Џамија Дуќанџик

џамија во Скопје, Македонија

Џамијата Дуќанџик (отомански турски: Muslihuddin bin Abdülgani (Müezzin Hoca - Dükkancık) Camii; кирилица: Муслихуддин бин Абдулгани (Муеззин Хоџа-Дуќанџик) Џамија) — џамија во скопската населба Дуќанџик, на самата периферија на Старата скопска чаршија. Ja изградил Муезин-оџа Продавачот, видна личност на старо Скопје. Се смета дека е изградена во 1549/1550 година. Земјотресот од 1963 година ја разрушил џамијата, додека недопрено останало само нејзиното минаре. Обноввуањето на објектот, финансиски потпомогнато од страна на арапскиот емират Шаржах и од други турски организации и некои македонски стопанственици, започнало во 2004 година, а џамијата повторно била отворена во 2007 година.

Џамијата денес

Имиња

уреди

Во почетокот, џамијата била позната како „Муезин-оџина џамија“, во чест на нарачателот на изградбата, Муезин-оџа, а ова име се споменува уште во 1615 година. Нејзиното денешно име го добила по чаршијата „Дуќанџиклар“, која во времето на изградбата на џамијата се наоѓала во непосредна близина.[1]

Историја

уреди
 
Џамијата пред 1913 г.

Не е познато кога точно џамијата била изградена, но според пишан документ за нејзиниот градител, како најдоцен датум може да се земе предвид 1549 година. Нарачател на нејзината изградба бил Муезин-оџа Продавачот, кој бил познат и по изградбата на џамии во Нови Пазар и Трепча. Во своето завештание, во кое се нашле Куршумли ан, Ѓулчилер амам и бројни дуќани, тој го вклучил водоводот изграден за шадрванот од џамијата. Како последица на земјотресот од 1963 година, џамијата претрпела големи штети и била во голем дел разрушена, а неоштетено останало само нејзиното минаре. Со преземените активности за отстранување на урнатините во 1984, пронајдени се делови од објект и градежен материјал постари од XV век, па се претпоставува дека била изградена врз темелите на постара градба.[1]

Во 2004 година бил формиран Иницијативен одбор за реконструкција на џамијата, која наишла на огромен број на критики. На чело на иницијативниот одбор за реконструкција на џамијата бил последниот нејзин имам од 1963 година, Хатиз Идриз ефендија. По започнувањето на градежните работи во 2004, изградбата била запрена поради недостиг на пари, па било испратено писмо до гувернерот на третиот по големина арапски емират, Шаржах, во коешто била побарана финансиска помош за доградба на џамијата. Тој испрати 170 илјади евра. Покрај арапската донација средства за џамијата донирале турски организации, џамии, како и македонски стопанственици. Изградбата на џамијата чинела околу 500 илјади евра. Свеченото отворање на обновената џамија се одржало на 4 мај 2007 година, а на церемонијата на отворањето присуствувале тогашниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, видни македонски политичари, како и гости од Турција.[2]

Архитектура

уреди

Градбата спаѓа во групата на еднопросторни куполни џамии. Првобитно, куполата на тромпи била поставена над доста висок тамбур со осумаголна основа, при што тромпите овозможувале премин од квадратниот простор до тамбурот. По широчината на објектот пред неговиот средиштен дел имало трем со два четириаголни столба, над кои се наоѓала сводната конструкција со две помали куполи покриени со олово. Тремот бил поставен во правоаголна рамка и бил обложен со обработен камен, а содржел и надворешен михраб и сталактитни украси. Влезот на џамијата бил поставен несиметрично и бил сместен на левата страна, речиси до бочниот ѕид. Внатрешноста на објектот се одликувал со михработ, чијашто ниша била украсена со сталактити. Објектот има високо минаре кое било ѕидано со обработен камен и е со многуаголна основа. Во долниот дел од минарето има два камени прстена, а содржи и сталактитни украси под шерефето и парапетни плочки со ориентални мотиви.[1]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди