30 п.н.е. година, каде последната кралица Клеопатра извршила самоубиство како последен владетел од династијата на Птоломеите. Првиот римски цар, Октавијан Август, Египет го престроил во посебна провинција со кој управувал префект лично поставен од царот, додека пак членовите на сенаторскиот сталеж им бил забранет влез во земјата без претходно одобрување. Во времето на римското владеење, Египет била најбогатата провинција од сите останати римски провинции. Освојувањето на Египет по текот на Црвено Море се случило во времето на Клавдиј (4154), додека пак Адријан (117138) го посетил Египет на двапати. По кризата во III век, Египет за мал период станал дел од Зенобиската империја, но во 298 година Диоклецијан го вратил Египет и го поделил на три провинции. По разрушувањето на Ерусалим во 70 година, градот Александрија станал еден од најголемите образовни еврејски центри во дијаспората. Од II век, Александрија станала и важен христијански центар, каде според легендата и евангелието, била основана епископијата од страна на Свети Марко. Најзначајни александриски теолози од тоа време се Климент Александриски, Ориген и други. По 324 година, кога Константин Велики го обединил царството под своја контрола, завршило и прогонувањето на христијанските верници.

Византиско владеење

уреди

Во времето на Византиското Царство, престолнина на царството станал градот Цариград (денес Истанбул). Така, испораката на житото се преусмерила од Рим кон Цариград. По смртта на Теодосиј I во 395 година, Римското Царство била поделена на два дела, по кое Египет припаднал на Источното Римско Царство или Византија. Христијанизацијата на Римското Царство напредувала постепено. Теодосиј во 391 година започнал да налага антипагански закони. Во негово време бил уништен храмот посветен на богот Серапис во Александрија. Во тоа време се појавило учењето на Ариј или аријанство. Тоа како ерес било осудено во 324 година на Првиот вселенски собор во Никеја. И покрај тоа, ова учење било во голема мера зачувано во земјата, сè до крајот на IV век. Во тој период, како најголем бранител на никејскиот симбол на верата се истакнува Свети Анастасиј, епископ на Александрија, каде Александрија станал голем град-центар на христијанството. По Четвртиот вселенски собор се формирала Египетска коптска црква.[3]

Персиско владеење

уреди

Персиското освојување на Египет се случило во 618 година. Иако царот Ираклиј успеал да ги прогони Персијците во 629 година, сепак следниот напад не бил доволен да се зачува земјата. Во периодот од 623-642 година, Египет бил освоен од страна на Арапите, кои го донеле исламот и арапскиот јазик. Со земјата во почетокот владееле намесниците на калифите. Во текот на IX век, силата на Адасидите од Багдад ослабнала, па земјата била раководена од страна на династија Тулунида (868905) и династија Ихшидида (935969). Во 969 година Египет бил освоен од страна на династијата на Фатимидите, кои биле шиити. Градот Каиро станал пресолнина на нивната земја во 973 година. Во 1099 година, во текот на првата крстоносна војна паднал градот Ерусалим во рацете на христијаните. Владетелот на фатимидите, Саладин, во 1168 година ги започнал своите војни против крстоносците. Не само што постигнал големи успеси против христијанската војска, туку Саладин го симнал од власт на последниот фатимидски владетел, повторно го воведел сунитскиот ислам и се прогласил за султан во 1175 година. Во следните векови, Египет бил на неколкупати напаѓан од страна на крстоносците, но безуспешно. Во 1250 година власта преминала во рацете на Мамелуците, кои во 1277 година ја зазеле Арка истерувајќи ги крстоносците од Светата Земја.

Османлиско и британско владеење

уреди

Египет под власта на Османлиското Царство се нашол во 1517 година, во времето на Селим II. Значењето на Египет за Отоманците било економско и стратешко.[4][4] Приходите од порезот на земјата, царевината за морските и речните патишта биле користени за финансирање на војската. Градот Каиро станал голем центар во рамките на империјата. Во текот на XVIII век, Египет започнал со своите акции за добивање на автономија. Во 1798 година земјата била заземена од страна на Наполеон Бонапарта. Сепак, Французите се повлекле во 1801 година. Во 1854 година Франција добила концесија за изградба на Суецкиот Канал, отворен во 1869 година. Поради големите трошоци, египетскиот кедив бил принуден каналот да го продаде на Обединетото Кралство. Поради големото незадоволство, во 1879 година на чело со Ахмед Ураби, било формирано првото национално движење. Во 1882 година тој станал претседатењл на владата. Плашејќи се од губењето на контролата на каналот, Франција и Обединетото Кралство извршиле воена интервенција врз египетската војска.

По Првата светска војна, Османлиите конечно биле поразени и Британија добила голема контрола над земјата. По војната продолжиле конфликти за независност на земјата, која ја добила во 1922 година на чие чело застанал кралот Фуад II. Во 1936 година бил постигнат договор помеѓу Британија и Египет според кој британските трупи го контролирале само Суецкиот Канал во земјата.

Модерна историја

уреди
 
Египетскиот претседател Гамал Абдел Насер во Мансура, 1960

На почетокот на Втората светска војна, Египет повторно станал протекторат на Велика Британија. Во 1952 година бил извршен воен удар,[5] и на чело на земјата дошол Гамал Абдел Насер, a за нов крал бил избран Фуад II. Во 1953 година Египет бил прогласен за република.

Географија

уреди

Географската положба на Египет е многу поволна. Синајскиот Полуостров претставува копнен мост кој го поврзува Египет со Азија. Средоземното Море е поврзано со Европа, а Суецкиот Канал претставува трговска целина помеѓу двата континента.

На север од земјата се наоѓа Средоземното Море, на исток Газа, Израел и Црвеното Море; на југ Судан и на запад Либија. Максималната должина север-југ изнесува 1.105 км а максималната ширина 1.129 км. Површината на Египет изнесува 997.739 км2.

Географски координати: 27° 00' с.ш., 30° 00' и.д.

Површина:

вкупно: 1.001.450 км2

земја: 995.450 км2

вода: 6.000 км2

Површина — за споредување: Малку повеќе од плоштината на Ново Мексико (САД)

Граници по копно:

вкупно: 2.689 км

гранични држави: Газа 11 км, Израел 255 км, Либија 1.150 км, Судан 1.273 км

Брежна линија: 2 450 км

Морски периметар:

  • гранична зона: 24 км
  • гребен: 200 м во длабочина
  • исклучива стопанска зона: 200 М
  • територијални води: 12 М

Релјеф

уреди
 
200

Повеќе од 90% од територијата на Египет е покриена со пустини, вклучувајќи ја и Либиската (Западна Пустина), дел од Сахара, Арабиската Пустина (Источна), која граничи со Црвено Море и Суецкиот Канал на исток. Либиската пустина е многу попозната како големото песочно море, најпознати оази се Баријах, Дактил, Каријах и Фарафра.

На јужниот дел од границата со Судан се наоѓа Нубиската Пустина, која претставува огромна територија од камена површина и песок. Синајскиот Полуостров ги опфаќа песочните пустини на север и огромните планински венци на југ со врвови до 2.100 метри. Планината Катарина е најголемата планина во Египет со висина од 2.637 метри. Таа се наоѓа на Синајскиот Полуостров како и планината Синај (односно Јабал Муса), каде според Библијата, Мојсеј ги примил Десетте божји заповеди.

Реката Нил во Египет доаѓа од Судан и тече на север кон Средоземното Море. Во древните времиња оваа река одиграла многу важна, а денес Египет има голема корист од неа.

Клима

уреди

Египет се наоѓа во суптропско подрачје. Климата се одликува со суви и топли лета како и топли зими односно топли периоди од мај до септември, а умерено студени од ноември до март. Просечната температура во Египет е околу 37 °C до минимални 14 °C. Во пустинските подрачја температурите достигнуваат до 46 °C. Во зимските периоди температурите се намалува и до 0º. Просечното врнење на дожд се движи околу 200 мм годишно, додека просечното врнење во главниот град на Египет, Каиро изнесува само 256 мм годишно, а во пустинските подрачја дожд врне еднаш на неколку години. Камсин (сув и топол пустински ветер) се појавува во април и мај и достигнува брзина до 150 км/ч.

Хидрографија

уреди

Реката Нил во државата навлегува кај Вади-Халф, на јужната граница. Таа тече низ пустината 1,5 – 2 км широката долина до Асуан. Потоа, од Асуан по долината се шири и до 20 км и поминува низ Каиро со некои 700 километри. Останатите 300 километри до Средоземното Море ги поминува градејќи делта, која завршува во морето со ширина од околу 250 километри.

На територијата на Египет, реката Нил нема ниту една притока. Климата која владее покрај долината на реката е доста топла, пустинска. По нејзината долина се чувствува и постојана свежина.

Население

уреди
 
Густината на население во Египет (жители на км2).

Според пописот на населението од 2017 година, Египет има 94,798,827 жители. Просечната густина на населението е 75/км2. Како еден податок, Египет во 1976 година имал 36.626.204 жители што означува дека многу брзо се зголемува наталитетот на населението.

Етнички состав: Египќани 98%, Нубијци 0.8% и други.

Религија

уреди
Религии во Египет[6][7]
Религии Процент
Ислам
  
90 %
Православие
  
9 %
други
  
1 %

Службена религија во Египет е исламот. Според пописот, од 1986 година 94% од населението на Египет се муслимани. Друга религија која е застапена во државата е египетското христијанство, т.н. Копти. Другите религии (православни Грци и Ерменци, католички Грци и Ерменци и протестанти) претставуваат 4% од вкупниот број на населението. Коптите сметаат дека службениот попис не е валиден и дека тие се барем 10% од населението.

На просторот на денешен Египет живееле Евреи, кои иако биле во мал број, економски се многу важни. Земјата ја напуштиле по 1956 година кога сојузниците предводени од Израел, Франција и Велика Британија го нападнале Египет.

 
Манастирот Света Катерина на планината Синај, изграден во VI век по наредба на Јустинијан I, е еден од најстарите православни манастири

Во почетокот на 1980-тите години, исламските војници учествувале во исламската група Џихад, и во 1992 година започнале многу големи нереди низ улиците на Каиро. Востаниците сакале да се основа влада која ќе се залага строго за исламските права. Жртви на оваа насилство биле Коптите, службениците на владата и туристите. Организацијата за човекови права установила дека владата во Египет врши дискриминација над Коптите.

Јазик

уреди

Службен јазик кој се користи во Египет е арапскиот јазик. Стандардниот книжевен арапски јазик го разбираат само високо образованите луѓе. Нубијците се служат со стариот јазик. Берберскиот јазик се употребува во неколку населени места во оазите на западната пустина. Христијаните говорат на коптскиот јазик, на кој се служат и православните црковни литургии.

Етнички групи

уреди

Поради различните расни структури на староседелците во Египет, во денешно време причината за употреба на различни јазици е и во религиозните групи кои постојат во оваа држава. Многумина Египќани се директни потомци на древните Египќани, популација која била населена во североисточниот дел на Африка. На овие простори со доаѓањето на Арапите се воведува и нова религија - ислам. Арапските доселеници започнале да се мешаат со староседелците, стапувајќи во брачни односи. Денешните жители на Египет исто така водат потекло и од Римјаните, Грците и Турците од времето на нивното владеење со Египет. Одвоена староседелска група Нубијци живееле во северен Судан и јужен Египет. Денес оваа популација главно е концентрирана во Асуан и Каиро. Владата на Египет не ги признава како посебна етничка група. Мал број на Грци, Италијанци, Евреи се претопиле со домашното муслиманско и христијанско население.

 
Најголеми градови во Египет
Бр. Област Нас. Бр. Област Нас.
 
Каиро
 
Александрија
1 Каиро Каиро 9,153,135 11 Асјут Асјут 462,061  
Гиза
 
Шубра ал Хаима
2 Александрија Александрија 5,039,975 12 Ал Хусус Каљубија 459,586
3 Гиза Гиза 4,146,340 13 Исмаилија Исмаилија 386,372
4 Шубра ал Хаима Каљубија 1,165,914 14 Загазиг Шаркија 383,703
5 Порт Саид Порт Саид 751,073 15 6-ти октомври Гиза 350,018
6 Суец Суец 660,592 16 Асуан Асуан 321,761
7 Мансура Дакахлија 548,259 17 Нов Каиро Каиро 298,343
8 Ал Махала ал Кубра Гарбија 522,799 18 Дамиета Дамиета 282,879
9 Танта Гарбија 508,754 19 Даманхур Бухејра 262,505
10 Фајум Фајум 475,139 20 Минја Минја 245,478

Стопанство

уреди
 
Суецкиот Канал.

Индустријата во Египет е на средно ниво по развиеност во однос на светските стандарди. Најмногу се вложува во текстилната, шеќерната и нафтената индустрија. Нафтата го зазема првото место на списокот на најзначајните извозни производи. Економијата бележи големи успеси и поради развиениот туризам во Египет, а Суецкиот Канал исто така има голем придонес. Но големиот наталитет на населението пак, од друга страна дополнително ја отежнува сиромаштијата.

Туризам

уреди

Според податоците на владата на Египет, во 1999 година 4.500.000 туристи го посетиле Египет, од кои 90% Каиро, пирамидите во Гиза и храмовите во Луксор. Кон крајот на 1980-те и почетокот на 1990-те години многу туристи започнале да го посетуваат и Црвеното Море поради добрата клима. Но од 1992 година поради исламските терористички напади врз туристите, туризмот е намален.

Административно уредување

уреди

Египет е поделен на 27 области, наречени „мухафази“:

Египет како тема во уметноста и во популарната култура

уреди
  • „Тужи го Египет“ (Sue Egypt) - песна на американската рок-група Captain Beefheart & His Magic Band од 1980 година.[8]

Наводи

уреди
  1. „GINI index“. World Bank. Архивирано од изворникот 21 September 2021. Посетено на 21 September 2021.
  2. „2014 Human Development Report Summary“ (PDF). United Nations Development Programme. 2014. стр. 21–25. Посетено на 27 јули 2014.
  3. Kamil, Jill. Coptic Egypt: History and Guide. Cairo: American University in Cairo, 1997. p. 39
  4. 4,0 4,1 Abu-Lughod, Janet L. Before European Hegemony The World System A.D. 1250-1350. New York: Oxford UP, USA, 1991. PP. 243
  5. Nejla M. Abu Izzeddin, Nasser of the Arabs, published circa 1973, p 2.
  6. Pew Research Center's Religion & Public Life Project: Egypt Архивирано на 28 септември 2018 г.. Pew Research Center. 2010.
  7. „Religions“. CIA World Factbook. Архивирано од изворникот на 2018-12-20. Посетено на 2013-07-09.
  8. YouTube, Sue Egypt (посетено на 3.10.2017)

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди