Ѓорѓија Пулевски

македонски писател
(Пренасочено од Ѓорѓи Пулевски)

Ѓорѓија Пулевски или Ѓорѓи Пулевски (1817, Галичник13 февруари 1893, Софија) — македонски писател на кратки дела, лексикограф, историчар и воен водач.[1] Пулевски е автор на првата печатена македонска граматика и автор на еден од првите речници на македонски јазик.

Ѓорѓија Пулевски
Починал13 февруари 1893
Софија, Кнежевство Бугарија
Битки/војни
Одликувања Орден на Свети Ѓоргија
Потпис

Рани години

 
Четиријазичникот (1873).
 
Слогница речовска.

Роден во селото Галичник, Ѓорѓија од печалбар-ѕидар во Романија до почетокот на 60-те години својот животен пат го продолжува низ разните ослободителни војни и востанија во текот на целата втора половина на XIX век. Тој ја започнува борбата за слобода на својот народ, истовремено учествувајќи во ослободителната борба и на другите балкански народи.

Доброволец во војните

Верувајќи дека со тоа се бори и за својата татковина, Пулевски најпрвин се вклучува како доброволец во ослободителните акции во настаните од 1862-1863 година кога, како наредник на понтонерска чета, се бори против турскиот гарнизон во Белград.

Потоа, по избувнувањето на Српско-турската војна (1876) тој пак се вклучува како доброволец, на страната на српската војска.

Веќе во следната година започнува Руско-турската војна и Пулевски е одново со својата чета во редовите на авангардата на руската армија за време на ослободувањето на Бугарија.[2]

Со Одринското примирје и Санстефанскиот прелиминарен договор е прекинато заземањето и на Македонија.

Но уште во следната година (1878) Пулевски пак активно учествува како војвода во Кресненското востание, ставајќи се директно во функција на борбата за слобода на македонскиот народ.

Борец за македонскиот јазик

Народ се вељид, људи који се од еден род и који зборувајед еднаков збор, и који, живувајед и кои се другарад еден, со, други, и који, имајед, једнакви, обичаји и песни и весеља, тије људите ји викајед народ а место, во које живувад, народ, се вељид отечество, од тои народ.

Така и Македонциве се народ и местово њивно је Македонија.

Ѓорѓија Пулевски
Тријазичник
1875[3]

Миje славјани који се наодиме од македонија, на јужноисточни краи, јевропа од шар до доспад старославјанисме и нашијов јазик се велид мијачки, које значи чист разговор.[4]

Ѓорѓија Пулевски
Тријазичник
1875[5]

Не помалку е значајна неговата културно-национална дејност како учебникар, лексикограф, граматичар, поет, фолклорист, етнограф и историчар. Негово првопечатено дело е Речник од четири јазика (или четиријазичник), објавено во Белград во 1873 година.

Тоа е всушност петјазичник, бидејќи во колоната на српскиот јазик дава лексички материјал од двата блиски, но сепак различни јазика: македонскиот и српскиот.

Втората објавена книга на Пулевски е Речник од три јазика (тријазичник), објавена исто така во Белград во 1875 г. Ова дело е особено значајно поради јасната концепција и отворено изнесената идеја за татковината Македонија, за македонскиот народ и македонскиот јазик како посебни во словенскиот свет.

Во Бугарија

Славјанско-македонска општа историја, оригинален ракопис. (кликнете на сликата за да ја читате книгата во целост на 1005 страници)
Факсимил од оригиналниот ракопис на предговорот (на 8 страници)

По неуспехот на македонското Кресненско востание и неговото заминување во Софија, во 1879 година Пулевски сепаратно ја публикува првата патриотско-политичка поема во нашата литературна историја Самовила Македонска, во која ги споменува Филип Македонски и Александар Македонски како предци на денешните Македонци, кои 300 лета пред Христа ја повладале целата вселена[5].

Во неа е одразена идеологијата на македонските учесници во Македонското (Кресненско) востание[5]. Во тоа време ја објавил и првата одделна стихозбирка на македонски јазик во македонската литературна историја Македонска песнарка (во две книшки). Стихозбирката содржи три лични и повеќе народни песни.

Оваа збирка македонски народни песни била многу позитивно прифатена меѓу македонската емиграција во Бугарија. Константин Везенков бил воодушевен од патриотизмот на својот познаник Ѓорѓија Пулевски искажан во неговите авторски песни за Филип и Александар Македонски, па решил дел од нив да објави во весникот Марица.[6]

Во следната 1880 година излегува од печат и Слогница речовска, којашто претставува прва публикувана граматика на македонскиот јазик. Во неа Пулевски се обидел да создаде основни норми на македонски литературен јазик, комбинирајќи го централно-македонското наречје со словенската писмена традиција во Македонија, создавајќи при тоа мошне интересна лексика и позајмувајќи зборови и од другите словенски јазици, но секогаш изразито македонизирани.

 
Споменик на Ѓорѓи Пулевски во Галичник

Словеномакедонска литературна дружина

Како дел од активноста на Пулевски сред македонската емиграција во Софија е и формирањето на Словеномакедонската литературна дружина во 1888 година, под негово претседателство.

Таа има особено значење како прва македонска литературна асоцијација воопшто и тоа е само уште еден доказ за неговата патриотска културна дејност и национално-политичка ориентација.

Меѓутоа, посебно место во претставувањето на делото на Пулевски зазема неговата Славјанско-маќедонска општа историја, завршена во 1892 година непосредно пред неговата смрт. Ова негово капитално дело беше објавено во целост од МАНУ и Фондацијата „Трифун Костовски“ во 2003 година, а еден негов дел односно „Царственикот Велики Александров“ бил издаден од Институтот за национална историја во 2005 година во Македонија со наслов „Македонска Александрида“, и двете изданија под редакција на академик Блаже Ристовски и проф. д-р Билјана Р. Јосифовска[7].

Делото кое е објавено на оригиналниот пишан јазик - мијачкиот говор од Галичник и го опфаќа животот на Александар Македонски од неговото раѓање, походите во Египет и Индија сè до неговата смрт.

 
Научен труд „Ѓорѓија Пулевски - меѓник во нашата културно-национална историја“ од Блаже Ристовски (1996)

Не е за занемарување и неговиот обемен ракопис, насловен како Јазичница, завршен исто така во Софија, што претставува специфичен прирачник за изучување на македонскиот јазик.

Дела

  • Речникъ отъ четири језика. I. Српско-Албански. II. Арбански-Арнаутски. III. Турски. IV. Грчки. Скројена и написана отъ Ђорђа М. Пулѣвски, архитекта у Галичникъ Окружије дибранско 1872. године I-ва часть. Београд, штампария Н. Стефановића и Дружине. 1873, с. 98 + I-X
  • Речник од три језика с.македонски арбански и турски. Књига II. Написао Ђорђе М. Пуљевски... Мијак гаљички. У Београд у Државној штампарији 1875, с. 162 + I-[X]
  • Самовила Македонска. Отъ Гь. М. П. Народна печатница на Б. Прошекъ въ София, ѕ.а., с. 4
  • Макєдонска пєснарка отъ Георгьа Пульєвски, Б. В. М. Софїа. 1879, с. 16

Галерија

Поврзано

Наводи

  1. Историја на македонскиот народ, книга втора, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969 година
  2. Ristovska-Josifovska, Biljana (2013). „Exploring the Russo-Ottoman War (Macedoniand Memory and Presentations)“. Balkanistic Forum. 1: 112–114.
  3. Пулевски, Ѓорѓија (1875). Речник од три језика.
  4. Пуљевски, Ђорђе М. Речник од три језика. С Македонски, албански и турски, Београд, 1875, с. 41.
  5. 5,0 5,1 5,2 Пулевски, Ѓорѓија (1875). Речник од три језика. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „ReferenceA“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  6. К. Иречекъ: Български дневникъ томъ ІI - Октомври 1881 - октомври 1884 (23 април / 6 май)
  7. „Македонска Александрида“ (Извадок од „Славјано-маќедонската општа историја“ од Ѓорѓија М.Пулевски). Институт за национална историја, Скопје, 2005. стр. 5

Литература

  • За македонскиот литературен јазик, Блаже Конески, Култура, Скопје, 1967.
  • Блаже Ристовски, Ѓорѓија Пулевски, Македонски фолклор, 1973.

Надворешни врски