Метаболизам
Поимот метаболизам (од грчки metabolismos) опфаќа серија на биохемиски процеси и патишта во кои енергијата од храната се трансформира во организмот и се искористува за одржување и одвивање на сите животни функции во истиот. Специфични белковини во телото го контролираат метаболизмот и секоја биохемиска реакција е координирана со телесната функција. Метаболизмот е константен процес кој започнува со самото зачнување.
При дефинирањето на метаболизмот, важно е да се разликуваат енергетскиот и интермедиерниот метаболизам, иако всушност тие се неодвоиви. Енергетскиот метаболизам е вкупната топлинска продукција во еден организам, додека интермедиерниот ги претставува биохемиските реакции во клетките и ткивата. Генерално, терминот "метаболизам" се однесува на интермедиерниот метаболизам. Исто така треба да се познава и поимот базален метаболизам, кој е мерка за степенот на метаболизам кој се одвива додека единката мирува.
Синтеза и разградба
уредиМетаболизмот е балансирачки процес кој вклучува два вида на потпроцеси кои се одвиваат во исто време - изградбата на телесните ткива и складирањето на енергија, како и разградбата на телесните ткива и резервите од енергија со цел добивање повеќе горивен материјал за телесните функции:
- Анаболизам, или конструктивен (асимилациски) метаболизам, се однесува на изградбата и складирањето - растот на нови клетки, одржување на телесните ткива и складирање на енергија за натамошна употреба. За време на анаболизмот, малите молекули се претвораат во поголеми и покомплексни молекули на јаглехидрати, белковини и липиди.
- Катаболизам, или деструктивен (дисимилациски) метаболизам, ги опфаќа процесите кои произведуваат енергија потребна за сите активности во клетките. Во овој процес, клетките ги разградуваат големите молекули (најчесто јаглехидрати и липиди) со цел добивање на енергија. Оваа енергија обезбедува горивен материјал за анаболизмот, го загрева телото и им дозволува на мускулите да се контрахираат, со што телото се движи. Како што сложените хемиски единици се разградуваат во попрости супстанци, отпадните продукти кои притоа се добиваат се отстрануваат од телото преку кожата, бубрезите, белите дробови и цревата.
Енергијата секогаш поминува низ синџирите на исхрана.
Ендокрина контрола на метаболизмот
уредиНеколку од хормоните од ендокриниот систем се вклучени во контролата на степенот и насоката на метаболизмот. Тироксинот, хормон кој се произведува и ослободува во штитната жлезда, игра клучна улога во одредувањето на тоа колку брзо или бавно ќе се одвиваат биохемиските реакции во телото.
Друга жлезда, панкреас, секретира хормони кои помагаат да се детерминира дали главната метаболичка активност во одредено време ќе биде анаболичка или катаболичка. На пример, по еден оброк, обично се одвива повеќе анаболичка активност, бидејќи јадењето го покачува нивото на гликоза во крвта. Панкреасот тогаш е стимулиран да секретира инсулин, кој им сигнализира на клетките да ја зголемат својата анаболичка активност.