Македонска песнарка
Македонска песнарка е стихозбирка напишана од македонскиот национален и револуционерен деец Ѓорѓија Пулевски. Стихозбирката Македонска песнарка се состои од два дела (две книшки) и е објавена во 1879 година во Софија[1]. Како и во својата поема Самовила Македонска, Ѓорѓија Пулевски и во ова свое дело со силен македонски патриотски набој ги повикува Македонците да се кренат во борба за својата слобода и слобода на Македонија. Во песните тој вклучува обраќања кон Македонците, но и кон европската јавност, реагирајќи против решенијата на Берлинскиот конгрес во 1878 (по Руско-турската војна и ослободувањето на Бугарија) со кои се оставила Македонија пак под турското ропство[1]. Исто така и во песните на оваа стихозбирка Ѓорѓија Пулевски ја истакнува непосредната поврзаност на Македонците со Античките Македонци, а Александар Македонски и Филип Македонски ги споменува како наши македонски цареви.
Автор | Ѓорѓија Пулевски |
---|---|
Земја | Бугарија |
Јазик | македонски - мијачки говор со архаизми |
Жанр | стихозбирка |
Издадена | прво издание: 1879 година во Софија. |
Песни
уредиКако и насловите на претходно објавената поема Самовила Македонска и на песнарките, така и првите три целосно негови стихотворби во првата стихозбирка се одликуваат со изразито потенцирани национално интонирани наслови кои ги содржат зборовите Македонија, македонско/и, Македонци[2]. Меѓу овие песни се вбројуваат: Плачење македонско, Македонцим ув прилог и Жаљост македонска[2]. Додека првите две песни се со еден специфично негов изразен стил, сличен на оној на Григор Прличев, третата патриотска песна е напишана наполно во духот на македонската народна песна, заради што е прифатена во народот до денешни дни[2]. Песната „Жаљост македонска“ претставува приспособување, односно адаптација, на постара народна песна кое е успешно актуализирано со тековните случувања при што таа започнува со познатите стихови: Не жали, Стано мори, не плачи, не рони тије с'лзи крвави[2]. Слични потфати Ѓорѓија Пулевски има правено и во другите навистина народни умотворби што ги објавува во продолжение. Сите тие носат и една специфична графика за укажување на мелодиската линија при вокалното исполнување: со своевидно повторување на вокалите (наместо со нотација) авторот сака да укаже како треба да се пее стихот, а тој исто така изречно наведува со каква инструментална придружба се пеат одделни песни[2]. Мечтата за Кралевина Македонија со децидната потенцирана национална идеологија ја покривала рапавоста на стиховите и несмасноста на одделни јазични конструкции[2].
Македонцим ув прилог
уредиЕдна од песните во стихозбирката Македонска песнарка е песната Македонцим ув прилог. Во оваа песна Ѓорѓија Пулевски повторно се повикува и ги потсетува Македонците на нивното славно минато и историја со нивните кралеви Филип Македонски и Александар Македонски. Понатаму тој реагира против решенијата од Берлинскиот конгрес со кои Македонија била оставена под турското ропство, за на крај да ги повика своите сонародници - Македонци да се кренат и јуначки да се борат како под цар Александар и историјата стара да ја оживеат.
- Татковина ја ово место мило Македонцим,
- кралевина била под краљом Филипом,
- старо царство, јесте од цара Александра,
- наш цар македонски, познат Александар велики ув вселену.
- Он је наше царство во Полостров Балкански
- је го оставил все горским Славјаним[1][3].
- Чујте, браќа наши јевропски христијани,
- да ја наша судбина нами досадила
- мије хоштеме нашу домовину.
- Ево днеска в македонскеј кралевини наши браќа тужат
- зашто само назе под ропство оставајет
- зато и мије хоштеме своју домовину[1][3]!
- Братије наши Македонци од православну веру,
- да се сви сложиме, јуначки бориме,
- како наши стари под цар Александром,
- повтор спомен своим имјам по нас оставиме!
- Историју стару да ју оживиме,
- мије глејте сега да ју исполниме[4].
Одглас
уредиОваа збирка македонски народни песни била многу позитивно прифатена, а нејзините песни биле мошне популарни во Македонија, особено во Мијачијата и посебно меѓу македонската емиграција во Бугарија[2]. Одгласот меѓу емиграцијата бил доста голем и позитивен, при што дел од овие песни доживувале и второ објавување во 1884 година. Константин Везенков бил еден од оние што биле воодушевени од патриотизмот на својот познаник Пулевски искажан во неговите авторски песни за Филип и Александар Македонски, па решил дел од нив да објави во весникот „Марица“.[5]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Ристовски, Блаже (1995). Македонија и македонската нација. Детска радост. стр. 134.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Ристовски, Блаже (1996). Ѓорѓија М. Пулевски - меѓник во нашата култруно-национална историја. Македонска академија на науките и уметностите. стр. 18–19.
- ↑ 3,0 3,1 кај него преземено од Македонска песнарка отъ Георгьа Пулевски, б.в.м. Софiа 1879, стр. 5-6
- ↑ Исто
- ↑ К. Иречекъ: Български дневникъ томъ ІI - Октомври 1881 - октомври 1884 (23 април / 6 май)