Летни олимписки игри

меѓународен повеќеспортски настан
(Пренасочено од ЛОИ)

Летни олимписки игри (ЛОИ) — меѓународен повеќеспортски настан првпат одржан во 1896 година, кој се приредува на секои четири години од страна на Меѓународниот олимписки комитет. На секој натпревар се доделуваат медали, при што златен медал за прво место, сребрен за второ и бронзен за трето — традиција која започнала во 1904 година. Зимските олимписки игри се создадени поради успехот на дотогашните летни игри.

САД четирипати биле домаќини на Летните олимписки игри, што е повеќе од која и да е друга земја. Обединетото Кралство ги приредило игрите во 2012 година, трети олимписки игри одржани во кралството, во главниот град Лондон, со што тој станал првиот град во кој се одржале игрите трипати. Австралија, Франција, Германија и Грција биле домаќини на игрите по двапати. Други земји кои биле домаќини на игрите се Белгија, Кина, Канада, Финска, Јапонија, Мексико, Холандија, Јужна Кореја, Шпанија, Советскиот Сојуз и Шведска. Игрите во 2016 се одржуваат во Рио де Жанеиро, и со тоа ова е првата олимпијада одржана во Јужна Америка. Три града биле двократни домаќини на игрите: Лос Анџелес, Париз и Атина. Стокхолм бил домаќин на две олимписки игри: 1912 година и јавачките спортови во игрите одржани во 1956 година, во игри кои биле со два домаќини.[1]

Пет држави — Грција, Австралија, Франција, Велика Британија и Швајцарија — учествувале на сите одржани олимписки игри. Единствената земја која освоила златен медал на сите Летни олимписки игри е Велика Британија, од едно злато во 1904, 1952 и 1996 година па сè до 56 златни медали во 1908 година.

Квалификации

уреди

Квалификациските правила за секој олимписки спорт ги одредуваат меѓународните спортски сојуз кои раководат со меѓународните првенства.[2]

Кај поединечните спортови, натпреварувачите се квалификуваат преку котирање на одредено место на некој важен меѓународен настан, или пак на списоците на спортските сојузи. Постои општо правило дека само тројца спортисти можат да претставуваат една земја во секоја поединечна дисциплина. Националните олимписки комитети можат да запишат одреден број на натпреварувачи за секој настан и самиот комитет одредува кои квалификувани натпреварувачи ќе се изберат за секоја дисциплина во случај да има повеќе кандидати кои се квалификувале за игрите.[2][3]

Земјите обично ги одредуваат екипните учесници во спортовите преку континентални квалификациски натпревари, при што секое континентално здружение има одреден број на спортови во олимписките игри. Земјите не можат да има повеќе од една екипа на натпреварите.

Историја

уреди

Почетоци

уреди
 
Церемонијата на отворањето на првите олимписки игри на стадионот „Панатенаико

Современите олимписки игри започнале да се приредуваат во 1894 година, кога Пјер де Кубертен се обидел да изнајде меѓународно помирување преку спортски натпревар. Тој ги засновал игрите на Венлочките олимписки игри, кои се одржувале во Мач Венлок, Англија. почнувајќи од 1850 година.[4] Првите Кубертенови игри одржани во Атина 1896, привлекле само 245 натпреварувачи, од кои преку 200 биле Грци, и учествувале само 14 земји. Сепак, треба да се има предвид дека ваков меѓународен настан бил прв во историјата. На жените-натпреварувачи не им било дозволено да учествуваат, иако една жена, Стамата Ревити, го трчала маратонот сама, велејќи дека сепак ќе трча, без оглед на тоа дали има дозвола од комитетот.[5] Летните олимписки игри 1896 официјално познати како I Олимпијада, биле спортски настан кој се одбележал во Атина, Грција, од 6 до 15 април 1896 година. Ова се всушност првите игри кои се одржале во новиот век. Во антиката, игрите првично настанале во Стара Грција, па и затоа се сметало дека и современите игри треба да бидат во Атина. Местото било едногласно изгласано за време на конгресот организиран од Пјер де Кубертен, француски педагог и историчар, во Париз, на 23 јуни 1894 година. На истиот конгрес е основан и Меѓународниот олимписки комитет (МОК).

И покрај многуте пречки и неповолности, игрите од 1896 година се сметат за голем успех. Игрите имале најголемо меѓународно учество пред кој и да спортски настан одржан дотогаш. Стадионот „Панатенаико“ бил првиот поголем современ стадион на кој имало огромна публика на спортски настан.[6] Најголемо воодушевување кај Грците предизвикала победата на маратонот на Гркот Спиридон Луис, носач на вода. Тој победил со време од 2 часа 58 минути и 50 секунди, предизвикувајќи бурно славење на трибините. Најуспешен натпреварувач бил германскиот борач и гимнастичар Карл Шуман, кој освоил четири златни медали.

По завршувањето на игрите, Кубертен и МOК добиле петиција од истакнати личности како грчкиот крал Георги и некои од американските учесници во Атина, за наредните игри да се одржуваат само во Атина. Сепак Летните игри во 1900 година веќе биле испланирани да се одржат во Париз. Со исклучок на Олимписките меѓуигри 1906, Атина повторно била домаќин на игрите дури во 2004 година.

Четири години подоцна на игрите во 1900 година во Париз учествувале четирипати повеќе учесници, вклучувајќи и 20 жени, на кои им било дозволено да се натпреваруваат официјално, во крикет, голф, едрење и тенис. Игрите биле припоени кон Светскиот саем во Париз и траеле преку 5 месеци. Сè уште е спорно кои настани биле олимписки бидејќи само еден или ниеден од нив не бил претставен како таков во тоа време.

 
Дорандо Пјетри го завршува современиот маратон на денешното растојание.

Бројот на учесници се намалил за игрите во Сент Луис, САД 1904 година, најмногу поради должината на патувањето преку Атлантикот со брод за европските натпреварувачи, а воедно и со припојувањето на игрите со Луизијанската изложба, при Светскиот саем, на кој повторно настанот се одржал во подолг временски период. За споредба со Париз 1900 година, олимписки како збор се употребувал во секој натпревар вклучувајќи ги и оние за младите момчиња од училиштата или пак за Американците со потекло од Ирска.

Помал број на игри се одржале во Атина 1906 година. МОК денес не ги признава овие игри како официјални олимписки игри, иако многу историчари имаат спротивно мислење. Игрите во Атина во 1906 биле првите од заменски игри кои се одржале во Атина, но не постигнале успех. Игрите биле поуспешни од оние во 1900 и 1904 година со учество на преку 900 натпреварувачи и придонеле за успехот на наредните игри.

Игрите во Лондон од 1908 година имале подобар успех, на кои е утврдено стандардното растојание на маратонот од 42,195 км. Првиот олимписки маратон од 1896 година се трчал на растојание од 40 км. Новото растојание било определено за да се осигура крајот на трката да заврши пред преградата во која била сместено британското кралското семејство. На шесте олимписки игри меѓу 1900 и 1920 година, маратонот се трчал на шест различни растојанија.

При крајот на маратонот на игрите во 1908 година Дорандо Пјетри бил првиот кој втрчал на стадионот, но истиот бил во тешка состојба и колабирал пред да може да ја заврши трката. Му било помогнато да ја заврши трката од страна на загрижените организатори на трката, но подоцна тој бил дисквалификуван и златниот медал му бил доделен на Џон Хејз, кој го следел на растојание од 30 секунди.

Игрите продолжиле да растат, привлекувајќи 2.504 натпреварувачи, на игрите во Стокхолм 2012 година, вклучувајќи го и Џим Торп, кои победил и на десетобојот и на петобојот. Торп претходно играл неколку натпревари бејзбол за пари, и поради што му биле одземени медалите заради прекршување на аматеризмот по жалбите од страна на Ејвори Брендиџ. Медалите му се вратени во 1983 година, 30 години по неговата смрт. Овие игри биле први кои го исполниле во целост сонот на Пјер де Кубертен, и каде за првпат имало учесници од сите пет континенти.

Игрите кои требале да се одржат во 1916 година биле откажани поради Првата светска војна.

Меѓувоен период

уреди

Игрите во воено уништената Белгија се одржале во градот Антверпен 1920 година, но сепак привлекле голем број на натпреварувачи. Овој рекорд се одржал сè до 1924 година, кога на париските игри учествувале 3000 учесници, од кои најдобар бил финскиот тркач Паво Нурми. „Летечкиот Финец“ освоил три екипни златни медали и поединечните на 1.500 и 5.000 метри, кој ги освоил во еден ист ден.

Игрите одржани во Амстердам 1928 година биле одбележани по тоа што за првпат било дозволено жени да се натпреваруваат во атлетика, и се постигнал успех со појавата на покровителство, од страна на „Кока-Кола“. На игрите во 1928 година биле воведени стандардните изгледи на медалите од страна на МОК, избрани според Касиолиевата претстава за божицата Ника и победникот кој бил носен од толпата. Овој изглед се користел сè до 1972 година.

Игрите во Лос Анџелес 1932 година биле за време на Големата депресија, што придонело за мал број на учесници. Игрите одржани во Берлин 1936 на властите им биле златна можност за промовирање на нивната идеологија. Владејачката Нацистичка партија ја задолжила режисерката Лени Рифенштал да ги сними игрите. Како резултат на тоа, филмот Олимпија, бил рекем-дело, освен постојаното повторување на Хитлеровите теории за ариевската расна супериорност над „неарариевските“ спортисти. Особено, кога афроамериканскиот тркач и скокач во далечина Џеси Овенс освоил четири медали. Приказната за Хитлеровото непојавување на доделувањето на медалите е мит, и неговата постапка се должи на сосема други причини.[7] На игрите во Берлин било воведено и палењето на олимпискиот оган.[8]

Поради Втората светска војна, игрите во 1940 година (кои требале да се одржат во Токио и привремено биле преместени во Хелсинки по почетокот на војната) биле откажани. Игрите од 1944 година кои требале да се одржат во Лондон биле откажани; наместо тоа, Лондон бил домаќин на првите игри по крајот на војната, на игрите во 1948 година.

По Втората светска војна

уреди

Игрите во 1948 година се одржале во Лондон, при што на Германија и Јапонија не им било дозволено да учествуваат. Холандскиот спринтер Фани Бланкерс-Коен освоил четири медали на патеката следејќи го примерот на Овенс во Берлин.

На игрите во 1952 кои се одржале во Хелсинки екипите од СССР се натпреварувале за првпат и веднаш станале едни од подоминантните. На игрите во Финска поручникот од Чехословачка Емил Затопек се здобил со легендарен углед, со намерата да ги подобри резултатите од игрите во 1948 година. Првично победил на трките од 10.000 и 5.000 метри, а исто така учествувал и на маратонот, и покрај тоа што никогаш претходно не се натпреварувал на ова растојание. Трчајќи покрај останатите натпреварувачи и разговарајќи со нив, Затопек водел од средината на трката, полека одминувајќи ги сите натпреварувачи за да победи со разлика од 2 минути и 30 секунди, со што постигнал три победи.

Игрите Мелбурн 1956 година биле успешни. На овие игри на ватерполо натпреварот меѓу Унгарија и Советскиот Сојуз, се јавиле политички тензии кои завршиле со тепачка меѓу екипите. Поради појавата на шап и лигавка во Британија во тој период, и поради строгите карантински закони на Австралија коњичките спортови се одржале во Стокхолм.

На игрите во Рим во 1960 година се натпреварувал младиот боксер Касиус Клеј, подоцна познат како Мухамед Али. Али подоцна го фрлил својот златен медал со гадење бидејќи не бил услужен во ресторан во родниот Луисвил во Кентаки кој по правило служел само белци.[9] Советските натпреварувачки во спортска гимнастика освоиле 15 од 16 можни медали. Друг поистакнат натпреварувач на игрите во 1960 година е и Вилма Рудолф, освојувач на златните медали на трките од 100, 200 и 4×100 метри.

Игрите Токио 1964 се забележителни по воспоставувањето на современата ера на телекомуникациите. Овие игри биле претставени на ширум светот преку телевизија, настан кој бил овозможен со лансирањето на комуникациските сателити. Така, игрите во 1964 година биле пресвртница за настанот во поглед на неговата гледаност и популарност. Џудото дебитирало како официјален спорт, а холандскиот џудист Антон Гесинк предизвикал воодушевување кога го победил во финалето Акио Каминага пред домашната публика.

Игрите во Град Мексико 1968 биле проблематични поради надморската висина на градот домаќин,[10] особено при скокот во далечина, во кој учесникот од САД Боб Бимон скокнал на растојание од 8,90 метри. БимоНовиот Светски рекорд ќе опстои во наредните 23 години. Игрите во 1968 година воспоставиле сега познатиот скок во височина, спорт во кој победил Американецот Дик Фосбури. Политиката зазела централно место на церемонијата на доделувањето на медалите на трката од 200 метри, кога атлетичарите Томи Смит и Џон Карлос изразиле протест против поделбата во САД. Ова нивно дејство било осудено од страна на олимпското движење, но истото било силно отпоздравено од страна на американското движење за граѓански права.

Политиката повторно се замешала и на игрите во Минхен 1972 година, кога се случил Минхенскиот масакр. Палестинска терористичка група именувана како Црн септември влегла во олимпиското село и провалила во сместувањето на израелската делегација. Убиле двајца израелски натпреварувачи а други девет ги зеле како заложници, барајќи Израел да ослободи голем број на затвореници. Кога израелската влада го одбила ова барање, настанала тишина во текот на преговорите. На крај, држејќи ги заложниците, на киднаперите им е понудено безбедно минување до аеродромот, Каде биле нападнати од заседа од страна на германските безбедносни сили. Во пуканицата која настанала загинале 15 луѓе, вклучувајќи ги деветте Израелци и петте терористи. По голема расправа, се одлучило игрите да продолжат, но церемониите се засениле од настанот.[11] На овие игри се постигнати некои од најзапаметените подвизи, особено освојувањето на седумте златни медали, што бил рекорд на американскиот пливач Марк Шпиц, златото на Ласе Вирен кое го освоил во тесните водства на 5.000 и 10.000 метри, и освојувањето на три златни медали од 16-годишната советска гимнастичарка Олга Корбут, која го воодушевила светот со историското салто наназад од високата греда. Корбут сепак не успеала да победи во сите дисциплини и изгубила од својата екипна соучесничка Људмила Туриштева.

На игрите во Монтреал во 1976 година поради лошото планирање и измамите, игрите го надминале предвидениот буџет. Ова биле дотогаш најскапите олимписки игри и останале такви сè до игрите во 2008 г. во Пекинг, со трошоци кои надминале 5 милијарди долари (што во 2006 година би изнесувало 20 милијарди долари). Гледано наназад, се верува дека изведувачите (за кои се верувало дека се членови на монтреалската мафија) украле огромни суми на пари од сите нивоа на проектите а истовремено се збогатиле и од поевтините и неквалитетни материјали, што довело до одложувањата, структурни проблеми и големи трошоци. Во 1988 година, еден од тие изведувачи, Џузепе Запие бил ослободен од обвиненијата покренати против него поради работата на олимписките објекти, откако два од клучните сведоци биле убиени пред да сведочат.[12] Исто така, имало и бојкот од африканските земји против турата на рагби-репрезентација на Нов Зеланд на Јужна Африка која била раководена од страна на апартхејдските власти. Романската гимнастичарка Надја Команечи го освоила златото во сите поединечни категории за жени со две од можни четири највисоки оцени, со што се создала гимнастичарската династија во Романија. Друга натпреварувачка која освоила најголема оцена и три златни медали е Нели Ким од СССР. Ласе Вирен го повторил резултатот освојувајќи златни медали на 5.000 и 10.000 метри, со што станал единствениот кој последователно освоил два златни медали во овие дисциплини.

Крајот на XX век

уреди

По инвазијата на Авганистан од страна на Советскиот Сојуз во 1979 година, 66 земји, вклучувајќи ги тука САД, Канада, Западна Германија и Јапонија, ги бојкотирале игрите во Москава 1980 година. Бојкотот придонел игрите во 1980 година да бидат помалку рекламирани и со помал натпреварувачи дух, и во истите доминирала земјата-домаќин.

Во 1984 година Советскиот Сојуз и неговите тринаесет сојузници, возвратиле бојкотирајќи ги игрите во Лос Анџелес. Романија, била една од земјите во источниот блок која учествувала на игрите во 1984 година. Ова биле првите игри од новото време кои оствариле заработка. Игрите заживеале но станале покомерцијални. и повторно без учеството на земјите од источниот блок на игрите во 1984 година доминирала земјата-домаќин. На овие игри за првпат учествувала и Народна Република Кина.

Игрите во Сеул во 1988 година биле доста добро испланирани но истите биле зацрнети од многуте атлетичари, особено од победникот на 100 метри Бен Џонсон, кој не поминал на задолжителните испитувања за допинг. И покрај настапите на многу учесници кои не биле допингувани, бројот на учесници под недозволени средства целосно го засениле настанот.

Игрите во Барселона 1992 година промовирале професионализам меѓу олимписките атлетичари, при што како пример послужил „Екипата на соништата“. На игрите во 1992 година учествувале и помалите европски држави кои пред тоа биле дел од Советскиот Сојуз по Втората светска војна. На овие игри гимнастичарот Виталиј Шербо освоил пет златни медали, рекорд поставен од страна на Ерик Хајден на Зимските олимписки игри во 1980 година. Олимпијадата во 1992 година е првата на која независна Македонија се претставила со свои натпреварувачи.

Процесот на избирање на местото на одржување на игрите станал комерцијален, а тврдењата дека постои корупција во МОК станале сè почести. На игрите во Атланта 1996, главна ѕвезда бил тркачот на 200 метри Мајкл Џонсон, надминувајќи го светскиот рекорд пред домашната публика. Канаѓаните го прославиле рекордот на Донован Бејли на 100 метри. На некој начин ова било искупување за претходниот срам предизвикан од Бен Џонсон. Имало и емоционални сцени, такви при што Мухамед Али, кој бил во поодмината фаза на Паркинсонова болест, го запалил олимпискиот факел и му била дадена замена за отфрлениот медал од 1960 година. Овој настан на доделување на медалот не се случил во боксерскиот ринг, туку на кошаркарската арена по барање на американската телевизија. Атмосферата на игрите била весела, но сепак се нарушила со експлозијата на бомба во паркот кој ја одбележувал стогодишнината од првите олимписки игри. Во јуни 2003 година, бил уапсен главниот осомничен за експлозијата, Ерик Роберт Рудолф.

 
Игрите во Сиднеј 2000 година, кои биле познати и како „Игрите на новиот милениум“.

На игрите во Сиднеј 2000 година се прикажани вештините на месниот фаворит Ијан Торп, и Британецот Стив Редгрејв кој освоил златен медал во веслање на пет последователни олимписки игри, а тука е и Кејти Фримен, Австралијка чија победа на 400 метри го обединила преполниот стадион. Ерик Мусамбани, пливач од Екваторска Гвинеја, пливал неверојатно бавно на 100 метри слободен стил, со што покажал дека и во комерцијалниот свет на XXI век, сепак опстојала основната визија на Пјер де Кубертен.[13] Сиднејските игри биле запаметени и по првото појавување на заедничка екипа на Северна и Јужна Кореја, што ја кренало публиката и ги поздравиле со аплауз, на церемонијата на отворањето, иако се натпреварувале како поединечни земји. Контроверзноста не изостанала и во натпреварите во уметничка гимнастика за жени, поради тврдењата дека гредата била поставена на несоодветна висина за време на натпреварувањата. Неколку атлетичарки потфрлиле, вклучувајќи ја тука и Русинката Светлана Коркина, која била фаворит за освојување на златниот медал квалификувајќи се на првото место.

Новиот милениум

уреди

За игрите Атина 2004 Грција потрошила 7,2 милијарди долари, вклучувајќи и 1,5 милијарди долари на обезбедување. Сепак, кај натпреварите по гимнастика за мажи се појавила контроверзност кога корејскиот гимнастичар Јанг Те Јонг бил несоодветно оценет со пониска почетна оцена, што го сместило на трето место зад освојувачот, Американецот Пол Хам. Подоцна при финалето на дисциплината, гледачите ги сопреле натпреварите во прескокнување греда за мажи со песни на негодување по објавувањето на оценките на рускиот гимнастичар Алексиј Немов. Обвинувањата за корупција кај судиите го засениле финалето на натпреварите. Иако неоснованите закани од тероризам го намалиле бројот на гледачи во првиот викенд од игрите (14–15 август), посетеноста се зголемила во продолжението на игрите. Сепак третина од билетите останале непродадени.[14] На игрите во Атина учествувале сите 202 НОК со преку 11.000 натпреварувачи.

На игрите во Пекинг 2008 година. Овие олимписки игри биле проследени со многу контроверзии, особено по тибетските немири. Активистите за човекови права повикувале на бојкот, а некои дури овие игри ги споредувале со игрите во нацистичка Германија во 1936 година. Се одржале неколку нови настани, вклучувајќи ја и новата дисциплина на BMX за мажи и жени. За првпат жените се натпреварувале во трка со пречки. Програмата во мечување била проширена за да ги вклучи шесте дисциплини за мажи и жени. Жените претходно не можеле да се натпреваруваат во екипните мечувалски настани. Биле додадени и пливачките маратони. Во продолжение, двојките на пинг-понг биле заменети со екипни натпреварувања.[15] Американскиот пливач Мајкл Фелпс поставил рекорд освојувајќи осум златни медали, и се изедначил со рекордот за најмногу златни медали на поединечен натпреварувач од учесниците Хејден и Шербо. Уште една голема ѕвезда на игрите бил јамајскиот тркач Јусејн Болт, кој станал воедно и првиот атлетичар кој поставил светски рекорди во финалето на 100 и 200 метри на истите игри.

Игрите во 2012 година се одржале во Лондон, со што Лондон станува град во кој се одржале игрите трипати. МОК ги отстранил натпреварите во бејзбол и софтбол. Рио де Жанеирое домаќин на Летните олимписки игри 2016, со што тој е третиот град-домаќин на јужната полутопка, а воедно и прв град од Јужна Америка во кој ќе се одржат истите.[16] Во октомври 2009 година, МОК ги вклучил голфот и рагбито-7 како дел од олимписката програма во Рио де Жанеиро. На игрите кои ќе се одржат во 2021 година домаќин ќе биде градот Токио, Јапонија.

Табела на освоени медали

уреди

Оваа табела ги опфаќа само десетте најголеми освојувачи на медали според официјалните податоци од МОК.

     Поранешни земји

# Земја Игри Злато Сребро Бронза Вкупно
1   САД (USA) 27 1022 795 705 2522
2   СССР (URS) 9 395 319 296 1010
3   Велика Британија (GBR) 28 263 295 289 847
4   Франција (FRA) 28 212 241 261 714
5   Кина (CHN) 10 224 164 153 541
6   Италија (ITA) 27 206 178 193 577
7   Германија (GER) 16 191 192 232 615
8   Унгарија (HUN) 26 175 147 169 491
9   Источна Германија (GDR) 5 153 129 127 409
10   Шведска (SWE) 27 143 164 176 483
11   Австралија (AUS) 27 138 153 177 468
12   Русија (RUS) 6 149 124 153 426

[17]

Список на олимписки спортови

уреди

Четириесет и два различни спортови, распределени во 55 различни дисциплини, се дел од олимписките настани. Дваесет и осум спортови биле на распоредот на трите олимписки игри во 2000, 2004 и 2008 година. Поради отстранувањето на бејзболот и софтболот, на Летните игри во Лондон имало дваесет и шест спортови.[18]

Различните олимписки спортски федерации се групирани под заедничко здружение, наречено Здружение на меѓународните Летни олимписки сојузи (ASOIF).

Спорт Години
Стреличарство 1900–1908, 1920, од 1972
Атлетика секогаш
Бадминтон Од 1992
Бејзбол 1992–2008
Кошарка Од 1936
Пелота 1900
Бокс 1904, 1908, од 1920
Кајак и кану Од 1936
Крикет 1900
Крокет 1900
Велосипедизам Сите
Скокови во вода Од 1904
Јавање 1900, од 1912
Мечување Сите
Фудбал 1900–1928, од 1936
Голф 1900, 1904, 2016, 2020
Гимнастика Сите
Ракомет 1936, од 1972
Хокеј на трева 1908, 1920, од 1928
Вистински тенис (же де пом) 1908
Џудо 1964, од 1972
Лакрос 1904, 1908
Современ петобој Од 1912
Спорт Години
Поло 1900, 1908, 1920, 1924, 1936
Рекети 1908
Ритмичка гимнастика Од 1984
Роке 1904
Веслање Од 1900
Рагби 1900, 1908, 1920, 1924
Рагби-7 2016, 2020
Едрење 1900, од 1908
Стрелаштво 1896, 1900, 1908–1924, од 1932
Софтбол 1996–2008
Пливање Сите
Синхронизирано пливање Од 1984
Пинг-понг Од 1988
Теквондо Од 2000
Тенис 1896–1924, од 1988
Трамбулина Од 2000
Триатлон Од 2000
Влечење јаже 1900–1920
Одбојка Од 1964
Трки со моторни чамци 1908
Ватерполо Од 1900
Кревање тегови 1896, 1904, од 1920
Борење 1896, од 1904

Список на современи Летни олимписки игри

уреди
Летни олимписки игри (Земја)
Игри Година Домаќин Отворени од Датуми Земји Натпреварувачи Спортови Дисциплини Натпревари Врски
Вкупно Мажи Жени
I 1896   Атина, Грција Крал Георги I 6–15 април 14 241 241 0 9 10 43 [1]
II 1900   Париз, Франција 14 мај – 28 октомври 24 997 975 22 19 20 85A[›] [2]
III 1904   Сент Луис, САД Гувернерот Дејвид Франсис 1 јули – 23 ноември 12 651 645 6 16 17 94B[›] [3]
IV 1908   Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Лондон, Обединето Кралство Кралот Едвард VII 27 април – 31 октомври 22 2008 1971 37 22 25 110 [4]
V 1912   Стокхолм, Шведска Кралот Густав V 6–22 јули 28 2407 2359 48 14 18 102 [5]
VI 1916 доделени на Берлин, откажани поради Првата светска војна
VII 1920   Антверпен, Белгија Кралот Алберт I 20 април – 12 септември 29 2626 2561 65 22 29 156C[›] [6]
VIII 1924   Париз, Франција Претседателот Гастон Думерг 4 мај – 27 јули 44 3089 2954 135 17 23 126 [7]
IX 1928   Амстердам, Холандија Принцот Хендрик од Холандија 28 јули – 12 август 46 2883 2606 277 14 20 109 [8]
X 1932   Лос Анџелес, САД Потпреседателот Чарлс Кертис 30 јули – 14 август 37 1332 1206 126 14 20 117 [9]
XI 1936   Берлин, Германија Канцеларот Адолф Хитлер 1–16 август 49 3963 3632 331 19 25 129 [10]
XII 1940 Првично доделени на Токио, подоцна на Хелсинки, откажани поради Втората светска војна
XIII 1944 Доделени на Лондон, откажани поради Втората светска војна
XIV 1948   Лондон, Обединето Кралство Кралот Џорџ VI 29 јули – 14 август 59 4104 3714 390 17 23 136 [11]
XV 1952   Хелсинки, Финска Претседателот Јухо Кусти Пасикиви 19 јули – 3 август 69 4955 4436 519 17 23 149 [12]
XVI 1956   Мелбурн, Австралија Принц Филип, Војводата од Единборо 22 ноември – 8 декември 72D[›] 3314 2938 376 17 23 151E[›] [13]
XVII 1960   Рим, Италија Претседателот Џовани Грончи 25 август – 11 септември 83 5338 4727 611 17 23 150 [14]
XVIII 1964   Токио, Јапонија Царот Хирохито 10–24 октомври 93 5151 4473 678 19 25 163 [15]
XIX 1968   Град Мексико, Мексико Претседателот Густаво Диаз Ордаз 12–27 октомври 112 5516 4735 781 18 24 172 [16]
XX 1972   Минхен, Западна Германија Претседателот Густав Хајнеман 26 август – 10 септември 121 7134 6075 1059 21 28 195 [17]
XXI 1976   Монтреал, Канада Кралицата Елизабета II 17 јули – 1 август 92 6084 4824 1260 21 27 198 [18]
XXII 1980   Москва, Советски Сојуз Премиерот Леонид Брежнев 19 јули – 3 август 80 5179 4064 1115 21 27 203 [19]
XXIII 1984   Лос Анџелес, САД Претседателот Роналд Реган 28 јули – 12 август 140 6829 5263 1566 21 29 221 [20]
XXIV 1988   Сеул, Јужна Кореја Претседателот Ро Те-у 17 септември – 2 октомври 159 8391 6197 2194 23 31 237 [21]
XXV 1992   Барселона, Шпанија Хуан Карлос I 25 јули – 9 август 169 9356 6652 2704 25 34 257 [22]
XXVI 1996   Атланта, САД Претседателот Билл Клинтон 19 јули – 4 август 197 10318 6806 3512 26 37 271 [23]
XXVII 2000   Сиднеј, Австралија Гувернер-Генерал Сер Вилијам Дин 15 септември – 1 октомври 199 10651 6582 4069 28 40 300 [24]
XXVIII 2004   Атина, Грција Претседателот Константинос Стефанополус 13–29 август 201 10625 6296 4329 28 40 301 [25]
XXIX 2008   Пекинг, Кина Претседателот Ху Ѓинтао 8–24 август 204 10942 6305 4637 28 41 302 [26]
XXX 2012   Лондон, Обединето Кралство Кралицата Елизабета II 27 јули – 12 август 204 10568 5892 4676 26 39 302 [27]
XXXI 2016   Рио де Жанеиро, Бразил 5–21 август Иден натпревар 28 41 306 [28]
XXXII 2020   Токио, Јапонија 24 јули – 9 август Иден натпревар
XXXIII 2024   Париз, Франција[19] 2 – 18 август Иден натпревар
XXXIV 2028 Избор: 2021 Иден натпревар

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Melbourne / Stockholm 1956“. IOC. Посетено на 5 September 2008.
  2. 2,0 2,1 „Olympians“. Olympic.org. IOC. Посетено на 21 June 2010.
  3. „National Olympic Committees (NOCs)“. Olympic.org. IOC. Посетено на 21 June 2010.
  4. Jeffrey, Ben. „Father of the modern Olympics“. British Broadcasting Corporation. Посетено на 6 May 2006.
  5. Tarasouleas, Athanasios (Summer 1993). „The Female Spiridon Loues“ (PDF). Citius, Altius, Fortius. 1 (3): 11–12. Архивирано од изворникот (PDF) на 2008-06-25. Посетено на 2014-12-03.
  6. Young (1996), 153
  7. „German Myth: Hitler and Jesse Owens“. German Misnomers, Myths and Mistakes. About, Inc. Посетено на 6 May 2006. Надворешна врска во |work= (help)
  8. „The Olympic torch's shadowy past“. BBC. 5 April 2008. Посетено на 4 August 2008.
  9. Wallechinsky, David; Jamie Loucky (2008). The Complete Book of the Olympics, 2008 Edition. Aurum Press. стр. 453–454. ISBN 978-1-84513-330-6.
  10. „Games of the XIX Olympiad“. Olympic Games. International Olympic Committee. Посетено на 6 May 2006. Надворешна врска во |work= (help)
  11. „Games of the XX Olympiad“. Olympic Games. International Olympic Committee. Посетено на 6 May 2006. Надворешна врска во |work= (help)
  12. Schneider, Stephen;(April 2009).Ice: The Story of Organized Crime in Canada. p.551. ISBN 0-470-83500-1:
  13. Неговата сонародничка Паула Барила Болопа исто така добила внимание од медиумите поради нејзиното рекордно бавно, но смело трчање.
  14. „Tickets to Olympic events in Beijing sold out“. USA Today. 28 July 2008. Посетено на 24 May 2010.
  15. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име 2008program.
  16. „BBC SPORT, Olympics, Rio to stage 2016 Olympic Games“. BBC News. 2 October 2009. Посетено на 28 July 2012.
  17. Тука внесете текст за во фуснота
  18. „Fewer sports for London Olympics“. BBC Sport. British Broadcasting Corporation. 8 July 2005. Посетено на 5 May 2006.
  19. „IOC makes historic decision in agreeing to award 2024 and 2028 Olympic Games at the same time“. 11 July 2017. Посетено на 13 July 2017.

Надворешни врски

уреди


  Статијата „Летни олимписки игри“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).