Македонска радио-телевизија

(Пренасочено од Македонската телевизија)

Македонска радио-телезивија (МРТ) — национална телевизија на Република Македонија, основана во денешниот облик во 1993 година од страна на Собранието на Република Македонија, како продолжение на дотогашната Радио-телевизија Скопје (РТС).

Македонска радио-телевизија
Отпочната1944 (радио)
1964 (телевизија)
ДржаваМакедонија Македонија
Област на емитувањеМакедонија, ширум светот (MKTV Sat)
Веб-странаmrt.com.mk
Зграда на Македонска радио-телевизија
Зградата во 2023 година
Карта
Општи податоци
Координати41°59′49″N 21°26′42″E / 41.99704961097374° СГШ; 21.444885893133364° ИГД / 41.99704961097374; 21.444885893133364
Темелот удрен1976[2]
Почната1971-1974 (проектирање)[2]
Завршена1984 (1984)[2]
Технички податоци
Катови24
Проектирање и изградба
АрхитектКирил Ацевски, Кирил Петровски и Крсто Ристовски (идејно решение)
Кирил Ацевски, Нако Манов и Харалампие Јосифовски од проектантско биро на „Бетон“ (основен проект)[2]

Историја

уреди

Телевизија Скопје

уреди

Во 1960-1962 година Радио Скопје, што се однесува во програмските зафати, оформува екипа и испраќа свои работници на обука во радиотелевизиските центри во Белград и Загреб и интензивно се подготвува за освојување и на тој сегмент од радиодифузијата.

На 8 април 1964 година е завршена монтажата и на 5/1 KW ТВ предавател на објектот Црн Врв. Co силниот антенски систем (4х4 антенски панели), кој има засилување од 10 децибели, а тоа значи во сите правци зрачи со по 50 KW, тој ќе биде доминантен во тоа време на овие наши простори. По повод неговото официјално пуштање во работа на 5 јуни 1964 година се одржува свеченост на самиот објект и се врши првиот телевизиски пренос во живо од типот на Социјалистичка Република Македонија. Телевизиските работници остваруваат уште една победа, но Телевизијата е сè уште на прагот на својот почеток. Во текот на летото 1964 година се спроведуваат директни преноси на спортски, фолклорни и забавно-музички приредби од „Средбата на солидарноста”.

14 декември 1964 година се смета за роденден на скопското телевизиско студио. Од импровизираното студио (лимен хангар) во крј има две маси за спикерите и најавувачката, со една камера (и уште една резервна) од подарената англиска репортажна кола, со мобилна врска од колата до предавателот на Црн Врв, во „живо”, започнува редовното емитување сопствена програма од сопствено студио. Во 18:15 часот ТВ весник во траење од 20 минути, потоа цртан филм и детска емисија, образовна емисија, странски јазици, емисија од културата, ЕПП ... Така, пет дена во неделата. Создадени се доволен број емисии и репортажи за предвидените термини, а детските куклени и образовните емисии се емитуваат во „живо”. Така до 20 часот, а потоа вклучување во заедничката програма на Југословенската радио-телевизија.

Првите програми на ТВ-студио Студио Скопје

уреди

На 16 октомври 1965 година е реализиран и првиот директен телевизиски пренос од еден фудбалски натпревар: на Градскиот стадион во СкопјеВардар” ја победува „Црвена Звезда” со два спрема нула, а преносот го коментира Атанас Костовски, во режија на Вељо Личеновски. За есента во таа година се подготвува нова шема и со неа се планира старт на двегодишна телевизиска програма за основно образование под наслов „Се рути карпа мрак” (повод се показателите од 1961 година според кои во Македонија се регистрирани 225 илјади неписмени, а од нив 70.777 до 35-годишна возраст).

1965 година се одликува, барем во доменот на Предаватели и врски со пуштање во редовна работа и на другите ТВ предаватели. Така, на 5 септември е пуштен во редовна работа ТВ предавателот со сила од 0.6/0.25 KW на Туртел, а на 28 декември ТВ предавателот на Пелистер со сила од 0.5/ 0.1 KW и на Мали Влај со сила од 0.6/0.25 KW. Заедно со Црн Врв овие четири предавателни објекти се и денес базичните пунктови на телевизиската мрежа на МРТ. Во истата година се пуштаат во редовна работа и ТВ репетиторските објекти во Кичево и Куманово на 28 јуни чии уреди се со сила од 10 W, а на Попова Шапка се поставува ТВ уред со сила од 50 W. При крајот на 1965 година телевизиската мрежа покрива 76% од териотријата и 83% од населението на Македонија (што е над југословенскиот просек).

Наредните четири години (19661969) се години на интензивна изградба на репетиторската дифузна мрежа. Изградени се 13 нови репетиторски објекти, како и одредени засилувања на постојните уреди. Пуштени во редовна работа се пунктовите: 5 јануари 1966 Стогово со 5 W уред; 8 август 1966 Штип со 5 W уред; 8 јуни 1966 Сопотница со 5 W уред; 29 декември 1966 Македонски Брод со 10 W уред; 29 декември 1966 Страцин со 10 W уред; 29 декември 1966 Кратово со 50 W уред. Bo почетокот на 1966 година на Боскија се поставува 100 W уред. Во 1967 година се пуштаат во редовна работа пунктовите Крива Паланка со 50 W уред и Богданци со 5 W уред. Во 1968 година Неготино со 5 W уред и Ростуше со 5W уред. Во 1969 година Каменица со 5 W уред и Тепавци и Влајница со 10 W уреди.

 
Логото на ТВ Скопје

Во 1967 година започнува експанзија на нови емисии: со воведува дебата едночасовна емисија „На дневен ред”; на 28 јануари 1967 година се емитува првата младинска емисија „Јас, ти, ние ...”; специјализираната емисија за сообраќај и туризам „Семафор” (за првпат емитувана на 21 септември 1966 година), сега започнува да се емитува двапати месечно по 25 минути; се воведува спортска емисија и емисија за армијата и одбраната; на 2 мај Телевизија Скопје ја емитува својата прва телевизиска драма „Пустина” од Ѓорѓи Абаџиев, во режија на Душан Наумовски. Во летото 1968 година е снимена и првата забавно-музичка емисија на филм во боја „Охридските пастели”, според сценарио на Димитрие Османли ги реализираат уредникот Димитар Масевски и режисерот Ацо Алексов.

На 27 април 1967 година (кога во Албанија сè уште нема телевизија) започнува емитувањето на 20-сет минутна информативна емисија на албански јазик, а на На 14 април 1969 година е воведена прва информативна емисија на турски јазик. Навистина, само 15 минути на 15 дена, но во тие пригоди со особено задоволство било истакнувано дека во матичната земја на Турците, Турција, телевизијата сè уште не емитува редовна програма. На 25 јуни 1969 година во главниот град на СФРЈ, во Белград, Телевизија Скопје отвора свое прво дописништво надвор од Македонија.

Во технички поглед, даден е во употреба терминал и приклучувањето на програмата сега се врши од студиото, а не како дотогаш, преку предавателот на Црн Врв; започнува изградбата на студио II за информативна програма, спикерна, студио за најава на програмите, просторија за титлување филмови и повеќе редакциски канцеларии. При крајот на 1969 година заврши монтирањето на Студио II со две црно-бели камери, и сè беше подготвено оттаму да започне емитување на централната информативна емисија тв-весникот. Крајот на 1969 година Предаватели и врски го дочекуваат со десетгодишно искуство од областа на телевизиската емисиона техника. Телевизиската мрежа во Република Македонија се состои од 4 матични предавателни пунктови (Црн Врв, Туртел, Пелистер и Мали Влај), една радиорелејна станица Борула, како и 21 репетиторски објект низ Македонија. Вработените во Предаватели и врски веќе поседувааат солиден квантум знаење од таа област и се со богато искуство. Квалитетот на емитуваната програма од ден на ден се подобрува. Почнуваат и првите емисии во боја па следствено на тоа се појавуваат и првите колор ТВ приемници. На 9 септември 1970 година на објектот Пелистер е пуштен во редовна работа нов 5/1 KW предавател. Во истата година во септември се пуштени во редовна работа и пунктовите Жировница и Спас. Во наредните три години се изградени репетиторските пунктови: Отешево со 10 W уред, Дебрца со 10 W уред, Лазарополе со 5 W уред. Во Крива Паланка и Кратово наместо 50 W уреди се поставија уреди со моќност од 1 W.

Годината 1970 го означува почетокот на воведувањето на втората телевизиска мрежа. Бидејќи радиочестотниот спектар во ВХФ подрачјето (I и III банд) каде што има можност за поставување емитувачки уреди на само единаесет честоти (11 канали) е заситен и не дава можност за поставување други уреди, се преименува во УХФ подрачјето (470-862 МХц) кое дава можност за планирање и поставување уреди на 48 честоти (48 канали). Планот за распределбата на честоти во УХФ подрачјето е донесен од порано и остануваше да се изврши негова координација со соседните земји. РТС ги прави првите чекори за воведување на вториот канал, преку предаватели и врски со набавката на ТВ предавателот со сила од 1 KW за ТВ/УКБ пунктот Црн Врв и еден репетиторски уред од 100W за ТВ/УКБ peп. пункт Водно. Во текот на 1970 година, поточно кон крајот на годината, опремата е добиена од „Телетра” од Милано се монтира и на 2 февруари 1971 се пушта во редовна работа. Пуштањето во работа на тие уреди го означи почетокот на воведувањето телевизија во боја во Република Македонија. Македонската телевизија е меѓу првите земји на Балканот што почна да емитува сигнал во боја. (Белград 31.12.1971) Многу подоцна соседните земји ќе го почнат воведувањето телевизија во боја.

Co воведувањето на ТВ-весникот сè уште се оди претпазливо: на 18 мај 1970 година е освоен еден ден во неделата, вторник, во кој експериментално телевизискиот весник се емитува во 20 часот. Редовното емитување на тв-весникот во овој термин започнува од 1 јануари 1971 година. Во 1972 година почна дизајнирањето и оспособувањето и на Првата ТВ мрежа за емитување телевизија во боја. ВХФ предавателите беа монтирани и пуштени во погон во 1974 година и тоа на 11 октомври 1974 година 5 KW предавател на Туртел, а на 13 ноембри 1975 година 10 KW предавател на Црн Врв. Силата на емитуваниот сигнал повеќекратно се зголеми со што ги премина и границите на Македонија. Во 1974 година репетиторската дифузна мрежа се прошири со уште 3 репетиторски пунктови и тоа: Нижополе (септември 1974) со уред од 1 W, Блатец (декември 1974) со 5 W и Делчево (декември 1974) со 5 W.

На 2 август 1975 година на екраните во Македонија и во светот, за првпат од надворешен пренoc, се појавила шпицата на Телевизија Скопје во боја: во новата репортажна кола е реализиран прв директен пренос во боја од Светското првенство во кајак на диви води. Во текот на оваа година на филм во боја се снима и првата играна серија за деца „Волшебното самарче”. Се продолжува со набавка на опрема за Втората програма во Нерези и друга опрема за опремување на студијата и мастерот во новиот Дом. 1976 година ја одбележуваат неколку работни успеси: вклучена е нова главна колор-режија за Првата програма, дадени се во употреба ново телекино, магнетоскопи и машина за титлување. Почнува да работи нова филмска лабораторија со можности за развивање 1.100 метри на час колор-умкер, позитив и негатив. Во оваа '76 година режисерот Душан Наумовски ја реализира првата играна серија на Телевизија Скопје, работена филмски, во боја „Пат кон иднината”. Започнува емитувањето на неколку часовната неделна емисија „Спортско забавно попладне”, во „живо” (единствена од тој вид во ЈРТ). Неколку програмско-технички зафати се карактеристични за 1978 година. Од 8 јануари телевизискиот весник прераснува во телевизиски дневник и оваа централна информативно-политичка емисија започнува да се реализира со водители. Се емитува во 20.00 часот, пет дена во текот на неделата, а во саботите и неделите се презема заедничкиот ТВ-дневник од ТВ-Белград.

Периодот од 1975 година до 1982 година е период на најголеми инвестициони влошувања во телевизиската мрежа на МРТ. На ТВ/УКБ пунктот Црн Врв во тој период се монтираа следниве уреди и опрема: ТВ/УХФ 40KW предавател, 2х10 KW УКБ предаватели, поголем број линковски уреди како и УКБ и УХФ антенските системи и силата што ја зрачат уредите повеќекратно се зголеми, како и 3 агрегати за резервно напојување со електрична енергија. На ТВ/УКБ пунктот се монтираа и пуштија во работа следниве уреди и опрема: ТВ/УХФ предаватели со сила од 20 KW и 1 KW, двонасочна линковска врска, 2х10 KWУХБ предаватели и 1 KW УКБ предавател, агрегат со сила од 230 KW како и нови силни ВХФ, УХФ и УКБ антенски системи.

На 6 март 1978 година Телевизија Скопје остварува нов, крупен чекор во својот развој: започнува да емитува своја Втора програма. Таа се емитува еднаш неделно, секој понеделник, а подоцна и во средите, во траење од четири часа, целосно во боја. Втората програма е алтернативна и комплементарна на Првата, со емисии од сите жанрови што се подготвуваат во двата сектора за информативно-документарни и за културно-уметнички емисии. Одговорен уредник на Втората програма е Зоран Вангелов. Инаку, во другите денови и во времето кога не емитува свои содржини, на вториот канал се преземаат директно програми од другите југословенски телевизиски центри.

За изградба на интервентна ТВ мрежа за Вториот телевизиски канал се изврши набавка на 3х1 KW ТВ/УХВ предавател со француската фирма „ЛГТ” од Париз, како и набавка на 20 репетиторски ТВ/УХФ уреди во комплет со антенски системи од фирмата „Елрад” од Горна Радгона Словенија. Се изградиле и поголем број нови ТВ репетиторски објекти и кон крајот на 1982 година, покрај 4 базични ТВ/УКБ објекти, првата телевизиска програма се емитува преку мрежа од 39 репетиторски објекти, а Втората телевизиска програма преку мрежа од 34 репетиторски објекти.

Во 1982 година е набавена апаратура за читање текст од камера, т.н. „идиот”. Таа е вградена во студиото уште во Нерези, која и денес е исправна но поради суета никој не ја употребува. Во 1983 година се вршат подготовки за преселба од Нерези во новиот Дом. Co пристигнатата опрема многубројна екипа на ТВ-Скопје активно учествува во реализацијата на Зимската олимпијада во Сараево. Во 1984 година се емитувани 161.394 минути на Првата и 54.721 минути на Втората програма.

 
Зградата на Македонската радио-телевизија во 2013 година.

Завршува изградбата на новиот РТВ-дом и е извршена пообемна набавка на опрема која ќе се вградува во новите студија. Од нив директно во програмата започнуваат да се емитуваат и првите контактни емисии: „Скопската програма” што под редакција на Иван Андреевски, двапати неделно, ја подготвуваа и водеа поголема група нови, млади новинари. Од 17 февруари 1985 година во неделните претпладниња започна да се емитува и првата „отворена” забавно-контактна емисија „Добро утро, добар ден”, што ја водеа и подготвуваа Катица Трајковска и Петар Ѕалев. На 14 мај 1985 година во големото студио во новиот Дом започнало снимањето на најголемата и најамбициозна играно-анимирана серија за деца од 31 епизода по 30 минути „Бушавата азбука”. Се создаваат претпоставки и се вршат подготовки за воведување целодневна телевизиска програма.

Во 1986 година завршува најсложената, најтешката и најскапа операција на РТС во нејзиното постоење: преку своевиден технички подвиг на вработените од техниката, по целосната демонтажа и монтажа на уредите, без прекин на програмата, е извршено успешно пренесување на сигналот од Нерези во новиот РТВ-дом, во програма што директно се емитуваше за гледачите во текот на целото деноноќие. Co натамошното техничко опремување се создадоа услови за прием и следење сателитска програма. Во пролетта 1988 година се овозможува и реемитирање при што почна првото директно преземање на вториот канал на програми од сателит. Во овој период ТВ Скопје, од име на ЈРТ, е кооридинатор за обезбедување програми од југословенските твцентри за емитување преку сателитската програма „Канал на еден свет”.

1989 — 1990 година

уреди

Во периодот од 1986 до денес се набавени неколку силни ТВ предаватели и тоа: март 1988 10KW ТВ/ВХФ предавател на Црн Врв, октомври 1991 година 10KW ТВ/ВХФ предавател за Пелистер, мај 1992 тодина 10KW ТВ/ВХФ предавател за Туртел. Сите тие предаватели се за емитување на Првата програма на Македонската телевизија. Во октомври 1993 година е набавен 10KW ТВ/УХФ предавател за Пелистер за емитување на Втората ТВ програма како и во октомври 1991 2KW ТВ/УХФ предавател на Пелистер за емитување на Третата ТВ програма.

 
ТВ Скопје во боја

На 8 април 1990 година е воведена емисија на ромски јазикПреродба”, а на 9 јануари 1991 година емисија на влашки јазикНеделиик”. И двете се емитуваат еднаш неделно, траат по 30 минути, и двете го носат епитетот први и единствени во светот на јазиците на народностите за кои се наменети. Тоа, само по себе, и на Телевизија Скопје и го обезбедува достојното место на институција со демократски определби за пример. На 7 јануари истата 1991 година Телевизија Скопје започнува да емитува програма и на својот трет канал. „Канал-3” се емитува пет дена во неделата по четири часа, целосно во „живо” и со поведри содржини низ кои за првпат во програмите е применет телефонски разговор со гледачите, како и повеќе други привлечни програмски содржини и акции со кои се анимираат гледачите. Во другите часовни појаси Третиот канал е исполнет со преземена сателитска програма. Во почетокот Третиот канал се емитуваше преку еден предавател само за подрачјето на Скопје, а подоцна, со помош на општинските собранија, се набавени репетитори и се изградени неопходни инфраструктурни објекти со што е овозможено следење на програмата во уште десетина градови низ Македонија. Co повеќе програмки акции од градовите во кои се следи „Канал-3” се наѕираат развојните можности за создавање регионална телевизиска програма во Македонија и прераснување на дописните во регионални тв-центри.

На 7 јануари 1991 година, најпрвин само преку еден киловат ТВ/УХФ репетитор од Водно, почнува да функционира и III канал на МРТ. Набргу со финансиско учество на општините Битола, Прилеп, Охрид, Струга, Ресен, Кичево, Македонски Брод и други третата ТВ мрежа се проширува така што денес се емитува од 16 објекти, со покриеност повеќе од 50% од населението во Македонија, со тенденција на зголемување и проширување

 
Лого на МРТВ до 2012 г.

Македонската телевизија дневно емитува 73 часовна програма на своите три канали и на Сателитскиот канал. На Првиот канал емитува непрекината 24-часовна програма. На Вториот канал се емитува програма на немнозинските заедници во Република Македонија. На него се емитува програма на албански јазик, на турски јазик, како и емисиите на српски, ромски, влашки и бошњачки јазик. Третиот канал е формиран во 1991 г., тогаш како експериментален канал, а сега е наменет за активностите на Собранието. Сателитскиот канал постои од 2000 и емитува непрекинато 24-часовна програма, што претставува избор од програмите на МРТ, како и оригинална програма.

Табела бр. 1: Квалификациона структура на вработените во МРТ (2013-2014)[3]

д-р м-р ВСС ВС ССС ВКВ КВ НСС Вкупно
31.12.2013 1 7 311 40 429 3 39 16 846
31.12.2014 0 17 310 39 430 1 38 17 852
Структура 0% 2% 36,4% 4,6% 50,5% 0,1% 4,5% 2% 100%


Табела бр. 2: Приходи на МРТ (2013-2014)[3]

Приходи 2013 2014 Структура
Радиодифузна такса 936.890453 858.528.442 64,7%
Закупнини 920.155 866.315 0,1%
Реклами 30.974.844 49.217.197 3,7%
Приходи од буџетот 240.000.000 240.000.000 18,1%
Приходи од услуги во земјата 4.418.793 4.592.502 0.3%
Приходи од странство 2.061.357 1.465.696 0,1%
Останати деловни приходи 34.584.762 24.011.870 1,8%
Приходи од владата и АЕК - 97.093.255 7,3%
Дополнително утврдени приходи 115.441.666 4.598.766 0,3%
Приходи од Министерството за култура - 5.961.700 0,4%
Приходи од наплата по судски одлуки 62.540.163 - -
Останати приходи од работењето 100.000.000 40.000.000 3%
Вкупно 1.527.832.193 1.326.335.743 100%

Радио Скопје

уреди

Maкедонското Радио својата програма ја започнува во 1944 година и е едно од првите балкански радија.

Организација и раководење

уреди

Највисок орган на раководење со МРТ е Советот на МРТ, кој брои 13 членови, кои ги избира Собранието на Република Македонија. Од нив, пет членови предлага собраниската комисија за избори и именувања, тројца предлага Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), додека останатите пет членови се предлагаат од страна на: Интеруниверзитетската конференција, Албанскиот театар, Турскиот театар, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Македонската асоцијација на новинарите (МАН). Членовите на Советот се избираат со мандат од пет години.[3]
Во декември 2014 година, Собранието го избрал следниов состав на Советот на МРТ:[3]

  • Снежана Клинчаровска, претседател (предлог на собраниската комисија)
  • Јагнула Куновска (предлог на собраниската комисија)
  • Ристе Панов (предлог на собраниската комисија)
  • Златко Јанковски (предлог на собраниската комисија)
  • Косана Мазнева Николиќ (предлог на собраниската комисија)
  • Гајур Рамадани (предлог на собраниската комисија)
  • Илир Рамадани (предлог на собраниската комисија)
  • Агим Лека (предлог на собраниската комисија)
  • Смилка Јанеска Саркањац (предлог на Интеруниверзитетската конференција)
  • Анита Латифи (предлог на Албанскиот театар)
  • Селпин Керим (предлог на Турскиот театар)
  • Ведат Мемедалија (ЗНМ)
  • Ивана Трајковска (МАН)


Во март 2015 година, за директор и заменик-директор на МРТ повторно биле избрани Марјан Цветковски и Харун Ибраими, кои претходно минале еден тригодишен мандат на овие функции.[3]

Трговски марки

уреди

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. Преку Map Elevation Calculator
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Мартина Штериова (13 јули 2022). „Зграда на МРТВ / 1984“. marh.mk. Архивирано од изворникот на 14 јули 2022. Посетено на 9 мај 2024.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Љубиша Арсиќ, „МРТ во челуста на ДПМНЕ“, Фокус, број 1016, 27 март 2015, стр. 21.