Бон Џови
Бон Џови е американска хард рок група од Сејревил, Њу Џерси. Таа е основана во 1983 година и се состои од главниот пејач Џон Бон Џови (Џон Францис Бонџови, Џуниор), гитаристот Ричи Самбора, клавијатуристот Дејвид Брајан, тапанарот Тико Торес како и сегашниот басист Хју Мекдоналд.[10] Составот на групата останал непроменет за време на неговото постоење, со исклучок на заминувањето на Алек Џон Сач во 1994 година кој неофицијално бил заменет со Хју Мекдоналд. Бендот станал познат со неговиот трет албум "Slippery When Wet", издаден во 1986 година.
Бон Џови | |
---|---|
Бон Џови во Монтреал во 2007 година за време на турнејата Lost Highway. | |
Животописни податоци | |
Потекло | Сејревил, Њу Џерси, САД |
Жанрови | Хард-рок,[1][2][3] Глам-метал,[4][5][6] Арена рок,[1][7][8] Поп-рок[1][9] |
Период на активност | 1983–денес |
Издавачи | Island, Mercury Records, Mercury Nashville |
Мреж. место | www.bonjovi.com |
Членови | |
Џон Бон Џови Ричи Самбора Тико Торес Дејвид Брајан | |
Поранешни членови | |
Алек Џон Сач |
По турнеите и непрестанатото снимање кон крајот на ’80-тите, групата направила пауза по турнејата во Њу Џерси во 1990 година и за тоа време Џон Бон Џови и Ричи Самбора објавиле неколку успешни соло албуми. Во 1992 година, групата се вратила на сцената со албумот "Keep the Faith".
За време на кариерата, бендот има издадено петнаесет студиски албуми, пет компилации, три албуми во живо и има продадено 120 милиони копии низ светот.[11] Тие имале повеќе од 2 700 концерти во повеќе од 50 земји, настапувајќи пред повеќе од 34 милиони обожаватели.[12][13] Во 2006 година, групата била примена во "Музичката хала на славните" на Велика Британија. Исто така, групата била одликувана со Наградата за заслуги на "Американските музички награди" во 2004 година. Во 2009 година, Џон Бон Џови и Ричи Самбора биле примени во "Куќата на славата на текстописците", како текстописци и соработници.[14][15] На 28 септември 2010 година, групата била номинирана за "Куќата на славните на рокенролот" каде што биле примени во 2018 година.[16]
Формирање на групата (1982 – 1983 година)
уредиЏон Бон Џови | Ричи Самбора | Тико Торес | Дејвид Брајан |
---|
Џон Бон Џови започнал да свири на пијано и гитара во 1975 година на тринаесет години со неговиот прв бенд "Raze".[17][18] На седумнаесет години, Бон Џови го запознал Дејвид Брајан и двајцата ја формирале групата со 12 членови, наречена "Atlantic City Expressway",[17][19] која настапувала по клубовите во Њу Џерси. Уште како тинејџер, Бон Џови свирел во групата "John Bongiovi and the Wild Ones", свирејќи по локални клубови како "The Fast Lane" и како предгрупа на познатите изведувачи во областа.[19][20] Околу 1980 година тој формирал друга група, "The Rest", и настапувал како предгрупа на групите како "Southside Johnny and the Asbury Jukes" за време на нивните настапи во Њу џерси.[19][21][22]
Бон Џови, надвор од училиштето работел со скратено работно време во продавница за женски чевли, а во средината на 1982 година се вработил во музичкото студио во Менхетен "Power Station Studios", каде што неговиот братучед Тони Бонџови бил еден од сопствениците. Во студиото, Бон Џови направил неколку демо-снимки, вклучувајќи една снимка продуцирана од Били Сквиер, и нив ги испратил до музичките компании, но без успех. Неговото прво професионално снимање било како главен вокал во песната "R2-D2 We Wish You a Merry Christmas", која што била дел од албумот "Christmas in the Stars", копродуциран од неговиот братучед.[21]
Во тоа време, Бон Џови ја посетил локалната радио станица WAPP 103.5FM "The Apple" во Лејк Саксес, Њујорк. Таму зборувал со директорот Џон Ласман, кој прифатил да ја вклучи песната "Runaway" во компилацискиот албум со локални таленти што го издала станицата. На почетокот, Бон Џови се противел, но на крајот се согласил да ја сними песната со студиските музичари: гитаристот Тим Пирс, клавијатуристот Рој Битан, тапанарот Френки ла Рока и басистот Хју Мекдоналд.[23]
Набргу, песната започнала да се пушта во рамките на државата Њујорк, а потоа неа започнале да ја преземаат и други поголеми радио-станици. Во март 1983 година, Бон Џови го повикал Дејвид Брајан, кој пак го повикал басистот Алек Џон Сач (14 ноември 1952 година, Јонкерс, Њујорк, САД), како и тапанарот, Тико Торес.[24] Соседот на Бон Џови, Дејв Сабо (наречен змија), кој подоцна ја оформил групата "Skid Row", бил избран да свири водечка гитара, но подоцна, Сабо бил заменет со Ричи Самбора (Ричард Стефан Самбора, 11 јули 1959 година, Перт Амбој, Њу Џерси, САД). Пред да се приклучи на групата, Самбора бил на турнеја со Џо Кокер, свирел со групата "Mercy", а бил повикан и на аудицијата за групата "Kiss". Тој, исто така, свирел на албумот "Lessons" на групата "Message"[25] кој бил повторно издаден на ЦД од страна на "Long Island Records" во 1995 година. Инаку, првобитно, албумот требало да биде објавен од страна на издавачката куќа на Лед Цепелин "Swan Song Records", но албумот никогаш не бил официјално објавен во тоа време.[21] И тапанарот Тико Торес бил искусен музичар, кој свирел во "Фантомот од операта", а свирел и со "The Marvelettes" и со Чак Бери.
Сепак, набргу, Дејвид Брајан ја напуштил групата која ја основал заедно со Бон Џови за да студира медицина. За време на студирањето, тој сфатил дека сака да продолжи само со музиката и бил примен во "Џуилијард", музичко училиште од Њујорк. Кога Бон Џови го повикал својот пријател, соопштувајќи му дека ќе формира група и дека ќе има договор за снимање, Брајан се откажал од студиите и му се придружил на Бон Џови.
Почетоци (1984 – 1985 година)
уредиОткако започнала да настапува како предгрупа на локалните познати музичари, групата го привлекла вниманието на Дерек Шулман, кој бил дел од издавачката куќа "Полиграм" и кој им обезбедил договор со "Mercury Records". Истовремено, Памела Махер, пријателка на Ричард Фишер и вработена во "Doc McGhee", следејќи го примерот на други познати групи кои имаат име со два збора (како "Ван Хален") и им предложила да се викаат "Бон Џови". Ова име било избрано наместо првичната идеја, "Џони Електрик".
Со помошта од нивниот нов менаџер, Док Мекги, групата го снимила својот деби-албум, "Bon Jovi", кој бил издаден на 21 јануари 1984 година. Во албумот бил вклучен и првиот хит-сингл, "Runaway", кој се искачил помеѓу првите 40 места на "Billboard Hot 100", по кој следела и песната "She Don't Know Me", која на барање од Меркури била ставена на албумот како дел од нивниот договор. До денес, таа е единствената песна која е вклучена во некој албум на Бон Џови, а за која Џон нема никакви авторски права.
Групата настапувала како предгрупа на "Скорпионс" во САД и на "Кис" во Европа. Во август 1984 година, групата настапувала на "Супер рок фестивалот" како посебен гостин во Јапонија. Покрај тоа, песната "Runaway" станалл хит и Бон Џови го привлекле вниманието на музичката јавност во Јапонија, каде што ја добиле првата златна плоча за нивниот деби-албум. Истоврмеено, албумот се искачил на 43 место на албумската музичка листа "Billboard 200" во Велика Британија и една година по неговото издавање бил потврден неговиот златен тираж од страна на RIAA.
Во 1985 година бил издаден вториот албум на Бон Џови, "7800° Fahrenheit". Од него, групата издала три сингл-плочи: "Only Lonely", "In And Out Of Love" и баладата "Silent Night".[26] Албумот се искачил на 37 место на "Billboard 200" и бил потврден со златен тираж од RIAA.[21] Иако овој албум не поминал толку добро како што се надевала групата, сепак по него Бон Џови започнале нова турнеја. Првите настапи во Јапонија, веднаш по издавањето на албумот, биле целосно распродадени, а албумот се искачил помеѓу првите 5 места и достигнал златен тираж и во Јапонија.
Во мај 1985 година, Бон Џови настапиле на различни локации во Велика Британија и во Европа. Албумот "7800 Fahrenheit" се искачил на 28 место во Велика Британија и на 40 место во Германија. По завршувањето на европската турнеја, групата започнала шестмесечна турнеја во САД како поддршка на "Ratt". На средината на таа турнеја, групата настапила на концертите "Texas Jam" и "Castle Donnington's Monsters of Rock" во Англија. исто така, Џон Бон Џови имал соло-настап на првиот "Farm Aid" во 1985 година.[27]
"Slippery When Wet" (1986–1987 година)
уредиВо април 1986 година, Бон Џови се преселиле во Ванкувер за да го снимаат нивниот трет албум "Slippery When Wet" кој бил издаден по шестмесечната студиска работа. Албумот, во продукција на Брус Фербаим и миксуван од Боб Рок, бил издаден во август 1986 година и веднаш забележал огромен успех.[28] Првиот сингл, "You Give Love a Bad Name", станал првиот сингл на групата кој го достигнал првото место на музичката листа "Billboard Hot 100" во САД. Следниот сингл, "Livin' on a Prayer", исто така се искачил на првото место, каде што останал четири недели.[29] Двете песни биле напишани од младиот и непознат текстописец Дезмонд Чајлд (Џон Чарлс Барет, 28 октомври 1953 година, Геинесвил, Флорида, САД) кој на Бон Џови им го препорачал портпаролот на "Кис", Пол Стенли. Партнерството за пишување на песни меѓу Џон Бон Џови, Ричи Самбора и Дезмонд Чајлд трае до ден-денес. Третиот сингл од албумот, "Wanted Dead or Alive", бил голем топ-10 хит и до денес е „државната химна“ на Бон Џови.
Познатата музичка телевизија "MTV" безрезервно ги прифатила Бон Џови и преку видеата од концертите во живо им помогнала да стекнат голема слава. Со огромниот успех на "Slippery When Wet", Бон Џови станале светски музички ѕвезди. Албумот бил на местото број 1 во Австралија, Канада, Норвешка, Финска, Нов Зеланд и Швајцарија и го држи рекордот за рок-албум кој се задржал најмногу недели на првото место во САД, задржувајќи се 8 недели на врвот на "Billboard 200". Албумот, исто така, бил меѓу првите 10 места во Австрија, Холандија и Велика Британија, каде што останал 107 недели на албумската топ-листа.
Во 1987 година, "Billboard" го прогласил "Slippery When Wet" за најпродаван албум на годината,[30] а "Livin' On A Prayer" ја добила награда за „најдобра сценска изведба“ на "MTV Video Music Award".[31] Во 1988 година, групата ја добила наградата за „омилен поп/рок група“ на "American Music Awards",[32] како и наградата за „омилена рок-група“ на "People's Choice Awards".[33]
По издавањето на албумот "Slippery When Wet", Бон Џови настапувале заедно со групата "38 Special". До крајот на 1986 година, Бон Џови поминале шест месеци по арените низ Америка. Во август 1987 година, групата настапила на фестивалот "Monsters of Rock" во Англија. За време на нивниот настап, на сцената им се придружиле Ди Снајдер, Брус Дикинсон и Пол Стенли за да ја изведат песната "We're an American Band". Групата ја завршила годината со заработени 28,4 милиони долари од турнејата "Tour Without End" на која што имале над 130 настапи.
Како резултат на големиот успех, во 1987 година од Џон Бон Џови и Ричи Самбора било побарано да помогнат во изработката на албумот на Шер за нејзиното повторно враќање на сцената. Џон и Ричи биле соавтори и придружни вокали за песната "We All Sleep Alone" на Шер, продуцираа и некои други песни од албумот, а подоцна во 1989 година помогнаа во изработката на нејзиниот мулти-платинест албум "Heart of Stone".
"New Jersey" (1988–1990 година)
уредиРешени да докажат дека успехот од албумот "Slippery When Wet" не бил случајност, во септември 1988 година, "Бон Џови" го објавиле нивниот четврти албум "New Jersey". Албумот постигнал голем комерцијален успех и поминал четири непрекинати недели на првото место на "Billboard 200" и две недели на албумските листи во Велика Британија.
"New Jersey" го држи рекордот за хард-рок албум од кој произлегле најголеми хитови,[34] од кои, пет песни се искачиле меќу првите десет на музичката листа "Billboard Hot 100" во САД. Песната "Bad Medicine" и баладата "I'll Be There for You" биле број еден хит на "Billboard Hot 100",[35] додека други три песни од албумот ("Born to Be My Baby", "Lay Your Hands on Me", и "Living in Sin") се искачиле на топ-10 листата и биле огромни хитови на "MTV". Притоа, "MTV" го забранила видео-спотот за песната “Living in Sin”, поради многу непристојни романтични и сексуални сцени. Потоа, спотот бил преработен и повторо бил емитуван на "MTV".[21]
По издавањето на албумот, следувала уште една светска турнеја, која започнала во 1989 и продолжила во 1990 година, а на која групата свирела во повеќе од 22 земји и имала повеќе од 232 настапи. Најголемиот успех на групата бил распродадениот концерт на 11 јуни 1989 година, одржан на "Giants Stadium" во Њу Џерси. Во август 1989 година, групата свирела во Русија на "Moscow Music Peace Festival". Притоа, "Бон Џови" биле првата група која добил дозвола од руската влада да настапува во Русија, а албумот "New Jersey" бил издаден од државната издавачка куќа, "Мелодија", привилегија која претходно ја немала ниту еден западен изведувач.[36] Исто така, во 1989 година, групата настапила на рок-фестивалот кој се одржал во Milton Keynes.
Соло-албуми (1990-1991 година)
уредиПомеѓу 1990 и 1991 година, членовите на групата тргнале по различни патишта. Исцрпеноста од снимањето на албумите "Slippery When Wet" и "New Jersey", проследени со долгите светски турнеи по секој албум, негативно влијаело врз натамошната работа на групата чии членови се посветиле на самостојни проекти.[21] Така, Џон Бон Џови снимил соло албум, попознат како "Blaze of Glory", кој претставувал музичка подлога на филмот "Young Guns II". Во албумот, издаден во 1991 година, имало познати гости, како: Елтон Џон, Литл Ричард и Џеф Блек. Албумот поминал добро комерцијално и добил позитивни критики, а насловната нумера "Blaze of Glory", се искачила на првото место во САД. Во 1991 година, песната "Blaze of Glory" ја добила наградата за „омилен поп/рок сингл“ на Американските музички награди а, исто така, била наградена со "Златен глобус". За оваа песна, Џон Бон Џови бил номиниран и за наградите "Оскар" и "Греми".
Самбора, со помош на Тико Торес и Дејвид Брајан, во 1991 година го објавил соло албумот, со наслов "Stranger In This Town", на кој учествувал и Ерик Клаптон во песната “Mr. Bluesman”. Дејвид Брајан снимил албум со музика за хорор-филмот "The Netherworld" и тоа било првата негова работа таа година, откако претходно бил хоспитализиран поради болест предизвикана од паразит од Јужна Америка. Алек Џон Сач, пак, паднал од неговиот мотор при што си ја повредил раката и поради тоа морал да пронајде нов начин за да ја држи и да свири на бас гитарата.
Во меѓувреме, разочаран од музичкиот бизнис, и покрај целиот негов успех, во 1991 година, Џон Бон Џови го отпуштил неговиот менаџерски тим, вклучувајќи го и неговиот долгогодишен менаџер Док Мекги. Тој самиот ја презел одговорноста во свои раце и ја основал фримата "Бон Џови менаџмент". Во октомври 1991 година, групата отпатувала на карипскиот остров Св. Томас да разговараат за своите идни планови. По решавањето на нивните недоразбирања, во јануари 1992 година, тие се вратиле назад во студиото „Малата планина“ во Ванкувер и заедно со Боб Рок почнале да работат на нивниот петти албум.
"Keep the Faith" (1992–1993 година)
уредиВо ноември 1992 година бил издаден петтиот студиски албум на Бон Џови, "Keep the Faith", кој претставувал „почеток на ново поглавје во историјата на Бон Џови“ и означувал промена во звукот на групата. За да го промовираат албумот, тие се вратиле на старите корени и свиреле во малите клубови во Њу Џерси каде што ја започнале кариерата. Како резултат на променетите музичките вкусови, Бон Џови го промениле нивниот имиџ и нивниот звук се приспособил кон музичката сцена на ’90-тите години. Истовремено, медиумите посветиле големо внимание на косата на Џон Бон Џови, така што веста дека Џон Бон Џови си ја скратил косата се појавила и на телевизискиот канал "Си-Ен-Ен". Албумот постигнал голем комерцијален успех и остварил двоен платинест тираж во САД[37] и се искачил на местото број 5 на "Billboard 200". Истовремено, албумот дебитирал на првото место во Велика Британија и во Австралија, а остварил петкратен платинест тираж во Канада, а трикратен платинест тираж во Јапонија и во Австралија. Исто така, "Keep The Faith" постигнал огромен успех во Германија и се продавал одлично во Азија и во Јужна Америка.
Кон крајот на 1992 година, групата се појавила на "MTV Unplugged", изведувајќи акустични и електрични интерпретации на класични хитови (песни од Бон Џови и песни од други изведувачи) како и материјал од албумот "Keep The Faith". Во 1993 година, концертот бил издаден како албум под насловот "Keep The Faith: An Evening With Bon Jovi". Истовремено, групата започнала голема меѓународна турнеја под наслов "Keep the Faith Tour/I'll Sleep When I'm Dead Tour" во чии рамки оствариле 177 настапи во 38 земји на Америка, Европа, Азија и Австралија.
"Cross Road" и "These Days" (1994–1996 година)
уредиВо октомври 1994 година, Бон Џови го објавиле албумот со најголеми хитови, со наслов "Cross Road", на кој се наоѓале и две нови песни: "Always" и "Someday I’ll Be Saturday Night". Првата песна од албумот, “Always”, била огромен хит: се задржала шест месеци меѓу првите 10 места на "Billboard Hot 100", се искачила на првото место во 21 земја, постигнала платинест тираж во САД и, со продадени над 3 милиони копии низ светот, станала најпродаваната песна на Бон Џови. Истата година, Бон Џови ја добиле наградата на "Светските музички награди" ("World Music Awards") за најпродавана рок-група.[38]
Истата година, басистот Алек Џон Сач ја напуштил групата и тоа било првата промена во составот на групата од почетоците на Бон Џови. Хју Мекдоналд, басистот на “Runaway”, неофицијално го заменил басистот Сач, а претходно се ширеле гласини дека тој исто така учествувал и на претходните албуми (на секој албум на Бон Џови, со исклучок на "7800° Fahrenheit", во делот за дискографија стои мрежната страница на Мекдоналд).[39]
Шестиот албум на Бон Џови, "These Days", бил издаден во јуни 1995 година како прв албум издаден по заминувањето на басистот Алек Џон Сач. Критиките за албумот биле исти како оние за "Keep The Faith", истакнувајќи дека бендот продолжил да созрева лирски и да истражува различни стилови на музиката. Албумот се искачил меѓу првите 10 места на "Billboard 200" и успеал да добие платинест тираж во САД, но подобро поминал на меѓународно ниво. Албумот дебитирал на првото место во Велика Британија, каде што го заменил албумот на Мајкл Џексон, "History", и таму останал четири последователни недели. Во Јапонија, уште во првата недела по издавањето, биле продадени 379 000 копии, со што тој станал најбрзо продаваниот албум од нејапонски артист во музичката историја на земјата. Синглот "This Ain’t A Love Song" го достигнал 14-тото место во САД и бил најзначајниот американски хит од албумот. Инаку, од албумот произлегле четири топ 10 хитови во Велика Британија. Истата година, групата ја добила наградата на BRIT за најдобра меѓународна група, а исто така, на Европските музички награди на "MTV", ја добила наградата за најдобра рок-група.
Светската турнеја по повод албумот "These Days", што започнала во Индија, вклучувала концерти ширум Азија, Австралија и Јужна Америка, како и први настапи во Јужна Африка. На турнејата, тие посетиле 35 земји и имале 126 настапи. Најголемото достигнување во кариерата на Бон Џови било во јуни 1995 година, кога групата имала три распродадени концерти на стадионот "Вимбли" во Лондон. Благодарение на филмските екипи, концертот бил сниман за документарецот "Бон Џови: Во живо од Лондон", а истоименото видео било номинирано за наградата "Греми".
Пауза (1997–1999 година)
уредиПо огромниот успех со турнејата "These Days", членовите на Бон Џови се договориле да направат двегодишна пауза и да тргнат по свој пат. Така, во 1997 година, Џон Бон Џови имал главна улога во неколку филмови, а во меѓувреме го напишал својот втор соло албум "Destination Anywhere", издаден истата година. Пред издавањето на албумот бил снимен краток филм со истиот наслов, целосно заснован взр песните од албумот, а во филмот се појавиле Бон Џови, Деми Мур, Кевин Бејкон и Вупи Голдберг. Тико Торес ја искористил можноста да продолжи со своето сликање, додека пак Дејвид Брајан почнал да пишува и направил многу музички филмови. Во 1998 година, Ричи Самбора го објавил својот втор соло албум, насловен како "Undiscovered Soul".
Бон Џови повторно се обединиле во 1999 година за да ја снимат песната “Real Life” за филмот "EdTV", но без Брајан, кој во тоа време се опоравувал од несреќата во која за малку ќе останел без еден прст. Во 1999 година, Бон Џови биле подготвени да издадат нов албум, но тој не бил објавен и, од повеќе од триесет напишани песни, само три биле употребени за "Crush". (Во музичкото видео на “Real Life” може да се видат неколку постери од овој албум.)
"Crush" и "One Wild Night" (2000–2001 година)
уредиПо речиси четиригодишна пауза, во јуни 2000 година излегол седмиот студиски албум "Crush" со кој групата се претставила пред помладата генерација. Првиот сингл, “It’s My Life” бил еден од најуспешните изданија на групата. Истата година, групата добила две номинации за наградата "Греми", и тоа за најдобар рок албум ("Crush") и за најдобра рок изведба (“It’s My Life”). Видеото за “It’s My Life” ја добило наградата „моето омилено видео“ на Музичките награди на тв-каналот "VH1".
Летото 2000 година, Бон Џови настапувале на стадионите во Јапонија и Европа и имале два распродадени концерти на стадионот "Вембли" во Лондон, кои биле последните концерти одржани на тоа место пред неговото уривање. Летото, групата имала околу 30 настапи и свирела пред повеќе од еден милион посетители. По нивното враќање во САД, следувала распродадена турнеја во есента 2000 година, а потоа и во пролетта 2002 година, кога повторно настапувале на стадионите во Јапонија и Европа и за првпат се појавиле на "Милениумскиот стадион" во Велс. По ова, следувал уште еден „круг“ настапи во Америка, каде што имале два распродадени концерти на стадионот во Њу Џерси.
Додека биле на турнеја, Бон Џови го објавиле својот прв албум во живо, на кој биле застапени со концертни изведби од целата нивна кариера, под наслов "One Wild Night: Live 1985-2001". За овој албум, во 2001 година, групата ја добила наградата за „најжежок настап во живо“ на "Музичките награди на VH1". На ова шоу, Џон Бон Џови и Ричи Самбора ја изненадиле публиката со прекрасната изведба на песната “Here Comes The Sun” како почит кон Џорџ Харисон.
Кога завршиле турнеите "Crush" и "One Wild Night", членовите на бендот имале краток одмор пред да започнат со снимањето на нивниот осми студиски албум. Но, по терористичките напади на Њујорк од 11 септември, Џон и Ричи снимиле пораки за Црвениот крст, како и песната "America The Beautiful", со која настапувале како дел од историскиот телетон во живо, "Америка: Почит за хероите". По еден месец, групата учествувала на два концерти во Ред Банк, Њу Џерси за да соберат средства за семејствата погодени од катастрофата од "Светскиот трговски центар". Во октомври 2001 година, групата настапила на големиот концерт за Њујорк на "Медисон Сквер Гарден", собирајќи средства и оддавајќи почит на оние кои спасуваа животи за време на нападот. Истата година, Бон Џови го објавиле и својот втор албум со најголеми хитови, насловен како "Tokio Road".
"Bounce" и "This Left Feels Right" (2002–2004 година)
уредиПролетта 2002 година, групата започнала да го снима осмиот студиски албум, насловен како "Bounce". Албумот претставувал враќање на „корените“ на Бон Џови, со Ричи Самбора свирејќи „испревртено“ на гитарите, со „песочниот“ вокал на Џон, ефектите на пијаното на Дејвид Брајан и „експлозивното“ удирање на тапани од страна на Тико Торес. По излегувањето на албумот, групата тргнала на турнеја, насловена исто како албумот, и со неа влегле во историјата како последната група која настапила на Стадионот на ветераните во Филаделфија, пред тој да биде срушен.
По завршувањето на турнејата, во август 2003 година, Бон Џови започнале нов проект, најпрво со намера да направат албум од акустични изведби во живо, но на крајот завршиле со повторно снимање и преработка на 12 од нивните најголеми хитови во ново и поразлично издание. Во ноември 2003 година бил објавен нивниот нов албум “This Left Feels Right”. Првиот сингл од ова издание - “Everyday”, бил номиниран на наградата "Греми" за „најдобра поп изведба од дует или група со вокали“.
Следната година, групата ја објавила збирката насловена "100,000,000 Bon Jovi Fans Can't Be Wrong", а насловот претставувал почит кон збирката на Елвис Присли, "50,000,000 Elvis Fans Can't Be Wrong". Збирката се состоела од четири ЦД-иња со 38 неиздадени и 12 ретки песни, како и едно ДВД. Заедно со збирката, изданијата на Бон Џови достигнале продажба од 100 милиони албуми, а истовремено била одбележана 20 годишнината од издавањето на првиот албум на групата во 1984 година. Во ноември 2004 година, групата ја добила „наградата за заслуги“ на Американските музички награди, каде што отсвиреле дел од недовршената песна “Have A Nice Day”.
Have a Nice Day (2005–06)
уредиНа 2 јули 2005 година, Бон Џови настапиле на "Live 8", изведувајќи ја конечната верзија на "Have a Nice Day", како и "Livin' on a Prayer" и "It's My Life". Деветтиот студиски албум на Бон Џови, "Have a Nice Day", бил издаден во септември 2005 година. "Have A Nice Day” бил првиот сингл од албумот, а вториот сингл, "Who Says You Can't Go Home", во САД бил издаден на почетокот на 2006 година. Во САД била објавена и дуетската верзија на "Who Says You Can't Go Home" со кантри пејачката Џенифер Нетлс од групата "Sugarland". Песната "Welcome to Wherever You Are" била издадена како трет сингл од албумот. Во мај 2006 година, Бон Џови станале првата рокенрол група која имала број еден хит сингл на "Billboard's Hot Country Chart". На 11 февруари 2007 година, Бон Џови и Џенифер Нетлс ја добиле наградата "Греми" за „најдобра кантри соработка со вокали“ за песната "Who Says You Can't Go Home". Исто така, за оваа песна, групата ја добила и наградата за „омилена рок песна“ на "People's Choice Awards".[40]
Набргу по издавањето на "Have A Nice Day", групата започнала нова светска турнеја во текот на 2005-2006 година, која била пократка од останатите, со само седумдесет и пет настапи. Турнејата била значаен комерцијален успех, бидејќи групата настапувала пред 2 002 000 посетители и заработила вкупно 191 милион долари. Со тоа, таа била трета најпродавана турнеја во 2006 година, веднаш по светската турнеја на Ролинг Стоунс "A Bigger Bang World Tour" и турнејата на Мадона "Confessions". На 14 ноември 2006 година, Бон Џови биле примени во "Музичката хала на познатите" во Велика Британија, заедно со Џемс Браун и Лед Цепелин.
"Lost Highway" (2007–2008 година)
уредиВо јуни 2007 година, Бон Џови го објавиле нивниот десетти стидиски албум, "Lost Highway", чиј звук бил под влијание на кантри-музиката по успехот на кантри верзијата на песната “Who Says You Can’t Go Home”.
За да го промовираат новиот албум, Бон Џови имале неколку телевизиски настапи, вклучувајќи ги и оние на шестгодишнината на "CMT Awards" во Нешвил, "Американскиот идол" и "MTV Unplugged", како и настапот на концертите "Live Earth" на стадионот на "Џајантс".[41] Тие, исто така, имале десет промотивни настапи во САД, Канада, Велика Британија и Јапонија. Како дел од турнејата, Бон Џови биле првата група која настапила на новата "O2" арена во Лондон (поранешната "Милениумска купола"), по нејзиното отворање за јавноста на 24 јуни 2007 година. Билетите за отворањето на стадионот со 23 000 седишта биле распродадени за само 30 минути.[42]
Албумот "Lost Highway" бил на врвот на музичките листи во САД, Холандија, Јапонија, Австралија, Европа и Канада. Тој бил номиниран за „најдобар поп вокален албум“, а првиот сингл од албумот, "(You Want To) Make a Memory", бил номиниран за „најдобра поп изведба од дует или група со вокал“ на наградите "Греми" во 2008 година. Третиот сингл од албумот ,"Till We Ain't Strangers Anymore", ја доби музичката награда "CMT" за „видео соработка на годината“ во 2008 година.[43][44] Песната, исто така, била номинирана за „вокален настап на годината“ на "Academy of Country Music Award".[45]
Во октомври 2007 година, групата ја најавила турнјата за "Lost Highway". Турнејата започнала со 10 настапи на отворањето на новиот спортски центар, Њуарк, во Њу Џерси, а потоа следувале концерти низ Канада, Јапонија, Австралија, Нов Зеланд, САД и Европа. На почетокот на декември 2007 година, групата направила мала пауза за време на турнејата во Канада за да стане првата американска група која настапувала пред англиската кралица на Кралската изведба во Ливерпул, Англија. Додека групата била на турнеја во Австралија (нивната прва турнеја по 12 години), осум нивни албуми се нашле на музичките листи ARIA.
Светската турнеја на Бон Џови остварила најголема заработувачка за 2008 година според рангирањето на "Billboard", со 210,6 милиони долари од продажбата на билети.[46] Ако кон тоа се додадат 16,4 милиони долари, заработени во 2007 година од настапите во Њуарк, се добива вкупна заработка од 227 милиони долари од продажбата на билети. Според пресметките на "Полстар" за Северна Америка, турнејата Lost Highway имала најголема заработка за 2008 година, со заработени 70,4 милиони долари.[47]
"The Circle" и "Greatest Hits" (2009 – денес)
уредиВо април 2009 година документарниот филм “When We Were Beautiful” на Фил Грифин за бендот, дебитирал на филмскиот фестивал Трибека, прикажувајќи ги успесите и неуспесите на Бон Џови за 25 години и следејќи го бендот на последната турнеја Lost Highway. Во јуни 2009 година Џон Бон Џови и Ричи Самбора биле примени во Халата на познати текстописци. Истиот месец, тие снимиле и преработка на песната ”Stand By Me” со иранскиот пејач Енди Медадијан, за да покажат солидарност кон погодените од политичките немири во Иран. Притоа, делови од песната биле испеани на персиски јазик.
На 10 ноември 2009 година, бендот го издал единаестиот студиски албум, насловен "The Circle". Албумот дебитирал на првото место на Billboard 200, со продадени 163 000 копии во првата недела. Албумот е враќање кон рокенролот по нивниот албум со влијание од Нешвил, "Lost Highway". За да го промовираат албумот, Бон Џови ја отсвиреле првата песна од албумот "We Weren't Born to Follow" на финалето на рок неделата од телевизиското шоу, ИКС фактор. Песната била изведена и за “Fest der Freiheit“ на 9 ноември во Берлин, спомен за падот на Берлинскиот ѕид. На 12 декември 2009 година, Бон Џови биле на деветтото место на Billboard топ 25 листата за артисти на турнеи со заработените 419 481 741 американски долари од 249 настапи од кои 244 беа целосно распродадени.
На 31 јануари 2010 година, Бон Џови за првпат настапиле на 52-то доделување на наградите "Греми", изведувајќи ги песните “We Weren't Born to Follow” од нивниот нов албум "The Circle", “Who Says You Can’t Go Home” од албумот "Have a Nice Day", а обожавателите гласале за последната песна и ја одбрале “Livin’ on a Prayer”. Таа година, Бон Џови биле номинирани за наградата "Греми" за „Најдобра поп изведба од дует или група со вокали“ со песната "We Weren't Born To Follow."
На 19 февруари 2010 година, Бон Џови ја започнале турнејата "The Circle".[48] Во 2011 година, турнејата се „претворила“ во "Бон Џови во живо" (Bon Jovi Live). На 12 април 2010 година, Бон Џови настапиле во Далас, а краток дел од овој настап бил достапен на мрежната страница на групата. На 19 април истат година било објавено дека ќе се издадаваат специјални изданија од албумите на Бон Џови од 1984 до 2007 година, кои ќе содржат нови уметнички дела и фотографии од периодот кога биле издавани албумите, како и снимки од изведби во живо на одбрани песни. Овие албумите биле издадени на 11 мај.
Бон Џови планирале да издадат албум со најголемите хитови во 2009 година, но проектот останал во втор план откако групата собрала доволно материјал за нов студиски албум. Џон коментирал дека „состојбата на светот во ова време ни даде многу материјал за да пишуваме“. Притоа, Џон го најавил издавањето на албумот со најголеми хитови за 2010 година. Во јули 2010 година, Бон Џови поставиле слики на нивниот Фејсбук профил од фотосесијата за албумот "Greatest Hits". Првиот сингл од албумот, насловен “What Do You Got?”, бил издаден на 27 август 2010 година.
На 28 септември 2010 година, Бон Џови биле номинирани за Рокенрол халата на славните. На 22 и на 25 октомври 2010 година на официјалното мрежно место на групата www.bonjovi.com биле објавени целосните верзии на останатите три песни од албумот. Исто така, било потврдено дека новиот албум "Greatest Hits" ќе биде достапен за Rock Band 3, а исто така ќе може да се презема од интернет. На 31 октомври 2010 година, Бон Џови настапиле на британската верзија на "ИКС фактор", заедно со Џамирокваи и Ријана.
Во март 2013 година, Бон Џови повторно го освоиле првото место на топ-листата "Билборд 200", со нивниот нов албум "What About Now" кој дотогаш бил продаден во 101 000 примероци. На тој начин, Бон Џови успеале по петти пат да се искачат на списокот на најпродавани албуми во САД.[49]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Moskowitz, David V., уред. (2015). „Bon Jovi“. The 100 Greatest Bands of All Time: A Guide to the Legends Who Rocked the World. 1. ABC-CLIO. ISBN 978-1-4408-0340-6.
- ↑ Harrison, Thomas (2011). Music of the 1980s. ABC-CLIO. стр. 48, 53, 60. ISBN 978-0-3133-6600-0.
- ↑ McCall, Tris (October 25, 2012). „Bon Jovi announces new album and tour dates“. Inside Jersey. Посетено на October 9, 2016.
- ↑ Harrington, Joe S. (2002). Sonic Cool: The Life & Death of Rock 'n' Roll. Hal Leonard Corporation. стр. 392. ISBN 0-634-02861-8.
- ↑ Forrest, Emma (June 23, 1995). „On the road with Big Jon“. The Independent. Посетено на October 9, 2016.
- ↑ Smith, Benjamin (November 11, 2013). „Revisiting America's Hard 100 (25–1)“. VH1. Viacom. Посетено на October 9, 2016.
- ↑ Stout, Gene (March 2, 2006). „Bon Jovi will make a local band's day at Monday's KeyArena concert“. Seattle Post-Intelligencer. Посетено на October 9, 2016.
- ↑ Harrington, Richard (December 16, 2005). „Jon Bon Jovi Is Rock's Mr. Nice Guy“. The Washington Post. Посетено на October 9, 2016.
- ↑ Pareles, Jon (July 10, 1988). „Heavy Metal, Weighty Words“. The New York Times. Посетено на October 9, 2016.
- ↑ „Bon Jovi History“. Historyking.com. Архивирано од изворникот на May 28, 2009. Посетено на June 1, 2009.
- ↑ Hunter-Tilney, Ludovic (January 13, 2017). „Jon Bon Jovi on hard work, losing his wingman and US inequality“. Financial Times. Архивирано од изворникот на December 10, 2022. Посетено на January 13, 2017.
- ↑ „Bon Jovi: When We Were Beautiful“. Top 40 Charts.com. April 6, 2009. Посетено на June 1, 2009.
- ↑ McCall, Tris (November 20, 2012). „Bon Jovi to play MetLife Stadium in July“. The Jersey Journal. Посетено на March 21, 2013.
- ↑ „Jon Bon Jovi Exhibit“. Songwriters Hall of Fame. Архивирано од изворникот на May 18, 2012. Посетено на March 20, 2013.
- ↑ „Richie Sambora Exhibit“. Songwriters Hall of Fame. Архивирано од изворникот на May 14, 2012. Посетено на March 20, 2013.
- ↑ „Bon Jovi to enter UK Hall of Fame“. BBC News. British Broadcasting Corporation. October 16, 2006. Посетено на June 1, 2009.
- ↑ 17,0 17,1 „Bon Jovi – The Early Years“. Love It Loud. Архивирано од изворникот на May 1, 2018. Посетено на April 30, 2018.
- ↑ Moore, Michelle (April 23, 2007). „Jon Bon Jovi a talent through the years“. Room Thirteen. Архивирано од изворникот на 2018-05-01. Посетено на January 19, 2018.
- ↑ 19,0 19,1 19,2 „Jon Bon Jovi Biography“. Biography.com. Посетено на April 30, 2018.
- ↑ Goldstein, Stan (July 12, 2013). „Asbury Park's Fast Lane, where Springsteen and Bon Jovi played, comes to a dead end“. New Jersey On-Line. Посетено на April 30, 2018.
- ↑ 21,0 21,1 21,2 21,3 21,4 21,5 „Bon Jovi Bio“. rollingstone. Архивирано од изворникот на January 24, 2018. Посетено на August 24, 2017.
- ↑ „Southside Johnny, the Veteran Jersey Boy from the Same Shore as Springsteen and Bon Jovi“. billboard.
- ↑ Rivadavia, Eduardo (December 31, 2014). „13 Facts You May Not Know About Bon Jovi“.
- ↑ L.M Matin. Jon Bon Jovi: The Sinner and the Saint.: The New Unauthorised Biography. BookBaby, August 20, 2013; Chapter 4
- ↑ Message – Lessons @discogs.com Retrieved January 23, 2018.
- ↑ „7800º Fahrenheit Bon Jovi“. iTunes. March 27, 1985.
- ↑ „AllMusic (Bon Jovi charts & awards) Billboard albums“.
- ↑ „Diamonds Are a 'Chicks' Best Friend“. RIAA. Архивирано од изворникот на October 13, 2013. Посетено на September 18, 2012.
- ↑ „Bon Jovi > Charts & Awards > Billboard Singles“. AllMusic. Macrovision. Посетено на July 28, 2009.
- ↑ „1987“. Billboard.com. Архивирано од изворникот на July 20, 2015. Посетено на July 18, 2011.
- ↑ „Metrolyrics.com“. Metrolyrics.com. September 11, 1987. Архивирано од изворникот на July 22, 2011. Посетено на July 18, 2011.
- ↑ „Rockin' on music awards night“. February 2, 1988. Посетено на July 18, 2011.
- ↑ „1988 Pcavote.com“. Peopleschoice.com. Посетено на July 18, 2011.
- ↑ „SS MUSIC > Bon Jovi“. SS MUSIC. Архивирано од изворникот на May 30, 2008. Посетено на January 13, 2010.
- ↑ [[[:Предлошка:BillboardURLbyName]] „Bon Jovi Biography > Billboard.com“] Проверете ја вредноста
|url=
(help). Billboard.com. Посетено на January 13, 2010. - ↑ „On This Day“. Historyking.com. Посетено на June 1, 2009.
- ↑ „RIAA Gold & Platinum“. Recording Industry Association of America. Архивирано од изворникот на July 11, 2012. Посетено на October 23, 2009.
- ↑ „Chart Archive – Bon Jovi – Cross Road – The Best of“. officialcharts.com. Посетено на May 14, 2012.
- ↑ „Bon Jovi“. Slow Radio.
- ↑ „2007 Pcavote.com“. Peopleschoice.com. Посетено на July 18, 2011.
- ↑ „MSN.com“. Liveearth.msn.com. Архивирано од изворникот на October 13, 2008. Посетено на July 18, 2011.
- ↑ „Bon Jovi sell out first Dome gig“. BBC News. April 20, 2007. Посетено на July 8, 2009.
- ↑ „2008 Winners“. CMT. 2008. Архивирано од изворникот на January 29, 2010. Посетено на April 7, 2009.
- ↑ „Backstage With Rascal Flatts, LeAnn Rimes, Robert Plant and Alison Krauss“. CMT. April 16, 2008. Посетено на April 7, 2009.
- ↑ „43rd Academy of Country Music Awards“. CBS. Архивирано од изворникот на March 22, 2009. Посетено на April 7, 2009.
- ↑ Waddell, Ray (December 11, 2008). „Bon Jovi Scores 2008's Top-Grossing Tour“. Billboard. Посетено на December 13, 2008.
- ↑ „Madonna biggest 2008 North American tour attraction“. Yahoo! News. Reuters. December 30, 2008. Архивирано од изворникот на January 1, 2009. Посетено на December 31, 2008.
- ↑ „Bon Jovi Announces Meadowlands Concerts“. Billboard. Посетено на December 30, 2009.
- ↑ "Бон Џови го освои врвот на "Билборд", Дневник, година XVII, број 5122, петок, 22 март 2013, стр. 32.