Педагогија

(Пренасочено од Педагог)

Педагогија или поретко педагогика[1] е името на општествената наука за воспитанието. Самиот поим за педагогија различно се дефинирал во различните периоди, што укажува на развојот на самата наука низ историјата на човештвото.

Педагог одржува настава

Како и секоја друга наука, и педагогијата има свој посебен систем на педагошки закони и своја структура која опфаќа различни правци и дисциплини. Официјално се одделува од филозофијата со појавата на педагошките класици - педагози, а како посебна академска дисциплина ја воведува познатиот германски педагог Јохан Фридрих Хербарт во 19 век. Денес педагогијата се изучува во многу земји во светот.

Педагог“ може да се однесува на човек кој специјализирал педагогија, но исто така служи и да се означат наставниците,[2] кои покрај научните основи на предметот за кој се определиле, се стекнуваат и со педагошка подготовка.

Поим

уреди

Зборот „педагогија“ потекнува од грчкиот јазик и за првпат се среќава во времето на античките држави. Се состои од два збора - παῖς (país, генитив παιδός, paidos) што значи дете и άγω (ágō) што значи да води. На почетокот овој поим имал буквално значење — со него се означувал роб кој го водел детето од куќата до местото каде се образувала тогашната младина. Тој роб се нарекувал педагог, односно оној кој го води детето. Меѓутоа, според некои теоретичари, робот не се грижел само за сигурноста на детето на патот од куќата и до неа, туку водел сметка и за неговото однесување. За разлика од момчињата, девојчињата останувале во своите куќи заедно со своите мајки.

Во Стариот Рим значењето на поимот „педагог“ (лат. paedagogus) се менува, па сега се однесува на учениот роб (најчесто Грк) кој ги подучува децата. Дури тогаш, како и подоцна, самиот поим „водење“ се менува од буквалното во преносното значење - педагог е оној кој насочува, образува и воспитува.

Денес поимот педагог може да се дефинира во пошироко значење и ги опфаќа сите оние кои на некој начин се занимаваат со воспитување на децата (тука се вбројуваат и родителите кога не поседуваат соодветно педагошко знаење) и во потесни значења, каде се мисли само на лицата кои професионално се занимаваат со воспитување на деца, односно наставници. Покрај овој поим, изведени се и востановени други, блиски поими, како педагошки работник, педагошки установи, педагошки мерки итн. Во различните јазици поимот педагогија има различни значења, што донекаде е во врска со самиот поим, но и со различните гледишта на самата наука.

Односот на воспитанието и образованието

уреди

Според многу автори и учебници, воспитанието и образованието заемно се надополнуваат, односно не е можно тие да се раздвојат. Под воспитание се подразбира севкупност од намерните (интенционални) влијанија врз личноста кои и овозможуваат да се здобие со определени знаења, умеења (вештини, способности) и навики, да ги негува психофизичките способности и да формира соодветен поглед на светот. Според ова, образованието е дел од воспитанието (односно, воспитание во потесна смисла) кое го опфаќа стекнувањето со знаења, умеења и навики. Мирослав Кука истакнува дека „да се тврди дека педагогијата е наука за воспитанието и образованието е слично на тврдењето дека биологијата ја проучува живата природа и растенијата“.[3]

Предмет и задачи на педагогијата

уреди

Педагогијата настанала од потребата за систематизација и воопштување на искуствата и знаењата во врска со воспитанието и образованието. При одредување на предметот на проучување на педагогијата, како и методологијата со која таа се служи, се јавуваат одредени потешкотии. Имено, постојат и многу други науки кои се занимаваат со општествените феномени и практиката кои обично се нераскинливо поврзани со воспитанието. Поради тоа постојат несогласувања меѓу различните автори, не само во врска со предметот на проучување и изборот на методологија, туку и недоследност во користењето на стручната терминологија.

Основните задачи на педагогијата како наука се:

  • Проучување и истражување на појавите во воспитно-образовниот процес;
  • Развивање и подобрување на воспитно-образовната работа;
  • Научно вреднување на постигнатите резултати, нормирање и насочување кон посакуваните облици;
  • Развој и унапредување на педагошката методологија која се користи во истражувањата.

Педагошки закони

уреди

Доколку при определувањето на педагошките закони се пристапи од стојалиштето според кое во секој момент од воспитно-образовната дејност ученикот се здобива со ново животно искуство, и ако како извори на тоа ново животно искуство се земат четири категории (објективна стварност, педагог, претходното искуство на ученикот и самиот ученик), тогаш би можеле да се издвојат четири основни педагошки закони.[4]

Закон на наследување на културата

уреди

Според овој педагошки закон, човекот во процесот на образование ја усвојува човечката култура. И не само тоа, туку врз основа на усвоеното тој ја развива истата.

Од самото раѓање, човекот ја осознава објективната стварност непосредно – тој чувствува и перцепира дразби од животната средина (ноќ – ден; топло – ладно и сл.). Меѓутоа, тие чувства и перцепции се доживуваат и со посредство на културата – човекот научува дека за да му биде топло треба да носи јакна, а кога надвор времето е топло треба да носи полесна облека. Облеката е производ на човечката култура.

Ова јасно го разликува човекот од останатите животни: секое следно поколение ги наследува сите достигнувања на човечката култура создадени од сите претходни поколенија, односно не мора да ги создаде и осознае одново – воспитанието ги дава потребните инструкции.

Закон на социјализација

уреди

Законот за социјализација вели дека само во односите со други луѓе човечката единка ја пронаоѓа својата човечка суштина.

Како извор на социјализација се јавува педагогот, и тоа не само професионалните педагози, туку и родителите, поширокото семејство, наставниците, пријателите и сите оние со кои дадената единка одржува контакти. Сите тие се фактори на социјализација. Детето најпрво е само потенцијален кандидат за да стане личност-човек. Тоа може да стане човек само преку општењето со другите луѓе: најпрво мајката и таткото, браќата, сестрите, потоа наставниците итн. Личноста на човекот не се раѓа; се раѓа само единка (индивидуа), која покрај својата биолошка природа, е и производ на општествената средина во која живее. Значи, личноста се изградува со воспитанието како дел од општеството.

Закон на последователност

уреди

Условот на редовната образовна задача (цел) мора да биде јасен и достапен и да се основа на познатото и порано усвоеното. Со други зборови, според Лав Виготски, „зоната на наредниот развој“ ја опфаќа онаа етапа од усвојувањето на животното искуство која логички следува по усвоената; тоа е етапа за чие усвојување и совладување воспитаникот е подготвен со претходното образование. Со ова е искажан законот за последователноста, која може да се движи во насока од попросто кон просто, и од просто кон посложено и најсложено (види дидактички принципи).

Закон на самоопределување

уреди

Новороденчето слепо ги имитира движењата на возрасните. Но, уште кај детето започнуваат да се забележуваат признаци кои водат до развивање на различни способности, се јавува селективност во активностите, со тоа и во воспитните активности (сакам – не сакам, морам – не морам и сл.).

Самоопределувањето на единката во поширока смисла е основано на слободната волја при изборот на животниот пат, своето место во општеството, начинот на живот (животен стил) и видовите на активности, а исто така и начинот на кој се однесува во проблемски и конфликтни ситуации. Самоопределувањето на воспитаникот има најважно значење за образованието на човекот.

Структура на педагогијата

уреди

Во педагогијата се разликуваат педагошки правци и педагошки дисциплини.

Педагошки правци

уреди

Постојат многу правци во развитокот на педагошките идеи и тие меѓусебно донекаде се поклопуваат, но постојат и такви кои меѓусебно се исклучуваат. Класификациите на овие правци се дадени од страна на различни теоретичари.

Полскиот педагог Богдан Суходолски сите правци ги сведува под името „две педагогии“ кои се во меѓусебна „борба“. Првата или „педагогија на есенцијата“ е насочена кон иднината и дава слика на воспитаникот каков би требало да биде. Другата или „педагогија на егзистенцијата“ е свртена кон сегашноста и поставува прашања за тоа каков е всушност воспитаникот. Меѓутоа, меѓу овие два правци се можни и компромиси, особено во современата педагогија. Чехословачкиот педагог Франтишек Сингуле наведува повеќе можни класификации, но се определува за онаа која разликува единаесет правци, меѓу кои се прагматичната, експерименталната, психоаналитичко-поединечната, па и фашистичката педагогија. Французинот Жан Вијал не дава конкретна поделба на правците, но ги разграничува факторите кои влијаат на развитокот на педагогијата. Тие се технопедагогија (технологијата како фактор на развиток), педоцентризам (врска на оваа наука со биологијата и психологијата: детето како фактор) и социоцентризам (ја нагласува важноста на социјалните фактори во воспитанието). Американецот Ф. Маер врши поделба само на педагогијата во САД, која ја нарекува теорија на воспитанието. Тој, меѓу другото, ја наведува идеалистичката, неореалистичката, перениалистичката, есенцијалистичката и други, а како најнова - егзистенцијалистичката концепција на воспитанието, односно педагогијата. Неговиот сонародник Брамелд тврди дека во САД постојат четири главни правци: есенцијалистички, перениалистички, прогресивистички и реконструктивистички, кои всушност чинат два пара поради меѓусебните сличности. Исто така наведува и шест правци кои влијаат на овие четири, кои повеќе или помалку ги изменуваат.

Педагошки дисциплини

уреди

Поделбата на научните дисциплини може да биде различна, бидејќи може да се изврши според повеќе критериуми.

  1. Ако како критериум се земе времето, тогаш педагогијата може да се подели на современа (или општа) педагогија и историја на педагогијата. Со смислата и перспективата на воспитанието во иднината се занимава футуролошката педагогија.
  2. Критериум може да биде и возраста, па тогаш се дели на предучилишна педагогија, училишна педагогија (основношколска, средношколска, високошколска) и андрагогија (односно воспитание на возрасните). Андрагогијата понатаму се дели на воена, стопанска/индустриска, школска и пенолошка.
  3. Од основно-, средно- и високошколската педагогија, кои се однесуваат на воспитанието на младите, се развиваат дидактиката и методиката. Дидактиката се занимава со воспитно-образовниот процес во наставата (наставниот процес), нејзината суштина, начела, облици, методи, организација, средства. Позната е како теорија на образованието и наставата. Методиката е вид на дидактика која се однесува на поединечен наставен предмет. Оттука е можно дидактиката да се нарече општа методика, а методиката посебна (специјална) дидактика.
  4. Според местото каде се одвива педагошката дејност, освен на предучилишна и училишна, педагогијата може да биде и интернатска и семејна.

Ниеден критериум за поделба не може во целост да го прикаже системот на педагошки дисциплини, поради сложеноста на самата воспитна дејност, па затоа се прибегнува на комбинирање на овие критериуми. Една важна дисциплина која на ваков начин се издвојува е специјалната педагогија која се применува во работата со воспитаници со физички и/или психички нарушувања во развојот. Таа понатаму може да се подели на сурдопедагогија, тифлопедагогија, олигофренопедагогија и логопедија. Понекогаш овде се вбројува и медицинската педагогија.

Сите овие научни дисциплини не се подеднакво развиени. Така на пример, дидактиката е мошне развиена педагошка дисциплина, додека пенолошката педагогија е значително помалку развиена.

Педагогија и андрагогија

уреди

Името „андрагогија“ доаѓа од грчките зборови ἀνήρ (andras) - маж и άγω - да води, што би значело „водење на мажот“.[а] На овој начин, во поглед на етимологијата овој поим е спротивставен на поимот педагогија („водење на детето“). Сепак, иако постојат одредени специфичности во воспитанието на возрасните, тие не се толку големи да побаруваат нужно одвојување од педагогијата. Освен тоа, и воспитанието на адолесцентите (единките на возраст од пубертет до телесна и психичка зрелост) во многу нешта се разликува од тоа на децата, но тоа сепак се разгледува во рамките на педагогијата. Затоа, во предметот на педагогијата се вбројува секое воспитание како севкупност од намерните влијанија врз развојот на личноста, независно од нејзината возраст.

Историски развиток

уреди

Педагошката дејност се поврзува со поимот мудрост и е нераскинлив дел од развитокот на цивилизацијата. Педагошката мисла се зародува во старогрчката, староисточната и средновековната теологија и филозофија. За првпат се востановува како наука на почетокот на 17 век од страна на англискиот филозоф Френсис Бекон и се зацврстува како таква од чешкиот педагог Јан Амос Коменски. Педагогијата е релативно млада наука и нејзините научни основи и предмет на проучување ги поставува германскиот филозоф и психолог Јохан Фридрих Хербарт во првата половина на 19 век. Во втората половина од 19 век започнува период на расцут и диференцијација на педагогијата. Постои голема разлика во погледите за педагогија и педологија.

До почетокот на XX век, во специјализираниот печат и педагошките кругови, многу жестоко се разговара за тоа дали педагогијата е наука или уметност. Овој спор се разрешува со тоа што педагогијата цврсто се определува за наука, а педагошката практика (воспитанието и образованието) се определуваат како уметност, поради творечкиот карактер кој го содржат.

Воспитанието и образованието се јавуваат со развитокот на човечкото општество. Општествената функција на воспитанието е да ги подготви децата за животот на возрасните, односно да ги добијат неопходните знаења и навики, да ги усвојат пишаните и непишани правила на социјално општење.

Поврзано

уреди

Белешки

уреди
  • а Овде зборот „маж“ се однесува на возрасна единка, односно ваквата конструкција на овој поим (андрагогија) е остаток од раните фази од историјата на човештвото, кога можеле да се образуваат само мажите. Денес воспитанието на возрасните секако ги опфаќа и жените. Инаку, соодветен збор за возрасен човек во грчкиот јазик е ενήλικ.

Наводи

уреди

Надворешни врски

уреди