Повикувачки број

(Пренасочено од Повик. бр.)

Повикувачки број (или предброј) е низа од броеви што се избираат за да се воспостави телефонска врска помеѓу две места или две држави. Повикувачкиот број обично се однесува на реално населено место, иако во некои мрежи (пример, кај мобилните оператори) нема такво значење. Вообичаено е овој број да е различен за секоја држава, област или град, односно секој оператор на телефонска мрежа да има сопствен број или броеви.

Повикувачкиот број во Македонија е со формат:

  • + 389 33 ХХХ ХХХ (за меѓународни повици)
  • 033 ХХХ ХХХ (за меѓумесни повици)
  • 271 ХХХ (за повици во рамки на иста повикувачка група)
  • 07Х ХХХ ХХХ (за повици во мобилната телефонија)
  • 0800 Х ХХ ХХ (за повици кон бесплатни телефонски броеви)
  • 0500 Х ХХ ХХ (за повици кон телефонски броеви со посебна тарифа на чинење)

Во овој случај знакот “+“ го означува излезот од земјата од која се повикува (наместо “+“ најчесто се користи “00“ или“99“), “389“ го означува повикувачкиот број за Македонија, “33“ е повикувачки број за фиксна телефонија за населените места што ѝ припаѓаат на одредена група, а во случајов тоа е Кочани.

Кога се повикува број во меѓумесната телефонија (населено место од друга група) се користи повикувачки број со формат “0ХХ“ (пример, “033“ како повикувачки број за групата на Кочани). За повикување број во истата група се користи број со формат “271 ХХХ“, каде што “271“ претставува повикувачки број за градот Кочани, во рамките на групата “033“.

Кај повикувањето број од мобилната телефонија се користи повикувачки број со формат “07Х“, при што секој мобилен оператор има своја група повикувачки броеви (пример: 070, 071, 075, 077 итн.)

Специјалните телефонски броеви (за повикување итна медицинска помош, противпожарна служба, полиција и сл.) немаат повикувачки број, туку се повикуваат директно. На пример, за итна медицинска помош - “194“[1], за противпожарна служба - “193“, полиција - “192“, служба за информации - “188“ итн.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Новиот број на Брза помош е 194 Архивирано на 9 март 2012 г., Утрински весник, број 1406, понеделник, 16 октомври 2006