Блатец
Блатец — село во Општина Виница, оддалечено 10 километри од градот Виница. Ова е најголемото село во општината.
Блатец | |
![]() Поглед на селото Блатец | |
Координати 41°50′16″N 22°34′13″E / 41.83778° СГШ; 22.57028° ИГДКоординати: 41°50′16″N 22°34′13″E / 41.83778° СГШ; 22.57028° ИГД | |
Регион | Источен Регион |
Општина | Виница |
Население | 1594 жит. (поп. 2002) |
Пошт. бр. | 2314 |
Повик. бр. | +38933 |
Шифра на КО | 05001 |
Надм. вис. | 710 м |
Мреж. место | Блатец |
![]() |
До 2004 година, селото претставувало административно седиште на поранешната истоимена општина.
Географија и местоположбаУреди
Блатец се наоѓа во југоисточниот дел на Кочанската Котлина. Лежи во северното подножје на планината Плачковица, на работ меѓу планинската падина и благо наведнатата езерска површина од некогашното Виничко-Кочанско езеро на надморска височина од 710 метри. Расположено е од двете страни на реката Блатешница. Бидејќи езерската површина на која лежи Блатец е благо наведната, оддалеку куќите изгледаат една над друга.[1]
ИсторијаУреди
НаселениеУреди
Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 4.040 жители, од кои 3.000 Турци, 960 Македонци и 40 Роми.[2]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Блатец имало 1.120 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[3]
На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописини години:[4]
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | 2.911 |
1953 | 1.142 | — | 2.068 | 8 | 1 | 5 | — | 17 | 3.241 |
1961 | 1.666 | — | 211 | — | — | 11 | — | 81 | 1.969 |
1971 | 1.765 | — | 18 | — | — | 5 | — | 25 | 1.813 |
1981 | 1.696 | — | 6 | — | — | 4 | — | 22 | 1.728 |
1991 | 1.647 | — | 3 | — | — | 6 | — | 3 | 1.659 |
1994 | 1.528 | — | 1 | — | — | 1 | — | 3 | 1.533 |
2002 | 1.587 | — | — | — | — | 7 | — | — | 1.594 |
Во 1953 година, 63 % од вкупното население го сочинувале Турци, кои во средината на 50-тите години најголем дел се иселиле во Турција. Според последниот попис од 2002 година живеат во 498 семејства со 1 594 жители, сите Македонци христијани.[5][6] Голем дел од населението на Блатец сезонско работи и живее во Италија.[7][8] Во последните 50 години населението на селото Блатец се преполовило.
РодовиУреди
Блатец денес, во целост е населено со родови на Македонци од православна христијанска вероисповед, од кои дел се старинци кои живеат уште од времето на отоманското владеење, а дел се подоцна доселени по 1955 година[9]. Стари македонски родови во Блатец се: Стаменовци, Мишовци, Вачковци, Смилјановци, Кацарци, Дунѓерци, Калајџивци, Самарџивци и Грнчарци при што сите слават Воведение на пресвета Богородица; Најчовци, Синадинци, Чорбаџици и Петковци слават Свети Атанасиј; Јанкуловци, Мутавџици, Маљаци, Стојмирци и Босаци слават Свети Никола; Куткуданци, Кљукарци и Муарудци слават Св. Архангел; Димовци слават Митровден[9]. За сите овие македонски родови постои предание дека се доселени претежно во првата половина на XIX век, од различни селишта во непосредната околина на денешното село, имено родот Мутавџици се доселиле од месноста Вигни на Плачковица, останите од месностите Селиште, Спас, Садово, Мојмија, св. Недела, Црквиште каде по предание порано имало по неколку „каурски куќи“[9], што упатува дека најверојатно овие родови се староседелци, а со надоаѓањето на турските родови во минатото се повлекле како сточари во поближните планински месности. Подоцна, во периодот од 1955 до 1959 година, на куќите и имотите на иселените турски родови во Блатец се доселени и македонски родови од пет села во Кочанската Котлина: Лаки, Пекљани, Трсино, Драгобраште и Калиманци (околу 100 куќи), а има и од Беровско, Делчевско и Кривопаланечко (околу 40 куќи)[9].
Самоуправа и политикаУреди
Во 1996 г. Блатец бил административен центар наистоимената општина, составна од селата Блатец и Липец, која се оддвојила од Општината Виница. Во 2002 г. според новите административни поделби општината Блатец повторно станува дел од Општина Виница.[10]
Избирачко местоУреди
Во селото постојат избирачките места бр. 330 и 331 според Државната изборна комисија, сместени во месна заедница и основното училиште.[11]
На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.241 гласач.[12]
Културни и природни знаменитостиУреди
- Археолошки наоѓалишта[13]
- Грамади — населба со некропола од римското време;
- Ирин Дол — могила од римското време;
- Калајџиево — населба и могила од римското време;
- Калe — градиште од римското време;
- Мојмија — тумул од железното време и доцноантичка населба;
- Рачи Брдо — могила од римското време;
- Света Недела — могила од римското време;
- Селиште — населба од римското време;
- Црквиште — населба од доцноримското време; и
- Чуката — могила од римското време.
- Цркви
- Црква „Св. Илија - главната селска црква;
- Црква „Св. Кирил и Методиј - црква во изградба;
Редовни настаниУреди
- 28 август — Голема Богородица, ден на ослободување на Блатец.
ЛичностиУреди
- Даниел Јовановски — Гинисов рекордер во јадење отровни пајаци.
- Блаже Анакиевски — копаничар
- Герасим — војвода на ВМРО[14]
- Мице Блатцалијата (? - ?) — македонски револуционер
- Митко Илиевски (р. 1924) — македонски филозоф
- Радојка Дончева (р. 1950) — македонска градежна инженерка и универзитетска професорка
Култура и спортУреди
Во Блатец постои основно училиште Кочо Рацин. Верскиот објект е црква посветена на св. Пророк Илија.
ИселеништвоУреди
Блатец во последните години силно се празни, поради лоша економска состојба, над 700 млади луѓе се иселени од Блатец во Италијанското гратче Канели. Од 400 ученици во 1995 година, во 2000 останале само 130.[15]
ПоврзаноУреди
НаводиУреди
- ↑ Блатец на ФБ
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 226
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 132-133.
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат. Државен завод за статистика.
- ↑ Млс.гов.мк Архивирано на 15 септември 2008 г./
- ↑ Блатец на ФБ
- ↑ Блатец.ит
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 226
- ↑ 9,0 9,1 9,2 9,3 Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина - сеоска насеља и становништво (српски). Скопје: Филозофски факултет. стр. 111–112.
- ↑ Државен завод за статистика
- ↑ „Описи на ИМ“. Посетено на 21 декември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Посетено на 21 декември 2019.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 97. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Михайлов, Иван. Спомени II. Освободителна борба 1919 - 1924, Льовен, 1965, стр. 713, 718.
- ↑ дневник[мртва врска]