Црква „Св. Димитриј“ - Скопје
Свети Димитрија — православен храм во Скопје, поранешна катедрална црква на Скопската епархија, посветен на великомаченик Димитрија. На нејзиното место имало стар храм, кој постоел уште од XVI век. Во 1727 година „Св. Димитар“ се споменува како катедрална црква.
Св. Димитрија
| |
Поглед на црквата | |
македонска православна црква | |
Епархија | Скопска |
Архијерејско намесништво | Скопско |
Парохија | Скопска |
Местоположба | |
---|---|
Место | Скопје |
Општина | Центар |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Архитектонски опис |
Таа се наоѓа во близината на Камениот мост, на левата страна на реката Вардар, во Еврејското маало. Црквата е многу стара. Во 1690 г. била напуштена, а од 1886 до 1894 година црквата била обновена и проширена. Црквата била изградена во форма на кораб. За време на поправките кои биле изведени на црквата бил уништен и стариот живопис и сите важни записи за црквата. Според пишани податоци се знае дека црквата постоела уште во средниот век, во некои периоди била катедрала и дека во неа била сместена Скопската Митрополија и Митрополијата на Пеќската Патријаршија. Во дворот на оваа црква сè до 1878 година постоеле и гробишта. Во периодот меѓу двете светски војни постоеле надгробни плочи и остатоци на некогашен гроб. Реони на црквата “Свети Димитрија” биле Дебар маало, Железничка колонија, Тавталиџе и градскиот реон.
Особености
уредиЦрквата Св. Димитрија е тробродна црква со апсида и купола. Низ историјата на нејзиното повеќевековно постоење, црквата неколкупати е реновирана: во 1835 година и во 1864 година, во 1886 и во 1894 година, а во 1896 година е проширена и го добила денешниот изглед од познатиот велешки мајстор Даме, син на Андреја Дамјанов. Новиот живопис, иконописот на дрвениот иконостас и царските двери ги изработил познатиот зограф Димитар Папрадишки [1]. Во 1907/8 година е изградена нејзината камбанарија.
По катастрофалниот земјотрес од 1963 година, зографисувањето го извршил зографот Крсте Колоски во периодот од 1963 до 1973 година. Стилските и уметничките вредности на зографската реализација во храмот се со скромен дострел. Зографот, во рамките на своите можности, се трудел во однос на сликарската постапка да ја следи поствизантиската традиција на живописувањето.
Скопската епархија, по укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година, се нашла под директна јурисдикција на грчката Цариградска патријаршија. Во Скопје епархиските архијереи главно биле од грчко потекло, но, сепак, хеленизмот имал слаби позиции. Седиштето на Скопската митрополија се наоѓало во црквата Св. Димитрија. Скопската епархија по 1872 година се нашла во границите на Бугарската егзархија. Дејствувањето на Патријаршијата и на Егзархијата во градот довела до подвоеност на македонските верници и до црковни борби во градот во 1890 кои траеле до 1897 година. Во 1890 година во Скопје доаѓа новоназначениот егзархиски митрополит Теодосиј Гологанов од македонско потекло. Тој ги употребил сите свои сили да го обедини македонскиот народ и повел борба против грчката, српската и бугарската пропаганда, а дури бил подготвен да прифати и унијатство со Ватикан, со цел да ја обнови Охридската архиепископија. Бугарската егзархија насила го одвела во Цариград во 1892 година кога му бил одземен чинот митрополит Скопски.
Св. Димитрија е една од ретките објекти кој го избегнал палежот на Пиколомини 25 октомври 1689.
Во неговата припрата се наоѓа гробот на првиот поглавар на обновената автокефална Македонска православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Доситеј, а пред неговиот надворешен источен ѕид гробот на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Ангелариј. Над влезот на северната страна на црквата стои натпис на отворен свиток меѓу ангелски крилја од кој стои:
„ | ...„ВО ЧЕСТ НА СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ НА ОВА МЕСТО УШТЕ ВО 16 ВЕК ПО РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО БИЛ ПОДИГНАТ ХРАМ А ОВОЈ Е ИЗГРАДЕН И ОСВЕТЕН ВО 1896 ГОДИНА, СО ИЗРАБОТКА НА ИКОНОСТАС ОД ЗОГРАФОТ ДИМИТРИЈА АНДОНОВ ПАПРАДИШКИ” | “ |
.
На натписот на излезот од јужната страна од внатрешноста на храмот, се насилкани Св. Вмч. Димитриј и Св. Петка. Во внатрешноста на црквата има галерија, певница и владичи престол. Црквата е живописана на куполата, на која е претставен Седржителот Христос, како и на нејзините ѕидови. На западниот ѕид се изобразени „Оплакувањето на Христос” и „Успението на Богородица”. На галеријата над јужната врата е оформена композиција во полу калота на која е насликана сцената “Влегувањето во Ерусалим”, а централното место во втората зона на живописот на јужниот ѕид го зазема сцената „Вознесение Христивo”. Нејзин пандан на спротивната страна е сцената „Соборот на светителите”. Оваа сцена е на две нивоа; долу е претставена Богородица со светители апостоли, а горе „Ширнаја небес”. Иконостасот на црквата „Св. Вмч. Димитриј” е на три нивоа и завршува со акротерија (крст). Неговите царски двери се со плитка резба и со позлата. На нив, во средината, е изобразена сцената „Благовестие”, а над нив се наоѓа иконата „Светиот убрус”. Во првиот ред на иконостасот се наоѓаат празничните икони на светителите: лево и десно се Богородица со Христос и Исус Христос. До Богородица е Св. Вмч. Димитриј, а до Исус Христос – Св. Јован Претеча. Потоа следуваат иконите на апостолот Петар, архиѓаконот Стефан и Св. Јован Рилски. Централно место во вториот ред на иконостасот зазема „Тајната вечера”, а десно од неа е насликана „Молитвата од Гетсиманија”. На десната страна од третиот ред на иконостасот се наоѓа иконата со сцената “Вознесение Христово”, а на левата страна е “Вознесение на Богородица”. Што се однесува до стилот и уметничката вредност на зографската реализација во храмот “Св. Вмч. Димитриј”, тие се со скромен дострел, а зографот “во рамките на своите можности, се трудел во однос на сликарската постапка да ја следи поствизантиската традиција на живописувањето”. Меѓутоа, голема вредност имаат иконите во параклисот на излезот од црквата, посебно иконата на Св. Вмч. Димитриј и иконите на пророците, подарени уште во 1785 година, како и иконата на Св. Мајка Богородица, која се наоѓа во обновената крстилница. Во рамите на храмот “Св. Вмч. Димитриј” се наоѓаат камбанарија, дел од некогашната капела – крстилница, која всушност претставува мала црква, како и службените просотрии на храмот. Што се однесува до историјата на овој православен храм, таа и натаму останува тајна, поради уништувањето на стариот живопис за време на реновирањето на црквата во минатиот век и постојните поправки, доградби и новоградби, предизвикани како од природните катастрофи така и од воените и политичките збиднувања низ вековите. Но, и покрај тоа, сепак, речиси со сигурност може да се потврди нејзиното контирнуирано постоење од XIII век. Пратеникот на византискиот двор Теодор Матохит во 1299 година за оваа црква ќе го запише следново:
„Под градската тврдина има и предградие со најубава соборна црква што ја видов во овие краишта”
а патописецот Ами Буе, неколку векови подоцна, односно во периодот меѓу 1836 и 1838 година ќе запише:
„Православните христијани имаат нова и голема црква (се мисли на “Св. Богородица”), и други две помали и постари, од кои едната е посветена на маченикот Димитрија”.
Чудото во црквата
уредиНа 8 април 2012 година на православниот празник Цветници се случил редок и несекојдневен феномен на прочистување на фреските во внатрешноста на црквата[2]. Настанот бил наречен Чудото во црквата „Св. Димитриј“. Имено поради чадот од изгорените свеќи што ги палеле верниците кој со години се таложел и ги поцрнел сите фрески до степен на невидливост, постапно почнале да ја добиваат својата природна боја. Наслагите од чадот почнале да бледеат, а на површина излегувала природната боја. Прва била фреската „Воведение на пресвета Богорoдица", која што се наоѓа од десната страна од влезот на црквата. Во текот на денот, природни бои почнале да добиваат и останатите фрески со библиски мотиви: Вознесение Христово, Оплакување Христово, Св. Апостоли Петар и Павле, Свети Архангел Михаил и други фрески. Природните бои најмногу се вратиле на ореолите над насликаните светци, а исто така и на дел од нивната одежда која е насликана со златна боја. Црквата веднаш ја посетил и поглаварот на МПЦ-ОА Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и бројни верници кои палеле свеќи и ги допирале фреските за да го почувствуваат чудото. Наредните неколку денови црквата била преполна од верници[3], а огромен интерес се јавил и кај голем број на светски медиуми.[4]
Спред свештениците на МПЦ во православните цркви ваквиот феномен е забележан само уште во 30 години од минатиот век кога во Русија, во периодот на тогашната советска власт во една црква почнале да се враќаат природните бои на фреските, иконите и на црковните знамиња.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Премин Портал. Црковната традиција во Скопје и Скопско од IV век до денес
- ↑ „Чудо во црквата Св. Димитрија, фреските сами се чистат“. Нет Пресс. 9 април 2012. Архивирано од изворникот на 2012-04-11. Посетено на 2012-04-09.
- ↑ „Чудото во Св. Димитрија продолжува, верниците го преплавија храмот“. Нет Пресс. 9 април 2012. Архивирано од изворникот на 2012-04-11. Посетено на 2012-04-09.
- ↑ „Светските и балканските медиуми известуваат за чудото во Скопје“. Нет Пресс. 9 април 2012. Архивирано од изворникот на 2012-04-11. Посетено на 2012-04-09.
Надворешни врски
уреди- Црква „Св. Димитриј“ - Скопје на Ризницата ?