Стара скопска чаршија

чаршија во Скопје
(Пренасочено од Скопската чаршија)

Стара скопска чаршија (турски: Üsküp Türk Çarşısı, во превод „Скопска турска чаршија“; албански: Çarshia e Vjetër e Shkupit) — трговски и културно-историски дел во Скопје и една од најголемите знаменитости на градот. Се наоѓа на просторот од Камениот мост до Бит-пазар и од Калето до реката Серава.[1] Според административната поделба на градот, просторот на чаршијата се наоѓа на подрачјето на општините Чаир и Центар.

Карактеристична улица низ чаршијата.
Карта

Првите документирани податоци за постоење на трговски центар на местото на денешната чаршија датираат од XII век.[2] Во време на отоманското владеење со Скопје, местото забрзано прераснало во најголем трговски дел од градот, во кој се наоѓале околу 30 џамии, бројни сараи и анови, како и други турски споменици. Чаршијата претрпела големи штети со земјотресите од 1555 и 1963 година, пожарот во 1689 година, како и двете светски војни, по што неколкупати била обновувана. Но, и покрај претрпените штети, чаршијата претставува единствен споменик на културата во Македонија, во кој се препознава наследството од повеќе култури и цивилизации кои учествувале во нејзиното создавање.[3]

Во чаршијата преовладува отоманската архитектура, иако се забележителни и остатоци од византиската, а во последно време се забележува и примената на модернистичката архитектура. Голем број од градбите кои некогаш служеле како преноќевалишта за трговските патници или како амами за намесниците и управителите во градот се пренаменети и служат како простор за одржување на културно-уметнички настани. На просторот на чаршијата и во нејзината околина се останати и неколку џамии, турбиња, две цркви и саат-кула, а во втората половина на XX век биле изградени и зградите кои го сочинуваат Музејот на Македонија и зградата на Музејот на современата уметност. За развитокот на чаршијата низ историјата, нејзината културна вредност и занаетите кои биле застапени на просторот сведочат предметите изложени во Музејот на Старата скопска чаршија, сместен во рамките на Сули ан.

Со Законот за Старата скопска чаршија донесен од страна на Собранието на Република Македонија на 13 октомври 2008, чаршијата била прогласена за културно наследство од особено значење и оттогаш е под трајна заштита на државата.[4] На почетокот од 2010 година, започна да се спроведува петгодишна програма за ревитализација на чаршијата, која има за цел обновување на објектите, поддршка на занаетите, како и постигнување економски и културен развој на просторот на чаршијата.[5]

Историја

уреди

Ран период

уреди

Најстарите археолошки пронајдоци пронајдени на Скопското кале посочуваат дека околниот простор бил населен уште 4.000 години п.н.е., додека првите историски податоци наведуваат дека први кои се населиле на просторот биле Пајонците во VI век п.н.е.[6]

Со завладувањето на Скупи од страна на Римјаните, започнала изградбата на храмови, бањи и театри, со што градот станал значаен верски и културен центар во Римското Царство, што придонело и за развој на просторот на денешната чаршија.

Во 518 година, Скупи бил разурнат од катастрофален земјотрес, па со доаѓањето на власт на Јустинијан I била изградена нова престолнина која оддалечена од просторот на разурнатиот град.[7] Сепак, за да се заштити населението кое го напуштило градот, тоа се населило на еден рид на којшто императорот Јустинијан го изградил денешното Кале.[6]

Со создавањето на Самоиловото Царство, Скопје добил стратешко, политичко, економско и културно значење, а просторот околу Скопското кале бил утврден со изградба на бедеми, со цел да се сочуваат неговите богатства. Во времето на Цар Самоил, на бедемите била изградена и голема градска порта, подоцна позната како „Порта до водната кула“, која послужила за одбрана од нападите на византискиот цар Василиј II во 1001 година.[8]

Среден век

уреди

Византиска власт

уреди

По потпаѓањето на Самуиловото Царство под византиска власт во 1018 година, императорот Василиј II го претворил Скопје во седиште на тема и црковно седиште, на чело со епископ кој бил избиран на секои четири години. По смртта на Василиј, неговиот наследник, Роман III Аргир, презел активности за обновување на манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“, кој според грамота од 1300 година на српскиот крал Стефан Урош II Милутин се наоѓал на брегот на реката Серава, на ридот наречен „Виргин“, односно на местото каде денес се наоѓа Султан-муратова џамија и бил еден од најбогатите и најугледни манастири на поголем дел од Балканскиот Полуостров во тоа време.[9]

Според зачуваната Виргинска грамота од 1277 г., императорот му дал одобрение на манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“ да организира годишен панаѓур на празникот „Воведение на Богородица“ на 21 ноември секоја година, со право да наплаќа одредени давачки заради негово издржување, како и неделен пазар најнапред во секој петок, а подоцна и во вторник. Ваквите настани биле организирани во периодот од 1028 до 1034 година, на просторот на манастирската ливада, која се наоѓала на надворешноста на тогашното скопско подградие Доленград, крај десниот брег на реката Серава, односно на местото на кое денес се наоѓа Бит-пазар.[9]

 
Северната порта на влезот во чаршијата, од која се излегувало на патот кон Цариград

Со доаѓањето на власт на династијата Комнинени на почетокот на XII век, градот бил избавен од постојаните воени закани и во овој релативно мирен период бил забележан значителен развој. Развојот бил проследен со изградба на бедеми и одбранбени кули околу Доленград, а биле градени и манастири и цркви. Со изградбата на бедемите, просторот на кој се одржувал панаѓурот се нашол веднаш под нив, покрај северната порта, од која се излегувало на патот кон Цариград. Силниот развој на трговијата придонел за градот да се расчуе како значаен трговски центар, па раширувањето на трговските односи е одбележано и со присуството на панаѓурот и неделниот пазар дури и од страна на дубровничките и венецијанските трговци. Во своето дело „Стара скопска чаршија“, Коста Балабанов наведува дека се појавила неможност трговците да ги продадат донесените производи во еден ден, со што се појавила потребата да преноќат и тие започнале тоа да го прават на манастирската ливада. Меѓутоа, управата на манастирот, која ги наплаќала давачките и управувала со просторот, не дозволувала тој да се користи за подигнување на трајни градби. Поради тоа, некои трговци започнале да се засолнуваат во внатрешната страна од бедемите на Доленград, чии порти навечер се затворале. Со тек на време, започнало постепеното засолнување во внатрешноста од градот, почнувајќи од северната, па сè до јужната порта. Кон крајот на XII век, веќе биле подигнати трајни простории за складирање на стоката, биле воведени давачки за користење на градското земјиште и започнало продавањето на стока од овие простори, не само за време на пазарните денови, туку и надвор од нив, со што практично бил создаден трговски простор кој се развил во денешната чаршија.[9]

Во текот на XIII век, трговскиот простор продолжил да се развива, иако градот повторно бил подложен на воени судири, освојувања и грабежи. Бројот на дуќани започнал да се зголемува, а просторот бил проширен и околу северната порта, внатрешноста на Доленград и околу црквата „Рождество на Пресвета Богородица“.[10]

И покрај постојаните воени судири, Скопје во тој период го добил својот прв трговски центар, трговско-занаетчиска градба, која во тоа време била една од најголемите и најскапите на Балканот. Оваа градба се наоѓала во јужниот дел од Доленград, крај бедемот покрај кој минувале заштитниот канал со вода и коритата на реките Вардар и Лепенец. Имала 15 издолжени сводови, под кои се наоѓал простор кој зафаќал површина од 1.200 m2. Последните нејзини остатоци биле разрушени во првата половина од XX век, а таа целосно е видлива на гравура од холандскиот графичар Јакобус Хаверин, изработена во 1594 година и објавена во Нирнберг.[10]

Српска власт

уреди

Во 1282 година, српскиот крал Стефан Урош II Милутин го освоил Скопје, со што градот влегол во составот на Рашка, а подоцна и во рамките на средновековната српска држава. Овој период се одликува со изградбата на многубројни цркви, манастири и дворци во и околу градот. За време на својот престој во Скопје, во 1299 и 1300 г., византискиот пратеник Теодор Метохит забележал дека освен Горенград, постои и Доленград, кој бил заштитен со ѕидини.[11]

Како најсветол период од српското владеење се смета времето на царот Стефан Душан, кој во 1345 година го прогласил Скопје за престолнина на својата држава, а веќе следната година бил во него и крунисан за цар. Во негово време, чаршијата не се споменувала како посебен трговски центар, туку градот, општо, се наведува како главно трговско место со развиено занаетчиство, каде што посебна улога имале дубровничките и венецијанските трговци. Според Стојан Новаковиќ и Гедеон Јуришиќ, за време на владеењето на царот Душан дури бил изграден и Куршумли-ан, кој служел како воена касарна. Освен тоа, некои автори сметаат дека на местото на денешната Султан-муратова џамија се наоѓал и Душановиот царски дворец.[11]

По смртта на Стефан Душан, градот бил под српска власт сè до 1392 година, кога Вук Бранковиќ им го предал на Отоманците, со што влегол во рамките на Отоманското Царство.[12][13]

Отоманско време

уреди

XV век

уреди

Со освојувањето на Скопје од страна на отоманските Турци, забрзано започнал да се менува етничкиот состав на населението во градот. Исто така, богатството со коешто располагале месните цркви, манастири, а и самото население преминало во рацете на Турците. Градот бил претворен во воено упориште и во негови рамки започнала изградбата на величествени објекти од сакрален карактер, кои видно ја измениле и архитектурата на градот.[14]

На просторот на Доленград и средновековната чаршија започнала изградбата на голем број капитални и сакрални објекти, кои се јавиле како неопходни да ги задоволат потребите на нараснатото муслиманско население. Така, на темелите на тогашните цркви започнала изградбата на џамии, а наскоро започнале да се градат и разни други објекти од стопански карактер. Уште во првите декади на XV век, освојувачот на градот, Паша Јигит-бег, на местото на коешто тогаш се наоѓала црквата „Св. Врачи“ ја изградил Јигит-пашината џамија.[14]

Големи промени на архитектонскиот карактер на чаршијата настанале во времето на вториот отомански намесник на Скопје, Исхак-бег, и во времето на неговиот син, Иса-бег. На темелите на манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“ Исак-бег ја започнал изградбата на Султан-муратовата џамија, чијашто изградба била завршена во 1436 година. Во 1438, на просторот на манастирската ливада, тој ја започнал изградбата на Исхак-беговата (Шарена) џамија, во чиишто рамки е изградено и турбе, каде што бил погребан. По неговата смрт, започнувајќи од 1445, па сè до 1469 година, неговиот син и наследник, Иса-бег, изградил бројни објекти а просторот на чаршијата, кои биле неопходни за стопанскиот развој на градот. Така, во негово време биле изградени: Безистенот, Чифте амамот, карвансарајот Сули ан и конакот Капан ан. По смртта на Иса-бег, по негов завет е изградена Иса-беговата џамија (1475), а подоцна и Хаџи-касамовата џамија (1489-1490) и Мустафа-пашината џамија (1492).[14]

Во периодот од 1489 до 1497 година, познатиот дарител, Даут-паша, вложил во изградбата на повеќе објекти во чаршијата, меѓу кои најпознат е Даут-пашиниот амам. Истовремено, како придружни градби на големите џамии биле изградени и имарети, т.е. јавни куќи во кои се приготвувала и служела храна за бездомниците и патниците кои престојувале во градот.[14]

XVI-XVII век

уреди

Во периодот на XVI и XVII век, чаршијата го достигнала својот урбан и стопански зенит, развивајќи се во една од најголемите ориентални чаршии на Балканот. Забрзаниот развој на трговијата и изградбата на нови дуќани и објекти продолжила и понатаму. Во 1504 година, во непосредна близина на чаршијата, Јахја-паша изградил џамија, која денес во негова чест е позната како Јахја-пашина џамија.[15] Забележително во тој период е што се појавиле повеќе помали чаршии, во зависност занаетите кои биле застапени на просторот. Така, на просторот на чаршијата постоеле: кожарско-ќурчиска, калајџиска, железарска, платнарска, кујунџиска и други помали чаршии. Освен тоа, во чаршијата започнала со работа и ноќна стража, која за чување на дуќаните наплаќала по 12 акчиња.[16]

 
Гравура на Скопје изработена од холандскиот графичар Јакобус Хаверин во 1594 година

Карвансарај Куршумли ан бил обновен кон средината на столетието, а во 1543 година започнала повторната изградба на црквата „Св. Спас“, којашто била прв христијански објект за кој Турците одобриле обновување. Силниот земјотрес, кој во 1555 го погодил Скопје, причинил огромни штети во чаршијата, но сепак градот набргу закрепнал и продолжил непречениот развој на трговијата. Голема улога во тоа имале многубројните трговци кои ја посетувале чаршијата и создавале свои колонии. Поголемиот дел од трговијата се одвивал благодарение на влијателната еврејска колонија, а била создадена и колонија на дубровничките трговци.[16]

Втората половина од XVI век ја одбележала изградбата на Саат-кулата во 1572 година, која била подигната во дворот на Султан-муратова џамија и набргу станала заштитен знак на градот.[16]

Со оглед на фактот што градот прераснал во значаен развиен трговски град во европскиот дел од Отоманското Царство, во текот на XVII век бил посетен од голем број трговци и патописци, кои во своите записи давале опис на изгледот на чаршијата и начинот на кои се водела трговијата во неа. Еден од нив е и познатиот отомански патописец, Евлија Челебија, кој двапати го посетил градот во периодот од 1660 до 1668 година и за време на неговата прва посета (1660-1661) за чаршијата забележал:

Таа брои 2.150 дуќани. Тука има плоштади и пазари, со сводови и куполи. Од сите најубави се: чаршијата на безазите (памучни ткаенини), чадорџиите, папуџиите, бојаџиите и ткајаџиите (капи). Тоа се големи чаршии изработени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, рози, босилек, јоргован и крин во вазни и саксии. Тие со својата миризба просто го опиваат мозокот на посетителите и трговците. Тука има образовани и многу чесни луѓе. За време на летните жеги сиот скопски пазар личи на багдадските сенки, зашто сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Халеп.[1][17]

Англискиот лекар и патописец Едвард Браун, кој го посетил градот во 1669 година, бил воодушевен од безистенот во чаршијата со неговиот оловен покрив и наведува дека околу него имало улици покриени со штици и разновидни занаетчиски дуќани. Тој, исто така, споменува дека од Скопје во тој период биле извезувани најразновидни производи, како волна, восок, тутун, платно, свила, сребрени предмети и разни други украси.[18]

Сепак, развојот на чаршијата и мирот којшто владеел бил прекинат со повлекувањето на отоманската војска по неуспешната опсада на Виена во 1683 година и навлегувањето на австриските трупи предводени од генералот Пиколомини. Пиколомини го запалил Скопје, а големиот пожар од 26 и 27 ноември 1689 г. речиси целосно го уништил градот. Како последица на пожарот, чаршијата била речиси целосно уништена, а сè што останало се само неколку џамии и амами.[18]

XVIII-XIX век

уреди

По големите штети предизвикани со пожарот во 1689 година, чаршијата била обновувана во текот на целиот XVIII век. Нејзиниот нов развој бил отежнат поради економски ослабената Отоманско Царство, но и поради големите епидемии на чума и други заразни болести.[19]

 
     Позиција на чаршијата во рамките на Скопје во 1899 година.

Со воведувањето на реформите од првата половина на XIX век, се создале подобри економски услови и за развој на чаршијата. Била согледана потребата од развиено занаетчиско производство, па биле воведени мерки за заштита на занаетчиите, што директно влијаело на забрзаниот развој на чаршијата. Истовремено, забележително е што во градот се доселувало македонско христијанско население од околните села.[20] Со тоа, се зголемил бројот на македонски занаетчии и трговци, кои имале главна улога и во обновувањето на црквите во и околу чаршијата, откако султанот Мехмед II им одобрил на христијанските верници да градат цркви на територијата на Империјата. Така на пример, црквата „Св. Димитрија“ била неколкупати реновирана во текот на XIX век, сè додека не го добила својот денешен изглед со последните промени во 1896 година. Еврејското население, пак, ја обновило синагогата „Бет Јаков“.[21]

Значајни промени во тој период настанале во целокупниот изглед на чаршијата, така што постојана била изградбата на нови дуќани и објекти. Кон средината на столетието, забрзан бил пробивот на нов, современ архитектонски стил, кој придонел чаршијата полека да започне да го губи својот ориентален облик. Голем број од градбите биле во стилот на староградската македонска архитектура, но се воочувале и елементи од еклектицизмот и барокот. На просторот од Даут-пашиниот амам до Бит-пазар се простирале дуќани, анови и амами, а по улиците се движеле трговци од повеќе земји. Во тоа време, српскиот политичар и историчар, Стојан Новаковиќ чаршијата ја опишал како

„склоп тесни и криви улички со многу трговско-занаетчиски продавници и дуќани. Улиците биле покриени со штици, а дуќаните со ќепенци... Чаршијата е долга и има повеќе напречни улици, исто така покриени...“[21][22]

Според записите на голем број патописци кои ја посетиле чаршијата во втората половина на XIX век, во неа успешно работеле од 50 до 90 различни видови занаети, здружени во силни еснафски здруженија и поделени во одделни помали чаршии во рамките на единствената Скопска чаршија. Тоа придонело, Скопје, одново, да стане значаен трговски центар, не само на Балканскиот Полуостров, туку и на територијата на целата Отоманско Царство.[21] Во својот патопис од 1896 година, Виктор Рерар запишал:

Големите азиски пазари, како оние во Бурса, Алеп или Дамаск, во споредба со Скопската чаршија претставуваат само бледи и банални турски знаменитости.[23]

Чаршијата од XX век до денес

уреди
 
Старата чаршија во средината на 20 век.
 
Чаршијата со Калето во позадина во 1920-тите

Почетокот на XX век се одликува со бројни немири и војни, како и големи промени во стопанскиот живот, предизвикани од раширувањето на капиталистичките општествени односи и развојот на градските населби. Во текот на Првата светска војна била причинета штета во чаршијата, па во првите години по војната е забележан нејзин развој преку обновување на старите трговски и занаетчиски објекти. Во тоа време, чаршијата територијално се проширила и преку Камениот мост, на десниот брег од реката Вардар, сè до железничката станица.[24]

Појавата на Големата криза во светот во раните 1930-тите имала голем одраз и врз трговијата во чаршијата. Дошло до раслојување и осиромашување на занаетчиството, зголемување и на невработеноста и на задолженоста. За текот на овие години во чаршијата сведочи и репортажата на Љубо Стојовиќ во весникот „Вардар“ од 1934 година, во која тој ја истакнува монотоноста и здодевноста во чаршијата и како трговците ги молат купувачите да купат. Тој, исто така, ја споменува и запуштеноста на безистенот и тоа дека е затворен како тврдина и издаван под кирија.[24]

За време на Втората светска војна, чаршијата била целосно економски умртвена и била користена за потребите на НОБ во Вардарска Македонија. Така, во неа биле подготвувани илегални акции, а служела и како засолниште за припадниците на НОБ. Во близина на Исхак-беговата (Шарена) џамија се наоѓа куќа во која од 1942 до 1944 година престојувале и се состанувале членови на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија и на Оперативниот штаб. Во непосредна близина пак на Камениот мост, на местото на денешната зграда на Комерцијалната банка, имало куќа во која била сместена првата илегална работилница за оружје, муниција и диверзантски материјал.[25]

Периодот на војната е време во кое биле причинети огромни штети и загуби во самата чаршија и во нејзината околина. Чаршијата останала без своето еврејско население, чијашто депортација кон концентрациониот логор Треблинка започнала на 11 март 1943 година.[26] Истата 1943 година, бугарските фашистички власти ја ограбиле и опожариле црквата „Св. Богородица“, која се наоѓала во непосредна близина на чаршијата, а за време на бомбардирањата на Скопје била уништена и Јигит-пашината џамија. До темел била разурната и синагогата „Бет Јаков“. Од црквата „Св. Спас“, бугарските власти го разглобиле иконостасот, со намера да го префрлат во трезорите на Народната банка, но по војната истиот бил вратен во црквата.[25]

По завршувањето на Втората светска војна, просторот на чаршијата, повторно, се претворил во главен трговски центар во градот. Во тој период, под раководство на Заводот за заштита на спомениците и културата, за првпат започнало систематско истражување и проучување на чаршијата како споменик од непроценлива вредност, кое имало за цел да пронајде начини за нејзина понатамошна заштита.

На 26 јули 1963 со силниот земјотрес кој го погодил Скопје, голем број на дуќани биле целосно разрушени. Од културно-историските знаменитости, речиси целосно разрушени Сули ан, Капан ан, џамиите Араста и Казанџилер, и Ѓулчилер амам. Делумно разрушени биле Чифте амамот, Куршумли ан, црквата „Св. Спас“, Безистенот, џамијата Ќосе Кади и Султан-муратовата џамија.[27]

 
Денешен изглед на улица низ чаршијата

Обновувањето на разрушената Скопска чаршија продолжило по земјотресот, за чијашто цел до израз доаѓа примената на современ градежен материјал. Во раните 1970-тите биле обновени водоводната и канализационата мрежа, а било извршено и поплочување на улиците низ чаршијата и отстранување на турската калдрма. Во тој период, исто така, бил изграден и мост со стоковна куќа над булеварот Гоце Делчев, со чија помош биле споени отсечените делови од чаршијата. Кратко потоа, започнало и обновувањето на речиси целосно разрушените Капан-ан и Сули-ан, по што биле обновени и останатите културно-историски знаменитости, кои претрпеле штети со земјотресот. Освен тоа, некои градби биле посветени на културата и уметноста, а биле изградени и нови, како што се групата згради во рамките на Музејот на Македонија и Музејот на современата уметност.[28]

Во ноември 2006, во чаршијата бил поставен споменик на Скендербег.[29] Македонскиот премиер, Никола Груевски, во 2010 година изјави дека Старата скопска чаршија е вклучена во проектот „Скопје 2014“, најавувајќи започнување на проект за ревитализација и заштита на чаршијата.[30] Непосредно пред споменикот на Скендербег, над булеварот Гоце Делчев и веднаш до мостот кој ги поврзува Даут-пашиниот амам и црквата „Св. Димитрија“ со остатокот од чаршијата, на 17 јануари 2012 година бил поставен камен-телник за изградба на плоштадот „Скендербег“.[31]

Граници и административна поделба

уреди

Чаршијата немаше јасно утврдени граници сè до донесувањето на Законот за Старата скопска чаршија во 2008 година. Со него, детално биле утврдени границите на чаршијата на сите четири страни, површината на просторот во рамките на така утврдените граници, како и неговите географски координати. Исто така, чаршијата била поделена и на три контактни зони, чијашто заедничка површина е поголема од онаа на просторот во чии рамки е ограничена чаршијата. Според административната поделба на Скопје, местото на кое се простира чаршијата се наоѓа на подрачјето на општините Чаир и Центар.[32]

Според поделбата по видови, Старата скопска чаршија спаѓа во групата на „сложени чаршии“ од средновековно-ориентален карактер, што означува постоење на една до две главни улици и повеќе сплетови на занаетчиски улички кои се надоврзуваат кон нив. Најстарата сообраќајница која минувала низ чаршијата била онаа која одела по т.н. „Царскиот пат“. Започнувала од Камениот мост, па продолжувајќи покрај Еврејското маало, минувала покрај исчезнатиот монументален карвансарај, леарницата за пари, Даут-пашиниот амам и во продолжение низ чаршијата. Денес, овој правец е пресечен со булеварот Гоце Делчев, а точката на пресекот се смета и за влез во чаршијата. Голема улога за денешната изглед и обем на простирање на чаршијата има процесот на контролирана или неконтролирана урбанизација. Објектите кои се наоѓаат во чаршијата се групирани во повеќе од педесет урбани блокови, а притоа е сочувана автентичноста на уличната мрежа. Сепак, некои делови значително се изменети во споредба со времето пред земјотресот од 1963 година, а изменета е и автентичноста на некои објекти, што сериозно влијаело на нарушување на основниот карактер на видот на чаршијата. Промени има и во поглед на функцијата на чаршијата, па така нејзината денешна функција се огледува преку општите стопански и економски состојби.[33]

Занаетчиство

уреди

Најголемиот процут на занаетчиството во чаршијата бил во текот на XIX век, а кон крајот на столетието, просторот на истата бил поделен врз основа на еснафската поделба меѓу занаетите. Според тоа, еден занает или повеќе помали и сродни занаети биле застапени во една улица или еден блок, со што биле создадени повеќе помали чаршии. Така, една од поголемите чаршии била Бакалската чаршија, која била дел од Покриената чаршија и се наоѓала на улицата Белградска. Во рамките на Покриената чаршија се наоѓала и Кафтанџиската, чијшто еснаф бил најголем, а занаетот најважен во Скопје во тој период. Кафтанџиската чаршија, пак, била една од најстарите чаршии воопшто во градот. Спроти Куршумли-ан се наоѓала Железарската чаршија, а кон неа се надоврзувала Опинчарската. Казанџиската чаршија била сместена на улицата Караорман и по неа продолжувала Туфекџиската, а во рамките на овие две биле сместени ибрикџиите. На просторот на чаршијата постоеле уште Јорганџиска и Ковачка чаршија; Ќурчиска, која се наоѓала во близина на Ќурчи ан; Чибукџиска, која била веднаш до Казанџиската и Папуџиско одларе, кое се наоѓало јужно од Капан ан.[34]

Изучувањето на занаетите во тоа време било тесно поврзано со општествената положба на занаетчиите и една од функциите во еснафската организација. Учениците на занаетчиите биле земани да ги изучуваат занаетите за период од 5 до 10 години, а понекогаш тој можел да биде и подолг, што зависело од особеностите на занаетот којшто требало да биде совладан. Кога започнувале да го изучуваат занаетот, мајсторот морал да ги снабди своите ученици со потребните алати за работа. Познато е дека секој занаетчија морал да обучи барем по еден син, што придонело кон пренесување на занаетот од колено на колено и создавање на занаетчиски семејства. На тој начин, имињата кои тие ги уживале како прекари прераснале дури и во нивни презимиња.[35]

Знаменитости

уреди

Камен мост

уреди
 
Камениот мост навечер

Камениот мост на реката на Вардар ги поврзува плоштадот Македонија на десниот брег и Старата скопска чаршија на левиот брег од реката. За неговото постоење постојат две различни мислења. Според првото, изграден е во VI век, непосредно по катастрофалниот земјотрес во 518 година, во време на владеењето на императорот Јустинијан I. Други сметаат дека мостот бил изграден во втората половина на XV век, меѓу 1451 и 1469, време кога на чело на Отоманското Царство бил султанот Мехмед II Освојувачот.[36] Низ вековите претрпел повеќе промени, па така доградуван е во време на султанот Сулејман Величествениот и на српскиот цар Душан.[37] За време на Втората светска војна, мостот бил миниран, но по ослободувањето на градот било спречено активирањето на динамитот, со што мостот бил спасен од уривање.[38] Современите промени и доградувања имаат за цел да го доближат кон неговиот првобитен изглед.[39]

Мостот е изграден од травертински камени блокови, врзани со железни куки и зацврстени со леано олово и кршен камен и малтер.[36] Во својот првобитен изглед содржел 13 полукружни лакови, имал должина од 213,85 m (329 чекори) и ширина од 6,33 m.[40] Денес, мостот е прооден само за пешаци, но историски по него се одвивал и жив сообраќај.[37]

Името „Камен мост“ го добил поради тоа што бил изграден со употреба на кршен камен.[41] Освен тоа, мостот историски е познат и како „Душанов мост“, во чест на српскиот цар Душан.[37]

Камениот мост се смета за симбол на градот Скопје и е прикажан како составен елемент на грбот на градот.[42]

Црква „Св. Димитрија“

уреди
 
Црквата „Св. Димитрија“ во 1935 година

Православната црква „Св. Димитрија“ е сместена во непосредна близина на Камениот мост, на почетокот од чаршијата од нејзината јужна страна и под Скопското кале.[43] Посветена е на великомаченикот Свети Димитриј Солунски. Од натписот на влезната порта од црквата се дознава дека на местото на коешто се наоѓа имало стар храм уште од XVI век. Во 1727 година за првпат црквата се споменува како катедрална, а во текот на XIX век во неа била сместена Скопската митрополија. Во тој период биле извршени неколку доградувања и реновации на црквата, која денешниот облик го добила во 1896 година, кога и била осветена. Нејзината камбанарија, пак, била доградена во периодот од 1907 до 1908 година.[44] Во текот на XX век, црквата била од исклучително значење, а до изградбата на црквата „Св. Климент Охридски“ служела како соборен храм на Македонската православна црква.[43]

Храмот претставува трободна црква со апсида. Градбата е ѕидана со камен и малтер и е поделена во два реда со по три столба. Во нејзиниот внатрешен дел се наоѓаат галерија, певница и престол за владиката. Црквата изобилува и со живописни мотиви, при што на куполата е насликан „Исус Седржителот“. Во предворието на црквата се наоѓа гробот на првиот поглавар на Македонската православна црква, г.г. Доситеј, додека до источниот ѕид од надворешната страна на црквата е сместен гробот на вториот поглавар, г.г. Ангелариј.[43]

Даут-пашин амам

уреди

Даут-пашиниот амам се наоѓа на почетокот од чаршијата, во непосредна близина на црквата „Св. Димитрија“. Изграден е во периодот од 1489 до 1497 година, како завештание на тогашниот везир на Румелија, Даут-паша, но имињата на неговите архитекти сè уште се непознати. Објектот тешко настрадал во пожарот од 1689 година и бил препуштен на постепено пропаѓање. Бил обновен во 1948, кога е пренаменет во уметничка галерија. Оштетувања претрпел и со земјотресот во 1963, но набргу бил реновиран и оттогаш повторно работи како уметничка галерија. Денес, тој е единствената преостаната градба на некогашната „исламска тројка“, која уште ја сочинувале џамијата Ибни Пајко и карвансарајот.[45]

 
Воздушен поглед на Даут-пашиниот амам

Објектот има правоаголна форма, со мали незначителни проширувања на неговата јужна и северна страна. Неговата архитектура е монументална, а изградбата е изведена со префинетост. Ѕидовите на градбата се масивни и содржат мали отвори со лачно и архитравно засводени полиња, во кои се сместени прозорците и вратите. Влезните врати се наоѓаат на ѕидови кои се изведени со профилирани плочи, а на западната страна од фасадата на амамот се наоѓа отвор, кој е врамен во профилирана мермерна рамка, во која се наоѓала плоча со натпис. Внатрешноста е покриена со 13 куполи со различна големина, од кои се издвојуваат двете најголеми на западната страна, додека останатите 11 се несиметрично распоредени над другиот дел од амамот. Во објектот се наоѓаат 15 простории, кои се осветлени со помош на ѕвездестите отвори на куполите покриени со стакло. Од внатрешната страна, ѕидовите биле украсени со живописна орнаментика.[45] Бидејќи претставувал двоен (чифте) амам, имал два посебни влеза, еден за мажи, и еден за жени. Во склад со исламските канони, вака поделените влезови не се наоѓале на иста страна.[46]

Според сознанијата, Даут-пашиниот амам никогаш не бил пуштен во употреба како амам, за што постојат две легенди. Според едната, за затоплување на амамот биле потребни големи количества на огревни дрва, кои не можеле да се обезбедат поради тоа што шумата на планината Водно била речиси уништена, па недостигот на огревно дрво го оневозможил пуштањето во употреба на објектот. Втората легенда е врзана за ќерката на Даут-паша, која пред пуштањето во употреба го посетила амамот и била касната од змија-отровница и потоа починала. Тогаш, Даут-паша наредил анот да биде затворен и никогаш повеќе да не се користи.[45]

Споменик на Скендербег

уреди
 
Споменикот на Скендербег

Споменикот на Скендербег се наоѓа на влезот во чаршијата, спроти Даут-пашиниот амам и во непосредна близина на Капан ан. Дело е на албанскиот вајар Тома Томаи Дема Бекир и претставува спомен-обележје на албанскиот средновековен водач Ѓорѓија Кастриот. Изработен е од бронза и е висок 5,5 m, а тежок 2,7 тони.[29][47]

Поставувањето на споменикот во Старата скопска чаршија долго време било спорно. Градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, како поттикнувач на проектот, наводно немал одобрение од Министерството за култура за постаување на споменикот, а со идејата за откривањето на споменикот не биле согласни ниту тогашниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, ниту некои опозициски политички партии. Сепак, градскиот совет даде поддршка за подигнување на споменикот, а според владините извори било потврдено присуството на нејзини претставници на свеченото отворање закажано за Денот на албанското знаме, но само доколку бидат почитувани законските прописи. Конечно, споменикот бил откриен на 28 ноември 2006 година, а по тој повод била организирана и свеченост, на која присуствуваа високи претставници од земјата и странство.[29] На 17 јануари 2012, на просторот од споменикот до Даут-пашиниот амам и над булеварот Гоце Делчев бил поставен камен-темелник за изградба на плоштад кој како и споменикот ќе го носи името „Скендербег“.[31]

Капан-ан

уреди

Поранешниот карвансарај и конак Капан-ан е сместен во внатрешноста на чаршијата. Изграден е во втората половина на XV век, по наредба на третиот отомански управител, Иса-бег. За првпат се споменува во вакуфнамата на Јаја-пашината џамија во 1506 година. Низ историјата, одиграл голема улога во развојот на сообраќајната трговија, бидејќи претставувал место во коешто преноќевале трговски патници од многу далечни места. Анот бил разрушен со земјотресот во 1555 година, а потоа и во пожарот од 1689 година, по што бил реконструиран на доста попрост начин, со дрвена конструкција, а од првобитниот изглед се зачувани само неговите долни делови.[48] Како ан работел сè до Втората светска војна.[49] Во земјотресот од 1963 г., објектот, речиси, целосно бил разрушен и бил обновен и повторно пуштен во употреба во 1974 година. Денес, во него се сместени дуќани, меани и деловни канцеларии.[48]

 
Внатрешен ходник во Капан ан

Објектот претставува правоаголна градба со површина од 1.066 m2, којашто однадвор е целосно затворена и содржи голем квадратен двор во внатрешноста.[50] Има вкупно 44 простории, кои служеле за сместување на патниците и трговците со нивните карвани. Собите биле подредени во низа и распределени на приземјето и катот, од сите четири страни. На катот има дрвен трем на сите четири страни, на чии дрвени столбови е подигнат кровот. Кон анот водат два влеза, на јужната и северната страна, во кои се влегува преку дрвени врати.[48] Делот од чаршијата околу анот бил наречен Капан чаршија, а пред анот имало и чешма наречена Капан чешма.[50]

Анот, името го добил од арапскиот збор „капан“ (арапски: kabban), кој се однесувал на големиот јавен кантар којшто бил сместен во или пред неговите порти и служел за мерење на стоката.[51]

Мурат-пашина џамија

уреди
 
Мурат-пашина џамија

Мурат-пашината џамија се наоѓа во самиот средиштен дел на чаршијата, во непосредна близина на Чифте амамот. Според натписот на мермерната плоча над влезната врата во џамијата, на арапски јазик е објаснето дека истата била изградена некаде околу 1802 и 1803 година, откако претходно изгорела во пожарот од 1689 година.[52] Извршени се истражувања, кои потврдуваат дека на истото место се наоѓала постара градба, од чии ѕидови се откриени остатоци. Последен пат, џамијата е реновирана кон крајот на XX век од страна на скопското муфтиство, во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата на Република Македонија.[53]

Освен минарето, џамијата е релативно нова градба и припаѓа на османлискиот барокен стил со примена на неокласицистички исламски елементи. Градбата е со четвртест облик и е покриена со покрив на четири води. Покрај главниот влез има и влез кој се наоѓа на северната страна. Внатрешноста на џамијата содржи дрвен касетиран таван, како и галерија (махвил), махриб и говорница (мимбер), кои се сметаат за карактеристични елементи на османлиската барокна архитектура.[53] Во дворот на џамијата се наоѓа шадрван изграден во 1937 година. Пронајдени се и остатоци од гробишта, т.е. три надгробни споменици, кои потекнуваат од 1741 и 1790 година, додека за третиот е тешко да се утврди датумот.[52]

Чифте амам

уреди
 
Чифте амам

Поранешниот амам Чифте амам се наоѓа во средишниот дел на чаршијата, поточно на потегот меѓу Мурат-пашиата џамија и Сули ан. Заедно со овие два објекта ја сочинува единствената постојна „исламска тројка“ на просторот на чаршијата и во Скопје воопшто. Амамот е изграден во втората половина на XV век, како завештание на Иса-бег. За првпат се споменува во вакуфнамата на Иса-беговата џамија во 1531 година. Тешко бил погоден со земјотресот од 1963 година, но подоцна е обновен и денес претставува уметничка галерија.[54] Во него е сместен и дел од поставката на Националната галерија на Македонија, чиешто седиште се наоѓа во Даут-пашиниот амам.[55]

Објектот е редок пример на Балканот со голема архитектонска вредност, којашто денес не може да дојде до израз, бидејќи амамот, речиси, целосно е опколен со дуќани. Тој претставува монолитна градба, а при неговата изградба, особено, се водело сметка за функционалното единство и надворешното обликување. Граден е од камен, тули и малтер. Содржи две поголеми куполи и повеќе помали. Се состои од два дела, машки и женски, па оттаму и го добил името „чифте“, односно двоен амам.[54] За разлика од другите двојни амами, машкиот и женскиот дел во Чифте амамот се спојуваат во делот за капење.[56]

Во чест на наредбодавачот за негова изградба, Иса-бег, познат е и под името „Иса-бегов амам“, додека познатиот патописец Евлија Челебија во своите записи го нарекува „нов амам“.[56]

Сули-ан

уреди
 
Внатрешниот двор на Сули ан

Во непосредна близина на Чифте амамот и на влезот во чаршијата од страната на Бит-пазар се наоѓа поранешниот карвансарај Сули ан. Изграден е во првата половина на XV век од страна на Исхак-бег и во неговото завештание е оставен како дел од имотот на Исхак-беговата (Шарена) џамија. Анот, за првпат се споменува во документите од времето на Иса-бег, син на Исхак-бег, каде што е прикажан збирен преглед на приходите и расходите од вакуфот на Исхак-бег. Во текот на XVI век, тој бил пренаменет и на долниот и горниот кат биле отворени дуќани, главно во сопственост на Евреи. Анот тешко настрадал во пожарот од 1689 година, по што бил обновен и продолжил да работи како трговски објект. По земјотресот од 1963 г. бил речиси целосно разрушен, а подоцна повторно е обновен.[57] Во него, денес се сместени Музејот на Старата чаршија, а од 1982 година и Ликовната академија.[58]

Градбата е карактеристичен претставник на исламската световна архитектура, а по својот облик е слична на поголемиот Куршумли ан. Неговата основа претставува квадрат и зафаќа површина од 2.101 m2[59]. Граден а на ист начин како и останатите карвансараи, со делкан камен, редови тули и слоевит малтер. Се состои од приземје и кат со масивни ѕидови и сводови. Приземјето служело за чување на стоката, додека патниците и трговците преноќевале на катот. Тремот е подигнат на 18 столбови, а собите биле подредени во низа и распределени на сите четири страни. Кон анот водат два влеза, на источната и на западната страна, од кои главниот се наоѓал на источната и во минатото пред него течела реката Серава. Поради големиот број дуќани наоколу, анот остава впечаток дека е вовлечен во просторот.[57]

Во заветот на Иса-бег, анот се споменува под името „стар ан“. Името „Сули ан“, коешто во превод од турски значи „воден ан“, го добил подоцна, поради тоа што се наоѓал во непосредна близина на течението на реката Серава.[59]

Безистен

уреди
 
Влезната порта на безистенот

Скопскиот безистен е сместен во внатрешноста на чаршијата, веднаш над западниот влез од Сули ан. Бил изграден во XV век, во време кога со Скопје управувал Исхак-бег и набргу станал центар на трговијата во градот, околу кој се создавала чаршијата. Во текот на времето попримил повеќе функции, кои зависеле од големината и потребите на градот. Како последица на пожарот од 1689 г., безистенот бил целосно уништен. Од натписот што се наоѓа на поставената плоча на неговиот влез се дознава дека бил обновен дури во периодот од 1899 до 1900 година. Како негови повторни градители се споменуваат имињата на Хаџи Хусеин, Осман и Јашар-бег. Оттогаш, го зачувал својот облик до денес.[60]

За првобитниот изглед на безистенот не постојат веродостојни податоци, иако тој се споменува во записите на повеќе патописци, меѓу кои и на Евлија Челебија. Првите поконкретни податоци се добиени при реконструирањето на новиот безистен во 1964 и 1965 година, кога се откриени остатоци од ѕидовите на стариот безистен, неговите темели и од два столба. Според добиените сознанија, безистенот кој бил изграден во времето на Исхак-бег бил околу еден метар под нивото на денешниот безистен и имал ѕидови со дебелина од 2,6 m. Спаѓал во групата на засводени безистени, покриени со повеќе куполи.[60]

Во неговиот денешен облик, безистенот претставува камена градба со правоаголен објект, на која е забележително влијанието на западната архитектура. Содржи четири влеза, кои се распоредени во средишните делови на фасадите од сите четири страни. Внатрешноста се состои од систем на улички кои водат до двокатните дуќани, покриени со дрвореден покрив. Во него се наоѓаат и два изолирани двокатни објекта.[60]

Џамија Ќосе Кади

уреди

Џамијата Ќосе Кади се наоѓа во непосредна близина на Безистенот. За времето на нејзината изградба не постојат точни податоци, но се претпоставува дека била изградена во текот на XVIII век. Претрпела огромни штети со земјотресот во 1963 г., иако и претходно била запуштена. Нејзиното обновување започнало во 1992 година, врз основа на нацрт изработен од страна на Архитектонскиот факултет во Скопје, а проектот бил финансиран од страна на Исламската Верска Заедница во Македонија. Џамијата повторно била отворена во 1996 година.[61]

Архитектурата на џамијата е необична, па така градбата се состои од приземје и кат. На приземјето, односно под џамијата минува улица со дуќани, додека молитвениот простор се наоѓа на катот.[61]

Џамија Араста

уреди
 
Џамија Араста

На просторот меѓу Безистенот и Куршумли ан се наоѓа џамијата Араста, којашто е еден од првите објекти околу кој се создавала чаршијата. Се претпоставува дека била изградена во текот на XV век, кога биле изградени најстарите џамии во Скопје. Најстарите податоци поврзани со џамијата се пронајдени во сиџил од 1699 година, во кој се наведува дека од завештанието на Паша Јигит-бег се исплатувал хатибот во џамијата со 8 акчиња на ден. Познато е дека џамијата била обновена во XVIII век, а целосно била разрушена во земјотресот од 1963 година.[62] Во април 2010 година, Исламската Верска Заедница во Македонија започна со обновување на објектот, што од страна на Националниот конзерваториски центар на Македонија било оспорено како незаконски и без дозвола.[63][64] Освен тоа, директорот на Националниот конзерваториски центар истакна дека со започнувањето на обновувањето е причинета голема штета и притоа се урнати и последните остатоци од некогашната градба.[65][66] Обновувањето на џамијата било завршено и истата била повторно отворена во 2014 година.

Името „Араста“ е име кое го добивале големите и важни чаршии во градовите, а покрај нив и големите и значајни џамии. Според тоа, се претпоставува дека џамијата го добила своето име по некогашната чаршија Араста која се наоѓала во Старата скопска чаршија.[49]

Црква „Св. Спас“

уреди
 
Црквата „Св. Спас“ со дрвената камбанарија

Црквата „Св. Спас“ е сместена на просторот источно од Скопското кале.[67] Била изградена кон средината на XVI век, врз темелите на постара црква, за што сведочи и пронајдениот фрескопис на јужниот ѕид од црквата по земјотресот во 1963 година.[68] Претрпела големи штети со пожарот во 1689 г., по што била обновена. Во 1824 година бил завршен иконостасот на црквата, а во 1867 година, помали икони за црквата изработил Дичо Зограф.[67] Денешниот изглед црквата го добила во текот на XIX век.[69]

 
Саркофагот на Гоце Делчев

Надворешен изглед на градбата е доста неугледен, а кон влезната врата водат неколку камени скалила. Карактеристично за црквата е тоа што при нејзината изградба морала дополу да биде вкопана во земја, бидејќи отоманските власти не дозволувале црквите да бидат повисоки од џамиите. Според тоа, за да се постигне потребната висина на камбанаријата над висината на остатокот од градбата, црквата била вкопана во земја. Во внатрешниот дел од црквата се наоѓа иконостасот, кој се смета за вистинско ремек-дело. Долг е 10, а широк 6 m и во горниот позлатен дел содржи „змиски крст“, со придружба на иконите на Св. Богородица и Св. Јован. Иконостасот е поделен на 5 хоризонтални зони, во кои се искористени мотиви од геометриски форми, растителниот и животинскиот свет и сцени од Стариот и Новиот завет. На иконостасот се наоѓаат многубројни икони, поделени во два реда: големи престолни во горниот и мали престолни во долниот. Освен нив, црквата изобилува со икони и надвор од иконостасот. Во западниот дел од црквата е изградена галерија за жени-вернички, а во нејзиното предворие се наоѓа мермерен саркофаг, во кој се чуваат моштите на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Во конакот од црквата, денес е сместен Заводот за заштита на спомениците на културата на Град Скопје.[69]

Тврдина Кале

уреди

Тврдината Кале се наоѓа на истоимениот рид, во самиот центар на Скопје, на левиот брег на реката Вардар и делумно во западниот дел од чаршијата. Според досегашните сознанија, просторот на кој се наоѓа денешната тврдина бил населен уште во времето на праисторијата, т.е. некаде околу IV до III милениум п.н.е. Калето повторно било населено некаде околу VII до VI век п.н.е., а оваа населба била заштитена со ѕидови и постоела некаде до IV или III век п.н.е. Пронајдени се остатоци од куќи-полуземјанки, кои имале четириаголна основа и рамен под и биле изградени длабоко во земјата. Следната фаза во историскиот развој е околу V до VI век, кога околу населбата бил подигнат нов ѕид. Куќите од овој период имале четириаголен облик и биле градени од дрвени греди.[70] Во изворите, градската населба „Скопје“ за првпат се споменува кон крајот на IX век како „скопска војска“.[71] Според тврдењата на проф. Иван Микулчиќ, Скопското кале повторно било населенов во XX век, кога во времето на Самоиловото Царство било една од поважните стратегиски точки во државата. Утврдено е дека најстарите елементи на главниот градски ѕид потекнуваат токму од тоа време, а Микулчиќ истакнува и дека тоа се единствените засега познати Самоилови ѕидишта во Македонија. Во текот на XI век биле изградени т.н. „киклопски ѕидови“, а зафати на градскиот ѕид биле вршени во времето на династијата на Комнините и во периодот од XIII до XIV век. За време на отоманското владеење, тврдината била запоставена и местото било иселено. Детален опис за нејзиниот изглед во текот на XVII век дал Евблија Челебија, а дваесетина години подоцна во писмо до австрискиот цар Леополд I Хабсбуршки, генералот Пиколомини запишал:

Тврдината е ѕидана на стар начин, сега наполно без одбрана и вода, нема простор за коњица.[70]
 
Поглед на тврдината Кале

Во текот на XIX век, на тврдината се наоѓале магацини, барутани, воена болница и затвор, а слична намена имала и во првата половина на XX век, сè до 1951 г., кога војската го напуштила калето. Скопското кале претрпело големи оштетувања со земјотресот од 1963 г., па така разурнати биле бедемите, одбранбените кули и зградите во склоп на тврдината, што придонело неговото обновување да биде значително отежнато.[70] Неговата реконструкција била завршена со доградувањето на југозападниот бедем во септември 2010 година, кој бил осветлен во пресрет на Денот на независноста на Македонија.[72] Во февруари 2011 г. се појавија сомнежи дека на Скопското кале се гради црква-музеј, кои предизвикаа судир меѓу млади луѓе, припадници на македонската и албанската националност.[73] Како последица на овој судир, оттогаш калето е затворено и поради безбедносни причини се забранува негово туристичко посетување.[74]

Тврдината е сместена на јужниот крај на геолошкиот предел од скаменети лапорести седименти и мек песочен слој, кој се протега на подрачјето меѓу реките Вардар и Лепенец. Има облик на триаголник, зарамнет во северниот дел и со израз пад на јужната и западната страна. Источниот дел од калето скалесто слегува кон течението на реката Серава и денес во него е сместен дел од чаршијата.[70]

Во рамките на Скопското кале постојат голем број на археолошки наоѓалишта, на кои се вршени повеќе истражувања. Значајни археолошки ископувања се спроведени во периодот од 1953 до 1967 година. од кои се добиени материјални докази за постоењето на доцнонеолитска населба на просторот.[70] Најновите археолошки ископувања биле започнати на 14 мај 2007 година.[75]. Во ископувањата биле вклучени повеќе од 200 археолози, историчари и работници, а проектот имаше за цел да се истражат, заштитат и обноват бедемите и кулите на југозападниот дел од тврдината.[76]

Калето, слично како и Камениот мост, се смета за еден од симболите на градот Скопје и е прикажано како составен елемент на грбот на градот.[42]

Музеј на современата уметност

уреди

Музејот на современата уметност е сместен на самиот рид „Кале“, во непосредна близина на тврдината. Идејата за формирање на ваков музеј возникнала по земјотресот во 1963 и големиот број на пристигнати уметнички дела, како солидарност од страна на меѓународните организации, музеи и поединци. Со цел да се сместат овие подароци, на 11 февруари 1964 година е донесена одлука за основање на Музејот на современа уметност. Бројот на дарувања и подароци се зголемил во последните неколку години, а во периодот од 1966 до 1970 г. бил изнајмен галериски простор за одржување на изложби. Поради зголемените потреби, во 1969 г., започнала изградбата на новата музејска зграда, којашто била свечено отворена на 13 ноември 1970 година.[77] Денес, овој музеј е единствената институција во Македонија, којашто собира и обработува документација за македонската уметност, а исто така и единствена институција, каде што се прикажуваат историски филмови од големо значење.[78]

Зградата на музејот зафаќа вкупна површина од над 5.000 m2, а неа ја сочинуваат три поврзани објекти, во кои се распоредени салите за повремени изложби, просторот за постојана поставка, салата за предавања, библиотека и архива и другите простории. Надворешната површина околу Музејот служи за спроведвање на разни вајарски проекти.[79] Во просториите на музејот се одржуваат изложби, настани поврзани со македонската и странската уметност, трибини, разговори со уметници, филмски прикажување и други културно-уметнички настани. Музејот, исто така, располага со драгоцена меѓународна зборка, која дава претстава за македонската современа уметност.[78]

Вилаетски конак „Уќумат“ и Стара турска пошта

уреди

Вилаетскиот конак „Уќумат“ се наоѓа во северниот дел од чаршијата, веднаш до зградата на Старата турска пошта и во непосредна близина на Мустафа-пашината џамија. Изграден е кон крајот на XIX век и во него била сместена највисоката вилаетска управа, откако во 1888 година, во Скопје било преместено седиштето на Косовскиот вилает од Приштина и во градот останало сè до 1912 година. Во тој период, од уметничко-занаетчиското училиште „Ислахана“ била преместена и печатницата на косовскиот вилает, која била сместена во посебно утврдени простории од конакот. Објектот претрпел сериозни оштетувања во земјотресот од 1963 година, по којшто бил реконструиран и денес служи за деловна цели. Градбата е изградена во духот на исламската архитектура. Нејзината основа е во облик на правоаголник, а се состои од приземје и кат.[80]

Старата турска пошта е сместена меѓу вилаетскиот конак „Уќумат“ и Мустафа-пашината џамија, спроти тврдината Кале. Зградата е изградена на крајот од XIX век, за што сведочи натписот на камената плоча поставена над влезната врата. Во времето на нејзината изградба, таа била првата турска телеграфана во градот.[81] Првобитно, објектот имал правоаголна основа и се состоел од приземје и кат, а подоцна бил дограден уште еден кат. Како последица на земјотресот од 1963 година, објектот бил оштетен и со неговата реконструкција бил отстранет доградениот кат.[82]

Мустафа-пашина џамија

уреди
 
Мустафа-пашината џамија на разгледница од 1917 година

Мустафа-пашината џамија се наоѓа на потегот меѓу Куршумли ан, црквата „Св. Спас“ и Калето. Џамијата била изградена во 1492 година, како завештание на Мустафа-паша, кој бил везир на султаните Бајазит II и Селим I и извршувал високи функции во Отоманското Царство.[83] Од мермерната плоча над влезната врата, на која е запишан текст со арапско писмо, се дознава дека објектот бил изграден на темелите на некоја средновековна црква. За разлика од останатите градби во и околу чаршијата, Мустафа-пашината џамија не претрпела големи оштетувања со земјотресот од 1963 г., но сепак по него се извршени некои реконструкциски зафати.[84] Последното обновување заврши во 2011 година, а на свеченото отворање на џамијата присуствуваше делегација од Турција, предводена од вицепремиерот Бекир Боздаг.[85]

 
Внатрешноста на џамијата

Градбата на џамијата е карактеристичен претставник на раната цариградска архитектура. Нејзината основа е квадратна и е покриена со купола, чиј пречник изнесува 16,3 m. Куполата била изградена на тромпи коишто се украсени со арабески и од чијашто лева страна се наоѓаат мотиви насликани од времето на изградбата на џамијата, додека од десната страна понови и без некоја посебна уметничка вредност. Објектот е ѕидан со клепан камен и два реда тули. Влзот во џамијата е преку тремот, којшто е изработен од бел мермер, а пред него се наоѓаат четири мермерни столбови кои се поврзани со полукружни лакови. Целиот овој дел е покриен со три мали куполи. Минарето високо 47 m е издигнато на северниот дел од џамијата и е изградено од клепан бигор. Во внатрешноста на џамијата се наоѓа молитвениот простор, на чијшто југоисточниот дел е сместен михработ, од кој оџата го чита Куранот, а десно од михработ се наоѓа говорница (мимбер), од која се читаат молитвите. Во кружниот простор со арабески, на исток и запад се запишани имињата на Мухамед и Алах, додека на југ и север оние на халифите: Евубекир, Омер, Осман и Али. Веднаш над влезната врата се наоѓа галерија (мехвил).[84]

Во рамките на џамијата влегуваат и турбето, каде што во 1519 година бил погребан Мустафа-паша; саркофагот на неговата ќерка Уми; шадрван, пред самиот влез на џамијата; надгробни нишани и остатоци од некогашните имарет и медреса.[83]

Музеј на Македонија

уреди
 
Главната зграда на Музејот на Македонија

Групата згради во рамките на Музејот на Македонија се сместени на крајот од чаршијата, во непосредна близина на Куршумли-ан и под Скопското кале. Музејот е национална институција во Македонија и е еден од најстарите музеи во земјата. Формиран е со обединување на археолошки, историски и етнолошки музеј, од кои археолошкиот е најстар и бил основан во 1924 година, што се смета и за година на основање на целиот музеј.[86] Во 1945 година е основан Народниот музеј на Република Македонија, а посебните одделенија во музејот биле претворени во Археолошки музеј на Македонија и Етнолошки музеј на Македонија во 1949 година. Историскиот музеј е основан во 1953 година, само една година по формирањето на Музејот на НОБ. Зградите во кои денес е сместен Музејот се изградени во 1976 година, во кои трите музеи биле споени во 1984 и кон кои во 1991 година бил придодаден новоформираниот Оддел за уметност.[87]

Музејот се простира на повеќе од 10.000 m2, од кои околу 6.000 m2 служат како простор за постојани и повремени изложби. Неговата основна дејност е прибирање, истражување, чување, заштитување и прикажување на историско-културното наследство на Македонија, по пат на обединување на збирки од областа на антропологијата, археологијата, етнологијата и историјата на уметноста.[88] Во рамките на музејот работи и конзервативна лабораторија, која се занимава со чистење, реконструкција и заштита на предмети, како и спроведување на хемиски и биолошки анализи, со цел продолжување на векот на предметите.[89]

Куршумли-ан

уреди

Најголемиот од поранешните карвансараи, Куршумли ан, е сметен на местото на поранешната железарска чаршија, во непосредна близина на зградите на Музејот на Македонија. Сигурни податоци за времето на изградба на анот нема, иако се претпоставува дека бил изграден во текот на XVI век, околу 1540 година, и тоа на местото на некоја постара градба. Според Стојан Новаковиќ и Гедеон Јуришиќ тој бил изграден во XVI век и служел како воена касарна, додека Иван Јастребов смета дека поради применетата ѕидарска техника и начинот а изградба, објектот бил изграден уште во времето на императорот Јустинијан I во VI век. Трето мислење е дека бил изграден од страна на дубровничките трговци, кои во градот создаел своја колонија. Турските извори, пак, посочуваат дека анот бил изграден како завештание на Мула Муследин Оџа во 1550 година. Низ историјата, Куршумли-ан служел за различни намени. Најпрво, тој бил ан и неговата основна намена била од трговски и занаетчиски карактер, односно да ги вгости карваните со трговска и занаетчиска стока. Така, на неговите ѕидови се најдени потписи на некои дубровчани од XVI век. Како ан работел до 1787 г., кога бил претворен во затвор и повторно од 1904 до 1912 година. Анот претрпел штети со земјотресот од 1963, но набргу бил целосно обновен.[90]

 
Дворот во анот со шадрванот во средина

Објектот зафаќа површина од 2.800 m2 со 60 простории сместени на два ката. Се состои од два дела, од кои поголемиот дел служел за сместување на трговците со нивната стока, додека другиот содржел штала и други помошни простории.[91] Главниот влез се наоѓа на јужната страна и води до дворот на поголемиот дел, во чијашто средина се наоѓа шадрван. Над главниот влез е изграден трем со куполест покрив. Од левата и десната страна на приземјето и на катот се простира отворен трем, изграден со големи квадратни камени столбови, кои меѓусебно се поврзани со полукружни лакови. Приземјето служело за сместување на стоката, додека на катот се наоѓале собите во кои почивале гостите. Вториот дел служел како коњушница и во него се влегува преку поголемиот дел или преку влезот сместен на источната страна. Ѕидовите се изградени во византиски стил, со редење на тули и камен и со високо подигнати прозорци. Над нив има мали куполи кои наликуваат на пирамиди со благо извишени страни и во минатото биле покриени со олово.[90]

На почетокот бил познат како „ан на Муследин Оџа“, во чест на наредбодавачот за негова изградба. Се верува дека името „Куршумли ан“, коешто во превод од турски значи „оловен ан“, го добил во текот на XIX век, поради покривот кој бил изработен од олово.[92]

Џамија Худаверди

уреди

Џамијата Худаверди е сместена на потегот меѓу Куршумли-ан и пазариштето Бит-пазар. Се претпоставува дека е изградена кон крајот на XV и почетокот на XVI век, а низ историјата била повеќепати уривана по што била обновувана. За последен пат е обновена во 1995 година по штетите настанати од земјотресот во 1963 година.[93][94]

Градбата била изградена во исламски стил, со примена на градежна техника од редење на тули и малтер, што денес е забележливо на минарето и на некои од останатите зачувани делови. Во својот првобитен изглед, објектот имал купола која била поставена над тамбур со шестаголна основа, а преминот од квадратниот во кружниот простор бил овозможен со помош на пандантифи. На краевите се наоѓале два многуаголни мермерни столба, украсени со пластика, кои служеле како потпора на сводната конструкција на тремот. Влезната порта на џамијата се наоѓа во средишниот дел од северниот ѕид и е сместена во мермерна рамка со мермерно изведен лак. Од двете страни на портата се наоѓа по еден прозорец, окружен со мермерна рамка и покриен со железни решетки, а од внатрешната страна се сочувани и дрвените крила од прозорците со метални украсни елементи. Првобитниот изглед на минарето не е познато, а истото било обновено во текот на 2012 година. Во долниот дел е со правоаголна основа, а преминот во кружното стебло е украсно изведен.[94]

Џамија Хаџи Балабан

уреди

На просторот меѓу Куршумли-ан и џамијата Дуќанџик е сместена џамијата Хаџи Балабан. Се претпоставува дека била изградена во текот на XV век, при што на натписот на влезната порта се споменува 1440 година. Денес, џамијата е сочувана во добра состојба, но во изменет облик, што се должи на бројните промени коишто ги претрпела по оштетувањата низ историјата.[95]

Покривот на џамијата е со четириаголен облик и е изработен од ќерамиди, а под него е сместен и тремот од градбата, кого го сочинуваат два мермерни столба со украси на капителите и базисите и посочуваат на тоа дека тремот бил сводно покриен. Во внатрешноста на објектот се пронајдени остатоци од сводна конструкција, кои наведуваат дека над молитвениот простор се наоѓала купола. Минарето е високо и има многуаголен облик, а со својата автентичност се одликува во горниот дел.[95]

Џамија Дуќанџик

уреди
 
Џамија Дуќанџик

Џамијата Дуќанџик се наоѓа во истоимената населба, на самата периферија од чаршијата. Не е познато кога точно џамијата била изградена, но според пишан документ за нејзиниот градител, како најдоцен датум може да се земе предвид 1549 година. Нарачател на нејзината изградба бил Муезин-оџа Продавачот, кој бил познат и по изградбата на џамии во Нови Пазар и Трепча. Во своето завештание, во кое се нашле Куршумли ан, Ѓулчилер амам и бројни дуќани, тој го вклучил водоводот изграден за шадрванот од џамијата. Како последица на земјотресот од 1963 година, џамијата претрпела големи штети и била во голем дел разрушена, а неоштетено останало само нејзиното минаре. Со преземените активности за отстранување на урнатините во 1984, пронајдени се делови од објект и градежен материјал постари од XV век, па се претпоставува дека била изградена врз темелите на постара градба.[96] Во 2004 година е започнато обновување на објектот, коешто било помогнато од страна на арапскиот емират Шаржах и неколку други турски организации. Свеченото отворање на обновената џамија се одржа на 4 мај 2007 година.[97]

Градбата спаѓа во групата на еднопросторни куполни џамии. Првобитно, куполата на тромпи била поставена над доста висок тамбур со осумаголна основа, при што тромпите овозможувале премин од квадратниот простор до тамбурот. По широчината на објектот пред неговиот средиштен дел имало трем со два четириаголни столба, над кои се наоѓала сводната конструкција со две помали куполи покриени со олово. Тремот бил поставен во правоаголна рамка и бил обложен со обработен камен, а содржел и надворешен михраб и сталактитни украси. Влезот на џамијата бил поставен несиметрично и бил сместен на левата страна, речиси до бочниот ѕид. Внатрешноста на објектот се одликувал со михработ, чијашто ниша била украсена со сталактити. Објектот има високо минаре кое било ѕидано со обработен камен и е со многуаголна основа. Во долниот дел од минарето има два камени прстена, а содржи и сталактитни украси под шерефето и парапетни плочки со ориентални мотиви.[96]

Во почетокот, џамијата била позната како „Муезин-оџина џамија“, во чест на нарачателот на изградбата, Муезин-оџа, а ова име се споменува уште во 1615 година. Нејзиното денешно име го добила по чаршијата „Дуќанџиклар“, која во времето на изградбата на џамијата се наоѓала во непосредна близина.[96]

Бит-пазар

уреди
 
Бит-пазар

Скопското пазариште Бит-пазар се наоѓа на влезот во чаршијата од нејзината северна страна, крај некогашната главна северна порта. Местото на коешто се простира пазариштето се наоѓало во средновековен Доленград и е точно она на кое се наоѓала манастирската ливада, на која во XI век, манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“ го организирал својот панаѓур на празникот Воведување во Храмот на Пресвета Богородица секоја година, а подоцна и неделни панаѓури во петок и вторник. Во текот на средниот век, пазаришниот простор се наоѓал надвор од бедемите на Доленград, т.е. во непосредна близина на северната порта, која водела на т.н. „Царски пат“. Но, во првите векови од отоманското владеење, бедемите биле срушени и останале само дуќаните од внатрешноста на Доленград, кои денес ја сочинуваат граничната линија на почетокот на чаршијата во правец север-југ. Денес, е задржана традицијата на пазарување во петок и во вторник, но поради зголемените потреби на населението, пазарот работи секој ден.[98]

Просторот на кој се наоѓа пазариштето е ограден и во неговата внатрешност се наоѓаат тезги и привремени дуќани. Како и во средниот век, и денес не е дозволена изградбата на трајни објекти, туку само изнајмување под наем на простор за тргување.[98]

Исхак-бегова џамија

уреди
 
Поглед на Исхак-беговата џамија за време на молитва

Исхак-беговата џамија се наоѓа во непосредна близина на пазариштето Бит-пазар. Според зачуваните податоци, џамијата била изградена во 1438 година, само две години по изградбата на Султан-муратовата џамија, а за нејзината изградба наредба дал вториот отомански управител на Скопје, Исхак-бег. Од влезниот натпис во џамија се дознава дека по наредба на Мехмед, внук на Исхак-бег, била доградувана во 1519 година, при што биле додадени двата странични брода. Градбата претрпела големи штети во пожарот од 1689 г., кога разнобојните керамички плочки кои ги украсувале фасадата и тамбурот биле целосно уништени.[99] Големи штети предизвикал и земјотресот од 1963 г., а по него било обновено турбето и во 1972 година биле поставени нови керамички плочки со фајансно украсување.[100]

Градбата има скромна архитектура, иако нејзините големи влезни порти содржат резба со ориентални мотиви. Минарето високо 30 m се наоѓа на десната страна од главниот влез. Внатрешноста на џамијата е украсен со разни релјефи и сликани украси, а нејзините ѕидови завршуваат со фајансно украсен венец и шесткрака ѕвезда од керамички плочки.[101]

 
Турбето со џамијата во позадина

Во минатото, Исхак-беговата џамија ја сочинувале и турбе, медреса, имарет и конаци. Овде, исто така, Исхак-бег ја основал и една од првите исламски библиотеки во Европа,[102] која во 1445 година ја оставил во своето завештание како дел од имотот на џамијата.[99] Турбето во рамките на џамијата е од затворен тип, со купола и има шестаголна основа. Изградено е со добро обработен камен и во неговата внатрешноста содржи фајансно украсување во кое доминираат сината и зелената боја.[100] Медресата се состоела од десет соби и со векови била една од најпознатите во Румелија. Во неа, меѓу другите живеел и предавал познатиот средновековен турски поет Исак Челеблија, а освен веронаука, се изучувале и исламско право, ориентални јазици, филозофија и математика.[99]

Освен како „Исхак-бегова џамија“, позната е и под името „Шарена џамија“, што произлегува од шарените керамички плочки со кои се украсени фасадата и сводовите.[101]

Иса-бегова џамија

уреди
 
Иса-бегова џамија

Иса-беговата џамија е сместена на просторот северно од Султан-муратовата џамија и спроти пазариштето Бит-пазар. Според натписот кој се наоѓа над влезната врата, џамијата била изградена во 1475 година, како завештание на третиот отомански управител на Скопје, Иса-бег. Како и поголемиот број други градби во и околу чаршијата, Иса-беговата џамија претрпела големи оштетувања за време на земјотетсот во 1963 година, при што било срушено минарето. Подоцна, заедно со целата џамија, минарето било обновено.[103]

Градбата е претставник на раната цариградска архитектура и е градена по примерот на џамијата Рум Мехмед Паша во Истанбул. Изградена е од делкан бигор и хоризонтално наредени тули, при што фасадата во горниот дел завршува со дворедни венци. Основата на џамијата зафаќа површина од 19 m2 и е покриена со две големи куполи, кои пак се обложени со олово. Пред ввлезната врата од џамијата бил изграден трем, покриен со пет мали куполи и аркадни лакови. Во задниот дел се издига минарето, коешто е високо 34 m.[103] На западната страна од џамијата се наоѓа дрвена врата, која содржи резба со ориентални мотиви. Во нејзината внатрешност, пак, се наоѓа саркофагот на Хазнадорат, книгводител на Иса-бег, којшто е изработен од мермер, а неговиот гроб од ќерпич.[104]

Некогаш, во склоп на џамијата имало библиотека и медреса. Библиотеката броела повеќе од 320 различни ракописи. Според Глиша Елезовиќ,

„како по бројот на книгите, така и по нивната разновидност, оваа библиотека може да се вброи во редот на најголемите библиотеки на XV век.“[105]

Султан-муратова џамија

уреди
 
Султан-муратовата џамија во 1919 година

Најстарата зачувана џамија на територијата на Балканот, Султан-муратовата, е сместена источно од Бит-пазар, на местото на коешто порано се наоѓал манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“. Изградена е во 1436 година, како завештание на султанот Мурат II. Низ историјата, џамијата двапати била изложена на пожари. Во 1537, изгореле нејзиниот горен дел и минарето, по што султанот Сулејман Величествениот ја обновил. Вториот пожар е последица на палежот на градот во 1689 г., при што џамијата претрпела огромни штети. Повторно е обновена во 1712 година, по наредба на султанот Ахмед III. Последните значајни преуредувања се извршени во 1912 година. Џамија претрпела големи штети со земјотресот во 1963 г., кои сепак биле набргу надоместени.[106]

Поради бројните поправки и преуредувања, не е познат првобитниот изглед на џамијата. Сепак, доколку се земат предвид другите две џамии изградени како завештание на султанот Мурат II, во Бурса и Измир, тогаш најверојатно и оваа наликувала на нив. Џамијата е изградена во брусански стил, од камен и тули, додека нејзиниот ќерамидест покрив е на четири води. На северозападната страна е подигнат трем, чијшто покрив се простира над четири столба, кои содржат украсени капители, поврзани со пет аркадни со остри лакови. Внатрешноста на џамијата со нејзиниот квадратен облик наликува на базилика со три брода и рамни големи греди. Просторот е поделен во два реда, при што во секој ред има по три столба, поврзани со полукружи лакови.[106]

Во дворот на џамијата се наоѓаат турбињата на Бикиј Хан и на Али-паша од Дагестан и Саат-кула. Турбето на Бикиј Хан е најголемо од сочуваните објекти од овој вид во Македонија. Се наоѓа на јужната страна од џамијата. Според натписот над неговиот влез, изградено е кон средината на XVI век. Турбето ѝ припаѓа на групата на заворени турбиња и има квадратна основа, а целата градба е засводена со купола на тромпи. Неговата фасада е живописно украсена, што е застапено на аглите, под тромпите, каде што се забележуваат правоаголници поставени еден врз друг. Внатрешноста, пак, била украсена со орнаменти, кои делумно и денес се сочувани. Во турбето се наоѓаат пет гробници без натписи.[107][108] Второто турбе, она на Али-паша од Дагестан, е изградео во 1774 г. и е сместено веднаш до источната фасада на џамијата. Спаѓа во групата на отворени турбиња и има шестаголна основа, над која има купола покриена со олово, подигната над шести цврсти столбови. Фасадата на турбето содржи релјефи на џамија со минаре, тордирано минаре и две вазни со цвеќиња. Во рамките на турбето се наоѓаат и два саркофага, во кои се наоѓаат останките на жената и ќерката на пашата.[108][109]

Саат-кула

уреди
 
Поглед на Саат-кулата

Скопската саат-кула се наоѓа во непосредна близина на Султан-муратовата џамија, односно во северниот дел од дворот на џамијата. Според сознанијата, кулата била изградена во периодот од 1566 до 1572 година, а часовникот бил донесен од освоениот унгарски град Сигет.[110] Нејзиниот долен ѕидан дел, всушност, е остаток од една од четирите кули во составот на бедемите кои го заштитувале манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“. Инаку, таа е и првата саат-кула подигната на територијата на Отоманското Царство.[111] За изгледот и намената на кулата, најмногу сведочат записите на познатите патописци. Така, францускиот патописец Филип Дифрен-Кане забележал дека:

„во Скопје има часовник што се слуша во целиот град, а часовите ги отчукува на француски начин.“[112]

Според Хаџи Калфа, пак, оваа саат-кула била најголема меѓу сите кули на христијаните, а часовникот ги отчукувал часовите и дење и ноќе, при што ѕвонењето се слушало на „два часа далечина“.[112] Во палежот на градот и големиот пожар од 1689 г., кулата претрпела голема штета, но сепак останала во првобитниот облик сè до 1904 година, кога по наредба на валијата Хафиз-паша била преуредена и го добила денешниот облик. За време на земјотресот во 1963 г., на саат-кулата ѝ биле нанесени големи штети и притоа бил изгубен часовниот механизам. Подоцна, градбата на саат-кулата била обновена, но без нејзиниот часовен механизам.[111] Новите часовници на кулата биле додадени на 26 мај 2008 година, во рамките на проектот на Општина Чаир за нејзина реконструкција.[113]

Од записите на Евлија Челебија и Хаџи Калфа се согледува дека градбата на саат-кулата во својот првобитен облик била со шестаголна основа, чиј горен дел бил изграден од дрвена конструкција. По нејзиното преуредување во 1904 година, дрвената конструкција била заменета, по што градбата била целосно изгардена од тули.[111] Од дното до врвот на кулата, каде што се поставени часовниците, водат 105 скали.[114]

Поранешни градби

уреди

Манастир „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“

уреди

Во врска со манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“ не е познато многу, а основни доказни мкатеријали за постојните сознанија се Виргинската грамота на бугарскиот цар Константин Асен од 1277 г. и грамотата на српскиот цар Стефан Урош II Милутин од 1300 г. Прифатено е мислењето дека манастирот бил сместен на просторот на ридот наречен „Виргин“, на којшто денес се наоѓаат Султан-муратовата џамија и Саат-кулата, иако некои истражувачи сметаат дека манастирската целина била расположена на други места, а тоа го поткрепуваат и со одредени доказни материјали. За основач на манастирот се смета византискиот цар Роман III Аргир во XI век. Според зачуваните грамоти на манастирот му се посветувало големо внимание и му биле дарувани големи поседи, а тој особено заживеал во периодот од 11. до XIII век. Уште од времето на неговото основање, манастирската управа започнала да одржува панаѓури на просторот на ливадата пред манастирот, што влијаеле на забрзан стопански и трговски развој во тој дел на градот. Познат е и податокот дека во рамките на манастирот биле произведувани различни видови на производи, како млеко, сирење и вино, а вишокот од нив бил продаван на панаѓурите. Манастирската целина постоела сè до потпаѓањето на градот под отоманска власт, а можна година за нејзино уривање се смета 1436, кога на местото била изградена Султан-муратовата џамија.[115]

Манастирот бил посветен на Свети Ѓорѓи, кој кај народот бил познат и како „Горгос“, што во превод од грчки значи „брз“ или „итар“. Во некои извори се споменува и како „Виргински манастир“, по името на ридот на којшто се наоѓал.[115]

Турбе на Исхак-бег

уреди

Турбето на Исхак-бег се наоѓало во непосредна близина на Саат-кулата. Се претпоставува дека било изградено во средината на XV век, а најверојатно било урнато со силниот земјотрес во 1555 и со пожарот во градот во 1689 година. Објектот бил изграден по завет на вториот управител на Скопје, Исхак-бег, којшто бил погребан во него по својата смрт. Во завештанието на Исхак-бег, меѓудругото, била вклучена и изградбата на Исхак-беговата џамија, којашто е сместена во околината. Денес, од турбето делумно се сочувани деловите на основата, заедно со гробот на Исхак-бег.[116]

По својот облик, турбето претставувало градба со шестаголна основа, изградена од доста добро изработени заштитни камени блокови. Познато е дека било изградено во духот на исламската архитектура, но не е познато дали станувало збор за отворено или затворено турбе.[116]

Стара нова бања

уреди
 
Остатоци од амамот

Во непосредна близина на групата згради на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и веднаш под ридот на кој се сместени Султан-мураотвата џамија и Саат-кулата, сместен е амамот „Стара нова бања“. Се претпоставува дека бил изграден во XV или XVI век. Со изградбата на универзитетските згради било променето окружувањето околу амамот, а во земјотресот од 1963 бил урнат неговиот преден дел, во кој била сместена просторијата за преоблекување. Денес, во урнатини е зачуван делот со просториите за капење, резервоарот и огништето.[117]

Познато е дека амамот имал доста големи димензии и спаѓал во групата на единечни амами. Во својот првобитен изглед, објектот имал голема купола, сместена над осумаголен тамбур, која како и останатите куполи била покриена со цреп. На врвот од куполата се наоѓал светилник, кој служел за осветлување на просторијата за преоблекување, која била осветлена и преку прозорските отвори, кои во два реда биле поставени на јужната и западната фасада. Во средишниот простор од објектот имало шадрван. Од остатоците на ѕидините може да се забележи дека објектот бил сталактитно украсен.[117]

Џамија Ибни Пајко

уреди

Џамијата Ибни Пајко била дел од истоименото маало и се наоѓала на периферијата од чаршијата, во непосредна близина на Даут-пашиниот амам. Не е познато кога точно била изградена, но се знае дека заслуги за тоа имал Ибни Пајко, кој со тоа се стремел да му се додвори на муслиманското население во градот и да оствари поблиски врски со власти, за подобро да му оди трговското работење. Градбата се споменува некаде до 1946 или 1947 година, а најверојатно била урната за време на Втората светска војна или по неа.[118] Во март 2009 година бил поставен камен-темелник за изградба на нова концертна сала на Македонската филхармонија, што било оспорено од страна на Исламската Верска Заедница, којашто започнатата изградба ја оцени како бесправна и притоа напомена дека на местото на коешто е поставен камен-темелникот се наоѓала џамијата Ибни Пајко.[119]

Синагога „Бет Ахарон“

уреди

Синагогата „Бет Ахарон“ се наоѓала во Еврејското маало, на почетокот од чаршијата. Познато е дека била изградена во 1366 година како прва синагога во Скопје, но не е познато кога била срушена и кои биле причините за тоа.[120]

За натписот на синагогата пишувал д-р Давид Гинсбург, рабин од Беловар, Хрватска, кој го посетил Скопје. По неговото враќање во Беловар, тој испратил писмо до Еврејската заедница во Скопје во кое се заблагодарил за укажното гостопримство и додал дека многу жали што минатото на Евреите од тој град е непознато не само надвор од Скопје, туку и во самиот град. Ја замолил заедницата да му испратат некои книги и документи, како и фотографија од плочата со натпис вградена на портата пред дворот на синагогата, како и натписот што се однесувала на синагогата „Бет Јаков“. Од Скопје, добил само фотографија од влезот во „Бет Ахарон“, го транскрибирал и го објавил во списанието „Оманут“, број 1-2/1941, во Загреб, под наслов „Од минатото на Евреите во Скопје“. Со текстот е објавена и фотографијата, на која јасно може да се прочита текст на хебрејски јазик. Од текстот може да се најдат важните датуми за самата синагога, односно датумот за нејзината изградба, и двете години на нејзината обнова.[121]

Синагога „Бет Јаков“

уреди

Синагогата „Бет Јаков“ се наоѓала во Еврејското маало и заедно со синагогата Бет Ахарон била една од двете синагоги коишто постоеле во градот. Не е познато многу во врска со годината на нејзината изградба, иако се знае дека тоа била втора синагога во град после синагогата Бет Ахарон. Во 1674 година, во нејзиниот двор била сместена зградата на училиштето „Талмуд Тора“.[120] Синагогата обновена во текот на XIX век,[21] а до темел била урната за време на Втората светска војна.[25] На 11 март 2000, синагогата била осветена и повторно отворена, но во зградата на Еврејската заедница во Скопје.[122]

 
Синагогата Бет Јаков во Еврејското маало во Скопје

Од внатрешноста на објектот е сочуван парохетот (завесата), којшто го красел светиот орман во којшто се наоѓала Тората, и потекнува од 5698 година по еврејскиот календар или 1937 година. Денес, истиот се наоѓа во новоотворената синагога и ја има истата функција како и во минатото.[122] Исто така, сочуван е и многу значаен примерок на пинкас, кој во синагогата се наоѓал во периодот од 1749 до 1913 година, а денес може да се види во Еврејскиот историски музеј во Белград. Пинкасот е пишуван со мешавина на хебрејски и ладино, а притоа било употребено закосено Раши писмо. Неговата содржина претежно се однесува на хуманитарно-верските организации во Скопје, за синагогата, за синагогата, еврејската организација Хевра Кадиша, еврејскиот закон Бикур холим и други. Во ракописот се забележани статути (хаскаме), со кои било регулирано наплатувањето на давачките за членовите во општината, а забележано е дека споменатите организации редовно им помагале на сиромасите со пари, храна, облека, а особено на вдовиците и сираците. Водени биле и белешки за патниците од Палестина, кои доаѓале во Скопје да собираат прилози за светата земја. Значењето на пинкасот е во тоа што дава податоци за економската положба на еврејската заедница во Скопје, за нејзината социјална работа, врската со сограѓаните од други националности и со Палестина.[123]

Џамија Казанџилер и Ѓулчилер амам

уреди

Казанџилер е поранешна џамија која се наоѓала во самата чаршија. Познато е дека била изградена во текот на XVII век од страна на казанџискиот еснаф во чаршијата и по својот изглед претставувала скромна градба.[124] Џамијата била разрушена во земјотресот од 1963 година.[125]

 
Остатоци од Ѓулчилер-амам

Амамот Ѓулчилер се наоѓал во непсоредна близина на Куршумли ан, односно веднаш до неговата југозападна страна. Бил изграден од страна на Мула Муследин Оџа во втората половина на XV век. Објектот претставувал амам сè до пожарот од 1689 година. Слично како и џамијата Казанџилер, амамот бил разрушен во земјотреост од 1963,[125] а денес се останати само остатоци од неговите ѕидини.[124] Познато е дека објектот спаѓал во групата на единечни амами, при што неговите димензии биле со складна големина. Имал живописна фасада, што се должи на градежните материјали од кои бил изграден, камен и тула. Во амамот се влегувало од јужната страна, а влезната порта била богато украсена. Внатрешниот дел бил сталактитно украсен, што може да се забележи и од остатоците.[126] Кај народот, амамот бил познат и како „Кури амам“, што во превод од турски значи „сува бања“.[127]

Во минатото, џамијата и амамот, заедно уште со Куршумли ан, образувале една целина, од која денес е преостанат само Куршумли ан, кој бил обновен по делумното разрушување во земјотресот.[127]

Јигит-пашина џамија

уреди

Јигит-пашината џамија се наоѓала на просторот на чаршијата и во времето на нејзината изградба била најстарата џамија во Скопје и воопшто на Балканот. Се споменува дека била изградена во 1445 година од страна на отоманскиот освојувач на Скопје, Паша Јигит-бег, на местото на коешто се наоѓала црквата „Св. Врачи“. Џамијата била разрушена во 1943 г., за време на бомбардирањето на Скопје, при што останало само нејзиното минаре, коешто било срушено во земјотресот од 1963 година.[128]

Во дворот на џамијата се наоѓало турбе, во коешто бил погребан Паша Јигит-бег. Турбето било изградено во 1426 година и претставува претставник на раноцариградскиот стил на османлиската архитектура. По својот вид спаѓало во групата на отворени турбиња. Неговата основа била шестаголна, а секоја од страните завршувала со прекршен лак. Од горната страна било покриено со купола, којашто била поставена над тамбур. Познато е дека било градено од малтер и тули, а секој од ѕидовите завршувал со запчест венец. Турбето било срушено и денес не постои, но остатоци од гроб сè уште се забележливи.[129] Во непосредна близина на гробот се наоѓал кладенец од којшто, според верувањата, течела лековита вода. Во чест на Паша Јигит-бег, кој бил познат и како Меддах-баба, водата е позната како „Меддах-бабина вода“ и се смета дека станала лековита откако била посветена од неговата страна. Покрај тоа, освен како „Јигит-пашина“, џамијата се споменува и како „Меддахова џамија“.[128]

Хаџи-касамова џамија

уреди

На просторот на чаршијата во минатото била сместена и Хаџи-касамовата џамија. Градена е кон крајот на XV век, поточно од 1489 до 1490 година. Познато е дека била срушена по 1944 година.[130]

Заштита

уреди
Стара скопска чаршија
Културно добро на Македонија
ОпштинаЦентар
КатегоријаОсобено значење
Број[1]
Прогласено2008[32] (одново)
2010 (одново)
Запис на НИСКН

Првите заштитни мерки за чаршијата биле спроведени во првата половина на XIX век, кога биле донесени законски мерки за поттик на развојот на занаетчиството во Скопје, а со тоа и на просторот на Старата скопска чаршија. Со мерките се предвидувала законска заштита на занаетчиите и правата со коишто тие располагале. Ефектите од спроведувањето на законските мерки дала позитивни резултати и придонела кон заживување на занаетчиството и трговскиот живот во чаршијата. Главна улога во развојот и ревитализацијата на чаршијата имале токму занаетчиите и трговците, кои ја помогнале изградбата на црквите „Св. Спас“ и „Св. Димитрија“. Еврејското населено успеало да ја обнови синагога Бет Јаков. Постигнатиот напредок придонел и кон изградбата на поголеми дуќани со елементи од барокната и неокласичната архитектура, со што започнал да се менува и архитектонскиот изглед со ориентални елементи во чаршијата.[21]

По штетите во чаршијата предизвикани во Втората светска војна дошло до нејзина ревитализација и обновување на објектите. Одредени активности биле започнати и од страна на Заводот за заштита на спомениците на културата, коишто имале за цел извршување на систематско проучување на чаршијата, со цел да се изнајдат најсоодветни решенија за нејзино зачувување.[27] Со тоа, во периодот од 1950 до 1967 година биле издадени решенија за доделување на статусот на заштитено културно добро на 25 објекти во чаршијата.

На 13 октомври 2008 година, Собранието на Република Македонија донесе закон за Старата скопска чаршија, која била прогласена за културно наследство од особено значење, со што е ставена под трајна заштита на државата.[4] Со усвојвуањето на овој закон се овозможува трајно зачувување на вредностите и автентичноста на чаршијата, создавање на поволни услови за опстанок и задржување на интегритетот на сите податоци, ширење на сознанијата за нејзините вредности, нејзино оспособување да им служи на културните, образовните, научните и други потреби на граѓаните, како и спречување на дејствија со кои може да настане оштетување или деграадирање. Во него, исто така, детално се опишани границите на чаршијата, а определени се и три контактни зони на нејзиниот простор. Се наведува и дека во Старата скопска чаршија не смее да се менува постојната урбана структура, да се градат или внесуваат индустриски капацитети шро придонесуваат за разни форми на загадување, да се подигаат меморијални споменици и спомен-обележја коишто не се поврзани со настанокот и развитокот на чаршијата и да се врши ископ на темели или подруми и да се изведува каков било друг вид на градежни работи без претходно спроведување на заштитни археолошки истражувања. Законот содржи и програма за ревитализација на чаршијата, која е пропишана со времетраење од 5 години.[32]

Кон крајот на 2008 бил претставен проектот за собирање податоци за секој објект во чаршијата. Со него биле опфатени околу 600 објекти, а првата фаза се состеше во издавање на лична карта за секој поединечен објект. Крајна цел на проектот била обезбедување документација со опсежни податоци и нејзино вклучување во Деталниот урбанистички план за Чаршијата, но и утврдување на мерки за обновување на објектите на нејзиниот простор.[156]

Програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија започна да се спроведува во февруари 2010 година и се очекува да заврши во 2015 година. Со неа се предвидувало обновување на фасадите на старите куќи, поддршка на занаетите во чаршијата и постигнување економски развој, организирање на туристички прошетки, организирање на изложби, концерти и други културни настани и донесување на одредби за заштита на градбите и задржување на автентичноста.[5] За извршувањето на програмата одговорна била Владата на Република Македонија, која раководи со помош на шест надлежни министерства.[157]

Во ноември 2010, биле најавувани измени на Законот поради фактот што чаршијата е сместена на границата меѓу општините Центар и Чаир. Во таа прилика, министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа Милевска изјавила дека сите аспекти поврзани со заштитата на чаршијата интегрално ќе бидат разработени во посебен Детален урбанистички план.[158]

Музеј на Старата скопска чаршија

уреди

Музејот на Старата скопска чаршија е сместен во рамките на Сули ан. Основан е како придружна институција на Музејот на Град Скопје во мај 1983 година, со задача да ја прикаже историјата, културната вредност и занаетите во чаршијата.[159] Дејноста на музејот е сложена и се состои од систематска научноистражувачка и прибирачка работа, обработка на музејски збирки и создавање на информативни средства за тие збирки, прикажување на збирките преку постојани и повремени изложби и собјави, како и заштита и чување на музејски предмети.[160]

Вкупната површина која ја зафаќа просторот на кој е сместен музејот изнесува 473 m2, од кои 355 служат како изложбен простор, додека остатокот го сочинуваат придружни простории. Поставката на музејот се состои од археолошки, историски дел, уметничка галерија и етнолошки дел.[160] Во археолошкиот дел се прикажани предмети, добиени како резултат на археолошките истражувања спроведени на просторот на чаршијата и на калето, кои се однесуваат на периодот од средниот век до отоманското време.[161] Историскиот дел бил отворен во 1985 година и во него се изложени фотографии, карти, табеларни прегледи и планови, кои сведочат за развитокот на чаршијата низ историјата.[162] Во уметничката галерија се прикажани уметнички дела од познати македонски сликари, на кои се прикажани мотиви од чаршијата.[163] Етнолошкиот дел е наменет за прикажување на животот во чаршијата низ историјата. Тоа е направено преку претставување на најшироко распространетите занаети, меѓу кои се врбојуваат: кујунџискиот, терзиско-срмаџискиот, папуџискиот и ѓурчиско-кожуварскиот занает.[164]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Стара скопска чаршија: За чаршијата, staracarsija.mk.
  2. Old Bazaaar - Skopje Архивирано на 4 декември 2012 г., Macedonia National Tourism Portal.
  3. „Звуците на чаршијата“ ќе го заживуваат старото градско јадро Архивирано на 12 март 2016 г., Утрински Весник, 13 септември 2010.
  4. 4,0 4,1 Скопската чаршија доби заслужена заштита, Вечер, 15 октомври 2008.
  5. 5,0 5,1 Почнува ревитализацијата на скопската чаршија Архивирано на 4 март 2010 г., Дневник, 17 февруари 2010.
  6. 6,0 6,1 Стара скопска чаршија: Историјат, sataracarsija.mk.
  7. Dragojević Josifovska, „Inscriptions de la Mésie Supérieure (IMS)“, vol. VI, Scupi et la région de Kumanovo, Beograd, 1982.
  8. Историски преглед од најстаро време до пропаста на Самоиловото Царство Архивирано на 20 декември 2017 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  9. 9,0 9,1 9,2 Настанување на чаршијата во XI и XII век Архивирано на 19 декември 2017 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  10. 10,0 10,1 Старата скопска чаршија и Скопје во XIII век[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  11. 11,0 11,1 Чаршијата под власта на средовековните српски владетели 1282-1392 година[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  12. „Macedonia: The Ottoman Empire“. Енциклопедија Британика. 2010.
  13. „Archeological exavations "Skopsko Kale". skopskokale.com.mk. Архивирано од изворникот на 2011-02-07. Посетено на 2012-01-27.
  14. 14,0 14,1 14,2 14,3 Старата скопска чаршија во XV век[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  15. Macedonian cities - Skopje mosques, Macedonian cultural and information centre.
  16. 16,0 16,1 16,2 Старата скопска чаршија во XVI век[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  17. Изложба по повод 400-годишнината од раѓањето на Евлија Челеби Архивирано на 5 март 2016 г., Журнал, 12 април 2011
  18. 18,0 18,1 Старата скопска чаршија во XVII век[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  19. Старата скопска чаршија во XVIII век[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  20. Јован Хађи Васиљевић: „Скопље и његова околина“, Београд 1930, стр. 84-124.
  21. 21,0 21,1 21,2 21,3 21,4 Старата скопска чаршија во XIX век[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  22. Стара скопска чаршија: Животот во старата скопска чаршија за време на XIX век Архивирано на 28 март 2012 г., sataracarsija.mk.
  23. Macedonian trades and crafts 16th-19th century, Macedonian cultural and information centre.
  24. 24,0 24,1 Чаршијата од почетокот на XX век до Втората светска војна[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  25. 25,0 25,1 25,2 Старата чаршија за време на Втората светска војна[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  26. „Remembering the Past - Jewish culture battling for survival in Macedonia, Zhidas Daskalovski“. Архивирано од изворникот на 2019-03-01. Посетено на 2012-01-28.
  27. 27,0 27,1 Старата чаршија од ослободувањето до катастрофалниот земјотрес во 1963 година[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  28. Старата чаршија по катастрофалниот земјотрес[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  29. 29,0 29,1 29,2 Скендер-бег пречекан со еуфорија во Македонија, Утрински Весник, 26 ноември 2006.
  30. Груевски: И Чаршијата е дел од „Скопје 2014“ Архивирано на 24 февруари 2010 г., Дневник, 18 февруари 2010.
  31. 31,0 31,1 Поставен камен-темелник на плоштадот „Скендербег“, Утрински Весник, 17 јануари 2012.
  32. 32,0 32,1 32,2 Закон за прогласувње на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење, Службен весник на РМ, бр. 130 од 15.10.2008 година.
  33. Стара скопска чаршија[мртва врска], Скопско наследство.
  34. Занаетчиството во Скопската чаршија Архивирано на 29 февруари 2012 г., staroskopje.vestel.com.mk.
  35. М. Константинов, З. Делиниколова: „Занаетчиство и занаетчиски организации“, Етнологија на Македонија, Скопје 1996, стр. 65-81.
  36. 36,0 36,1 Камен мост Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  37. 37,0 37,1 37,2 Камен мост - Скопје Архивирано на 15 април 2008 г., Утрински Весник, 30 јуни 2007.
  38. Камен мост Архивирано на 17 август 2014 г., makedonskibiser.com.mk.
  39. Stone Bridge - Skopje Архивирано на 26 мај 2011 г., Macedonia National Tourism Portal.
  40. „The Stone Bridge over the Vardar river, Skopje“. Архивирано од изворникот на 2017-04-13. Посетено на 2012-01-28.
  41. Камени мост е крстен според кршениот камен од кој е изграден Архивирано на 6 март 2016 г., Вест, 9 март 2007.
  42. 42,0 42,1 Симболи Архивирано на 29 ноември 2012 г., официјално мрежно место на Град Скопје.
  43. 43,0 43,1 43,2 Црква Свети Димитрија Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  44. Црковната традиција во Скопје и Скопско од IV век до денес (3-дел): Црква Св. Димитрија - Скопје, Портал Премин.
  45. 45,0 45,1 45,2 Даут-пашин амам Архивирано на 14 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  46. Даут-Пашин Амам – Скопје Архивирано на 23 септември 2021 г., Културна мапа.
  47. Споменикот на Скендер-бег - највисокиот споменик во Македонија Архивирано на 16 август 2014 г., makedonskibiser.com.mk.
  48. 48,0 48,1 48,2 Капан ан Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  49. 49,0 49,1 Лидија Кумбараџи-Богоевиќ: „Османлиски споменици во Скопје“, Скопје, 1998.
  50. 50,0 50,1 Ayverdi Ekrem Hakki, Avrupa’da Osmanlx Mimarx Eserleri. Yugoslavya, lll cild, 3. kitab, Istanbul, 1981.
  51. Капан-ан во Скопје, „Гласник на ИНИ“, бр. 3, Скопје, 1976.
  52. 52,0 52,1 Мурат пашина џамија Архивирано на 19 февруари 2015 г., Old Skopje.
  53. 53,0 53,1 Мурат-пашина џамија Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  54. 54,0 54,1 Чифте амам Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  55. Национална галерија на Македонија, официјално мрежно место.
  56. 56,0 56,1 Чифте амам Архивирано на 21 февруари 2015 г., Old Skopje.
  57. 57,0 57,1 Сули ан Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  58. Шест века Сули-ан е автентичен скопски белег Архивирано на 4 март 2016 г., Дневник, 18 март 2006.
  59. 59,0 59,1 Сули ан Архивирано на 12 април 2012 г., Old Skopje.
  60. 60,0 60,1 60,2 Безистен Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  61. 61,0 61,1 Ќосе Кади џамија Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  62. Араста-џамијата имала високо минаре, Утрински Весник, 23 април 2010.
  63. Џамијата Араста се обновува без дозвола, Утрински Весник, 22 април 2010
  64. Ја урнаа џамијата за да изградат иста[мртва врска], Нова Македонија, 23 април 2010.
  65. Штетите на Араста-џамија се огромни, Утрински Весник, 2 мај 2010.
  66. Араста џамија целосно уништена[мртва врска], Дневник, 11 јули 2010.
  67. 67,0 67,1 Црковната традиција во Скопје и Скопско од IV век до денес (3-дел): Црква Св. Спас - Скопје, Портал Премин.
  68. „St. Spas in Skopje“. Архивирано од изворникот на 2009-04-10. Посетено на 2012-01-31.
  69. 69,0 69,1 Црква Свети Спас Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  70. 70,0 70,1 70,2 70,3 70,4 Скопска тврдина Кале Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  71. Й. Иванов: „Богомилски книги и легенди“, София, 1970, стр. 283.
  72. Осветлен југозападниот бедем на Скопско кале, Сител, 7 септември 2010.
  73. Судир на две групи на скопско Кале повеќемина повредени, Сител, 13 февруари 2011.
  74. Јанкулоска: Калето ќе остане затворено за посетители, Сител, 9 март 2011.
  75. Скопско Кале Архивирано на 16 август 2014 г., makedonskibiser.com.mk
  76. Завршија археолошките ископувања на скопската тврдина, Портал Премин.
  77. Историја Архивирано на 19 април 2014 г., официјално мрежно место на Музејот на современата уметност.
  78. 78,0 78,1 Музеј на современа уметност, staracarsija.mk.
  79. Зграда Архивирано на 18 април 2014 г., официјално мрежно место на Музејот на современата уметност.
  80. Вилаетски конак „Уќумат“[мртва врска], Скопско наследство.
  81. Заводот за заштита на спомениците ќе поднесе кривична пријава против Рубин кармин Архивирано на 5 март 2016 г., Утрински Весник, 16 октомври 2006.
  82. Стара турска пошта[мртва врска], Скопско наследство.
  83. 83,0 83,1 Мустафа-пашина џамија Архивирано на 4 март 2016 г., makedonskibiser.com.mk.
  84. 84,0 84,1 Мустафа-пашина џамија Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  85. По пет години реставрација свечено отворена џамијата Мустафа Паша во Скопје[мртва врска], TRT, 29 јули 2011.
  86. Барбара Воронцов: „Евалуација на Музејот на Македонија во Скопје Архивирано на 8 март 2012 г.“, Скопје, мај 2005.
  87. Музеј на Македонија Архивирано на 26 септември 2012 г., staracarsija.mk.
  88. Добредојдовте во Музеј на Македонија Архивирано на 29 ноември 2012 г., официјално мрежно место на Музејот на Македонија.
  89. Конзервација Архивирано на 9 декември 2012 г., официјално мрежно место на Музејот на Македонија.
  90. 90,0 90,1 Куршумли ан Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  91. Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, стр. 780.
  92. Куршумли ан Архивирано на 7 септември 2010 г., Old Skopje.
  93. Худаверди џамија Архивирано на 28 март 2012 г., staracarsija.mk.
  94. 94,0 94,1 Џамија Худаверди[мртва врска], Скопско наследство.
  95. 95,0 95,1 Хаџи Балабан џамија[мртва врска], Скопско наследство.
  96. 96,0 96,1 96,2 Џамија Дуќанџик[мртва врска], Скопско наследство.
  97. 185 турски гости на отворањето на обновената џамијаво Скопје Архивирано на 22 април 2012 г., Вест, 5 мај 2007.
  98. 98,0 98,1 Бит-пазар Архивирано на 28 јуни 2015 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  99. 99,0 99,1 99,2 Исхак-бегова или Алаџа (Шарена) џамија Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  100. 100,0 100,1 Алаџа џамија и турбето Архивирано на 13 март 2016 г., Old Skopje.
  101. 101,0 101,1 Шарена Алаџа-џамија Архивирано на 16 март 2011 г., Нова Македонија, 14 март 2011.
  102. AT-TAFSĪR AL-KABĪR Архивирано на 25 мај 2012 г., The European Library.
  103. 103,0 103,1 Иса-бегова џамија Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  104. Cultural Monuments - Isa Bey Mosque[мртва врска], Skopje Online.
  105. Г. Елезовиќ: „Турски споменици у Скопљу XXX“, Гласник Српског Научног Друштва, кн. 7-8, бр. 3-4, Скопје, 1930., стр.167-168.
  106. 106,0 106,1 Султан-Муратова (Хјунќар) џамија Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  107. Турбе Бикиј Хан Архивирано на 3 март 2018 г., sataracarsija.mk.
  108. 108,0 108,1 К. Томовски: „Преглед на позначајните турбиња во Македонија“, Годишен Зборник на Технички Факултет, III-3, Скопје, 1957/58.
  109. Турбе Али паша од Дагестан Архивирано на 4 мај 2017 г., sataracarsija.mk.
  110. Димовска - Чоловиќ, Мирјана (2008). Саат кулите во Република Македонија (PDF). Скопје: Национален конзерваторски центар-скопје; Едиција Културно-историско наследство на Република Македонија. стр. 114. ISBN 978-9989-131-08-0.
  111. 111,0 111,1 111,2 Саат кула Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  112. 112,0 112,1 Петвековно движење на стрелките[мртва врска], Вечер, 5 септември 2006.
  113. Саат-кулата повторно го мери времето[мртва врска], Дневник, 27 мај 2008.
  114. Саат кулата – скопскиот јавен часовник Архивирано на 12 јуни 2018 г., sataracarsija.mk.
  115. 115,0 115,1 Виргинскиот Манастир св. Ѓорѓи сè уште мистерија, Македонска нација, 12 јануари 2011.
  116. 116,0 116,1 Турбе на Исхак-бег[мртва врска], Скопско наследство.
  117. 117,0 117,1 Амам „Стара нова бања“[мртва врска], Скопско наследство.
  118. Градот ќе го врати името „Дом Ибни Пајко“ ако го има на стари фотографии[мртва врска], Утрински Весник, 16 октомври 2006.
  119. Филхармонија се гради врз темелите на Ибни Пајко џамија, Вест, 27 март 2009.
  120. 120,0 120,1 Скопските цркви, џамии и синагоги - историски столбови на градот[мртва врска], Нова Македонија, 5 ноември 2013.
  121. Жени, Лебл. „Плима и слом“. Фонд на Холокаустот на Евреите од Македонија. Скопје, ноември 2013 година. ISBN 978-608-65129-6-5.
  122. 122,0 122,1 Синагога Бет Јаков Архивирано на 5 март 2016 г., Еврејска заедница во Република Македонија.
  123. Хедвига Бошковић: „Збирка старих хебрејских рукописа у Јеврејском историском музеју у Београду“, Београд, 1979, стр. 23.
  124. 124,0 124,1 Казанџилер џамија Архивирано на 28 март 2012 г., sataracarsija.mk.
  125. 125,0 125,1 Ослободувањето и катастрофалниот земјотрес во ’63 – та Архивирано на 12 септември 2011 г., sataracarsija.mk.
  126. Ѓулшен амам[мртва врска], Скопско наследство.
  127. 127,0 127,1 Кури амам бил сува бања Архивирано на 8 март 2016 г., Вест, 29 декември 2008.
  128. 128,0 128,1 Јигит-пашината џамија е посветена на првиот скопски краишки војсководец Архивирано на 4 март 2016 г., Вест, 5 јануари 2009.
  129. Турбе на Јигит Паша бег[мртва врска], Скопско наследство.
  130. Џамиите се градат исклучиво од донации на верниците[мртва врска], Утрински Весник, 27 февруари 2011.
  131. Решение бр. 1041 од 27.07.1950 година; Решение бр. 231/17 од 07.11.1967 година; Централен регистар бр. 821.
  132. Решение бр. 1041 од 27.07.1950 година; Решение бр. 231/19 од 07.11.1967 година; Централен регистар бр. 794.
  133. Решение бр. 1041 од 27.07.1950 година; Решение бр. 231/12 20.09.1967; Централен регистар бр. 803.
  134. Решение бр. 1041 од 27.07.1950 година; Решение бр. 231/14 од 02.11.1967 година; Централен регистар бр. 800.
  135. Решение бр. 1041 од 27.07.1950 година; Решение бр. 27/44 од 19.02.1968 година; Централен регистар бр. 150.
  136. Решение бр. 35 од 10.03.1952 година; Решение бр. 231/11 од 25.09.1967 година; Централен регистар бр. 782.
  137. Решение бр. 32 од 10.03.1952 година; Решение бр. 231/3 од 20.09.1967 година; Централен регистар бр. 839.
  138. Решение бр. 34 од 10.03.1952 година; Решение бр. 231/4 05.09.1967; Централен регистар бр. 774.
  139. Решение бр. 36 од 10.03.1952 година; Решение бр. 122/74 од 25.04.1969 година; Централен регистар бр. 99.
  140. Решение бр. 6 од 13.01.1953 година; Централен регистар бр. 781.
  141. Решение бр. 4 од 13.01.1953 година; Централен регистар бр. 807.
  142. Решение бр. 24 од 10.02.1953 година; Решение бр. 231/13 од 30.10.1967 година; Централен регистар бр. 802.
  143. Решение бр. 168 од 02.07.1954 година; Решение бр. 231/9 од 06.09.1967 година; Централен регистар бр. 775.
  144. Решение бр. 169 од 02.07.1954 година; Решение бр. 27/38 од 06.02.1968 година; Централен регистар бр. 936.
  145. Решение бр. 208 од 10.08.1957 година; Решение бр. 27/39 од 06.02.1968 година; Централен регистар бр. 779.
  146. Решение бр. 209 од 10.08.1957 година; Решение бр. 231/15 од 02.11.1967 година; Централен регистар бр. 773.
  147. Решение бр. 04-113/68 од 10.12.1963 година; Решение бр. 27/47 од 20.02.1968 година; Централен регистар бр. 827.
  148. Решение бр. 04-113/69 од 10.12.1963 година; Решение бр. 27/37 од 30.01.1968 година; Централен регистар бр. 813.
  149. Решение бр. 04-113/70 од 10.12.1963 година; Решение бр. 231/25 од 14.11.1967 година; Централен регистар бр. 820.
  150. Решение бр. 04-113/70 од 10.12.1963 година; Централен регистар бр. 819.
  151. Решение бр. 04-113/67 од 10.12.1963 година; Централен регистар бр. 795.
  152. Решение бр. 207 од 10.08.1967 година; Централен регистар бр. 817.
  153. Решение бр. 231/22 од 13.11.1967 година; Централен регистар бр. 799.
  154. Решение бр. 231/24 од 13.11.1967 година; Централен регистар бр. 92.
  155. Решение бр. 231/23 од 18.11.1967 година; Централен регистар бр. 790.
  156. Секој објект во Чаршијата со лична карта[мртва врска], Вечер, 20 декември 2008.
  157. Програма за ревитализација на Старата скопска чаршија - Институции Архивирано на 15 март 2012 г., официјално мрежно место на програмата.
  158. Посебен ДУП за Старата чаршија[мртва врска], Нова Македонија, 2 ноември 2010.
  159. Музејот на Старата скопска чаршија, staracarsija.mk.
  160. 160,0 160,1 Музеј на Старата скопска чаршија Архивирано на 17 ноември 2016 г., Проект „Стара скопска чаршија“.
  161. Музеј на Старата скопска чаршија - Археолошка поставка[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  162. Музеј на Старата скопска чаршија - Историска поставка[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  163. Музеј на Старата скопска чаршија - Поставка од уметнички дела[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  164. Музеј на Старата скопска чаршија - Етнолошка поставка[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.

Литература

уреди
  • Г. Елезовиќ: „Турски споменици у Скопљу XXX“, Гласник Српског Научног Друштва, кн. 7-8, бр. 3-4, Скопје, 1930.
  • Г. Елезовиќ: „Турски споменици“, кн. 10 св. 1 (1348-1520), Српска Краљевска Академија, Београд 1940.
  • Лидија Богоевиќ: „Историски развиток на Скопската чаршија“, Скопје, 1966.
  • А. Николовски, К. Балабанов, Д. Ќорнаков: „Споменици на културата на Македонија“, Скопје, 1980.
  • Лидија Кумбараџи-Богоевиќ: „Османлиски споменици во Скопје“, Скопје, 1998.
  • С. Стојменов, И. Чоловиќ: „Поглед врз Старата скопска чаршија“, Делфина 3, Скопје, 2003.
  • M. Özer, Üsküp’te Türk Mimarisi (XIV-XIX y.y), Atatürk Kültür Dil ve Tarih Yüksek Kurumu, Ankara 2006.
  • Олга Арсова: „Етнолошка поставка во Музејот на Старата чаршија во просториите на Сули ан“, Материјали од документацијата на Музеј на Град Скопје.

Надворешни врски

уреди
Документи

42°00′03″N 21°26′13″E / 42.000756° СГШ; 21.436955° ИГД / 42.000756; 21.436955

  Статијата „Стара скопска чаршија“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).