Олга Корбут
Олга Валентиновна Корбут (родена на 16 мај 1955 г. родена во Хродна), исто така позната по прекарот "врапчето од Минск", — поранешна советска и белоруска гимнастичарка која освоила четири златни и два сребрени медали на Летните олимписки игри во 1972 и 1976 за советската екипа.
Олга Корбут на Летните олимписки игри 1972 на азербејџанска поштенска марка од 1996 г. | ||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Лични податоци | ||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Полно име | Олга Валентиновна Корбут | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Прекар(и) | Врапчето од Минск[1] | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Роден(а) | 16 мај 1955 Хродна, Белоруска ССР, СССР | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Висина | м | 1,50|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Тежина | 38 kg (84 lb) | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Спорт | ||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Земја | СССР | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Спорт | Гимнастика | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Повлечен(а) | 1977 | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Освоени медали
|
Ран живот
уредиКорбут започнала да се занимава со гимнастика на 8-годишна возраст, а од својата деветта година започнала да посетува спортско училиште раководено од тренерот Реналд Книша. Таму, прв тренер на Корбут била Елена Волчетскаја, освојувач на златен олимписки медал од игрите во 1964,[2] но таа била префрлена во групата на Книша една година подоцна. Првично тој ја сметал за "мрзлива и каприциозна" но тој исто така видел потенцијал во нејзиниот голем талент, необична еластичност и харизма.[2] Со него, таа го научила тешкото салто наназад на греда. Таа за првпат го извела тој елемент на натпреварување на СССР во 1969 година. Истата година, Корбут го извела елементот салто наназад од разбојот и повторно фаќање на него (подоцна било наречено Корбут салто); ова било првпат една жена да изведе салто наназад на разбој.
Таа завршила на 5. место на државното првенство на СССР во 1969 година, на кое и било дозволено да се натпреварува со 15 години.[2] Следната година, таа го освоила златниот медал во дисциплината прескок. Поради болест и повреди, таа немала можност да се натпреварува на многу натпреварувања пред Летните олимписки игри 1972.
Олимписки игри
уредиНа Летните олимписки игри 1972 во Минхен, акробациите на Корбут и нејзиното високо ниво на гимнастика и донеле многу слава. До денес, салтото наназад и Корбут салтото се сè уште многу популарни (светската шампионка од 2003 година на греда Фан Је ги извела двата елементи во својата вежба). Оваа извонредност во техничките вештини го соборила традиционалниот нагласок на уметноста.
За време на игрите, Корбут била еден од фаворитите за победа во повеќебојот по нејзиниот динамичен настап во екипното натпреварување; сепак, таа трипати не успеала да се фати за разбојот и титулата припаднала во рацете на нејзината колешка Људмила Туришчева. И покрај тоа, Корбут ги освоила златните медали во дисциплините греда и партер како и екипниот повеќебој. Во една од најконтроверзните завршници на сите времиња, таа го освоила сребрениот медал на двовисински разбој. Во првиот обид на двовисинскиот разбој, нејзината вежба била нарушена од неколку грешки кои ја отпишале од борбата за златниот медал во повеќебојот. Следниот ден, Корбут ја повторила истата вежба во финалето на дисциплината, но овој пат успешно. Откако на семафорот била означена оценката 9.8, публиката започнала да се потсмева, свири, тупка со нозете и да извикува вулгарни забелешки кон судиите во неодобрување, верувајќи дека нејзината оценка треба да биде многу пониска. Ова траело неколку минути; но сепак судиите не ја промениле оцената.[2]
Корбут е најпозната по нејзините вежби на двовисинскиот разбој и на греда, како и по нејзините харизматични изведби кои ја воодушевувале публиката.[3] Нејзиното олимписко достигнување и ја донело наградата на ABC за спортист на годината. Во 1973 година, таа победила на руските и универзитетските игри, и освоила сребрен медал во повеќебој на Европското првенство.
Советските тренери и власти ја сметале Корбут како жена која може да го победи романското чудо, Надја Команечи на Летните олимписки игри 1976 во Монтреал, но Корбут била повредена и нејзиниот настап на игрите бил подпросечен. Таа била во сенка не само од страна на Команечи, туку и од својата колешка Нели Ким.[2] Таа сепак го освоила златниот медал заедно со советската екипа во екипниот повеќебој, и сребрениот медал на греда.
Живот по пензионирањето
уредиКорбут дипломирала на Педагошкиот институт во Гродно во 1977 година, станала учителка,[2] и се повлекла од гимнастичките натпреварувања потоа. Таа се венчала со Леонид Борткевич, кој бил член на белорускиот музички бенд Песнјари. Двојката го добила синот Ричард во 1979 година. Во 1988 година, Корбут била првата гимнастичарка која била примена во Меѓународната гимнастичка куќа на славни.[4]
Во 1991 година, загрижена за ефектите и последиците од Чернобилската несреќа во Белорусија, таа заедно со своето семејство емигрирала во САД. Тие се сместиле во Њу Џерси каде таа предавала гимнастика.[5] Тие се преселиле во Џорџија две години подоцна. Корбут и Борткевич се развеле во 2000 година;[6] таа станала натурализиран граѓанин на САД истата година.[7][8] Во 2002 година, Корбут се преселила во Скотсдејл, Аризона каде станала главен тренер во гимнастичкото училиште во градот.[9] Таа сега држи приватни гимнастички часови и одржува мотивациски говори.[10]
Корбут отпатувала во Лондон за Летните олимписки игри 2012. Таа ги следела гимнастичките натпревари во O2 арената, пишувајќи свои коментари на Twitter и Facebook.[3] За време на Олимписките игри, Кралската куќа на операта била домаќин на изложба која ја спровела со Олимпискиот музеј во Лозана, Швајцарија насловена Олимпиското патување, приказната за игрите.[11] Покрај историските артефакти, на изложбата биле поставени лични приказни на шеснаесет олимписки освојувачи на медали, вклучувајќи ја и Корбут. Таа ја прославила 40-годишнината од нејзините олимписки победи на изложбата на 3 август.[12] Таа изјавила „Ова не го ни очекував. Многу сум почестена што сум тука.“[13]
Наследство
уредиКорбут е освојувачка на четири олимписки златни медали, но тоа не е причината поради која таа е запаметена. Медиумскиот виор кој го опкружил нејзиното олимписко деби на игрите во 1972 предизвикал бран на млади девојки да се приклучат на локалните гимнастички клубови, и спортот кој ретко бил забележан претходно, сега ги обележувал насловните страници. По игрите во Минхен, таа се запознала со претседателот на САД, Ричард Никсон во Белата куќа. За оваа средба, Корбут изјавила: „Тој ми кажа дека мојот настап во Минхен ја намалил политичката тензија за време на Студената војна помеѓу нашите две земји повеќе отколку што тоа можат да го сторат амбасадите во пет години.“[14]
Во прилог на големото промовирање на гимнастиката насекаде ширум светот, таа исто така придонела кон забележителна промена во смислата на спортот. Пред 1972 година, натпреварувачките биле главно постари и фокусот бил ставен на елеганцијата наместо на акробациите.[6] Во декадата по олимпиското деби на Корбут, акцентот во спортот бил обратен.[2] Корбут, која на игрите во 1972 во Минхен била висока само 1.50 метри и тежела 37 кг, била типичен пример на намерниот и тендециозен тренд кон помалите жени во спортот.[15]
Наводи
уреди- ↑ Thomas, David (27 July 2012). „Legends who fell to earth: Bankruptcy, shoplifting, adultery and disgrace. Which Olympians stayed on track - and which didn't?“. Daily Mail. Associated Newspapers. Посетено на 25 September 2014.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Doyle, Paul (6 July 2012). „50 stunning Olympic moments No47: Olga Korbut redefines gymnastics“. The Guardian.
- ↑ 3,0 3,1 McCarthy, Brigid (24 July 2012). „40 Years Ago, Soviet Gymnast Olga Korbut Dazzled the World“. PRI's The World (Radio broadcast).
- ↑ „Olga Korbut“. International Gymnastics Hall of Fame. Посетено на May 14, 2012.
- ↑ Longman, Jere (24 April 1991). „Olga Korbut, Now A Fearful Mother, Is Enlisting Aid For Chernobyl Victims“. The Philadelphia Inquirer. Посетено на 23 July 2013.
- ↑ 6,0 6,1 Tennent, Callum (6 August 2012). „Olga Korbut: 'The Sparrow from Minsk' who changed gymnastics“. CNN. Посетено на 22 July 2013.
- ↑ Helene Elliot. „Taking a Tumble“. Los Angeles Times. Посетено на January 15, 2015.
- ↑ „Ольга КОРБУТ: "Хотя я имею американское гражданство, душа у меня все равно осталась белорусской»“. Архивирано од изворникот на 2013-12-27. Посетено на 2015-11-27.
- ↑ Davis, Kristina (15 November 2002). „A party for Olga's Kids. Korbut's program funds classes for children“. Arizona Republic.
- ↑ Smith, Christine (23 July 2012). „Olga Korbut: Golden girl of the 1972 Olympics looks back on her glory days“. The Daily Express. Посетено на 23 July 2013.
- ↑ „The Olympic Journey - Discover“. Royal Opera House. Посетено на 31 July 2013.
- ↑ Butler, Lottie (1 August 2012). „Legendary Olympic gymnast Olga Korbut at ROH: Olympic hero to meet visitors at The Olympic Journey“. Royal Opera House. Посетено на 31 July 2013.
- ↑ Korbut, Olga (3 August 2012). „Olga Korbut's Olympic Journey“ (Video) (Interview). Разговорот го водел(а) Glen Levy. Time.com. Посетено на 22 July 2013.
- ↑ Cousineau, Phil (2003). The Olympic Odyssey: Rekindling the True Spirit of the Great Games. Quest Books. стр. 159. ISBN 0835608336.
- ↑ Howell, Colin D. (2001). Blood, Sweat, and Cheers: Sport and the Making of Modern Canada. University of Toronto Press, Scholarly Publishing Division. стр. 122. ISBN 0802082483.
Библиографија
уреди- Korbut, Olga; Ellen Emerson-White (1992). My Story: The Autobiography of Olga Korbut. Random House. ISBN 978-0-7126-5495-1.
Надворешни врски
уреди- Официјално мрежно место Архивирано на 23 ноември 2020 г.
- Олга Корбут на мрежното место на Меѓународниот олимписки комитет
- Олга Корбут[мртва врска] на Меѓународната гимнастичка федерација
- Where Are They Now?: Olga Korbut Info & Photos
- Профил Архивирано на 7 декември 2008 г. на sports-reference