Стогово — висока планина во западниот дел на Македонија која се протега делумно во меридијански правец север - југ, односно северозапад - југоисток. Заедно со планината Караорман, зафаќаат површина од 522 км2.[1]

Стогово
Поглед на Стогово кај Дебарското Езеро
Највисока точка
Надм. вис.2.273 м
Географија
Стогово на карта

Карта

МестоЗападна Македонија

Правец на протегање

уреди

Планината Стогово се наоѓа меѓу долината на Црн Дрим на запад и Сатеска од исток. На север и исток Стогово се надоврзува со планината Бистра, а на југ преку врвот Бабин Срт (2240 метри надморска височина) се надоврзува на планината Караорман. На север е ограничена со Мала Река, Гарска Река, Јамска Река и превојот Јама, а на југ преку Караорман допира до Охридско-струшката котлина.[1] На запад и југозапад падините на Стогово ги оградуваат Дебарското поле и долината на реката Црн Дрим односно областите Дримкол и Малесија, додека пак на исток и југоисток ги оградува Кичевската Котлина и северниот дел на областа Дебрца. Се протега во правец северозапад-југоисток.[1] Планината е млада верижна со остри сртови и припаѓа на Шарскиот планински систем. Сртот е јасно изразен по целата должина, на места е заоблен, а наместа остар и слабо расчленет.[1] Планинската страна свртена кон север од почетокот благо се спушта, а потоа стрмно паѓа кон долината на Мала Река и нејзините притоки Гарска и Јамска Река.[1] Највисоки врвови се Голем Рид - 2273 метри надморска височина, Бабин Срт - 2241 м.н.в., Стогово - 2218 метри, Канеш - 2216 м.н.в. и а има уште 7 други врвови повисоки од 2000 метри.[1] Ѓорче Петров го дава следниот опис на правецот на протегање на Стгово: недалеку од Дебар преку Радика, започнува планината Стогово, која врви кон југоисток под тап агол со Кораб и се покажува во Кичевско 3 часа на југозапад од градот Кичево, со врвот Стогово.[2] Тука таа завртува на југ и под името Караорман завршува во Охридско.[2]

Градба и природни одлики

уреди

Стогово е млада верижна планина која настанала за време на алпската орогенеза.[3] Во геолошкиот состав се сретнуваат филитоиди, зелени шкрилци, карбонати, глинци, рожнаци и сл.[1] За време на плеистоценот планината Стогово била зафатена со глацијација и денеска на неа се јавува леднички (леднички) релјеф како циркови, валови и морени.[1] Во цирковите се јавуваат три леднички езера: Горно и Долно Езеро и езерото Маруша.[1] Застапеноста на флората е „по катови“ односно во подножјето се застапени листопадните букови и дабови шуми, кон врвот тие се заменети со боровите зимзелени шуми, а самите каменести врвови се опкружени со високотревнати пасишта познати под името „алпски пасишта“. Бројни пасишта и бачила има на зарамнетото било на планината наречено Голема и Мала Мегданица која е опркужена со врвовите Голем Рид на запад, Бабин Срт на југ и Стогово на исток. Во 2012 година, на источните падини на Стогово во Кичевско во два наврати биле пронајдени единки на рис, во рамки на истражувањето на рисовите во Македонија.[4]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 1,8 Стојмилов, Александар (2011). Географија на Република Македонија. Универзитет за туризам и менаџмент. стр. 56.
  2. 2,0 2,1 Петров, Гьорче (1896). Материали по изучванието на Македония (бугарски). Печатница Вълковъ. стр. 10.
  3. Стојмилов, Александар (2011). Географија на Република Македонија. Универзитет за туризам и менаџмент. стр. 64.
  4. „Фатен третиот рис на планината Стогово“. Скопје: Нова Македонија. 2 ноември 2012. Посетено на 9 септември 2015.[мртва врска]

Надворешни врски

уреди