Рајнер Марија Рилке

Рајнер Марија Рилке (германски: Rainer Maria Rilke) (Прага, 4 декември 1875 - 29 декември 1926), германски писател, еден од најголемите германски лиричари.

Рајнер Марија Рилке
Rainer Maria Rilke
Рилке во 1900 година
Роден/аРене Карл Вилхелм Јосеф Марија Рилке
4 декември 1875(1875-12-04)
Прага, Бохемија, Австроунгарија
Починат/а29 декември 1926(1926-12-29) (возр. 51)
Монтре, Вауд, Швајцарија
ЗанимањеПоет, романописец
ЈазикГермански, Француски
НационалностАвстриец
Период1894–1925
Книжевно движењеМодернизам
Сопруг/аКлара Вестхоф (в. 1901)
Деца1
Потпис

Животопис

уреди

Рилке е роден на 4 декември 1875 година, во Прага, каде од 1882 до 1886 година го посетувал основното училиште. Од 1886 до 1891 година бил питомец во ниската воена школа во Ст. Пелтен и во високата воена школа во Мериш-Вајскирхен, а во 1891-1982 година учел во трговската академија во Линц. Истовремено, тој ги започнал подготовките за полагањето на приватната матура во Прага, каде матурирал во 1895 година.[1] За време на детството, тој бил растргнат помеѓу дистанцираниот, студен татко и наметливата, амбициозна и опсесивна мајка со благородничко потекло. Исто така, силен печат врз него оставило и времето поминато во воената школа.[2] Потоа, во Прага, половина година неуспешно студирал философија, а половина година право.[3] Во 1896 година се преселил во Минхен (каде живеел со неговата љубовница, писателката Лу Андреас-Саломе), но веќе следната година се преселил во Берлин. Од крајот на април до средината на јуни 1899 година патувал низ Русија, а од мај до јули 1900 година змаинал на своето второ патување низ Русија. Истата година го посетил Хајнрих Фогелер во Ворпсведе, каде ја запознал вајарката Клара Вестхоф со која се оженил во март 1901 година, по што продолжиле да живеат во Ворпсведе, каде на 12 декември 1901 година им се родила ќерката Рут. Во јули 1902 година се преселил во Париз, каде напишал студија за Огист Роден, а во септември 1903 година се преселил во Рим. Во периодот јуни-декември 1904 година, на покана на Ален Кеј, престојувал во Шведска, а во Париз се вратил во септември 1905 година, каде му бил личен секретар на Роден и му помагал во кореспонденцијата.[1]

По враќањето од Русија, Рилке запишал дека патувањето му ги дало имињата за „плашливата побожност“ на сопствената егзистенција по кои трагал уште за време на детството. Таму, Рилке го проучувал фрескосликарството, а во монашката повлеченост го барал патот до Бога. Во Париз, Рилке бил воодушевен од ателјето на Роден во коешто, според неговите зборови, стотина животи ги сочинуваат еден живот и силата на една волја. Во монографијата посветена на Роден, тој напишал дека вајарот се изолирал од надворешниот свет, што е суштинска одлика на поетиката на „Jugendstil“-от и на неговите уметнички цели. Исто така, една вечер, во градината на Роден, Рилке ја открил статуата на Буда и тоа претставувало еден од најсилните настани во неговиот живот којшто го поттикнал да напише три песни. Еден месец по враќањето од Париз, тој напишал: „Секоја уметност е плод на некој што бил загрозен, во опасност или со искуството поминал до самиот крај на патот од каде никој не може да замине подалеку.“[4] Воопшто, животот во Париз извршил големо влијание врз Рилке, кој самиот го опишал своето доаѓање во Париз во делото „Записките на Малте Лауридс Бриге“, каде го опишува Париз како „голем град, полн со искушенија“ при што „...морам да признам дека во одредена смисла им подлегнав“ и „тие по малку ме изменија, не толку мојот карактер колку, сепак, мојот поглед на светот, секако мојот живот. Потполно ново сфаќање на сите нешта се породи во мене покрај тие влијанија, настанаа одредени разлики, кои сега ме делат од луѓето повеќе отколку кога и да било... Нов живот, полн со нови значења. Во моментов, тоа ми е тешко, зашто сè е премногу ново.“[5]

На 14 март 1906 година, во Прага, умрел татко му на Рилке. Зимата 1906 и пролетта 1907 година, заминал во Капри, на гости кај госпоѓицата Алис Фендрих, а во мај 1907 година се вратил во Париз. Сепак, пролетта 1908 година, повторно заминал во Капри. Од јануари до март 1910 година престојувал во Лајпциг, во домот на издавачот Кипренберг. Во април истата година отпатувал во Девино, Италија, а во август заминал во Лаутшин, како гостин на кнегињата Марија Турн. Есента 1910 година отпатувал во Африка, а почетокот на 1911 година го поминал патувајќи низ Египет, каде го посетил и Карнак. Во април 1911 година се вратил во Париз, а во октомври повторно заминал во Девино. Од мај до септември 1912 година престојувал во Венеција, во почетокот на ноември заминал во Ронда, Шпанија, а во Париз се вратил кон крајот на февруари 1913 година. Во август 1914 година престојувал во Минхен; во 1915 година се одржала лицитација на неговите работи во Париз; во ноември 1914 година бил регрутиран во армијата; а во средината на декември бил упатен во Виена, каде работел во воениот архив. Во јуни 1916 година бил отпуштен од армијата по што се вратил во Минхен. Од јули до октомври 1917 година престојувал во Бекел крај Бирен, како гостин на госпоѓата Херта Кениг. Во јуни 1919 година отпатувал во Швајцарија; во јуни-јули 1920 година заминал во Венеција; кон крајот на октомври, неколку дена престојувал во Париз; а во ноември престојувал во дворецот Ирхел, како гостин на семејството Циглер. На 30 јуни 1921 година, во Швајцарија, го открил дворецот Шато де Мизо, кого најпрвин го изнајмил, а потоа и го купил, т.е. му го поклонил Вернер Рајнхарт. На 18 мај 1922 година, неговата ќерка Рут се омажила за Карл Зибер. На 2 ноември 1923 година му се родила внуката Кристина. Кон крајот на декември, истата година, Рилке бил примен во санаториумот Вал-Мон, а во 1924 година, неговата сопруга го посетила во Сиер. Во ноември 1924 година, повторно бил примен во Вал-Мон; во јануари-авгист 1925 престојувал во Париз; во октомври се вратил во Мизо; но, во декември повторно заминал во Вал-Мон. Во јули и август 1926 година престојувал во Рагац; октомври и ноември ги поминал во Сиер; но на 30 ноември повторно бил примен во Вал-Мон, каде умрел на 29 декември 1926 година.[6][7]

 
Рилке, околу 1878–1879

Творештво

уреди

Најпознати дела на Рилке се: „Записките на Малте Лауридс Бриге“, „Нови песни“, „Песна за љубовта и за смртта на корнетот Кристофер Рилке“, „Девински елегии“ и „Сонети за Орфеј“.

Рани песни

уреди

Рилке извршил големо влијание врз германската публика уште на почетокот од своето творештво, со лирската проза „Песна за љубовта и смртта на корнетот Кристоф Рилке“ (Weise von Liebe und Tod des Cornets Chrisoph Rilke), поема за замислениот предок, напишана во текот на една есенска ноќ во 1899 година. Ова длабоко лироко дело е исполнето со огромно чувство на осаменост, болка, страдање и еротика која во себе го носи здивот на смртта. Во следниот период, пресудно влијание врз поетскиот развој на Рилке извршиле патувањата во Русија и престојто во Париз, кого го сметал за центар на своето постоење, а во текот на повеќе години бил под целосно влијание на личноста на Роден. Исто така, во Париз го запознал симболизмот и во своите збирки, „Сликовница“ (Buch der Bilder) од 1902 година и „Нови песни“ (Neue Gedichte) од 1907-1908 година, остварил специфична синтеза меѓу продуховенито импресионизам и естетската на симболизмот. Главните мотиви во овие песни се сеќавањата од детството, а уште почесто во скриениот живот на природата и на мртвите предмети во кои проникнал со единствено соживување. Многу побавно созревал циклусот „Книга за часовите“ (Das Stundenbuch) од 1905 година во кој Рилке зборува за господ на начин што може да се опише како световна теологија, истакнувајќи го ставот дека бог е несовршен и дека луѓето се тие кои треба да го усовршат. Оваа збирка, плод на неговото патување во Русија, претставува краен израз на поетскиот мистицизам.[8]

Девински елегии

уреди

„Девинските елегии“ ги сочинуваат десет елегии, наречени според местото Девино (Дуино), крај Трст во кое Рилке престојувал во 1912 година. Првите две елегии Рилке ги напишал во Девино, и тоа: првата елегија (Die erste Elegie) ја напишал на 21 јануари 1912 година, а втората елегија (Die zweite Elegie) е напишана кон крајот на јануари и почетокот на февруари 1912 година. Третата елегија (Die dritte Elegie) е започната во Девино, а била завршена во доцна есен, 1913 година, во Париз. Четвртата елегија (Die vierte Elegie) е напишана на 22 и 23 ноември 1915 година, во Минхен. Петтата елегија (Die fünfte Elegie) била создадена на 14 февруари 1922 година, во швајцарскиот замок Мизо, а таа била дополнително внесена во циклусот, наместо против-строфата која требало да биде петта елегија. Шестата елегија (Die sechste Elegie) била почната кон крајот на февруари или почетокот на март 1912 година во Девино, потоа била продолжена во јануари и февруари 1913 година, во Ронда, Шпанија и во доцна есен истата година во Париз, а била завршена во Мизо, на 9 февруари 1922 година. Седмата елегија (Die achte Elegie) била напишана на 7 и 26 февруари, а осмата на 7 и 8 февруари 1922 година, во Мизо. Деветтата елегија (Die neunte Elegie) била започната во март 1912 година во Девино, а најголемиот дел бил напишан на 9 февруари 1922 година, во Мизо. Најпосле, првите дванаесет стиха од десеттата елегија (Die zehnte Elegie) биле напишани во почетокот на 1912 година во Девино, продолжена е во доцна есен, 1913 година, во Париз, а била завршена на 11 февруари 1922 година, во Мизо.[9]
Во „Девинските елегии“ се присутни бројни настани и ликови кои оставиле силен впечаток во животот на Рилке, На пример, во нив се споменуваат италијанската поетеса Гаспара Стампа, црквата Санта Марија Формоза во Венеција, ликот од „Записите на Малте Лауридс Бриге“, Ерик Брахе (создаден според братучедот Егон фон Рилке), храмот на Амон Ра во Карнак (Рилке го посетил Карнак во средината на јануари 1911 година), сцени од Библијата итн. Уште повеќе, петтата елегија е посветена на германската поетеса Херта Кениг (во чиј стан, во јануари 1915 година, Рилке ја видел сликата на Пикасо „La famille des saltimbanques“, која била повод за оваа елегија), а осмата на австрискиот филозоф Рудолф Каснер.

Сонети посветени на Орфеј

уреди

Рилке напишал два циклуса сонети посветени на митолошкиот пејач Орфеј: едниот циклус се состои од 26 сонети, додека вториот дел го сочинуваат 29 сонети. Сонетите биле напишани помеѓу 2. и 23 февруари 1922 година, во швајцарскиот замок Мизо. Главни мотиви и теми на сонетите се: идеалниот лик на „внатрешна девојка“, односот меѓу уметноста и животот, воспевање на земскиот живот, единството на светот, единството на смртта и животот, бунтот кон современата индустриска цивилизација итн. Некои од сонетите се инспирирани или посветени на неговиот прерано починат братучед Егон фон Рилке, на Вера Оукама Кноп, на нејзината мајка Гертруда, како и на „еден Верин пријател“, а според зборовите на самиот Рилке, 16. сонет од првиот дел е посветен на едно куче.[10]

 
Паула Модерзон Бекер (1876–1907), рано - експресионистичка сликарка, се запознала со Рилке во Ворпсведе и Париз, а неговиот портрет го насликала во 1906 година.
 
„Портрет на Рилке“, насликан две години по неговата смрт од Леонид Пастернак

Библиографија

уреди

Творештвото на Рилке опфаќа поезија, проза и драми:[11]

  • Живот и песни (1894)
  • Патокази (1896)
  • Жртвите на Ларим (1896)
  • Сега и во часот на смртта наша (1896)
  • Ран мраз (1897)
  • Круна на сонот (1897)
  • Адвент (1898)
  • Без сегашност (1898, драма)
  • Со животот (1898, новели)
  • Мајчичка (1898, драма)
  • Маски (1898)
  • Две прашки работи (1899)
  • Во слава на мене (1899)
  • За драгиот бог и друго (1900)
  • Последен (1902)
  • Сликовници (1902)
  • Секојдневен живот (1902, драма)
  • По повод посетата на уметничкиот павилјон во Бремен (1902, свечена игра)
  • Ворпсведе (1903, монографија)
  • Огист Роден (1903, студија)
  • Раскази за драгиот бог (1904)
  • Песна за љубовта и смртта на корнетот Ото Рилке, прва верзија (1904)
  • Книга за часовите (1905)
  • Сликовница, второ издание (1906)
  • Песна за љубовта и смртта на корнетот Ото Рилке, дефинитивна верзија (1906)
  • Нови песни I (1907)
  • Втор дел на Новите песни (1908)
  • Сонетите на Елизабета Барет-Браунинг (1908, превод)
  • Рани песни (1909)
  • Реквием (1909)
  • Записките на Малте Лауридс Бриге (1910)
  • Морис де Герен: Кентаур (1911, превод)
  • Љубовта на Магдалена (1912)
  • Први песни (1913)
  • Животот на Марија (1913)
  • Португалските писма на Маријана Алкофорадо (1913, превод)
  • Андре Жид: Враќањето на изгубениот син (1914, превод)
  • 24 сонети на Лујза Лабе (1918, превод)
  • Од раното творештво на Р. М. Рилке (1921)
  • Кукли (1921)
  • Митсоу (1921)
  • Девински елегии (1923)
  • Сонети за Орфеј (1923)
  • Пол Валери: Песни (1925)
  • Vergers suivi des Quatrains Valaisans (1926)

Критички осврт врз поезијата на Рилке

уреди

Рилке ја сметал уметноста како единствениот можен начин на човековото постоење. Според Ненси Вилард, својот живот Рилке го преобразил во уметност.[12] Битието на поезијата, Рилке го поистоветувал со битието на човекот, изјавувајќи: „Песната е постоење“. Заеднички елемент на сите фази од творештвото на Рилке е стремежот за поистоветување со светот, тоа е неговиот основен мотив и единствената тема во сите негови песни. Тој поетот го сфаќа како суштество чија задача е да ја надмине човековата индивидуалност и да се стопи со целокупноста на постоењето.[13]
Раната фаза на Рилке, отсликана во неговите почетни седум поетски збирки, претставувала потрага по потеклото на сопствениот глас и обид за помирување на спротивностите. Почетните поетски обиди на Рилке добронамерно ги критикувал Штефан Георге, со зборовите: „Рано сте започнале да објавувате!“. Овие дела биле напишани под влијание на средината во која живеел Рилке во Прага како и под директно влијание на франускиот симболизам и постромантичарската експресија. На пример, во песната „Das war im Mai“ се чувствува ехото на Гетеовата „Mailied“, „Der Alte Invalid“ е напишана под влијание на Хајнеовата „Die Grenadiere“, песната „Kannst du Mirsagen“ е одраз на Гетеовата „Kennst du das Land“, а во голем број песни се чувствува влијанието на Јозеф фон Ајхендорф.[12]
Збирката „Larenopfer“ од 1895 година е преполна со историјата на Прага, со топографски мотиви и дескриптива поетика, но во неа веќе се гледа зародишот на постојаната одлика на идните дела на Рилке - потрагата по конечната цел и несогласувањето со надворешниот свет. Подоцна, во збирката „Advent“, Рилке сè повеќе се занимава со внатрешните предели и во нив јасно се развива свеста за напуштањето на надворешниот простор. Сепак, интонацијата и атмосферата на песните се движат во границите на францускиот симболизам и романтичарскиот „Stimmung“, а јасно се забележуваат и влијанијата на Штефан Георге итн. „Jugendstil“ којшто бил типичен за Минхен (каде во тоа време живеел Рилке).[14]
Во раните поетски збирки на Рилке веднаш паѓа в очи мајсторството на формата и леснотијата со која тој владее со строгите версификаторски канони при што во неговите песни доминира врзаниот силабичко-тонски стих.[15] Сепак, првата значајна и вистински довршена поетска збирка на Рилке е „Часловец“ во која се застапени неколку антологиски песни. Тоа е книга на метафизичката осаменост во која умира надворешната бучава и во која не допира човечките глас. Почнувајќи од оваа збирка и продолжувајќи во збирките „Книга на сликите“ и „Нови песни“, Рилке се стекнал со конкретен, полн јазик и прецизна, ритмички богата синтакса. Тој нов облик на интелектуална рефлексија во која внатрешната сопственост заронува во објектите и уметнички го одредува животното искуство Рилке го нарекол „ Предмет-песна“ (Dinggedicht).[16] Многу важен настан во градењето на специфичната Рилкеова поезија на отуѓеноста (Fremdheit) била средбата на Рилке со сликите на Сезан, кои тој ги нарекол „пресвртна точка“. Од тој миг, во зрелата поезија на Рилке доминира антиномијата на субјективното и објективното, внатрешното и надворешното и тој настојува да ги помири не само времето и просторот, туку и минатото и иднината. Така, Рилке напишал дека човекот мора „да се бори со сеќавањето“, а во едно писмо му напишал на Сезан дека минатото е „палата богата со сеќавање“ кон која треба да се приоѓа „невино и во сиромаштија“.[17]
Надврзувајќи се на Маларме, кој го прочистил талогот на ефемерното и колоквијалното во јазикот, Рилке ги отфрлил предметите и објектите, барајќи го внатрешното во формата. Во таа смисла, тој разликувал „das Ding“ (предмет) и „das Kunst-Ding“ (уметнички предмет), сакајќи да ги направи предметите уште постварни, да ги направи предмети што чувствуваат преку транспозиција на субјективното „јас“ во надворешните предмети. Музил напишал за Рилкеовата поезија дека претставува чувство на тоталитетот и севкупноста врз која почива светот.[18]
Исто така, во своите песни Рилке бил во потрага по Бога, но тоа не е оној персонализиран христијански бог, туку општото деистичко начело, симбол на животната сила и природата, т.е. праизворот на сето постоечко. Во согласност со тоа, кога лежел на смртната постела, Рилке ги одбил исповедувањето и причесната, т.е. неговата религиозност била уметнички чин. Притоа, во развојот на неговата поезија, најпрвин се појавува антропоморфното божество, потоа настапува сеопштиот космички принцип на создавањето, а на крајот доаѓаат ангелите од неговите елегии.[19]
Потрагата по обликот и формата претставува уште една важна одлика на поезијата на Рилке. Притоа, кај него, поетската форма воопшто не е во контекст на самата версификација. Мелодијата на неговите песни, ритамот и синтаксата биле ускладени во мост што ги поврзувал психичкото и емоционалното доживување со битието на предметите. Алитерациите, асонанците, согласките и внатрешните рими на Рилке претставуваат едне од најсветлите примери на убавината на германскиот јазик. Рилке одлично владеел со различни метрики и подеднакво бил убедлив во силабичко-тонскиот, слободно римуваниот и слободниот стих. Во неговите песни најзастапени се јамбот и анапестот, а поретко трохејот, а тој често користи и алитерации и ономатопејски зборови.[20]
Поезијата на Рилке одговара на филозофските прашања, но сепак, не е филозофска поезија или поезија на идеите, во стилот на Шилер или Гете. Пол де Ман ја толкува постапката на Рилке како давање духовно својство на објектите, т.е. тој ја проектира чувственоста на субјектот во објективниот свет. Рилке е згуснат и напрегант, но помалку „сув“ поет, со дистанцирана, речиси класицистичка меланхолија.[21]
Поетската постапка на Рилке била критикувана од Хајдегер, кој им давал предност на Хелдерлин и Тракл. Според Хајдегер, давањето логика на објектите (која, кај Рилке е рефлексија на свеста) не е исправна постапка, зашто поврзувањето со растителниот и животинскиот свет мора да произлезе од внатрешниот повик, т.е. од „логиката на срцето“. Исто така, Езра Паунд не ја сакал поезијата на Рилке, нарекувајќи ја „ужасна криза“.[22]
Сепак, останува фактот дека Рилке е најпреведуваниот герамански поет на 20. век, кој извршил големо влијание врз Сидни Киз, Спендер и Блај, а ги инспирирал Витгенштајн, Гадамер и Хесе. Валери рекол дека Рилкеовото зближување со тишината било прекумерно, а Фројд го нарекол голем поет, но беспомошен во животот. Неговата поезија Стјуарт Холројд ја оценил на следниов начин: „Рилке го проширил своето искуство со еден од најуспешните обиди за ориентирање на современиот човек во хаотичниот свет.“[23] Како поет со извонредна чувствителност за избраните, најчесто најбезначајните флуидни поими, Рилке извршил најголемо влијание врз лириката и врз развојот на поетската уметност надвор од германското говорно подрачје и на германската поезија ѝ обезбедил истакнато место во модерната европска книжевност. Тој стекнал голем углед уште додека бил жив; по смртта стекнал светска слава; за него се напишани многу книги; а особено бил имитиран во француската и во англо-американската поезија.[3]

 
Гробот на Рилке во Рарон, Швајцарија

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „Kalendar“, во: R. M. Rilke, Zapisci Maltea Lauridsa Brigea. Beograd: Rad, 1964, стр. 156.
  2. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 11.
  3. 3,0 3,1 Zoran Konstantinović, „O piscu i delu“, во: R. M. Rilke, Zapisci Maltea Lauridsa Brigea. Beograd: Rad, 1964, стр. 159.
  4. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 8-10.
  5. R. M. Rilke, Zapisci Maltea Lauridsa Brigea. Beograd: Rad, 1964, стр. 44.
  6. „Kalendar“, во: R. M. Rilke, Zapisci Maltea Lauridsa Brigea. Beograd: Rad, 1964, стр. 157-158.
  7. Rajner Marija Rilke, Soneti i elegije. Beograd: Mali vrt, 2011, стр. 90-94.
  8. Zoran Konstantinović, „O piscu i delu“, во: R. M. Rilke, Zapisci Maltea Lauridsa Brigea. Beograd: Rad, 1964, стр. 159-160.
  9. Rajner Marija Rilke, Soneti i elegije. Beograd: Mali vrt, 2011, стр. 90-92.
  10. Rajner Marija Rilke, Soneti i elegije. Beograd: Mali vrt, 2011, стр. 92-95.
  11. „Kalendar“, во: R. M. Rilke, Zapisci Maltea Lauridsa Brigea. Beograd: Rad, 1964, стр. 156-158.
  12. 12,0 12,1 Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 6.
  13. Rajner Marija Rilke, Soneti i elegije. Beograd: Mali vrt, 2011.
  14. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 7.
  15. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 8.
  16. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 10-11.
  17. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 12-14.
  18. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 14.
  19. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 15-17.
  20. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 17-19.
  21. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 20-22.
  22. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 18-22.
  23. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 23.