Саат-кула (Скопје)

саат-кула во Скопје, Македонија

Саат-кулата во Скопје — шестокатна саат-кула, која се наоѓа северно од, но во склоп на Султан-муратовата џамија. Подигната е во периодот од 1566 до 1572 година. Таа била првата саат-кула на територијата на Османлиската држава.[1] Механизмот на часовникот бил донесен од саат кулата во Сигет, Унгарија, по неговото заземање од страна на Турците. Изградена е на темелите на порана средновековна одбранбена кула. Некогаш била дрвена, но подоцна била преградена со тули.[2]

Саат-кула
Поглед на Саат-кулата во Скопје
Карта
Општи податоци
МестоСтара Скопска Чаршија
ГрадСкопје
ЗемјаМакедонија
Координати42°0′7″N 21°26′29″E / 42.00194° СГШ; 21.44139° ИГД / 42.00194; 21.44139
Почната1566
Завршена1572
Висина37 м
Технички податоци
Катови6

Историја

уреди

Според сознанијата, кулата била изградена во периодот од 1566 до 1572 година, а часовникот бил донесен од освоениот унгарски град Сигет. Нејзиниот долен ѕидан дел, всушност, е остаток од една од четирите кули во составот на бедемите кои го заштитувале манастирот „Св. Ѓорѓи Скоропостижник“. Во палежот на градот и големиот пожар од 1689 година, кулата претрпела голема штета, но сепак останала во првобитниот облик сè до 1904 година, кога по наредба на валијата Хафиз-паша била преуредена и го добила денешниот облик и висина од 37 метри. За време на земјотресот во 1963 г., на саат-кулата ѝ биле нанесени големи штети и притоа бил изгубен часовниот механизам. Подоцна, градбата на саат-кулата била обновена, но без нејзиниот часовен механизам.[1] Новите часовници на кулата биле додадени на 26 мај 2008 година, во рамките на проектот на Општина Чаир за нејзина реконструкција.[3]

Архитектура

уреди

За изгледот и намената на кулата, најмногу сведочат записите на познатите патописци. Така, францускиот патописец Филип Дифрен-Кане забележал дека:

„во Скопје има часовник што се слуша во целиот град, а часовите ги отчукува на француски начин.“[4]

Според Хаџи Калфа, пак, оваа саат-кула била најголема меѓу сите кули на христијаните, а часовникот ги отчукувал часовите и дење и ноќе, при што ѕвонењето се слушало на „два часа далечина“.[4]

Од записите на Евлија Челебија и Хаџи Калфа се согледува дека градбата на саат-кулата во својот првобитен облик била со шестаголна основа, чиј горен дел бил изграден од дрвена конструкција. По нејзиното преуредување во 1904 година, дрвената конструкција била заменета, по што градбата била целосно изгардена од тули.[1] Од дното до врвот на кулата, каде што се поставени часовниците, водат 105 скали.[5]

Поврзано

уреди

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Саат кула[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  2. Димовска - Чоловиќ, Мирјана (2008). Саат кулите во Република Македонија (PDF). Скопје: Национален конзерваторски центар-скопје; Едиција Културно-историско наследство на Република Македонија. стр. 114. ISBN 978-9989-131-08-0.
  3. Саат-кулата повторно го мери времето[мртва врска], Дневник, 27 мај 2008.
  4. 4,0 4,1 Петвековно движење на стрелките[мртва врска], Вечер, 5 септември 2006.
  5. Саат кулата – скопскиот јавен часовник, sataracarsija.mk.

Надворешни врски

уреди