Ерозија (латински erodere – нагризува, струга) е процес на разрушување честички од почва, камења и други делови од подлогата под дејство на водата и ветерот, како и нивно пренесување и таложење во зарамнетите делови од релјефот. Врз типот и интензитетот на ерозијата влијаат разни фактори:

  • климатски (дожд, ветер, сонце...),
  • топографски (наклон, облик на падина, дисецираност...),
  • подлогата (почвен тип, петрографски состав),
  • како и неправилното користење на земјиштето.
Лак направен со ветерна ерозија на карпа во Јордан

Според причинителот, ерозијата се дели на:

  • водна, во која спаѓаат плувијалната (дождовна) и флувијалната ерозија (предизвикана од текуштите води) и
  • ветрова (еолска).

Плувијалната ерозија се дели на површинска и линиска (браздеста и јаружеста) ерозија. Посебни облици на ерозијата се: абразивна, ледничка, карстна и суфозија.

Статистика

уреди

Интензитетот на ерозијата се изразува во: [mm] однесен или наталожен слој; (м3/км2 годишно) или (t/ha годишно). Природната (нормална, геолошка) ерозија има интензитет до 100 м3/км2 годишно и претставува позитивен процес. Забрзаната (антропогена) е потпомогната од дејството на човекот (неправилна обработка, обесшумување, преголема испаша, несоодветни градежни активности итн.).

Во РМ, доминантна е водната ерозија, а нејзиниот просечен интензитет е 685 м3/км2 годишно. Околу 36% од територијата на РМ е зафатена со посилни процеси на ерозија, па РМ е меѓу најзагрозените држави во Европа.

Заштита од ерозија

уреди

За заштита од ерозијата се преземаат разни мерки и активности:

  • техничко-мелиоративни (тераси, ѕидови, ровови...);
  • противерозивна агротехника (контурна обработка...);
  • шумско-мелиоративни (пошумување...);
  • градежни (прегради, прагови, канали...);
  • административни и
  • образовни.

Ерозија на почвата

уреди

Ерозија на почвата е најраспространет и најважен вид на деградација на почвата. Ерозијата кај нас зависи од редица природни и антропогени фактори, меѓу кои на прво место е уништувањето на природната вегетација. Во далечното минато 95% од територијата на РМ била покриена со природна шумска вегетација. Со нејзиното уништување и деградирање се добиени големи површини пасишта, обработливи површини и голини (340.000 ha). Кај нас ерозијата е толку поинтензивна колку што се врнежите со поистакнат пороен карактер, колку наклонот на теренот е пострмен, колку еродибилноста на почвата и супстратот е поголема, колку природната вегетација е посилно деградирана или уништена и ако агротехниката е понеприспособена кон ерозивните процеси. Со ерозија не само што се однесува целата почва или дел од неа, туку посилно се однесуваат нејзините најважни делови (глината, хумусот, хранливи материите). Таа има и други негативни последици: нерегулиран воден режим во водотеците, поплави, дигање на нивото на подземните води, таложење големи количества груб нанос, уништување на инфраструктурни објекти, полнење на вештачките акумулации со нанос и др. Со картата за ерозија на почвата се претставени пет категории ерозија чиј интензитет опаѓа од I кон V категорија. Првите три категории изнесуваат 38% од територијата на РМ. Произведениот годишен нанос со ерозија одговара на 1.700 ha почва, длабока 100 cm. РМ е една од најзагрозените земји со ерозија во Европа.

Извор

уреди
  • Македонска Енциклопедија. Скопје, Македонија: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 532–533. ISBN 978-608-203-023-4.

Надворешни врски

уреди